Саботажа е тајна и однапред смислена активност со намера да се оневозможи или ослаби одредена група или организација да ги оствари своите намери преку субверзија, опструкција, прекинување на процес или уништување. Лицето кое врши саботажа се нарекува саботер. Саботерите обично се обидуваат да го прикријат својот идентитет поради можните последици од своите постапки.

Етимологија

уреди

Зборот потекнува од францускиот збор „saboter“ кој во превод значи „да се оневозможи, пропадне, сруши или саботажа“; на почетокот се користел за работните спорови во кои работниците носеле дрвени чевли (sabots) за на различни начини да го прекинат производството.

Како индустриска акција

уреди
 
Матрица на ѕид која повикува на саботажа и протестирање

На почетокот на Индустриската револуција, квалификуваните работници користеле саботажа како средство за преговарање во работните спорови.

Работничките синдикати како на пример Индустриските работници од светот повикувале на саботажа како средство за самоодбрана и директна акција против лошите работни услови.

Еден од најистакнатите примери на индустриска саботажа се случил за време на изградбата на генераторската станица Роберт-Бураса во 1974 година, во Квебек, Канада, кога работниците со булдожери ги собориле електричните генератори, ги оштетиле резервоарите за гориво и ги запалиле градбите. Проектот бил одложен за една година, а директната штета се проценува на 2 милиони американски долари.[1]

Како еколошка акција

уреди

Одредени групи преземаат акции за уништување на имоти за да го запрат уништувањето на животната средина. Американското Федерално истражно биро (ФБИ) и други агенции за спроведување на законот за ваквите случаи го користат терминот еко-терорист. Поддржувачите на акцијата тврдат дека затоа што имотот не чувствува терор, неговото оштетување може попрецизно да се опише како саботажа.

Како воена тактика

уреди
 
Постер од Втората светска војна од САД

Во војна, зборот саботажа се користи за да се опише активност на поединец или група која што не е поврзана со војската на завојуваните страни (пример: странски агент или месен поддржувач), и особено кога таа активност придонесува за уништување или оштетување на продуктивен или витален објект, како опрема, фабрики, брани, јавни услуги, постројки за складирање или логистички патишта. Како и шпионите, саботерите кои спроведуваат воена операција во цивилна облека или во непријателски униформи зад непријателските линии се гонат кривично и добиваат казни, а не се ставаат во притвор како воени затвореници.[2][3]

Современа форма на саботажа е дистрибуција на софтвер наменет за оштетување на одредени индустриски системи. На пример, се тврди дека американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) саботирала сибирски гасовод за време на Студената војна преку користење на информации од Досието farewell. Понов случај e компјутерскиот црв Stuxnet, дизајниран суптилно да инфицира и оштетува одредени типови индустриска опрема. Врз основа на опремата која била цел на нападот и местоположбата на заразените машини, безбедносните експерти сметаат дека станува збор за напад врз иранската јадрена програма од страна на Соединетите Американски Држави или Израел.

Добро спроведена саботажа е многу тешко да се открие и тешко е да се открие од каде потекнува. За време на Втората светска војна, американското Федерално истражно биро (ФБИ) истражувало 19.649 случаи на саботажа и заклучило дека непријателот не предизвикал ниту еден од нив.[4]

Како криминал

уреди

Некои криминалци презеле активности на саботажа за изнудување пари. На пример, Клаус-Петер Сабота во доцните 1990-ти ги саботирал германските железнички линии во обид да изнуди 10 милиони германски марки од германскиот железнички оператор Дојче Бан. Бил казнет со доживотен затвор. Во 1989 година, поранешниот детектив од Скотланд Јард, Родни Вичело, бил осуден на 17 години затвор затоа што додал алкохол во бебешката храна на производителот Хајнц во супермаркетите, во обид да изнуди пари од производителот на храна.[5]

На 8 октомври 2022 година, бил саботиран радиокомуникацискиот систем GSM-R од Германски железници откако биле пресечени две кабли од клучно значење. Следствено, железничкиот сообраќај во Северна Германија неколку часа бил целосно блокиран.[6]

Како политичка активност

уреди

Терминот политичка саботажа понекогаш се користи за активностите на една политичка група за нарушување или оштетување на угледот на политичкиот противник, обично за време на изборна кампања, како на пример за време на Вотергејт. Црните кампањи се најчесто користена тактика. Терминот исто така може да се користи за активностите и трошоците на приватните субјекти, корпорации и организации против демократски одобрени или донесени закони, политики и програми.

Во државен удар

уреди

Саботажата е клучна алатка за успешен државен удар, при кој што мора да се има контрола врз комуникациите пред, за време и по државниот удар. Проста саботажа на платформите за физичка комуникација од страна на полуквалификувани техничари, или дури и обични луѓе обучени само за оваа задача, може ефективно да ја замолчи владата која е предмет на државен удар, а водачите на пучот потоа доминираат на средствата за комуникации.

Стратешки важни места на железничките пруги се главни цели на саботажа - доколку се оштети дел од пругата, голем дел од транспортната мрежа ќе биде во застој додека не се поправи.[7]

Наводи

уреди
  1. Rinehart, J.W. The Tyranny of Work, Canadian Social Problems Series. Academic Press Canada (1975), pp. 78–79. ISBN 0-7747-3029-3.
  2. Wilbur Redington Miller (29 June 2012). The Social History of Crime and Punishment in America: An Encyclopedia. SAGE Publications. стр. 186. ISBN 978-0-7618-6137-9.
  3. David Churchman (9 May 2013). Why We Fight: The Origins, Nature, and Management of Human Conflict. University Press of America. стр. 186. ISBN 978-0-7618-6137-9.
  4. Marrin, Albert (1985). The Secret Armies : Spies, Counterspies, and Saboteurs in World War II. New York: Atheneum. стр. 37. ISBN 0-689-31165-6.
  5. „Food Scare Scandals“. The Independent. 1999-06-16.
  6. German police open probe into sabotage of rail system, Financial Times, Guy Chazan, October 2022
  7. Luttwak, Edward (1968). Coup d'Etat, a Practical Handbook. London: The Penguin Press. стр. 128. ISBN 0-674-17547-6.

Надворешни врски

уреди