Џамија Шехзаде (турски: Şehzade Camii) — џамија која се наоѓа во Истанбул, Турција.

Џамија Шехзаде
Selimiye Camii
Основни податоци
МестоИстанбул, Турција
Припадностислам
Осветен1543
Архитектонски опис
Архитект(и)Синан
Архитектонски типџамија
Завршен1548
Особености
Висина на куполата (надв.)37 метри
Пречник на куполата (внат.)19 метри
Минариња2
Материјалигранит мермер

Местоположба

уреди

Џамијата се наоѓа во Шехзадебаши, во реонот на Фатих на третиот рид во градот Истанбул. Џамијата е посветена на синот на Сулејман I, Мехмед кој починал во 1543 година.

Историја

уреди

Џамијата Шехзаде била изградена во времето на Сулејман, во чест на неговиот син Мехмед кој починал од вирусот вариола на својата 21 година по враќањето од воен поход од Унгарија[1]. Самата џамија започнала да се гради во 1543 година и истата била завршена во 1548 година. Мехмед бил најголемиот син на Хурем султан, омилената сопруга на Сулејман. Султанот на Мехмед го гледал како свој наследник и покрај неговиот највозрасен син Шехзаде Мустафа, чија мајка била Махидевран султан. Според некои извори, по смртта на Мехмед, Сулејман лично ја оплакувал смртта на својот син четириесет дена на неговата гробница. Веднаш по смртта, Сулејман му наредил на архитектот Мимар Синан да изгради раскошен комплекс во кој централно место ќе зазима гробот на својот син. Изградбата на оваа џамија се смета за едно од првите поголеми дела на Мимар Синан.

Комплекс

уреди

Комплексот се состои од џамија, турбе на принцот Мехмед (кое било изградено пред џамијата), две медреси, имарет (јавна кујна) и каравансарај. Џамијата и нејзиниот двор се опкружени со ѕид што ги одвојува од останатиот дел од комплексот.

Џамијата има површина од 38X38 метри со централна купола која е изградена на четири големи столбови. Куполата има пречник од 19 метри и длабочина од 53 метри. Централната купола е поддржана од страна на четири полукуполи. Џамијата има две минариња со два балкони. Во средината на комплексот се наоѓа фонтана. Според Евлија Челебија, фонтаната била изградена во времето на Мурат IV.

Турбето на принцот Мехмед е најголемо и има осумаголна структура. Во еден натпис на турбето е запишан денот на смртта на принцот и сугерира дека внатрешноста на гробницата е како рајската градина. Внатрешноста е обликувана со цветни плочки од Изник од подот до врвот на куполата. Во оваа турбе се наоѓаат гробниците и на ќерката на Мехмед, Хумушах и неговиот брат Џихангир. На левата страна од турбето на Мехмед се наоѓа онаа на Рустем-паша, зет на султан Сулејман, како и Ибрахим-паша, зет на Мурат III.

Наводи

уреди
  1. Necipoğlu 2005, стр. 191-192.

Литература

уреди
  • Necipoğlu, Gülru (2005). The Age of Sinan: Architectural Culture in the Ottoman Empire. London: Reaktion Books. ISBN 978-1-86189-253-9.
  • Aptullah Kuran: Sinan: The grand old master of Ottoman architecture, Ada Press Publishers, 1987. ISBN 0-941469-00-X (англиски)
  • Faroqhi, Suraiyah (2005). Subjects of the Sultan: Culture and Daily Life in the Ottoman Empire. I B Tauris. ISBN 1-85043-760-2.
  • Freely, John (2000). Blue Guide Istanbul. W. W. Norton & Company. ISBN 0-393-32014-6.
  • Rogers, J.M. (2007). Sinan: Makers of Islamic Civilization. I B Tauris. ISBN 1-84511-096-X.

Надворешни врски

уреди