Загрозен вид
Загрозен вид е организам кој е во опасност да изумре поради неговата малубројност, или поради заканите што произлегуваат од промената на животната околина и начин на издршка. Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП, IUCN) смета дека дури 40 % од видовите на светот се на некој начин загрозени.
Многу земји имаат закони за заштита и запазување на видовите: забранет лов, ограничувања во стопанските и градежните активности и создавање на природни резервати. Само дел од загрозените видови добиваат заштита во законски рамки, зависно од нивната значајност. Климатските промени исто така играат значајна улога во намалувањето на бројноста и изумирањето на видовите и претставуваат голема грижа за научниците.
Заштитен статус
уредиЗаштитниот статус на видовите е показател за положбата на еден вид и веројатноста тој да изумре. При проценката се земаат предвид повеќе фактори: не само бројот на преостанати единки, туку и севкупниот пораст или намалување на бројноста со текот на времето, успех на размножувањето, познати закани итн.
Вкупно 199 земји во светот имаат потпишано согласност да изработат т.н. „акциони планови“ со цел да ги заштитат загрозените и другите видови под закана.
Црвен список на МСЗП
уредиЦрвениот список на МСЗП има повеќе поединечни категории на видови под закана и тука може да влезат и критично загрозените видови.
Списокот на видови под закана на МСЗП го користи изразот „загрозен вид“ (англ. endangered species, EN) како конкретна категорија на положба, наместо како општ поим. Според аовие категории и критериуми загрозените видови се рангираат помеѓу критично загрозените и ранливите видови. Напати критично загрозените видови влегуваат во „загрозени видови“ како поширока категорија, запазувајќи ги сите критериуми.
За видовите во неповолна положба МСЗП го користи поимот „видови под закана“ (threatened species), каде заедно со гореспоменатите влегува и помалку ризичната категорија ранливи видови.
Еве ги сите категории на МСЗП, зависно од положбата:
- Изумрени (EX)
- Можеби изумрени (PE)
- Изумрени во дивината (EW)
- Можеби изумрени во дивината (PEW)
- Непроценети (NE)
- Без доволно податоци (DD)
- Критично загрозени (CR)
- Загрозени (EN)
- Ранливи (VU)
- Речиси загрозени (NT)
- Најмала загриженост (LC)
Во Република Македонија
уредиВо Република Македонија важат разни законски мерки за запазување на видовите и средината. Тука спаѓаат Законот за заштита на природата,[1] Законот за животната средина[2] и Законот за ловство[3] Покрај ова, Министерството за животна околина и просторно планирање и други органи имаат Акционен план и Национална самооценка на капацитетите, како и национална Црвена книга во изработка.[4]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Закон за заштита на природата на РМ Архивирано на 29 декември 2009 г. (македонски)
- ↑ Закон за животната средина на РМ Архивирано на 4 март 2016 г. (македонски)
- ↑ Закон за ловство на РМ[мртва врска] (македонски)
- ↑ Загрозени видови во РМ - Индикатори, проценки и стратегии[мртва врска] - Министерство за животна околина и просторно планирање (македонски)
Надворешни врски
уреди- Список на загрозени видови[мртва врска] - МСЗП (англиски)
- Втор национален извештај на РМ кон конвенцијата а климатски промени - Сектор „Биодиверзитет“ Архивирано на 26 декември 2011 г. (македонски)