Виетнамската војна или Втората индокинеска војна беше војна помеѓу Северен Виетнам и Јужен Виетнам, поддржан од САД, во периодот од 1955[1] до 1973 година.

Австралиски војник во Виетнам

Според многу теоретичари, позадината на Виетнамската војна е директно детерминирана од француското влијание во регионот (долго време југоисточниот дел на Азија е нарекуван Француска Индокина), како и од новонастанатата поделба во повеќе аспекти, која резултираше со формирање два реона на контрола: Северен и Јужен Виетнам, во кој беа распоредени Ослободителната Армија и англо–француските трупи, соодветно. Оваа делба се случи по капитулацијата на Јапонија, чии трупи на Северот се предадоа на кинеските трупи, а на југ, на Французите и Британците. Сепак, постоеше и друга основа за поделба на Виетнам, пред сѐ поради големите етнички, политички и социјални раслојувања, како и диференцирањето на едно малцинство во Југот, кое водено од материјални интереси беше прозападно ориентирано и дејствуваше како продолжена рака на колонизаторите.

Вмешувањето на САД во целата ситуација е директно поврзано со Рузвелтовите ставови дека Франција е нивниот сојузник од витален карактер во Европа. Шарл Де Гол и останатите проекспанзионистички настроени француски фигури, пак, не сакаа да се откажат од териториите во Индокина, и наоѓајќи се во исклучително неповолна ситуација решија да ги повикаат нивните сојузници на помош. Сепак, тоа не беше обичен повик за помош, туку повеќекратно предупредување дека без поддршка од САД во Индокина, тие не би можеле да ги помагаат американските трупи во Европа, што државниот секретар Дин Ејксон го опишал како уцена.

Надворешната политика на САД, пак, беше под големо влијание на Кенановата теорија за задржување на СССР, како и домино теоријата, а дополнителен притисок создаде и кампањата на сенаторот Мекарти, така што целиот овој маневар на вклучување во индокинеските конфликти беше во духот на повоената американска надворешно-политичка идеја. Впрочем, Мекарти и неговите сојузници успеаја да се наметнат и меѓу демократите и го натераа Труман да преземе „соодветни мерки против злото на комунизмот“ во Виетнам и Кореја. Впрочем, успеа да се создаде една грижа на совеста како САД биле претерано попустливи према Русите, и дека „ја продале“ Полска на конференцијата во Јалта, 1945 година.

Во меѓувреме, Виетнам се соочуваше со многу тешка ситуација. Поради јапонската сурова окупација и лошите климатски услови кон крајот на 1945, населението се соочи со изгладнување до смрт. Се споменува бројка од 2 милиона жртви. Кинеските националисти на север и колонизаторите на југ, значително ја влошија социјалната состојба, а многу луѓе беа бескрупулозно убиени од политички причини. Во целата таа состојба, се појави комунистичкото движење Виет Мин на чело со Хо Ши Мин, кое најпрвин го симна од престолот императорот Бао Даи, извојува независност на северниот дел од државата во 1946 година и на 2 септември ја прогласи Демократската Република Виетнам со главен град Ханој.

Во 1948 Французите ја отпочнаа таканаречената Прва индокинеска војна, која беше последниот обид за задржување на власта над Виетнам. Таа траеше до 1954, кога Франција конечно беше поразена и протерана од регионот.

Новиот американски претседател Двајт Ајзенхауер ја прифати Трумановата нацрт – политика за Виетнам, а војната на Франција за зачувување на колонијалниот поредок вешто ја преименува во антикомунистичка војна. По неговата победа на изборите во 1953 го стимулираше американското сојузништво на страна на Франција во војната. Меѓутоа, на крајот и САД излегоа како поразени.

Веднаш по поразот, беше формиран Пактот Манила (СЕАТО - Southeast Asia Treaty Organization – во која членуваа САД, Британија, Франција, Австралија, Нов Зеланд, Пакистан, Тајланд и Филипините) кој на својата агенда имаше само за цел борба против комунизмот. Овој пакт, сепак, беше повеќе дипломатски основан, отколку што претставуваше воен сојуз.

Во истата таа 1954 беше одржана и Женевската конференција, на која се одлучи Виетнам да остане поделен – на север да се зачува ДРВ на чело со Хо Ши Мин, а на југот, да се создаде Република Виетнам, да се симне императорот Бао Даи (кој од историчарите ја има добиено титулата пион), а да се постави проамерикански претседател – Нго Дин Дием (припадник на католичкото малцинство). Тој, не ги исполни зацртаните планови од Женева, а за тоа имаше алиби бидејќи не беше потписник. Ветените избори кои требаше да се одржат во 1956, никогаш не се случија.

Населението на Југот беше незадоволно од новиот режим. Затоа, идеологијата на Виет Мин најде одлична подлога за своја експанзија. Хо Ши Мин и неговата влада отворено ги поддржаа активистите на Ослободителниот Фронт. Ханој многу вешто ги искористи свежо неутралните Лаос и Камбоџа за воспоставување коридори преку кои праќаа ресурси за поттикнување на револуција. Сепак, до 1962 успехот беше на страната на Нго Дин Дием, пред сѐ поради огромната поддршка од страна на САД, иако многу територии вон Сајгон воопшто не беа под негова контрола.

Сепак, во 1963, се случува првата поголема офанзива од страна на Фронтот, која е позната како Битката на Ап Бак. Тука Виетконговците победуваат, а од овој миг се смета дека е започната Втората индокинеска, т.е. големата американско–виетнамска војна.

По овој пораз, претседателот Џон Кенеди, кој беше голем скептик во поглед на компетенцијата на Дием да го води Јужен Виетнам во анти-комунистичката војна, заговара негов атентат и решава да преземе порадикални мерки во битките со Виетконговците. Во истиот дух продолжи и политиката под Линдон Џонсон.

Во целата криза во Индокина, многу важно е што немаше никаква објава на војна ниту од американска ниту од страната на Фронтот. Впрочем, целата војна се одвиваше преку акциите на американските специјални единици (командосите) и герилските единици на Виетконговците. Впрочем, тоа беше стратешка одлука на САД, бидејќи во Конгресот владееше голем страв од можната реакција на СССР и воопшто, Варшавскиот пакт, а притоа сеќавањата од Втората светска војна беа сѐ уште свежи. Затоа и не се презедоа некои поголеми офанзиви, иако во тој период барем теоретски, Американците беа значително надмоќни во однос на Виетконговците.

Инцидентот во Тонкинскиот Залив и ескалацијата на воените судири

уреди

На 31 јули 1964, американскиот воен брод Медокс беше пратен во незначителна мисија во Тонкинскиот Залив кој во тој период претставува дел од територијата на Северен Виетнам. Шпекулациите беа дека целта на овој (уште еден) нелогичен потег на Линдон Џонсон е да испровоцира реакција на Северен Виетнам и притоа да добие легитимен повод за интервенција од поголеми размери. Бродот беше нападнат, но возврати на нападот. Притоа штетата нанесена на Виетнамците беше многу поголема од онаа на моќниот американски разурнувач.

На 3 август следеше диверзантски напад од страна на Јужен Виетнам во сојуз со американските трупи. Следниот ден, разурнувачот Медокс и уште еден воен брод беа пратени повторно на мисија во територијалните води на Северен Виетнам, меѓутоа овој пат безуспешно. Сепак, на 7 август 1964, беше усвоена Резолуцијата на Тонкинскиот Залив, а потоа претседателот Линдон Џонсон ѝ се обрати на нацијата, ословувајќи ја новонастанатата ситуација во Виетнам како „предизвик од исто значење на кој мора да му се пристапи со истата храброст и цврстина како во Грција, Турција, како во Берлин, Кореја, Либан и Куба“ .

На 28 ноември истата година, Националниот Совет за безбедност го усвои планот за бомбардирање на Виетнам, во 2 фази.

Во меѓувреме, САД го формираа и АЗНУС пактот со Нов Зеланд и Австралија, па така, во Виетнам, најголемиот процент на неамерикански војници беа регрутите од овие две држави.

Со тоа, во средината на седмата декада на минатиот век, уште една голема војна беше отпочната. На агендата на САД беа повеќе воени операции, додека Виетконговците немаа намера да се откажат од крајната цел – извојување на слободен и обединет Виетнам.

Операцијата Ролинг Тандер

уреди

Ролинг Тандер беше првата поголема и подолготрајна бомбашка операција¹ на САД во Виетнам. Главните цели кои беа константно бомбардирани од 19651968 беа упориштата на Виет Мин, коридорите преку кои герилата беше снабдувана со ресурси и индустриските објекти во Северен Виетнам. Оваа операција е најголемото бомбашко насилство демонстрирано во историјата на човештвото. САД во периодот од 35 месеци фрлија 900.000 тони бомби, повеќе од севкупната сума на бомби што беше фрлена през Втората светска војна. Сепак, голем број бомбардери беа соборени, поради тоа што постоеше забрана за бомбардирање на цивилни цели, а Виетконговците своите противавионски топови ги имаа сместено на покривите на училиштата и болниците.

Конечно, во март 1968, под големо влијание на државниот секретар за одбрана Роберт МекНамара, операцијата беше прекината, и започнаа преговорите со Северот, што беше една од целите кои Американците сакаа да ги постигнат.

Во меѓувреме, во летото 1965 по уништувањето на еден и соборувањето на уште три авиони, Линдон Џонсон нареди засилување на 75 илјадната американска војска со уште 50.000 луѓе.

Операцијата Starlite

уреди

Операцијата Старлајт беше првата поголема операција, спроведена исклучиво од американските трупи во Виетнам. Имено, на 21 август 1965, 5.500 маринци со поддршка од воздухопловството ја нападнаа и уништија базата на Фронтот близу Ван Туонг. Притоа, американските власти тврдеа дека во брзата и одлучна акција убиле 700 Виетконговци, а тие загубиле 45 војници. Тоа воедно беше и последната отворена битка во целата војна.

САД планира да ја преземе иницијативата

уреди

До крајот на 1965, Пентагон изготви план за вршење на голема офанзива во Виетнам и конечно преземења на иницијативата од герилците. Сепак, за остварување на тие планови потребно беше огромно засилување на трупите во Виетнам, т.е. од бројката на 120.000 војници во ноември 1965 да се дојде до број околу 429.000 во август 1966.

Со новата бројна состојба, американските генерали сега имаа можност за преземање на посериозни чекори во поглед на совладување на герилата во Јужен Виетнам. Така, во неколку важни операции, Американците до средината на 1967 успеаја делумно да го разбијат непријателот на „своја“ територија, иако не наидоа на соработка од страна на месното население и Јужновиетнамската Армија. Сепак, успешноста на овие операции беше доведена под знак прашалник поради тоа што ситуацијат во Виетнам во ниеден сегмент не беше променета. Во прилог на тоа дојде и изненадувачката изјава на државниот секретар Дин Раск кој рече дека „неизбежно е Конгресот да понуди мир заради големиот отпор на Северен Виетнам“.

Потоа, претседателот Џонсон свика таен состанок со најважните политички личности во САД на кој се дискутирало за Виетнамската ситуација. Сепак, претседателот во ноември изјави дека „војната ќе продолжи, бидејќи нивните загуби се поголеми од нашите“. Неколку дена подоцна, од Виетнам се јави и генералот Вестморленд кој рече дека „ако во 1965 непријателот победуваше, денес сигурно губи“.

Значаен момент, особено така третиран од американските медиуми беше Битката кај Ке Сан, односно нападот на Северновиетнамската воена база, каде што самоуверената војска на Северен Виетнам поддржана од герилата претрпе неверојатни загуби (станува збор за 9.000 жртви). Во оваа битка, сепак, клучни беа бомбашките операции, каде беа употребени бомбардерите од типот Б52, кои до денес се едни од најмоќните американски оружја. Сепак, и покрај тоа што американските бар во бројки трупи ги совладаа виетконговските, тие не успеаа да се пробијат понатаму, прес поради тоа што беа опколени со џунгла, а месноста Ке Сан беше вистинско упориште на Виетконговци (герилата), со неверојатно силна дефанзивна структура, и двојно побројна војска од американската. Впрочем, оваа битка беше една од најважните, затоа што се работеше за коридорот „Хо Ши Мин“, кој од тука тргнуваше кон Лаос (Ке Сан е на 10 километри од границата со Лаос).

Офанзивата Тет

уреди

Офанзивата Тет е заедничко име за повеќе жестоки битки во јануари 1968.

Според Вилијам Вестморленд, во јануари 1968, по добиената битка кај Ке Сан, „светлината се гледала на крајот на тунелот, и не би требало да има пречки во дефинитивното триумфирање на САД во веќе предолгата војна“. Како голем шок за него и за целата јавност дојдоа нападите за време на примирјето Тет. При тоа Северновиетнамската армија и герилата ги нападнаа сите поголеми градови во Јужен Виетнам. Офанзивата беше на повеќе места веднаш задржана, освен во Сајгон каде што цели три дена се водеа крвави битки. Градот Хуе, пак, беше под власт на Северен Виетнам цел месец и за тоа време, комунистите се стекнаа со многу лоша репутација поради масакрите врз цивилното население, кое било проамерикански ориентирано. По 4 недели, сепак, градот беше ослободен.

Иако со овие офанзиви стратешки ништо не се промени, сепак бројот од 21.000 загинати американци беше шокантен за јавноста во САД и за првпат се јавија отворени критики и барања да се престане со „апсурдната војна“.

 
Американски бомбардери фрлаат бомби над Северен Виетнам.

По оваа офанзива, генералот Вестморленд беше симнат од неговата позиција, а на негово место дојде заменикот Крејтон Абрамс, кој водеше малку поинаква политика, првенствено во односите кон јавноста која веќе ја имаше изгубено довербата во Армијата на САД.

САД ја губи довербата меѓу сопствените граѓани

уреди

Додека во Виетнам константно се водеа битки, во САД јавното мислење сè повеќе се заоструваше кон претседателот Џонсон. Така, на 1 декември 1969 во САД за првпат по Втората светска војна се изврши лотарија за регрутирање на војници, за која имаше силни приговори и шпекулации дека е нерегуларна. Имено, во еден барабан со бројчиња од 1 до 366 кои ги симболизираа деновите во годината, беше извлечен бројот 258, што значеше дека сите сите способни мажи родени на 14 септември, одат за Виетнам. Голем замав зема опозициското движење, а дури и вратени војници од Виетнам формираа организација за прекин на војувањата - таканареченото Здружение на Виетнамските Ветерани, чив истакнат член беше Џон Кери, противкандидат на Џорџ В. Буш на претседателските избори во САД во 2004. Овој период е, исто така, во знакот на хипи движењето, а протестите против војната во Виетнам станаа секојдневие.

Сепак, најголемиот шок за американската јавност се случи по доаѓањето на Никсон на власт. Имено, во почетокот на 1971, во јавноста излегле документи од Пентагон кои се воделе како воена тајна, а ги опфаќале сите детали околу американско–виетнамските односи од 19451970. Особено компромитиран од нив излезе Линдон Џонсон, сега веќе поранешен претседател, бидејќи тие документи зборуваа за сите тајни диверзантски операции, за сите масакри на американската војска и сите ниски удари кои биле преземени, наспроти изјавите на тогашниот претседател дека се залагал за прекинување на судирите и наоѓање мирно решение. Во јуни истата година, „Њујорк тајмс“ започнува да ги објавува документите. Подоцна, овој скандал претставува основа за целата афера Вотергејт, која за Никсон заврши неславно – по макотрпни судења, сведочења и шпекулирања, тој на 9 август 1974 поднесе оставка.

Пацифизација на политиката на САД и конечна завршница

уреди

Независно од скандалите во неговата политичка кариера, претседателот Ричард Никсон се смета за миротворецот во Виетнамската војна. Имено, уште во првиот период од доаѓањето на власт, тој ја објавува „Никсоновата доктрина“, според која САД ќе ја „виетнамизираат“ војната, односно ќе се трудат да ја обучат Јужновиетнамската армија сама да се бори против комунистите, а тие, постепено ќе се повлечат од регионот. За понатаму, тој предвидува преориентирање кон економската наместо воената поддршка за сојузниците. Истата оваа доктрина е унифицирана за речиси секоја интервенција на САД по Виетнам до средината на 1990-тите.

Исто така, војската за време на Никсон, ја објективизира целата ситуација, изнесувајќи тези во јавноста дека бројот на загинатите не е мерило за успехот. Исто така, беше обелоденет масакрот кај Ми Лај, кој предизвика бурни реакции во светската јавност, а новинарот кој ја објави сторијата, доби Пулицерова награда. Полковникот Вилијам Кели кој го нареди целиот масакр, подоцна на воен суд доби доживотна казна затвор, но беше помилуван од Никсон.

Во меѓувреме, се случи и подемот на Црвените Кмери во Камбоџа, кои соработуваа со Виетконговците и ги напаѓаа Јужновиетнамските трупи. САД се вмеша и во овој инцидент, бранејќи ги своите интереси, но по големиот отпор дома, мораа да се повлечат.

Понатамошната политика на САД кон војната беше да се повлече еден дел од трупите, да се спроведе бар фиткивен мир и да се избегнат натамошни загуби. Во меѓувреме, во октомври 1970 се случија огромни поплави, што уште толку ја отежна ситуацијата, па така неколку месеци состојбата стагнираше. До тогаш, околу 40.000 војници се имаа вратено дома.

Во февруари 1971, Јужновиетнамската армија го нападна Лаос. Овој пат, САД во поддршката беа поумерени – испратија само авијација и бродови. По 6 месеци, Австралија и Нов Зеланд решија да го раскинат АНЗУС пактот и ги повлекоа своите трупи. Никсон постави нови рокови за повлекување, и во пролетта 1972, САД имаа 130.000 војници во Виетнам, најмалку од 1966.

На изборите во 1972, во САД, главните кандидати, актуелниот претседател Никсон и пацифистот Џорџ МекГаверн, во агендите како клучна точка го имаа завршетокот на воените дејствија во Индокина. Никсон, и покрај скандалите, успеа да победи, пред сѐ поради мудроста на Хенри Кисинџер, кој на ден пред изборите изјави дека веќе е подготвено примирјето. Тоа сепак беше потпишано по речиси една година. Сепак, на 30 ноември 1972, САД се сведоа на бројката од 27.000 војници во Индокина, со што практично немаше дилема за понатамошниот исход. Иако продолжија со жестоки бомбардирања и командоски акции, сепак, голема беше опасноста од кинеска интервенција доколку продолжеа во исто темпо и го пролонгираа мирот.

Парискиот мировен договор и расплетот во Виетнам

уреди

Мировната конференција во Париз се одржа во почетокот на 1973, а конечниот договор за крај на војната беше потпишан на 27 јануари. Оваа конференција беше планирана уште од Линдон Џонсон во 1968 година, но не се одржа порано, бидејќи не можело да се постигне консензус со комунистите од Северен Виетнам.

Ако се суди според исходот од овој договор, Јужен Виетнам, а со тоа и САД, имаа претрпено огромен пораз. Имено, со актот, се потврди одлуката од Женевската Конференција од 1954, според која Виетнам треба да остане привремено поделен на 2 дела, но да фигурира како унитарна, независна и суверена држава. САД беа обврзани да ги повлечат трупите, Јужен Виетнам мораше да дозволи формирање на Северновиетнамско дипломатско претставништво во Сајгон и да не ја прогонува виетконговската герила од своите територии, додека Северен Виетнам остана без никакви обврски.

По ова, Северновиетнамската армија и герилците беа непречени во своите освојувања на Југот, а имаа и поддршка од значителен дел од месното население. Сајгон падна конечно на 30 април 1975 година, во рок од 18 часа, но притоа загинаа 2.000 жители. Следниот ден градот беше преименуван во Хо Ши Мин, а 30 април од тогаш е национален празник – Ден на независноста и ден на обединувањето. Со тоа по 29 години крвопролевањето во Индокина заврши.

Заклучок

уреди

Втората индокинеска војна, попозната како Виетнамската војна (на САД), е можеби најапсурдниот настан во современата човекова историја. Виетнамскиот народ претрпе огромни загуби. Повеќе од 5.000.000 жртви, меѓу кои 4 милиони беа цивили, а материјалните загуби се рефлектираат и до денес. На другата страна, под маската на заштита од комунизмот, во џунглите во Индокина загинаа 60.000 Американци, 150.000 илјади останаа повредени, а околу 50.000 од вратените извршија самоубиства (познато како Виетнамски синдром).

Некои конспиративци шпекулираат дека целата оваа војна се водеше само од економскиот интерес.

Но, целата фама околу регрутирањето (од Виетнам наваму, укината е институцијата регрутирање и американсктата војска функционира само со доброволни платеници), протестите околу масакрите и аферите потоа, само придонесоа за формирање на стереотипот кај светската јавност дека САД се новата империјалистичка сила која е подготвена да жртвува и сопствени ресурси само за да ги оствари своите интереси. Основан е натамошниот страв на СССР од јадрени напади, а паранојата на американските претседатели само ја поткопува Студената Војна и ја зацрврстува Железната завеса.

Виетнамската војна како мотив во уметноста и во популарната култура

уреди
  • „Сведочејне“ - краток расказ на македонската писателка Лилјана Чаловска.[2]
  • „Виетнамски синдром“ (англиски: Vietnam Syndrome) — песна на американската хард-кор група Jerry's Kids од 1983 година.[3]

Белешки

уреди

1 - Првата бомбашка операција е Pierce Arrow. Тоа е всушност погоре споменатото спроведување на Резолуцијата за Заливот Тонкин во 1964, каде што беа лансирани проектили од воените бродови. На 12 февруари 1965 се случи и Flaming Dart операцијата, во која за половина час, американските авиони бомбардери фрлија повеќе од 25 тона експлозив врз северновиетнамски цели.

Надворешни врски

уреди
  • VietnamWar.com [1]
  • Asian-Nation: The Viet Nam/American War [2]
  • A Vietnam Veterans Site [3] Архивирано на 8 февруари 2006 г.

Наводи

уреди
  1. „Name of Technical Sergeant Richard B. Fitzgibbon to be added to the Vietnam Veterans Memorial“. Department of Defense (DoD). Архивирано од изворникот на 20 October 2013.
  2. Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 21.
  3. Discogs, Jerry's Kids – Is This My World? (пристапено на 25.10.2022)