Совршена конкуренција
Совршената конкуренција е пазарна структура во која се појавуваат голем број на производители и купувачи, кои произведуваат производи со идентични одлики, во која не постојат бариери за влез и излез од секторот (влезот и излезот на фирми во индустријата е слободен) и цените се однапред утврдени од страна на пазарот.
Особености
уредиПазарот со совршена конкуренција е оној на кој поединечните продавачи и купувачи немаат никакво влијание врз пазарната цена, т.е. еластичноста на понудата и еластичноста на побарувачката се бесконечни. Во принцип, пазарот може да биде совршено конкурентски само на едната страна, т.е. само на страната на побарувачката или на страната на понудата, но вообичаено, овој поим подразбира совршена конкуренција на двете страни. За да постои совршена конкуренција треба да бидат задоволени следниве услови:[1][2][3]
- совршено знаење, т.е. совршени информации на купувачите и продавачите: на пример, купувачите знаат дали цената на производите на една фирма се разликува од цената на другите фирми.
- голем број пазарни учесници кои можат слободно да влезат во и да излезат од пазарот, кои дејствуваат независно еден од друг и кои немаат влијание врз пазарната цена.
- производите треба да бидат хомогени (исти), односно купувачите да не го сакаат повеќе производот на една фирма во споредба со таков производ на некоја друга фирма.
- производите треба да бидат деливи
- трансакциските трошоци, т.е. трошоците за да се пронајдат купувачите и продавачите се ниски
Првобитно, поимот конкурентски пазар ја опфаќал само претпоставката за повеќе купувачи и продавачи, а подоцна бил додаден условот за совршени информации, а Еџворт го додал и условот за деливост на производот, како неопходен услов за пазарните учесници да немаат влијание врз цената.[4]
Овој модел на пазарна структура е идеален и рационално ги користи сите расположливи ресурси. Во услови на совршена конкуренција, во рамките на целата индустрија постојат голем број на мали и независни производители. Пазарната крива на побарувачка на доброто X во услови на совршена конкуренција има опаѓачки наклон, т.е. со пораст на цената бараната количина опаѓа. Кривата на побарувачката за доброто X на поединечното претпријатие е хоризнонтална линија, што значи станува збор за совршено еластична побарувачка (мало покачување на цената доведува до нагло опаѓање на побарувачката т.е. до нула). Целта на претпријатијата во услови на совршена конференција е да го максимизираат профитот. Со секое зголемување на производството, а со тоа и зголемување на профитот, претпријатието ги зголемува трошоците. Оттука, на претпријатието му се исплаќа да го зголемува производството сè додека маргиналниот приход (MR) е поголем од маргиналниот трошок (MC). Праволото за максимизирање на профитот на претпријатие во услови на совршена конкуренција врз основа на законот за опаѓачки приноси гласи: MR = MC. Ова правило може да биде корисно и во услови кога претпријатието поради ниските пазарни цени бележи загуба во работењето. Со други зборови, ако фирмата е соочена со остварување на загуба, за неа е рационално да се изнајде обемот на производство кое ја минимизира загубата.
Пазарна рамнотежа
уредиРамнотежата на конкурентскиот пазар се остварува под следниве услови:[5]
- секоја фирма мора да го остварува нивото на производство кое е најсоодветно при дадените околности на понудата и побарувачката),
- вкупното количество што сакаат да го продадат сите фирми според пазарната цена мора да биде еднакво на вкупното количество што сакаат да го купат потрошувачите.
Кога се задоволени овие два услова, тогаш на пазарот се постигнува рамнотежна цена, т.е. пазарната цена нема тенденција да се менува сè додека не се променат условите на понудата и побарувачката. Во продолжение, првиот услов - секоја фирма да произведува соодветно производство - ќе биде задоволен ако:[5]
- секоја фирма работи во онаа индустрија каде што остварува најголем профит
- секоја фирма го произведува она количество при кое нејзините маргинални трошоци се еднакви на дадената пазарна цена, а тоа е производството при кое фирмата го максимизира својот профит.
Пазарната рамнотежа при конкуренција се одликува со две својства:
- пазарната рамнотежа обезбедува ефикасна поделба на вкупното производство меѓу одделните фирми: во конкуренција, секоја поединечна фирма произведува до точката во која маргиналните трошоци се изедначуваат со пазарната цена, а тоа значи дека маргиналните трошоци на секоја фирма се еднакви; според тоа, пазарната рамнотежа значи дека вкупното производство во некоја индустрија се остварува најевтино, со најниски можни трошоци, т.е. вкупните трошоци не можат да се намалат ако производството се префрли од една во друга фирма.
- пазарната рамнотежа го обезбедува најсоодветното ниво на производство, зашто од една страна, рамнотежната пазарна цена е еднаква на маргиналната корист кој производот им го дава на потрошувачите, а од друга страна, таа е еднаква на маргиналниот трошок што фирмите го прават при неговото производство; на тој начин, пазарната цена го одразува трошокот на ресурсите кои се потребни за производство на производот, но ја одразува и вредноста што производот ја има за потрошувачите. Оттука, во економијата, пазарната рамнотежа при совршена конкуренција ја претставува идеалната состојба во економијата.[6]
Меѓутоа, залучокот дека конкуренцијата овозмзожува оптимален обем на производството не важи ако во индустријата постојат опаѓачки маргинални трошоци, предизвикани од надворешните економии на обемот. Во тој случај, со зголемување на обемот на вкупното производство во индустријата доаѓа до намалување на маргиналните и просечните трошоци и намалување на цената на производните фактори, меѓутоа маргиналните трошоци на поединечната фирма се над нивото на општествените маргинални трошоци и фирмата нема да го зголеми своето производство. Оттука, секоја фирма ќе произведува до точката во која нејзините маргинални трошоци се изедначуваат со пазарната цена, но вкупното производство во индустријата ќе биде помало од оптималното ниво, набљудувано од општествена гледна точка.[7]
Наводи
уреди- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 87-88.
- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 41.
- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 220.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 88-89.
- ↑ 5,0 5,1 George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966,стр. 176.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966,стр. 178-180.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966,стр. 184-187.
Оваа статија од областа на економијата е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |