Гризли
Гризли | |
---|---|
Ursus arctos horribilis - Гризли | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Carnivora |
Семејство: | Ursidae |
Род: | Ursus |
Вид: | U. arctos |
Триномен назив | |
Ursus arctos horribilis (George Ord, 1815) | |
со розова боја – распространетост во минатото, со виолетова - денес
|
Гризли (науч. Ursus arctos horriblis) — подвид на кафеавата мечка која живее во западниот дел на Северна Америка.
Физички одлики
уредиМажјаците Гризли достигнуваат висина од 2.44 метри кога се исправени на задните нозе, додека женките се за околу 38% помали[1]. Овој полов диморфизам укажува дека големината е важен фактор за време на сезоната на парење. Мажјаците се со тежина од 180 до 500 килограми (достигнуваат и до 750 кг), женките се со тежина од 90 до 270 килограми[2]. Бојата на крзното варира според регионот во кој живеат, ги среќаваме од жолтеникава до темнокафена или црвена. Секоја година тие го отстрануваат зимското крзно триејќи се од дрвјата. Гризлито има голема грпка над рамениците составена од масивен мускул. Мечката има доволно сила да се исправи на задните нозе, дури и да изоди кратки растојанија што и овозможува подобар видик на околината. Има голема и тркалезна глава. И покрај масивноста на овие мечки, тие можат да трчаат со брзина од 66 километри на час[3].
Гризлито лесно можеме да го разликуваме од останатите подвидови на кафеавата мечка благодарение на пропорционално поголемите канџи и обликот на главата, која потсеќа на белата мечка[4]. Најслични по големина, боја и однесување се со Сибирската кафеава мечка (Ursus arctos collaris) [5].
Живеалиште
уредиГризли во почетокот било присутно во Азија, Африка, Европа и Северна Америка. Ги претпочита планинските региони. Во Канада го среќаваме во Британска Колумбија, Алберта и Јукон. Присутен е на полуостровот Камчатка во Русија. Во САД има 1100-1200 гризли надвор од Алјаска, распоредени во државите Монтана, Ајдахо, Вајоминг и Вашингтон[6]. Од 2007, гризлите веќе не се смета за загрозено животно во националниот парк Јелоустоун (во 1975 популацијата на гризли била проценета помеѓу 136 и 312 иединки, денес има повеќе од 500[6]).
Всушност Алјаска е регионот каде има најголема концентрација на овој вид. Во оваа држава од 1,5 милиони км2 живеат 98% од кафеавите мечки во САД и 70% од вкупниот број на кафеави мечки во Северна Америка[7]. Популацијата е процената на 35 000 – 45 000 единки[8]. Кафеавите мечки се заштитени во националните паркови на Алјаска, на пример во паркот Катмаи ловот е забранет од 1907 година.
Исхрана
уредиКако и останатите сештојади, гризлито се храни со растенија, плодови, корења и мов, но исто така и со риби (лосос и пастрмка), школки, инсекти и мали цицачи. Сепак 90% од нивната исхрана ја претставуваат растенијата[2]. За да ја преживеат зимата овие мечки акумулираат 200кг на масти, пред да се повлечат во нивните дувла кои најчесто се наоѓаат на голема надморска висина.
Псевдо-хибернација
уредиПовлекувањето на мечките гризли во своите дувла најчесто е после првата снежна бура. Во регионите каде што живеат, тоа се случува во октомври. Мечките одбираат заштитени пештери или дупки во кои ќе ја поминат зимата. Пресметано е дека овие животни поминуваат половина од животот во состојба на псевдо-хибернација. Псевдо-хибернација е состојба во која гризлито не е во длабок сон, туку лесно може да се разбуди доколку има некаква опасност.
Размножување
уредиГризлито достигнува полова зрелост на возраст од 4-6 години. Доминантниот мажјак се пари со повеќе женки. Секоја година, женката гризли носи на свет помеѓу 1 и 4 млади кои тежат околу еден килограм. Близнаци се честа појава. Носењето трае во просек 225 дена. Мечињата се раѓаат во јануари или февруари и остануваат со мајката во наредните 3-4 години. Сепак, две третини од мечињата умираат пред да наполнат една година.
Однесување
уредиГризлито не е територијално животно, односно не ја брани ексклузивно неговата територија (териториите на мажјаците се препокриваат). Овие територии можат да бидат и многу мали во некои региони кои се богати со див лосос, претежно во северозападниот дел на Северна Америка. Иако не ја бранат териоторијата тие бранат таканаречен „сопствен простор“ од педесетина метри. Доколку некој човек влезе во овој простор, гризлито или бега или напаѓа. Најголем број од нападите се поврзани со навлегување во овој простор, кога мечката нема доволно време да се оддалечи, односно да избега. Веројатноста мечката да нападне е поголема доколку во близина се наоѓаат младенчиња. Однесувањето на мечките кои живеат во региони каде ги има во голем број е поразлично од однесувањето на мечките кои живеат поосамено.
Конкуренција со други видови
уредиЦрните американски мечки генерално се настрана од териториите на гризлито, но понекогаш се случува да влезат во потрага по храна. Кога црната мечка ќе види гризли, таа или бега или се качува на дрвјата. Овие два вида не се во конкуренција во однос на храна, бидејќи црните мечки имаат повегетаријанска исхрана од гризлито. Судирите помеѓу нив се ретки, но кога се случуваат секогаш гризлито е напаѓачот. Црната мечка се бори само доколку е младо гризли или доколку навистина нема друг избор. Овие борби речиси секогаш завршуваат со смрт на црната мечка.
Во Јелоустоун најчеста е интеракцијата помеѓу сивиот волк и гризли мечките. Откако повторно има сиви волци во овој парк, многу туристи биле сведоци на борба помеѓу овие два вида. Најчесто, конфликтот настапува поради уловен плен, обично тоа е елен убиен од волците. Мечката благодарение на екстремно развиениот мирис, брзо го лоцира пленот. Откако ќе се доближи, еден волк и го одзема вниманието додека другите волци јадат од пленот. Мечката ја употребува својата сила да ги избрка волците, но понекогаш и тие возвраќаат со агресивност и доаѓа до борба. Ретко овие борби се фатални. Со време, изгледа како гризлито да има профит од присуството на сивиот волк, олеснувајќи си го пристапот до храна.
Напади од Гризли
уредиНекои експерти го сметаат гризлито за најагресивната мечка[9]. Спротивно на црните мечки, гризлито е премногу масивно за да може да избегне опасност качувајќи се на дрво, затоа при опасност возвраќа со борба. Зголемената агресивност кај женките е поради заштитата на младенчињата[10]. Мајки кои ги штитат своите млади се најагресивните мечки и се одговорни за 70% од нападите врз човек кои завршиле фатално[11].
правен статус – заштита
уредиСите национални паркови како Баниф, Јелоустоун, Гранд Тетон и Националниот парк Теодор Рузвелт, имаат закони за заштита на мечките. Сепак, овие животни не се сигурни дури ни во парковите. Гризли мечките често гинат во железнички и автомобилски несреќи.
На 22 март 2002 федералната влада на САД, одлучи дека гризли мечките кои се наоѓаат во Јелоустоун не се повеќе загрозен вид. Сепак некои организации за заштита на природата вклучувајќи ја и НРДЦ поднесуваат судски постапки против ова решение.
Мексиканското гризли е изумрен вид[12].
Влијание на човекот
уредиЗа намалувањето на бројот на гризли мечките во Северна Америка виновен е човекот. За време на златната треска во доцните 1840ти, луѓето почнале да поставуваат населби на териториите населени со гризли. Овие мечки најчесто биле убивани поради месото и крзното но и поради тоа што биле сметани за опасност. До 1870 бројот на гризли мечки значително бил намален.
Занимливости
уредиИндијанците го нарекуваат гризлито „брат на луѓето“ бидејќи кога се движи исправен на задните нозе, наликува на движењето на човекот.
Наводи
уреди- ↑ Brown, Gary (1996). Great Bear Almanac. стр. 340. ISBN 1-55821-474-7.
- ↑ 2,0 2,1 Tracey Rich, « Alaska, au royaume du grizzli » , 2005, p.66
- ↑ Tracey Rich, « Alaska, au royaume du grizzli » , 2005, стр. 66
- ↑ Hutchinson's animals of all countries; the living animals of the world in picture and story Vol.I. 1923. стр. 384.
- ↑ Brown Bear Hunting in Russia
- ↑ 6,0 6,1 (англиски) ScienceDaily (уред.). „Yellowstone Grizzlies Removed from Endangered Species List“.
- ↑ Tracey Rich, « Alaska, au royaume du grizzli » , 2005, p.65
- ↑ « Alaska Nature, sur la piste des pionniers », n°330, август 2006, p.50
- ↑ Interspecies conflict. Which animal is the ultimate carnivore?
- ↑ „Why are grizzly bears more aggressive than our black bears?“. Архивирано од изворникот на 2005-03-09. Посетено на 2008-11-03.
- ↑ „How Dangerous are Black Bears“. Архивирано од изворникот на 2002-10-16. Посетено на 2008-11-03.
- ↑ Bear Specialist Group 1996. „Ursus arctos ssp. nelsoni. In: IUCN 2007. 2007 IUCN Red List of Threatened Species“.
Надворешни врски
уреди- (француски) Le grizzli Архивирано на 15 јуни 2008 г., Канадска страна за флората и фауната на земјата
- (англиски) Smithsonian National Museum of Natural History
- (англиски) Обединети нации
- (англиски) Гризли проект Архивирано на 7 ноември 2019 г. Иформации за историјата, биологијата и конзервацијата на гризли мечките во Северна Америка