Википедија:Избрана статија/2011/29
Македонска граматика — дел од науката за македонскиот јазик, позната како македонистика, која ги изучува формите и значењата на граматичките елементи во системот. Македонската граматика се занимава со опишување, изучување и класификација на сложениот систем составен од именки, глаголи, придавки, предлози, прилози, заменки, извици, честички, модални зборови и броеви. Паралелно со тоа, оваа јазична дисциплина се дели на неколку големи гранки, во зависност од темата која се изучува, па така има правопис и правоговор, морфологија, синтакса, фонетика и фонологија, лексикологија, лексикографија, стилистика, дијалектологија и ономастика.
Граматиката на македонскиот јазик и неговите говори била изучувана подолг период во минатото. Како прва печатена граматика на македонскиот јазик се јавува „Слогница речовска“, издадена во 1880 година во Софија од македонскиот преродбеник и револуционер Ѓорѓија Пулевски. „Слогница речовска“ е еден од првите обиди за опис на современата македонска граматика, која требало да излезе во неколку делови и била наменета за општо изучување на јазикот. Покрај „Слогница речовска“, важно е да се наведе и првата печатена македонска граматика во слободна Македонија, односно граматиката на Круме Кепески издадена во 1945 година веднаш по стандардизирањето на јазикот. Меѓу овие две граматики се јавуваат и други значајни обиди за печатење на македонската граматика, кои се фокусирале на класификацијата и опишувањето граматика за општото изучување на јазикот. Денес постојат поголем број печатени македонски граматики, печатени на македонски или на некој од светските или европските јазици. (Дознајте повеќе...)