Базилика — рана форма на христијански храм. Веројатно е градена врз архитектонски урнек според римските истоимени градби кои служеле како судници и пазари. Одлики на базилика имаат и некои римски куќи и катакомби кои служеле како места за исповедање на верата пред христијанството да биде признато како официјална религија.

Базилика.

Напред сè наоѓал атриумот на столбови. Тој водел до тесна тераса на која имало три или повеќе влеза во главниот дел од зградата. Централниот дел имал брод и неколку реда на столбови кои го потпирале централниот дел. Прозорите се наоѓале во горниот дел. Градбата била свртена кон исток, со лаковите и апсидите украсени со мозаици. На подигнат дел под апсидата имало олтар со небо (Види: балдахин) над него. Веднаш под олтарот, често под нивото на подот, се наоѓал простор со мошти на светец-заштитник. Службата ја држел епископ стоејќи во централниот дел, на тронот, а останатите свештеници биле распоредени полукружно, лево и десно од него. Денеска папата базиликата ја нарекува посебно привилегирана црква.

Постојат големи и мали базилики. Големи се црквата св. Петар во Рим, св. Јован Латерански (за папата), св. Павле (за патријархот александриски), св. Марија Мајка (за патријархот антиохиски). Во секој од нив постојат олтари кои не ги употребуваат ниту папата ниту неговите заменици. Во Рим постојат 11 помали базилики, a ги има и насекаде по светот.

Римска базилика

уреди

Римска базилика е комунална повеќенаменска грaдба од претставителен карактер. Постојат два типа на базилики и тоа:

  • basilica forensic
  • basilica domus

Basilica forensis е онаа базилика која што се градела на форумите и која што служела за јавни цели како пазар и како судница,а пак basilica domus била како сали во царските дворови (Хадријанова вила), во куќите на богатите луѓе и во термите.

Базиликите најчесто служеле како затворени пазари, банки, судници или како општи стојалишта. Според урбанизацијата во царскиот период во Рим базиликите влегуваат во секој стандарден програм на секој форум. Почетокот и настанувањето на различни типови на базилики досега не се разјаснети. Римската базилика била разделена со два реда столбови и три брода (навис), од кои средниот бил поширок и повисок од двата покрај него. Средниот брод над столбовите имал простор, којшто на внатрешната градба ѝ давал светлина. Спротивно од влезот на повисоко место се наоѓала полукружната екседра, каде што заседавал судот. Подоцна во христијанството оваа екседра прераснала во апсида. Бочните бродови имале галерии или емпори за граѓаните. Со текот на времето се појавувале сложен тип на петбродни базилики, а сè поретко на повеќебродни базилики.

Меѓу првите документирани базилики се базиликата Porcia 189 г.п.н.е. која што ја изградил Катон, Amelia 179 г.п.н.е., Semporina 170 г.п.н.е. Од царскиот период се истакнуваат Romanum basilica Iulia, Upia која што се наоѓала на Трајановиот форум, Максенциевата базилика и други. Надвор од Рим секој град имал своја базилика (Помпеја, Остаи, Алатри). Исто така било и со колониите во Африка, Шпанија, Галија, Мала Азија и на други места. Изгледа дека носител на развојот во прв ред била Кампанија, покраина во соседство со грчки градови. Нејзин најдобро сочуван пример е базиликата во Помпеја која што ја подигнале самничаните околу 130 г.п.н.е. На пониската страна нејзиното предворие непосредно се надоврзува со колонадите на форумот. Не е познато дали во главниот простор се работи за отворен перистил или за накривена сала со двоспратна низа столбови од сите страни. Како спротивност на таа исклучителна градба стои широката базилика во Cosa, изградена во средината на вториот век. Затворена на три страни, се отвора преку внатрешниот оподен трем со целата ширина спрема плоштадот.

Позната е и базиликата на Витрувиј која што ја изградил 27 г.п.н.е. во Фани. Според неговиот опис тој смета дека за базиликите треба да се одбира место за градење до плоштадите, нивната ширина не смее да биде помала од една третина од должината ниту пак поголема од половината, освен во случаи кога пречи природата на местото или пак нешто друго што налага да се промени таа пропорција. Според него столбовите треба да се високи колку и тремовите, а пак тремот се гради колку една третина од средниот простор. Горните столбови треба да бидат пониски од долните. Помеѓу горните и долните столбови треба да има ограда која што ќе е за една четвртина пониска од горните столбови. Во базиликата во Фани која што самиот Витрувиј ја изградил, нејзините пропорционални и симетрични односи ги направил вака: средниот кораб меѓу столбовите бил долг сто и дваесет стапки а широк шест, тремот околу коработ од ѕидовите до столбовите е широк дваесет и пет стапки. Столбовите, од едниот крај до другиот заедно со капителот биле високи пет стапки исто толку биле и дебели. Позади нив стоеле парастатичните столбови високи дваесет стапки, тие ги држеле другите столбови високи осумнаесет стапки, а на нив пак имало греди што ги носеле роговите на покривот на тремовите, пониски од коработ. Останатиот простор меѓу гредите се остава за светлината што минувала низ столбовите.

Во ширината на коработ десно и лево имало по четири аголни столба, а по страната што е поблиску до плоштадот по осум столба, заедно со аголните, по шест, затоа што на таа страна не стоеле два средни столба за да не го попречуваат погледот кон предворието на Августовиот храм којшто стои во средината на базиликата, завртен кон средината на плоштадот и кон храмот на Јупитер, како и кон трибуналот на базиликата, направен како лак, со форма помала од полукруг. На чело на тој полукруг има простор од четириесет и шест стапки. На столбовите наоколу биле поставени греди кои биле составени од три реда по две парчиња од две стапки. Третиот столб од внатрешната страна свртен накај антите кои се поместени од предворието и го допираат полукругот. Во насока на капителите биле поставени мали столпчиња како потпирачи. Над нив имало напречни греди со потпирачи во насока на столбовите, антите и ѕидовите на предворието. Тие го носеле едното слеме по должината на базиликата и другото од средината над предворието од храмот. Со тоа се давало поубава форма на покривот. Витрувиј сметал дека со тоа што биле отстранети украсите на епистилот и биле подигнати огради и горни столбови била отстранета тешкотијата при изработка и се намалувале трошоците. Самите столбови без прекинување се извишувале под гредите на коработ и давале достоинствен изгледа на зградата. Сето ова и уште многу други објекти биле опишани според кој принцип треба да бидат изградени во книгите на Витрувиј наменети за архитектурата. Во Cosa и Помпеја ги има истите елементи: среден простор којшто бил подигнат, опод со ред од столбови над кој стоеле галериите, трибуналот којшто бил изолиран од главниот простор. Разлики започнуваат со трибунали коишто биле поставувани по должина во Помпеја, а во Cosa напречно, во додатни елементи од типот на одделено предворие. Во развојот се зголемуваат димензиите и бројот на бродовите. Витрувијскиот тип којшто го споменав погоре губи на значење и базиликите почнуваат да раснат пред сè во должина. Како една од последните големи сали на Римскиот форум наместо Семпрониева базилика продолжува Јулиевата базилика. Таа служела како судница, но ја исполнувала и старата функција како покриен пазар (taberne veteres бил префрлен на нејзината задна страна и се отворале на надворешниот премин. Кон сите останати страни салата била како наткривен продолжеток од форумот. Подоцна во Рим се гради базиликата Упија, најголемата по површина на основата, единствена во целокупниот состав царски форуми. Таа не била самостална градба туку била планирана како дел од целината на Трајановиот форум. Нејзиното надолжно челно место, поставено напречно на главната оска на форумот, доминира со неговиот простор. Конструкцијата со столбови и архитрав покажува установена шема на базилика, но со поголема димензија и пет бродови. Како нов елемент преземен од форумската архитектура тука се јавува полукружната екседра или апсида. Таа на двата челни краја обликува посебени градежни делови, изолирани од внатрешниот простор, самостојни и со надворешната страна. Типот на римски форумски базилики во Улпијевата базилика на Трајановиот форум достигнува репрезантивен облик со големи трајни вредности. Таа послужува за пример на многу римски форумски базилики во провинциите.

Кај базиликата во местото Augusta Raurica се повторува и напречната положба спрема форумот и основа во поедноставна шема. Апсидите или екседрите се однатре просторно само помалку одделени, а однадвор се потполно составени со телото на градбата. Оподот е со два бочни ѕида. Принципот по должината ја задржува и понатаму својата важност. Големата базилика во Aspedu добива монументален карактер поради квадратното предворие со големи сводни врати. Троброден внатрешен простор којшто се шири благодарение на бочниот брод. Вториот и строг дел на столбови насочен кон апсидата го зајакнува карактерот на еднозначајна градба. Од тука започнува развојот на ранохристијанските архитектонски облици. По довршувањето на Улпијевата базилика царската градба во Рим се фокусира и обрнува внимание на градење големи палати и терми. Од големи сали во царските палати Anula Regia служела за државни приеми, базилика палатите за аудиенција и советување. Такви примери ни се базиликите во Сплит, Трир, Палатин. Напредок во техничката изградба на сводовите овозможува напуштање поставување на столбови и лакови со кратки разделувања. Domus Flavia има голема апсида која доминира по должина на базиликата. Aula Regia покажува расчленување кое што е во ѕидот споено со него во пластична декорација. Новиот салски тип се развива во термите. Пример за таква градба ни е Трајановата терма и настанува истиот период кога настанува и Улпиевата базилика. Максенциевата базилика последна дворска градба започната е со градба од страна на Максенциј во 306 г.п.н.е., а довршена 312 г.п.н.е. од страна на Константин. Таа стои на североистокот на форумот паралелно со просторот покрај плоштадот во кој се проширува Via Sacrа. Типолошки и конструкциски, оваа базилика е слободностоечка голема градба извлечена од вообичаениот контекст, која како пример е земена од големите сали во термите.

Базиликите во христијанскиот период

уреди

Името базилика во христијанство се јавува во четвртиот век во северна Африка за свети простории коишто порано се викале dominicum, ecclesia и conventiculum. Базиликите се најран облик на цркви во христијанската архитектура и имале пресудно значење за понатамошен развој на црковното градежништво. Римската базилика за Константин Велики ги добива главните одлики, коишто во подоцнежното време претрпеле одредени промени. Одредени сметаат дека христијанската базилика е копија на римската базилика, други дека се развила самостојно одвоено од римската традиција. Многу рано се јавуваат одредени прописи за градба и опрема во богослужните простории. Главни делови на ранохристијанска базилика се: апсида, полукружна или четвртеста, издадена од ѕидот на средниот брод наспроти главниот влез. Обично е нешто пониска од бродот и накривена, која понекогаш стои на два столба кои се поставени пред апсидата. Пред апсидата често се наоѓал долг простор со ниска ограда за пејачите. Подоцна над олтарот се подига камен покрив на столбови, а амвон (место за проповедање) во средниот брод до scholu cantorum. Prothesis место каде што се приредуваат мали жртвени дарови и diaconicon во кое се чувало црковното облекло и каде што се пресоблекувале свештениците, се појавуваат како посебни од апсидата. Тие две мали простории биле сместени на секоја страна на апсидите во бочните бродови. Салата уште на почетокот имала три брода одделени со два реда столбови и галерија во бочните бродови, во кои било местото за жените. Трансепт е попречен брод којшто се вметнувал помеѓу апсидата и бродовите, па така црквата добивала облик на латински крст. Низ влезот спроти апсидата се доаѓало во предворието нартекс. Пред влезот кај постарите базилики се наоѓал атриум. Најпознати ранохристијански базилики се S. Paolo fuori le mura, S.Sabina, S. Maria Maggore во Рим, S. Apollinare in classe во Равена, Еуфразиевата базилика во Пореч и други.

Константиновото влијание врз базиликите

уреди

Константин се одлучува за нова ориентација. На јужната страна по должина се доградува pornik со отворени скали како претставителен влез од светиот пат, а попречно се додава уште една апсида која е како трибунал. Тие додатни работи не го измениле многу карактерот на просторот. Внатрешниот простор повеќе не го одредуваат ред на столбови, којшто просторно се одделува со опод и галерии во традиционална базилика од средниот брод по пример на перистил. Се менува односот на поединечните елементи спрема севкупниот простор. Двете страни по должина се отвораат со три високи и широки лакови спрема бочните простори со бочвести сводови. Пред широките столбеци стојат поединечни колосални столбови. Нивните коринтски капители носат конзоли, избочени во однос на столбецот покрај делови од архитравот. Силниот просторен впечаток е врз основа на водечката линија која ја потенцира примарната структура. Водечките оптички линии се качуваат од точките на подот пред сè вертикално а потоа во големиот лак дијагонално го преместуваат просторот, па се враќаат на другата страна во точката на подножје. Традиционалните елементи на столбот тука добиваат сосема ново клучно место. Како вертикала пластично истакната од ѕидната маса распределени високо над тлото во линиите на кружниот свод. Тие пак линии го поврзуваат сводот, ѕидот и столбовите по должина, попречно и дијагонално во обединет простор. Елементи на секундарно расчленување се поклопуваат во исти линии. Во двете големи апсиди, во премините помеѓу бочните простори, во столбовите и отворите за прозорците, се повторуваат мотиви на полкружен лак во различни распони. На ѕидовите од бочните простори распоредено е по шест големи полукружни простри во две низи еден над друг. Горниот појас на средниот ѕид е потполно поделен во троделни прозорци во облик на сегментен лак, низ кое во салата пробива пригушено светло. Во обложување на ѕидните површини и столбови со обоени мермерни плочи со еднаква обработка на подот со орнаменти со пластично обработени касети коишто укажуваат на раскош. Константинова скулптура висока 10 метри, во апсидата на челниот ѕид ја потенцира главната оска во просторот. На надворешниот дел, градбата ги има истите мерки и површини како и во внатрешноста, со неважни антички системи за расчленување. Градбата се истакнува како конструктивно обликувана маса. Христијанството кое што во Константиновиот период се прифаќа како државна религија си создава свој тип на базилики, служејќи се првенствено со конвенционални облици.