Стрипуметност, најчесто определена како деветта уметност според серијата написи Деветтата уметност, музеј на стрипот потпишани од страна на Морис во весникот Спиру (Journal de Spirou) помеѓу 1964 и 1967. Оваа класификација била подоцна преземена и популаризирана од страна на Франсис Лакасен во неговата книга За една деветта уметност, стрипот[1]. Стрипот исто така е и медиум[2][3], низ кој се пренесува деветтата уметност материјализирајќи ја низ едно дефинирано и семиотичко множество. Тој овозможува да се раскажат приказни преку посредство на надоврзани слики. Според Вил Ајзнер, „денес стрипот ја сочинува главната апликација на секвенцијалната уметност ставена на хартија.“[4]

Yellow kid од ноември 1896. бил првиот стрип со текст во облачиња.
Yellow kid од ноември 1896. бил првиот стрип со текст во облачиња.

Типично, стриповите се печатат на хартија со текст вметнат во сликите. Најсреќавани формати се дневните стрипови, серијалните стрип албуми и поголемите дела познати како графички новели.

Манга е јапонскиот поим за стрипови, француските стрипови се познати како Bande Dessinée или „BD“ (буквално, „стрип цртежи“), во Велика Британија под „стрипови“ се подразбираат домашните стрип албуми додека под „стрип албуми“ се подразбираат стрипови од САД. Во Република Македонија, под „стрип“ се подразбираат сите три спомнати форми.

Дефиниции

уреди
 
Krazy Kat на Џорџ Хериман

Обично се прави разлика меѓу поимот „стрип“ и „стриповите“. Таа разлика ја истакнал Франсис Лакасен[1]. „Стрипот“ е концепт, односно уметност — 9-та уметност — и техника која овозможува да се реализира таа уметност. „Стриповите“ пак се медиум преку кој таа уметност се пренесува.[2][3] Ова имплицира дека треба да се дава една двојна дефиниција, онаа за стрипот како уметност и друга за стриповите како медиум.

Дефиниција на стрипот како уметност

уреди

Ако стрипот е уметност тогаш оваа уметност треба да се поврзе со сите сликовни форми што постоеле пред него. Ова е ставот на Скот Меклауд.[5] Овој начин на гледање на стрипот налага тој да се смести во големиот уметнички и културен тек кој започнува со првите цртежи, оние на пештерската уметност [Белешки 1], како оние во пештерата Ласко, иако денес таквиот пристап се избегнува. Главно, специјалистите се согласни околу фактот дека тука не станува збор за след на цртежи како што впрочем е случај со стрипот. Згора на тоа, квалитетот на нарацијата останува да се докааже а бројни археолози им припишуваат шаманско толкување, односно тврдат дека цртежите веројатно имале магиска функција.[7]

Затоа нема причина стрипот да се поврзува со пештерските цртежи, а не и со другите такви графички уметности како на пример плиткиот релјеф на египетските храмови [8], преткокумбовските кодекси[9] и Biblia pauperum[10] од крајот на средниот век[Note 1]. На овој список треба да се додаде и: Таписеријата од Баје,[11] вавилонските свитоци и 182 колажи на Макс Ернст Една седмица добрина.[12] На сите овие уметнички изрази општа им е желбата да раскажат некоја приказна на начин како што тоа го прави стрипот а таков е и фризот на Партенонот во Атина, Трајановиот столб во Рим и барелјефот на храмот на Ангкор во Камбоџа.

Историјата на уметност во наративната димензија на овие дела не можела значи да го препознае критериумот на една автономна дисциплина во рамки на визуелните уметности [13].


Во другиот случај, кога се вели дека стрипот е уметност, не е доволно истото да се каже туку треба и да се потврди. И во оваа теза постојат две перцепции:

  • Стрипот е уметност која се наоѓа помеѓу литературносто пишување и графичкото пишување [14]. Тоа е визијата на оној што го измислил на стрипот Рудолф Тепфер :

    Ова книжуле составено од слики е од мешана природа. Секој цртеж го придружува еден или два реда текст. Цртежите, без текстот не би биле докрај разјаснети; текстот, без цртежите, не би значел ништо. Сето заедно е некој вид на роман дотолку пооригинален дека колку што наликува на роман толку наликува и на нешто друго [15].


Тоа што Тепфер ќе го нарекува „Литература во слики“ во неговиот Есеј на физиогномијата,[16] Вил Ајзнер го нарекува Секвенциска уметност, (на англиски: Sequential Art)[17] или Визуелен расказ, (на англиски: Visual Narrative).[18]

  • Ако стрипот е графика која во себе ги подразбира и текстот и цртежот, текстот тогаш мора задолжително да биде напишан во графичка форма внатре во цртежот, во рамки на некакво „облаче“: според Х. Филипини, стрипот е низа на цртежи кои раскажуваат некоја приказна; личностите во приказната се изразуваат низ текстови напишани во облачиња.[19] Ваквата дефиниција значи ги отфрла стриповите кои не содржат текст како оние на Американецот Ото Соглоу (Little King/Малиот крал) кои во 1975 сѐ уште не содржеле текст.

Специјалистите за стрип со сѐ помалку жар ја бранат оваа втора рестриктивна визија во однос на стрипот, па дури и самиот Филипини кој во неговото дело „Речник на стрипот“ цитирал автори кои отстапуваат од неговата дефиниција (види: Библиографија).

Дефиниција на медиумот стрип

уреди
 
Малиот Немо“ на Винзор Макеј

Додека критичарите и специјалистите за стрип се поделени во однос на дефиницијата на концептот на стрипот, љубителите на истиот многу полесно го дефинираат медиумот стрипови.

  • Стрипови: низа на слики организирани да раскажат некаква приказна и претставени на различни начини (во албум, во мал формат итн.).
  • Приказни во слики: дистинкција која ја предлагаат одредени специјалисти за да направат разлика од форматот на стрипот и оние низи на слики што раскажуваат приказна но каде текстот наместо во облачиња е прикажан под сликите.

Медиумот стрип има различни називи во различни земји и периоди:

Во Соединетите Американски Држави

уреди
  • Funny е називот на хумористичниот цртеж кој на крајот на 20 век се појавува во дневните весници. На почетокот на 20 век овој назив е синоним на називот strip.
  • Strip, кратенка од comic strip: хумористичен цртеж во два-три хоризонтално поставени квадрати кои се појавувале со неделниот додаток на некој весник, нарекуван исто така и sunday strip пред да стане вистинска приказна со повторливи ликови.
  • Comic, кратенка од comic strip: наречен уште и daily strip, хумористични цртежи во две-три квадрати постевени хоризонтално кој се издава секој ден и е организиран на начин да раскаже приказна која повеќе е наменета за возрасни.
  • Comic book: на почетокот тоа биле 8 страници comic strip од неделниот додаток, здиплени на четири, значи со 32 страници, со насловна страна во боја. Подоцна тоа е книга од 64 или 96 страници специјално издадени да ги раскажат приказните за супер-хероите, најчесто наменети за младата читаателска публика.
  • Graphic novel: книга која содржи стотина страници и раскажува некоја единствена, односно неповторлива, приказна.

Во Европа

уреди
  • Journal illustré, односно, илустриран весник: весник кој се објавувал уште од крајот на 20 век и кој содржи приказни нацртани и наменети за помлада читателска пубика.
  • Fumetto: за Итаалијаните филактерите наликуваат на мали облачиња чад. Значи тука филактерот е тој што го дефинира самиот стрип.
  • Tebeo: ова е името на првата ревија на шпански стрипови (TBO, во 1917) по која се наречени стриповите во Шпанија. Некогаш тие се нарекувани и со англофонските називи ((шпански)cómic) или со називот historieta, кој почесто се користи за да се опишат кратки комични цртежи (на еден ред или на еднаа страна)
  • Tegneserie на норвешки/ дански или Tecknad serie на шведски означува серија или последователна низа на цртежи.
  • Во Франција стрипот вообичаено се нарекува Bande Desinée (BD), додека пак називот Petit format се користи за стриповите кои содржат авантури што потекнуваат од САД.
  • Албум: книга најчсто со тврда обвивка во A4 формат со околу 50 страници, главно во боја. Со развојот на стрипот бројот на страници е слободен избор на авторите па некои албуми своите приказни ги раскажуваат и на повеќе од 150 страни. Впрочем, албумот е француски синоним на англискиот назив графичка новела.

Во Азија

уреди
 
Манга
  • Манга (漫画): во Јапонија, термин измислен од страна на Хокусај во облик на делото „Луд цртеж“ во 1814 и се употребува како општ назив за јапонските стрипови.
  • Амекоми: во Јапонија е назив за стриповите кои главно се американски и преведени на јапонски.
  • Лианхуанхуа (连环画 „надоврзани слики“): кинески стрипови составени од мали книшки кои содржат по една слика на секоја страница придружени со текст под сликата, многу ретко со филактер (облачиња).
  • Манхуа (만화, изговор: man-h'oua): називот за стрипот во Кореја која е втора по продукција на стрипови во Азија, веднаш зад Јапонија.

Градбата на стрипот

уреди

Љубителите на стрипот користат одреден број зборови и дефиниции за да ги опишаат различните елементи од кои се составени стриповите:

  • Рецитативите се главно паноа што се наоѓаат над квадратчињата и служат за нечујните коментари („voix off“), особено кога треба да се назначи времето или местото на дејството или да се достават информаации со цел подобро разбирање на дејството. Во стилот со јасна линија многу се користел рецитативот како на пример кај белгискиот автор Едгар П. Жакоб, авторот на Блејк и Мортимер ((англиски) Blake et Mortimer). „Илустрираните приказни“ (сликовници) се одликуваат по тоа што ексклузивно го користат рецитативот.
  • Облачињата, на почетокот нарекувани филактери (на англиски balloon; на француски bulle). Главно округли или елипсовидни (или пак квадратни во стилот со јасна линија), ги содржат дијалозите на ликот на кој му се прикачени. Кога ликот размислува или сонува тие најчесто се прикажани во форма на вистински облак.
  • Ономатопеите се во вид на зборови или икони кои сугерираат некаков звук, дејство, мисла изразена со фонетска, графичка или иконска имитација. Мангите користат ономатопеи за да сугерираат одредени чувства.
  • Рамка: Сликата најчесто е прикажана во рамка од квадратче или правоаголник, но во стрипот истиот не мора секојпат да биде користен, па зависно од изразот на авторот или од потребата на дејството сликите може да се претставуваат и на самата позадина без сликите да бидат уоквирени.
  • Лента (на англиски: strip, на француски bande) или трака е низа од рамки, односно квадратчиња, наредени во ист ред.
  • Табла која авторот дискретно во некој агол ја нумерира. Бројот на страницата и бројот на таблата не значи дека мора да се поклопуваат.
  • Корица е насловна страна на стрипот.
  • Серијал е збир на стрипови поврзани со иста тема или лик, организиран на хронолошки начин.

Историја

уреди
 
Les Pieds Nickelés од Луј Фортон

Стрипот се појавил во Швајцарија на почетокот на 30-тите години на 19 век со појавата на првите албуми на Рудолф Тепфер (види Приказна на господин Жабо), стрипот се шири во тек на 19 век низ цел свет преку ревиите и весниците за хумор и сатира). Популаризиран на самиот крај на векот во американските весници во форма на comic strip, стрипот станал масовен медиум, во најразлични форми во САД, додека во Европа сѐ повеќе фокусиран како четиво за деца. Сѐ повеќе доминирајќи во детскиот печат, преку специјализирани списанија после 1930, стрипот почнал да им се обраќа и на младите и на одредени групи возрасни читатели. Од 1950, повторно се развива во ново, трето жариште кога Јапонија почнува масовно да произведува и создава стрипови под влијанието на Осаму Тезука. Трите жаришта тогаш релативно се независни едни од други, како во објавените дела така и во издавачките структури а само американското успева даа навлезе во двата други. Во 60-тите на 20 век, стрипот почнал да се одвојува од доменот на творештво за деца и од самиот жанр. Творбите на Жан-Клод Форест, од движењето гекига и американското подземје на стрипот придонеле да се појават првите вистински критики во Европа и САД. Во 70-тите експериментирањата продолжиле со Мебиус, додека авторството достигнува свој врв на крајот на деценијата со успехот на терминот „графичка новела“ на Вил Ајзнер или концептот на „романи-стрипови“ истакнат за промовирање на Корто Малтезе на Хуго Прат.

Трите светски жаришта

уреди

Денес во светот се издвојуваат три светски жаришта на стрипот: Франција/Белгија, САД и Јапонија. Секое од ова жариште си има своја посебна традиција на стрип.

Франција/Белгија отсекогаш ја негувале уметничката страна на стрипот а после 1960 нивниот стрип, (bande dessinée) станал вистинска уметност. Обично францускиот стрип е во формат на албум, со 40 големи страници, со тврди корици и на квалитетна хартија. Авторите на стрипот се поценети отколку оние во Јапонија и Америка и се сметаат за уметници. Најславен автор е белгијанецот Ерже, авторот на Тинтин.

САД стрипот го претворија во масовен медиум со промоција на идејата за суперјунаците, која и денес е главната основа за американскиот стрип. Постои остра разлика меѓу comics, кои се продаваат во тенки изданија на 20тина страници и се сметаат за четиво главно за занимација и нивните графички новели, кои се во формат на албум, обично со тенки корици и претендираат кон статусот уметност. Најславен автор е Френк Милер (Бетмен).

Јапонија е најмладото но и најголемото од сите три жаришта. Јапонските стрипови манга, сочинуваат 40% од вкупниот печатен материјал, односно издаваштво, во Јапонија. Секој месец од печат излегува околу 350 магазини за стрип и околу 500 стрипови. Се објавуваат во формат од стотина до двесте страници а некои серии достигнуваат и 10,000. Затоа во јапонските стрипови се става акцент на дејството додека цртежот е спореден. Посебен феномен е дуџинши, огромен пазар на аматерски стрипови. Најславен автор е Осаму Тезука (Астро Бој, Блекџек).

Развој на стрипот во Македонија

уреди

Во Македонија развојот на стрипот бележи 3 фази:

  • Првата фаза од тие три фази на медиумската актуелност е во периодот пред ослободувањето и се совпаѓа со првите побитни контакти на југословенското читателство, во тие рамки и на припадниците на младата генерција љубители и автори на „деветтата уметност“ што ја популаризирале низа детски и специјализирани списанија кои на почетокот донесувале бројни странски, а потоа и домашни стрип остварувања (најмногу од припадниците на т.н. „Белградски круг“: Ѓорѓе Лабачев, Никола Навојев, Сергеј Соловјев и Кузнецов. За време на НОВ се појавиле првите стрип-цртачи на наши воени и политички затворениои како Василие Поповиќ – Цицо кој во 1941 остварил циклус од 88 карикатури, наречен Од логорот како едно горко-хуморно сведоштво за логорските искуства на овој наш веројатно најголем карикатурист. Во 1942-1943, во затвор во Тирана бил затворен стружанецот Стеван Несторовски кој освен цртежите за Ленин остварил и неколку скици на кои претставил некои маркантни случаи во затворот: подготвување, обиди за бегство, стрелање на петмина млади политички затвореници. Друг пример на цртачко творштво се фотомонтажите на Владо Малески кои го претставувале револуционерното минато на Македонија. Овие фотомонтажи создавани првата година од окупацијата, Малески ги работел во свој тефтер-албум. Други цртачи од овој период биле Бранко Шотра и Тоде Ивановски кој цртал теми од партизанското и борбено секојдневие, Борко Лазески кој со своите цртежи во туш претставувал мотиви од секојдневието на бегалците од Егејска Македонија а ликовните дејци Никола Мариноски и Томо Владимирски остварувале цртежи со драматични и лирски теми на тема НОБ и партизаните.
  • Втората фаза на актуелноста на стрипот во нашата средина го означува периодот од средината на 40-тите години од 20 век, до почетокот на 70-тите. Иако, илустраторот и карикатуристот Панде Јаревски располагал со цртежи од неговиот стрип работен, според неговото тврдење, во 1941 година, при влегувањето на германските окупатори во Битола, тој веднаш по ослободувањето во весникот Единство, во 1946 година, го објавил стрипот под наслов „Чорбаџи Вангел прислушкуе“. Станува збор за краток стрип во лента со тема од повоената стварност во која двајца селани надитруваат еден наконтен градски чорбаџија. Очигледно, се работи за стрип што ги спојува народските типолошки традиции за итрите селани, со повоениот пропагандизам, во склад со новата општествена ситуација што настанува со ослободувањето и изведувањето на социјалната револуција. Меѓутоа, малку порано, во 1945 година, уште еден талентиран цртач, подоцна и прв македонски романописец, реномиран писател, подоцна и академик, Славко Јаневски, во детскиот весник „Пионер“ го објавува својот детски стрип „во продолжение“, под наслов „Еден бункер падна“. Станува збор за оригинално остварување, значајно барем поради два момента: прво, затоа што се работи за прв повоен стрип од македонски автор, и второ, зашто тој во себе го вклучува поетскиот израз во текстот којшто е изведен во четворостиха рима, вонредно допадлива за најмладите читатели. Нешто подоцна, уште еден подоцнежен литерат, ликовен критичар и академик, Влада Урошевиќ се појавил како автор (сценарист) на еден стрип работен со туш на хамер - „Доживувањата на инспекторот Ѓорѓевиќ“, нацртан во 1949 година на околу пет табли, од страна на стрип-цртачот Михо Лазаров. Еден од младите стрип-ентузијасти и автори бил и ликовниот уметник Боро Крстевски, кој во 1945 го објавил својот прв стрип под наслов „Да живее работата“, според текст на Славко Јаневски. Крстевски бил најплоден автор меѓу раните македонски стрип-автори. Во 1952 година, подолг стрип со бајковита тема објавил и Томе Андреевски. Во оваа плејада на млади стрип-автори што создавале во 50-тите години на минатиот век, неопходно е да се спомене и Душан Перчинков, кој првиот стрип, адаптација на анегдотата „Настредин-оџа и неговото магаре“ го објавил во 1952 година во „Титов пионер“. Подоцна Перчинков објавил серија стрипови за Настредин-оџа, публикувани во 1953 година. Под псевдонимот Перица Панов, во мартовскиот и априлскиот број на „Титов пионер“, во 1953 година својот прв стрип „Палчо“ го објавил Петар Глигоровски, подоцна афирмиран графичар и илустратор и автор на првиот македонски анимиран филм („Ембрионот Но. М“).

Генерација на виталните шеесетти

уреди

Својот прв стрип (стрипуваната биографија на „Цар Самуил“, според сценариото на Драган Ташковски) илустраторот Миле Топуз го објавил во 1962. Шеесеттите години со духот на првата позабележлива либерализација и отворање, внесуваат промени и во доменот на тематиката и естетиката на стрипот. Едно од првите имагинативни вивнувања на македонскиот стрип во пределите на авантуризмот бил стрипот „Капетан Смела Глава“ на стрип-цртач Младен Туниќ, по сценарио на Никола Божиќ и Васил Куновски, што за тема ги имал Бурските војни од југот на Африка. Илија Поповски, кој живеел и работел во Белград, бил сценарист чијшто прв стрип бил објавен околу 1962 година во сатирично-хумористичниот весник „Јеж“, во соработка со цртачот Милорад Добриќ. Освен со него, Поповски своевремено соработувал и со Дарко Марковиќ, како и со Миомир Томиќ. Тој напишал сценаријата за близу 20 стрипови унапредувајќи го сатиричниот стрип, во време кога овој стриповски пристап доживувал актуелност во европските и светските искуства. Дарко Марковиќ својот прв стрип „Тримче“ го нацртал во 1964 година а автор на исклучително популарниот дневен стрип во лента „Пецко“ за првпат публикуван во „Нова Македонија“ на 20 март 1981. Уште еден автор што ѐ припаѓа на авторската генерација од стриповски „Виталните шеесетти“ е Мирослав Костиќ со стрипот „Студентот Трајче“, стрип во лента, со стил близок до карикатурата а Дукан Јелен со дневниот стрип-лента „Трпе“. Стриповите на Јелен имаат децидирано карикатурален цртеж и пристап. Други автори биле Љупчо Филипов(„Мирко Немирко“, 1961), Спиро Џајков („Малиот Мук“, 1965, „Курир“, „Ловечка среќа“, „Балавци“, „Итер Пејо“) кој своите стрипови ги изложувал на меѓународниот фестивал во Монтреал, Канада, Делчо Михајлов (Мане) и Ѓуро Варга, професионален карикатурист и автор на стриповите „Трпе“ и „Орде“. Во 1971 година во „Млад борец“ се обидел да дебитира стрип-цртачот, Диме Илиев- Димано, со својот стрип „Бунтовници“ еден вид современа социјална драма, Неговиот подоцна објавен стрип „Бунтовници“ има 24 стрип-табли, додека стрипот „Карпош“ посветен на народниот херој Христијан Тодоровски го остварил на 41 табла. Веќе во „Богомилската епопеја“ Димано создал стрип во 84 табли, додека стрипот „Војдан“ работен во два дела, има вкупно 86 стрип-табли.

  • Третата фаза од развитокот на стрипот во Македонија го опфаќа периодот од почетокот на седумдесеттите години до денес. Како припадници на иста генерација Роберт Дандаров и Дине Балтаков, иако едниот од Скопје, а другиот од Струмица, развиле сроден пристап кон стрипот, што се именува како „Поетска фантазија“. Својот прв стрип Дандаров го нацртал 1981 година, и го објавил во „Студентски збор“ под насловот „Икар“. Дандаров е автор и на стриповите „Рембрант“, „Фигаро",„Егзекуција", „Кукла" и др. Во декември 1981 година Дине Балтаков го нацртал својот прв стрип „Саем на тутун" што го објавил во „Студентски збор". Најзначајниот претставник на т.н „реалистички тенденции" во третата фаза на стриповите развој кај нас е Ласко Џуровски кој својот прв стрип го реализирал во 1978 година, а година дена подоцна во „Млад борец" го објавил својот „Стрип за малоумни". Јорданчо Давидовски е вториот припадник на реалистичката тенденција во македонскиот стрип. Тој во 1983 година го изработил својот прв стрип „Убиецот" а автор бил на цртежот за стриповите „Гладијатор", „Повратници" и други. Почетокот на осумдесеттите години за македонскиот стрип биле особено значајни. Новиот авторски бран цртачи, на страниците на младинскиот печат, започнал да ги објавува своите „нови квадрати" донесувајќи го современиот сензибилитет што во бившите југословенски простори (најмногу во Белград и Загреб) се остварил цела една деценија порано, но и заради уште еден интересен феномен: појавата на првата целовита стрип-група, скопската „Туш-лабораторија" во 1982 во која членувале цртачите Игор Тошевски, Камиловски, Томислав Османли, „задолжен" за теорија на стрипот, Ванчо Полазаревски (сценарист) и цртачот Кочо Трајановски. Јавувајќи се 1979 година во „Млад борец" со својот стрип „Цезар и Брут", Зоран Јаневски го најавил „андеграунд" стрипот со сите негови побитни одлики: од неговиот тематски и идеен интелектуализам, преку цинизмот и анти-дидактичноста, сè до поедноставениот, редуциран цртеж. Јаневски ги објавил уште и стриповите „Штиркачи на кошули", „Грешкиче", „Сфингата и селанецот - нова легенда", „Компјутер" и др

Што се однесува од аспект на постоењето на стрип организации кај нас треба да се нагласи делувањето на Стрип центар на Македонија со седиште во Велес -СЦМ СЦМ-Велес во своето делување:

-преку своите проекти а посебно преку традиционалниот стрип салон во Велес овозможи контакти на македонските стрип автори со стрип чинители од други земји -преку ревиите „СТРИП АРТ “ и „СТРИП творец“ “(единствена постојана стрип публикација кај нас која излегува од 2003 г) и СТРИП АЛМАНАХ( првиот број излезе во јули 2015 г) македонските автори континуирано ги објавуваат своите стрип дела(доста од нив и дебитантски)

-преку организирање на стрип изложби и промоции низ повеќе градови од Македонија и во странство

-преку своите наменски проекти делува на влијание на стрипот во социјалната сфера(интеретнички односи и др)

-преку застапување пред државни институции,медиуми, јавност овозможува подобри услови за делување на македонската стрип сцена .

[20].

Промоција на стрипот во Македонија

уреди

Ова се дел од списанијата кои ја промовираат уметноста на стрипот во Македонија:

  • „Макстрип“, стрип-ревија, издавач „Детска радост“ - НИП „Нова Македонија", Скопје, почнувајќи од 1989 година, прва македонска стрип-ревија
  • „Клик!“, стрип-ревија, издавач ПНИП „Н.В.“ - Битола, почнувајќи од 1994 година
  • Стрип експрес излегува од 1994 издавач „БАСТИОН 1“ .Најверојатно уредник на ова издание бил Љупчо Филипов
  • Стрипотека –излегува 1994 г издавач „ФОКУС 1“ уредник на ова издание беше Александар Петровски ,издадени само два броја
  • „Лифт“, стрип-списание, издавач „Темплум“, Скопје, почнувајќи од 1995 година
  • „Маргина“, списание за ширење на децентралистичка култура, издавач „Темплум“, Скопје
  • „Стрип арт“, стрип-ревија, издавач Здружение на љубители на стрип на Македонија, Велес, 1996 година
  • „Тотем“, македонска стрип-ревија, издавач „Тотем“, Скопје, 1997 година
  • „Синдром", промотивен стрип магазин, Скопје 2010
  • „Сарtain Nitrate – War Games“, албум, издание на авторите Б. Станојевиќ - А. Сотировски, „Дата понс“, 1999 година - прв стрип албум од македонски автор ((англиски))
  • „СТРИП творец“ ,стрип-ревија којашто редовно излегува од 2003 година, во издание на Стрип центар на Македонија-Велес.
  • На 9 февруари 2015 година, издавачката куќа „Стрип квадрат“ промовирала десет изданија кои биле објавени со поддршка на Министерството за култура. Од нив, пет биле стрип-сликовници од едицијата „Револуционери“, и тоа: „Храброта на Гоце“, „Пиринскиот цар“, „Првиот претседател“, „Јунакот од Мечкин Камен“ и „Учителот до Смилево“. Другите изданија биле „Ајвармен“, „Војдан“, „Бесмртната вода“, „Чуварите на вечната светлина“ и антологијата „Различни светови“ во која се застапени авторите: Игор Јовчевски, Никола Темков, Давор Драмиќанин и Диме Иванов-Димано.[21]
  • Во јули 2015 г Стрип центарот на Македонија започна со издавање на „Стрип алманах“ заради ублажување на проблемот на недоволното објавување на стрипови од страна на македонски автори.Ова списание е финансиски поддржано од страна на Министерството за култура. Во првиот број од Алманахот објавени се кратки стрипови од македонските цртачи Ненад Станчев, Горан Мазнев, Бојана Милчевска, Милан Милиќ, Мирко Бојаџиевски, Ѓунај Абдулов, Оливер Цветковски, но присутен е и Саша Арсениќ од Србија, како и македонскиот стрип доајен Миле Топуз, кој ја изготви насловната страница. Сценарист на сите стрипови е Ване Трајков.
  • Со финансиска помош на Министерстсвотѕо за култура во мај 2016 г издаден е вториот број на „СТРИП АЛМАНАХ“ всушност специјално издание на постојаното списание „СТРИП творец“. Во овој број, на сценарија на Ване Трајков, свои стрипови нацртаа: Ненад Станчев, Милан Милиќ, Александар Цакоски, Џошкун Алиевски, Илчо Стојановски, Горан Мазнев, како и ветеранот Миле Топуз. Гости-цртачи од други земји се Ања Тановиќ од Нови Сад и Сабахудин Мурановиќ-Муран од Босна и Херцеговина
  • Стрип Центарот на Македонија со седиште во Велес во април 2014 издаде три нови стрип книги. Едната е стручна книга за стрипот од авторот Ване Трајков и во неа тој ги опишува сите настани од 1963 до седумдесетата година, кога излегува едицијата „Никад робом“ и во која се опфатени и почетоците на македонскиот стрип. Во неа можат да се сретнат разни теми и сценарија од историјата на Македонија. Втората книга е на доајенот на македонскиот стрип, осумдесет и четири годишниот Миле Топуз, во кој го црта периодот од основањерто на Самоиловата држава, нејзиниот подем и падот. Најголемо изненадување за љубителите на стрип уметноста е првата објавена стрип книга на албански јазик од младата авторка од Албанија Герта Операку.Преку ова издадение СЦМ Велес ја шири стрип културата помеѓу албанското говорно подрачје не само во Македонија, тук и околу. Впрочем оваа асоцијација стана суштински ментор и на стрип сцената во сосдните Албанија и Ксоово. Според издавачите за првпат во Македонија се објавува стрип на албански јазик. направени се две верзии на македонски и на албански. Книгата носи наслов „Портопалермо“ и тоа е всушност некое измислено гратче на југот на Албанија и во кое авторката ги опишува авантурите на група млади луѓе .Исто така, во другите две книги се покажува дека стрипот во Македонија не започнува сега, како што постојат некои тези. Напротив тој има, можеби не голема, но реална историја на стрип авторство.
  • Со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, во мај 2016 г се издаде вториот број на ревијата „СТРИП АЛМАНАХ“ всушност специјално издание на постојаното  стрип списание „творец“. И овојпат издавач е Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Се работи за авторски сценаристички проект на Ване Трајков ,според чии сценарија своите стрипови ги цртаа македонските автори: Ненад Станчев, Милан Милиќ, Александар Цакоски, Џошкун Алиевски, Илчо Стојановски, Горан Мазнев, и доајенот Миле Топуз. И во ова издание се застапени автори од странство: Ања Тановиќ  од Нови Сад и Сабахудин Мурановиќ-Муран од Босна и Херцеговина.
Белешки
  1. Во 1942, била организирана изложба од страанаа на Американскиот Институт за Графички уметности насловена Стрипот, неговата историја и значење на која биле претставени пештерски цртежи од пештерата Ласко, откриена 2 години пред тој настан, како извор на стрипот [6].
  1. Каталонскиот филозоф и мисионер Ремон Лил во 14 век направил приказни во последователно поставени слики истакнувајќи ги главно своите авантури во муслиманските земји. Секвенците на сликите се во дијалог ссо помош на филактери (G. Blanchard (1969), p.28). Во каталонската традиција, оките сочинувале серии на слики придружени со текстови во рима кои раскажувале некоја приказна.

Надворешни врски

уреди

Библиографија

уреди
  • Annie Baron-Carvais, La Bande dessinée, PUF, coll. « Que sais-je ? », première édition 1985, cinquième édition revue et augmentée 2007
  • Dominique Dupuis, Au début était le jaune ..., une histoire subjective de la bande dessinée, PLG, Montrouge (2005)G, Montrouge (2005)
  • Will Eisner, La Bande dessinée, art séquentiel, Vertige Graphic, 1997, traduit de Comics and Sequential Art
  • Will Eisner, Le Récit graphique : narration et bande dessinée, Vertige Graphic, 1998, traduit de Graphic Storytelling and Visual Narrative
  • Patrick Gaumer, Larousse de la BD , Larousse, 2004
  • Thierry Groensteen et Benoît Peeters, Töpffer, l’invention de la bande dessinée, Hermann, Paris, coll. « Savoirs sur l'art », 1994
  • Thierry Groensteen, Système de la bande dessinée, PUF, Collection Formes sémiotiques, 1999
  • Thierry Groensteen, Un objet culturel non identifié, Éditions de l'An 2, 2006
  • Scott McCloud (trad. Dominique Petitfaux), L’art invisible, comprendre la bande dessinée, Vertige Graphic, 1999. Understanding Comics, the Invisible Art, Édition originale Harper Collins, 1999.
  • Harry Morgan, Principes des littératures dessinées, Éditions de l'An 2, 2004
  • Morris, « Neuvième art, musée de la bande dessinée » dans le Journal de Spirou, de décembre 1964 à juillet 1967
  • Benoît Peeters, Lire la bande dessinée, Flammarion, Collection Champs Flammarion, 2003

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 F. Lacassin (1971)
  2. 2,0 2,1 D. Dupuis (2005), p.6
  3. 3,0 3,1 A. Baron-Carvais (1985), p.5
  4. Will Eisner, premier ouvrage de la trilogie Comics and Sequential Art, (1997)
  5. S. McCloud (1999), pp.10-11 et 14-19
  6. W. Fuchs et R. Reitberger (1971)
  7. N. Aujoulat, (2004)
  8. S. McCloud (1999), pp.14-15
  9. S. McCloud (1999), pp.10-11
  10. A. Baron-Carvais (1985), p.7
  11. G. Blanchard (1969)
  12. S. McCloud (1999), p.19
  13. T. Groensteen (2005), p.4
  14. M. Alessandrini (1979)
  15. R. Töpffer (1837) préface
  16. R. Töpffer (1845)
  17. Will Eisner (1997)
  18. Will Eisner (1998)
  19. Henri Filippini (1989), p.IX
  20. Томислав Османли, Развој на стрипот во Македонија,седум децении стриповно творештво http://www.rastko.rs/cms/files/books/4c293dcfd205f
  21. „Македонскиот суперхерој Ајвармен сместен во стрип-сликовници“, Дневник, година XIX, број 5688, вторник, 10 февруари 2015, стр. 19.

22.Излезе од печат првиот број на списанието „Стрип алманах“ Плус Инфо од 23 јули 2015 г