Историја на Цариград
Историја на Цариград — периодот од основањето на градот во 330 година како нова престолнина на Римското Царство до заземањето на градот од страна на Османлиите во 1453 година.
Всушност градот бил повторно изграден на местото на античкиот Византион. Огромниот обем на градежните работи, брзиот пораст на населението, развојот на трговијата и занаетчиството, метрополскиот статус на градот и напорите на првите римски цареви во Цариград довеле да градот стане еден од најголемите градови во Европа и на Блискиот Исток. По падот на Рим во V век, Цариград станал главен град во следните десет векови на Источното Римско Царство или подоцна познато како Византија.[белешка 1] Историјата на Цариград во текот на византиската ера е исполнета со бурни политички настани како востанија и интриги во палатата, убиства на царевите помеѓу благородничките династии, големи опсади и кампањи од страна на силните западни и источни соседи. До XIII век градот претставувал најголемиот центар на културата во средновековна Европа, далеку понапред од другите светски метрополи во однос на образованието, активноста на духовниот живот и развојот на материјалната култура.
Една од најкарактеристичните одлики на политичкиот живот на Цариград била постојаната борба за власт помеѓу различните фракции на аристократијата, војската, трговците и свештенството. Елитата на главниот град била многу нестабилна бидејќи пристапот до владејачката елита на Византија бил отворен за државјаните на сите слоеви на општеството. Голем дел од локалните владетели од главниот град не само што не се срамeле од своето провинциско потекло, туку биле и горди што имале можност да се пробијат во врвот на моќта во општеството. Покрај тоа, дури и на царскиот престол во палатата претставувал цел на чести заговори. Во градот особено се чувствувал контрастот помеѓу сиромаштијата на урбаното населениe и богатството на аристократијата, царскиот дворец и свештенството. Градот често бил нарекуван како главен центар на луксузот и сиромаштијата помеѓу Истокот и Западот.
Заземањето на Цариград од Османлиите во мај 1453 го означил конечниот колапс на Византиското Царство и преобразба на Отоманското Царство во една од најмоќните земји во светот. Падот на Цариград предизвикал шок низ христијанска Европа и голема слава на властите од Каиро, Тунис и Гренада. Покрај тоа во следниот период започнало целосно уништување на византиската култура, а Османлиите во Европа биле синоним за суровост кон христијанството.
Константинова династија
уредиВо текот на III век, Римското Царство било опфатено од голема криза. Во тогашни услови, старата престолнина Рим немала услови да опстојува. царот Диоклецијан тоа многу добро го разбрал, и затоа во негово време тој со своето царство раководел од Никомедија во Мала Азија. Неговиот наследник, Константин I Велики бил прв цар кој барал простор за изградба на новата престолнина, која потоа по него ќе биде наречена Константинопол (прев. Константиновград). Според него, таа требало да се изгради на Босфорот, на местото каде се наоѓал древниот град Византион. Местоположбата на градот како крстопат меѓу Азија и Европа и несигурноста на Рим и постојаниот стремеж на аристократите за борба за власт биле едни од причините за пренесување на престолнината и создавање на нов административен центар на огромното царство. Изградбата на новата престолнина започнала во 324 година. Лично Константин бил оној кој го направил планот на градските ѕидини. По наредба на Константин во градот биле однесени познати архитекти, сликари и вајари, најдобрите ѕидари, молери и столари и истите биле ослободени од други државни обврски. Исто така бил донесен и закон за брза изградба на градот, според кој царот им дал можност на сите сопственици на имоти покрај Црното Море да добијат по еден дом и во Цариград.[1][2][3]
Константин го поттикнувал и проектот за преместување на новите жителите на градот од различни провинции на царството, давајќи посебни услови и бенефиции, но голем дел од службениците во градот биле донесени практично со сила. Константин воспоставил правило според кое сите раселени лица кои стекнале недвижен имот во новиот главен град, слободно можеле да го користат житото, маслото, виното и огревното дрво. Оваа т.н. „хранителна награда“ постоела половина век и одиграла голема улога во приливот на нови жители во градот на бројот на занаетчии, морнари и рибари. Во прилог на привлекување на човечки ресурси, Константин се грижел за украсување на градот. За оваа цел, голем број на прекрасни уметнички дела од сите делови на царството како Рим и Атина, Коринт и Делфи, Ефес и Антиохија, биле донесени во градот.[1]
По само шест години, на 11 мај 330 година бил официјално основан градот под името Нов Рим. Главната прослава започнала на 2 април 330 година и траела четириесет дена. Прославата се одржала во Хиподромот и биле претставени спортски и уметнички игри, вклучувајќи и трки со двоколки. Во текот на овие прослави во придружба на Константин Велики и христијанските свештеници и претставниците на старата паганска грчка религија. Според традицијата, Константин бил покрстен на смртна постела од патријархот. Во црквата Света Ирина се одржала свечена литургија, како катедрална црква на Византион. Последниот ден од церемониите на 11 мај, целото население на градот се собрало во Хиподромот, кој бил изграден во времето на Септимиј Север, додека Константин го проширил. По ова, сите тргнале кон новиот форум на Константин, додека во центарот бил поставен неговиот столб со колосална статуа прикажан како Аполон.[1][2][3][4]
Иако христијанството станало доминантна религија, царот не се откажал веднаш од старите традиции и не се мешал во активностите на свештениците. Сепак во своето владеење, многу пагански храмови на антички Византион биле претворени во цркви и јавни објекти. По повод осветувањето на новата престолнина, започнале да се коват монети на кои бил насликан Константин во битка со шлем и копје во рацете. Во чест на светецот-заштитник на градот, Пресвета Богородица, бил подигнат пиедестал со бел мермер во градот. Името Нов Рим не било прифатено бидејќи градот многу бргу започнал да се нарекува градот на Константин. Во овој период биле изградени и нови ѕидини околу градот со вкупно растојание од 2.8 километри. Целата конструкција била завршена во времето на неговиот син, Констанциј II (337 -361). Така, ѕидините започнувале од Златниот Рог, во близина на денешниот мост Ататурк, а завршувале до портите на Свети Аемилианус и Псаматос. Градот на Константин бил од три до четири пати поширок од Византион по неговото повторно градење од Септимиј Север. Населението на новата престолнина може да се пресмета од фактот што Константин доставувал секојдневно слободен леб за 80.000 лица.
Најраниот опис на градот се наоѓа во книгата Нова историја од V век. Според описот, градот бил полн со градби. Како прв од овие градби бил Форумот на Константин на Вториот рид во чиј центар се наоѓала статуа. Форумот бил украсен како со пагански така и со христијански статуи. По ова следувале и Сенатот (имало уште една зграда на Сенатот кај Аја Софија), преториумот (седиште на преторот) и неколку храмови и цркви. Денеска, остатоците од овие градби се закопани околу три метри под нивото на улицата Диван Јолу во Истанбул, додека единствено може да се види столбот.
Главната улица на градот претставувала Месе која поминувала преку форумот на Константин и продолжувала преку плоштадот Августајон (приближно пред Аја Софија) до Големиот дворец односно до портата Чалке. Во близина се наоѓал хиподромот кој имал капацитет за околу 100.000 гледачи. Други градби од тоа време биле бањата Зевксипиј и споменикот Милион.
Во текот на владеењето на Константин во неговата нова престолнина, која како и Рим, имала седум ридови, биле изградени околу 30 палати и храмови, повеќе од четири илјади големи станбени згради на благородништвото, хиподром, циркус и два театри, повеќе од 150 бањи, повеќе од сто пекарници, осум аквадукти, како и илјадници домови од обичните луѓе. Константин големо внимание имал посветено кон изградба на нови пристаништа и брани. Една од првите цркви во градот била црквата Света Ирина, која најверојатно постоела во пред да го основа градот, но по неговото доаѓање истата била проширена или обновена. Црквата посветена на Светите Апостоли била започната во негово време заедно со црквата Света Софија која била завршена во времето на неговиот наследник Констанциј II. По смртта на Константин во Никомедија, неговото тело во златен ковчег било погребано во црквата Свети Апостоли која црква станала место каде биле погребувани и идните цареви и место каде се наоѓале моштите на апостолите Тимотеј, Лука и Андреј.
Денеска столбот на Константин е единствената градба од негово време која постои во Истанбул. Неговите ѕидини биле срушени во времето на Теодосиј, кој изградил нови поголеми ѕидини на градот. Една напуштена џамија, Иса Капи џамија, која била изградена врз византиска црква, се претпоставува дека била дел од една од портите на Цариградските ѕидини.
По неговата смрт во 337 година, процесот на уништување и распаѓање на Римското Царство се зголемил главно поради борбата за негов наследник. Во 335 година тој правел планови да го подели царството меѓу останатите живи синови, Константин, Констанциј и Константа. Во прилог Константин дал мали удели од царството на двајцата си внуци, Далмациј и Ханибал. Сите пет млади цезари биле надвор од градот во време кога Константин починал, но Констанциј брзо се вратил во градот за погребот на својот татко. Тројцата августи се сретнале во почетокот на летото 338 година, за да си го поделат царството, зачувувајќи всушност истите региони во кои владееле како цезари. Констанциј владеел со истокот со центар во Цариград, додека останатите со западните земји. По долготрајната војна, како единствен победник излегол Констанциј II.
Констанциј честопати се мешал во работите на црквата што довело до вековни религиозни борби во царството при што како централни фигури биле царот и цариградскиот патријарх. Во тоа време, катедрална црква во градот била Света Ирина (била нарекувана Стара црква), посветена на Божествениот мир, додека новоизградената Света Софија (била нарекувана Голема црква) била посветена на Божествената премудрост. Верските контроверзии околу аријанството повторно се појавиле во почетокот на управувањето на Констанциј. Самиот Констанциј бил умерен следбеник на аријанската доктрина и по смртта на епископот Александар тој поставил на престолот еден следбеник на Ариј, но православната црква го отфрлила и поставила свој епископ. Тоа довело до битка во која страната на царот ги нападнале оние на патријархот во црквата Света Ирина при што убиле повеќе од 3.000 лица.
Констанциј починал на 3 ноември 361 година за време на една војна против Персијците и како цар, неговото владеење претставувало триумф за аријанството. Негов наследник станал Јулијан како првиот цар роден во новата престолнина. Во текот на неговото владеење биле изградени неколку јавни згради и објекти како новиот сенат, две пристаништа и една библиотека. Сенатот се наоѓал на источниот дел од Августајон, додека двете пристаништа излегувале на Мраморно Море и се наоѓале кај Кумкапи. Библиотеката наводно имала околу 600 000 книги. Јулијан издал декрет според кој се дозволило верски обреди на сите религии, пагански, христијански и еврејски, по што им ги вратил имотите на старите грчки храмови кои биле одземани од страна на Констанциј и ги суспендирал стипендиите кои државата ѝ ги давала на градската црква и на еден начин го вратил паганството во градот и царството заради што подоцна од христијаните бил наречен Отпадник. Тој починал во 363 година во една битка со Персијците, а негов наследник станал Јовијан кој никогаш не пристигнал во престолнината бидејќи се разболел и починал во 364 година.
За време на владеењето на династијата на Константин во градот живееле и работеле лекарот Орибасиј, теолозите и црковните водачи Александар Цариградски, Павле I Цариградски, Евсевиј Никомедиски, Атанасиј Александриски, Евдоксиј Антиохиски, Василиј Велики и Ариј, основач на аријанството.[1][3]
Валенсово-Теодосиева династија
уредиПо смртта на Јовијан на 26 февруари 364 година за нов август бил избран Валентинијан I кој управувал со западните земји, и неговиот помлад брат Валенс за источните земји. И двајцата браќа биле големи христијански верници, но и покрај тоа тие ги толерирале различните религиозни конфликти. Во првите години на владеењето на Валенс се случил државен удар од страна на роднина на Јулијан Отпадник, Прокопиј, кој ја зазел престолнината. Во тоа време Валенс бил на поход против Персија и кога разбрал веднаш се вратил во градот и го погубил узурпаторот. Конфликтите продолжиле кога друг роднина на Јулијан го зазел Халкедон, но и тој бил заробен и погубен. Како одмазда, Валенс наредил погубување на сите кои биле поврзани со конфликтот, како и рушење на ѕидините на Халкедон. Камењата од овие ѕидини биле искористени во изградба на аквадукт во Цариград. Голем дел од овој аквадукт постои денес во Истанбул, меѓу третиот и четвртиот рид. Во денешната населба Бакирќој (тогаш Хебдомон) била изградена резиденција на царот и во овој дел од градот од наследниците на Валенс започнале да се градат форуми, портици, палати, цркви и манастири.
Во 375 година починал Валентинијан I и на негово место застанал неговиот син Грацијан. Во 378 година започнала инвазијата на Готите, а самиот цар во Битката кај Адријанопол бил убиен. По ова Готите се упатиле кон Цариград но не успеале во походот. На негово место бил поставен Теодосиј I, кој за август бил прогласен на 19 јануари 379 година.
Теодосиј бил решен да го искорени ересот и во своето владеење издал вкупно единаесет едикти. Од друга страна, тој бил толерантен кон Евреите и по неколкупати издавал наредби за повторното градење на синагоги, уништени од христијаните. Тој бил апсолутен противник на паганството и издал неколку закони со кои го забранил пренесувањето на жртви во чест на боговите, и дозволил голем број храмови да бидат уништени или да бидат претворени во цркви. Најмногу драстични закони против паганството биле издадени во 391-392 година. Во овој период, сите храмови во целото царство биле затворени за посета, а било забрането дури и приватното поклонение пред паганските богови под заканата од жестоки казни. Во периодот од мај до 9 јуни 381 година бил одржан Вториот вселенски собор во Цариград со цел да се стави крај на аријанскиот спор кој продолжил и по Првиот вселенски собор во Никеја. На продолжување на аријанската контроверза придонело и прогонството на Свети Атанасиј Велики, како и поддршката која аријанците ја добивале од страна на наследниците на Константин Велики - Констанциј II, Констанца и Валенс.
Грацијан бил убиен во 383 година, а истата судбина го снашла и неговиот наследник на западот, Валентинијан II, во 392 година. Теодосиј се упатил кон Милано и како нови наследници ги прогласил своите синови Аркадиј на истокот и Хонориј на западот. Теодосиј ги повикал Хонориј и Аркадиј, кои биле во Цариград, да дојдат во Милано. Еден ден по нивното пристигнување Теодосиј починал, а неговото тело било погребано во црквата Свети Апостоли во Цариград. Во историјата тој е познат како Теодосиј Велики главно поради тоа што бил последниот цар пред Јустинијан, кој владеел со целото Римско Царство.
Во времето на Теодосиј во градот биле обновени ѕидините на градот. Во близина на денешниот плоштад Бајазид бил изграден Форум на Теодосиј, кој бил пронајден при ископувањата во 1958 година. Најзначаен споменик од негово време е Египетскиот обелиск кој бил поставен на хиподромот, а денеска може да се види пред плоштадот Султанахмед, како и Златната порта која подоцна била реновирана и затворена од Османлиите. До крајот на IV век во Цариград живееле повеќе од 100.000 лица. Во текот на овој период, новите жители на градот, бидејќи немало место во внатрешноста на ѕидините започнале своите куќи да ги градат надвор од ѕидините. Во втората половина на IV век, во градот работеле филозофите Темистиј и Синезиј, теолозите Григориј Богослов, Јован Златоуст и Нил Синајски.
По три месеци откако Аркадиј стапил на царскиот престол се оженил со Евдоксија која била ќерка на франкски генерал. Во тоа време Цариградски патријарх бил Јован Златоуст. Во неговите проповеди често можело да се слушне за критика кон царскиот двор. Во 400 година градот бил заземен од генералот Гаин кој имал готска армија. Но жителите бргу го потиснале и тој морал да побегне кон Тракија каде бил убиен. Во овој период голема улога во управувањето на царството имала сопругата на Аркадиј, Елија Евдоксија која влегла во конфликт со Јован Златоуст кој морал да побегне од градот. Кога населението дознало дека нивниот омилен патријарх е осуден, луѓето се кренале на бунт пред вратите на Големата палата и предизвикале пожар, уништувајќи голем дел од црквата Света Софија и дел од сенатот на плоштадот Августајон. Во 404 година починала Евдоксија, а населението на Цариград оваа прерана смрт на Евдоксија ја протолкувале како казна за лошиот однос со Јован Златоуст. Аркадиј починал на 1 мај 408 година и бил погребан со неговата сопруга во црквата на Светите Апостоли. Во негово време бил изграден форумот каде се наоѓал столб. Негов наследник станал седумгодишниот Теодосиј II.
Во првите години од неговото владеење со царството владееле регенти. Во 414 година била изградена втората црква Света Софија, позната како Теодосиева црква. Неговата сестра Пулхерија како регент управувала до 416 година. Таа издала наредба според која не се дозволувал пристап до Големата палата на никој маж, па се зборувало дека за време на нејзиното регентство дворот бил претворен во манастир. Кога Теодосиј наполнил полнолетство тој се оженил со Евдокија која ја родила Лицинија Евдоксија која се омажила за Валентинијан III, царот на Западот.
Во текот на овој период биле завршени новите ѕидини на градот, кои биле повеќе од еден километар оддалечени од старите ѕидини на Константин. Ѕидините го опфаќале просторот од палатата Влахерна до бреговите на Мраморно Море со должина од 6,5 километри. Просторот помеѓу новите ѕидини и старите бил малку населен, па овие површини се користеле за изградба на манастири и резервоари. Прва цистерна која била изградена била цистерна Еција во 421 година на шестиот рид, цистерна на Аспар на петтиот рид и цистерна на Свети Моциј на седмиот рид. На 27 февруари 425 година бил основан Цариградскиот универзитет на грчки и латински јазик. Во 438 година бил издаден „Codex Theodosianus“ кој ги содржел сите закони кои биле издадени од Константин Велики до Теодосиј II. Кодексот влегол во сила како на истокот така и на западот бидејќи врските меѓу двете страни биле многу силни. Самиот Валентијан се оженил со Лицинија Евдоксија. Со издавањето на кодексот настанале и нови религиозни контроверзии кои се однесувале на божествената и човечката природа на Христос. Овој спор се решил на Третиот вселенски собор во Ефес каде било потврдено дека Исус Христос е една Личност со две природи: со божествена природа – од вечноста, од Отецот, и со човечка природа – која ја примил во времето, од Пресвета Богородица. По соборот било осудено учењето на Несториј Цариградски (несторијанство).
Во 447 година градот бил погоден од серија силни земјотреси кои уништиле дел од ѕидините на градот. Населението помислило дека ова претставува крај на светот. Теодосиј починал во 450 година, а на негово место застанал Маркијан. Сестрата на новиот цар, Евдоксија сè уште имала голема улога во управувањето на земјата па дури му станала и сопруга. Во 451 година се одржал Четвртиот вселенски собор во Халкидон (денешен Кадиќој). Соборот бил против патријархот Диоскор Александриски и архимандритот Евтихиј, кои проповедале дека Исус Христос бил единосуштен на Отецот, но во сфаќањето на неговата човечка природа ги проповедале двете природи - божествената и човечката и признавале дека по нивното соединување станала една природа, така што и на Божеството му ги припишувале и страданијата, маките и тагите, односно монофизитската ерес која го загрозила светото предание во црквата. Така, соборот брзо го осудил монофизитството. Догматската дејност ја претставувало изнесувањето на оросот, кој сите учесници биле должни да го потпишат и да ги исповедаат правилните догмите во него. Со тоа соборот ја завршил догматската дејност, и Евтих и монофизитите биле осудени.
Во текот на V век во градот голем развој достигнало занаетчиството, каде биле вработени голем број на робови. Во главниот град, исто така имало и многу приватни, општински или црковни работилници, како и работилници кои припаѓале на аристократите. Овие работилници биле строго регулирани со посебни закони, биле задолжени да плаќаат данок на државата и да служат на неа доколку е потребно. Во градот се произведувало свила и волна ткаенини, скапа облека, кожни производи, керамика, стакло, накит и црковни декорации како и оружје и муниција. Трговците исто така формирале свои корпорации како занаетчиите и нивната активност се следела од државата. Сепак, во градот и царството доминирал царскиот монопол. Голем дел од населението на Цариград биле плебејци (обични селани-земјоделци кои се сметале за доселеници и немале никакви политички права). На овие луѓе често државните власти им давале бенефиции.
Лавова династија
уредиВо 476 година се распаднала Западното Римско Царство. Теодосиј бил наследен од Маркијан во 450 година, кој се оженил со неговата сестра Елија Пулхерија. Маркијан престанал да му плаќа данок на Атила и ги намалил големите даноци наметнати од неговиот претходник. Пулхерија починала во 453 година како последна од Теодосиевата династија, додека Маркијан починал во 457 година. Столбот на Маркијан е единствената градба во денешен Истанбул која сè уште постои од неговото време.
Маркијан бил наследен од еден дакиски офицер по име Лав на 7 февруари 457 година. Тој бил првиот цар кој бил крунисан од цариградскиот патријарх, практика која станала вообичаена. Во третата година од неговото владеење еден млад монах изградил столб на европскиот брег на Босфорот и ја објавил својата намера да го помине остатокот од својот живот таму во покајание и молитви. Од Цариград започнале да се собираат толпи, за да го видат монахот, познат во историјата како Свети Данаил. Набргу потоа Цариград бил уништен од големи пожар, кој започнал на 2 септември 465 година и продолжил цела недела, при што уништил голем дел од градот. Голем дел од жителите на градот се собрале пред столбот на Данаил за да се молат. Друг популарен светец во Цариград за време на владеењето на Лав била Елисавета Чудотворица. Лав починал во 474 година. Единствениот преживеан споменик од управувањето на Лав I во градот е црквата Свети Јован Крстител позната како Студиски манастир, чии урнатини сè уште стојат во стариот дел на Саматија. Овој манастир претставувал еден од најважните манастири во Цариград и во текот на речиси илјада години играл водечката улога во религиозниот и интелектуалниот живот на градот.
Лав II, син на Зенон и Аријадна, бил седумгодишен кога го наследил својот дедо Лав I. Тој бил првиот цар кој бил прогласен на хиподромот, а не во Хебдомон. Девет месеци потоа Лав ненадејно починал и имало сомневања дека бил убиен од неговиот татко. Зенон своето владеење го започнал со склучување мир со вандалскиот крал Гајсерик. Во престолнината започнал заговор за негово симнување од власт од страна на неговата тешта Елија Верина. Зенон починал од епилепсија во 491 година.
Зенон бил наследен од Анастасиј кој се оженил со ќерката на Лав I и сопруга на Зенон, Елија Аријадна. Две години по доаѓањето на престолот во царството упаднале Бугарите кои пустееле по цела Тракија и му се заканувале на Цариград. Поради тоа, Анастасиј наредил изградба на ѕидини (Анастасиеви ѕидини) кои започнувале од Мраморно и завршувале на Црно Море на 65 километри од престолнината. Од друга страна склучил мир со Персија кој траел 20 години.
Во престолнината во 501 година на хиподромот започнале немири на прославата на паганскиот празник помеѓу сините и зелените аристократи во кои бил убиен еден негов вонбрачен син, по што Анастасиј забранил прослава на паганските празници. Во 513 година избило востание од страна на воениот началник Виталијан. Во битката во Босфорот за првпат бил употребен т.н. течен оган кој бил подоцна користен од Византија во војните против Арапите. Анастасиј починал во 518 година на 88 години, како најстар цар во историјата на Византија. Во негово време била изградена палатата во Влахерна.
До крајот на V век населението на главниот град и околните населби достигнало 500.000 луѓе. Според историчарот Зосим градот бил преполн со станбени објекти. Главна улица сè уште била Месе која се протегала од источната до западната страна на градот односно од Златната порта, форумот на Аркадиј, форумот на Теодосиј, форумот на Константин и плоштадот Августајон. Улицата претставувала место за трговија во градот. Во овој период околу Августајон се наоѓале тезги на кој се продавало облека, накит и парфеми. Во други области се тргувало со добиток, месо, риба, житарици, леб, вино, масло, суво овошје, свила, суров шеќер, сапун и восок. Улицата Месе била поплочена со камен. Поголемиот дел од останатите улици во градот имале ширина до пет метри, и околу нив се граделе помали куќи, додека поддалечните улици во предградието не биле поплочувани.
Во овој период една од најважните знаменитости која била изградена била портата Чалке, која служела како главна порта во царската палата. До VI век, трговскиот пат низ Босфорот станал главен извор на снабдување со пари на градот. Преку новите пристаништа градот се снабдувал со темјан, слонова коска и скапоцени камења од Индија, свила и порцелан од Кина, теписи, ткаенини и бисери од Персија, пченка, памук, стакларија и папирус од Египет, крзна, мед, восок, злато и кавијар од Црното Море, робови и од Крим, Балканот и Северна Африка. Исто така бил воспоставен редовен поморскио сообраќај со Антиохија, Александрија, Ефес, Смирна, Родос, Патрас, Теба, Коринт, Солун и некои пристаништа на Италија, Галија, Шпанија и Северна Африка.
Јустинијанова династија
уредиАнастасиј не оставил друг наследник на престолот освен тројцата внуци кои биле отфрлени од армијата и за нов цар го поставиле Јустин I. Поголемиот дел од неговото владеење поминало во мир. Кога седнал на престолот неговото царство се разликувала од онаа која Константин Велики ја имал воспоставено. Западните делови на царството биле освоени од варварите, додека неговата територија се состоела од Балканот и Мала Азија, а доминантен јазик во главниот град бил грчкиот. Иако латинскиот останал службен јазик на дворот сè до средината на VI век, царството сè повеќе станувало грчко и христијанско по природа и сè повеќе се разидувало со класичните традиции на Атина и Рим. Во овој период средновековните историчари за првпат започнале земјата да ја нарекуваат Византија.
Во 527 година Јустин починал и за свој наследник претходно го избрал својот внук Јустинијан I со својата сопруга Теодора. Една од првите цркви кој ги изградил Јустинијан била црквата посветена на Светите Сергеј и Вах. Една од најголемите кризи во градот започнала кога на хиподромот избувнал бунт познат како бунтот Ника на 10 јануари 532 година. По три денови бунтот го опфатил целиот град кога двете партии се здружиле против царот и ја нападнале Големата палата. Бунтот бил задушен, но востанието оставило урнатини на поголемиот дел од царскиот дворец, црквите Света Софија и Света Ирина биле скоро целосно срушени[5]. По крајот на бунтот во 532 година започнала изградба на нова катедрална црква посветена на Света Софија, врз темелите на разрушената Теодосиева црква од бунтот Ника. Црквата била завршена за шест години и на 26 декември 537 година била официјално отворена.
Во истиот период била завршена и црквата Света Ирина, изградена на местото на Старата црква. Сопругата на Јустинијан, Теодора, основала добротворна женска фондација наречена Покајание. Се смета дека Јустинијан основал четириесет цркви во градот и неговите предградија. Единствени кои денеска постојат се црквата Света Софија, Света Ирина и Мала Света Софија. Од исчезнатите највпечатлива била црквата на Светите Апостоли која била во голема мера проширена на местото на црквата од времето на Константин Велики. Друга важна црква била посветена на Свети Полиевкт чии остатоци можат да се видат меѓу третиот и четвртиот рид.
Од другите градби најпознати се огромниот подземен резервоар на Првиот рид, познат како Базилика Цистерна, реновирање на Големиот дворец кој бил уништен од бунтот Ника. Единствениот дел кој денеска сè уште постои од Големата палата е дворецот Букелеон како и мозаикот кој денеска е претворен во Музеј на Мозаикот од Големата палата. Во текот на 542 година, градот го зафатила чума. Според некои историчари од чумата починале 300.000 луѓе или повеќе од половина од населението.
Во следниот период, Јустинијан I започнал походи за освојување на Северна Африка и Италија како и искоренување на сите остатоци од паганството во царството, затворајќи ја Платоновата академија во Атина, последна тврдина на паганската филозофија. По смртта на Теодора во 548 година, Јустинијан се оддалечил од луѓето крај себе и ги занемарил државните и верските работи. Неговиот сон за големо царство се остварил бидејќи царството сега се протегало од персиските граници во Мала Азија на Балканот и Италија, како и до југозападниот брег на Шпанија, по северноафриканскиот брег во Египет, Светата Земја, Сирија и Месопотамија. Сепак, големиот луксуз, големиот број на градби и тешките војни ја довеле државата до банкрот. Во 553 година се одржал Петтиот вселенски собор во Цариград. Соборот ги потврдил осудите на несторијанската и монофизитската ерес, донесени на Третиот и Четвртиот вселенски собор.
Неговото владеење ќе завршело во атмосфера на длабока депресија кога меѓу 553 и 557 година се случиле два големи земјотреси и предизвикале големо оштетување на Света Софија, додека следната 558 година, земјотрес ја срушил главната купола. По ова, Света Софија била обновена и повторно осветена на Бадник во 563 година. Јустинијан починал во 565 година и погребан во црквата Свети Апостоли до својата сопруга Теодора.
Во првата половина на VI век од голема важност за градот биле јавните работилници за производство на ткаенини, работилници за производство на луксузни стоки (особено накит) и оружје, кованица, пекарници кои го користиле египетското жито, бродоградилиште итн. Во градот имало неколку илјадници бесплатни работилници на занаетчиите кои биле ослободени од државните даноци, но наместо тоа, тие одиграле голема улога при изградбата на Света Софија. Улицата Месе суште била најголемата и најпрометната улица во градот, каде се наоѓале голем број на продавници. Кон крајот на владеењето на Јустинијан, државата зафаќала територии како на Балканот, Мала Азија, на островите на Егејското Море, Сирија, Палестина и Египет. На тој начин, земјата имала водечка улога во меѓународните односи на раниот среден век, а Цариград бил голем центар кој го добивал најголемиот дел од собраните даноци. Во текот на овој период започнало населување во градот од страна на Словените и Тракијците, Арапите и Евреите, Ерменците и Коптите, Готите и други варвари. Црквата добила значителни привилегии со гарантирани права на приватна сопственост.
Наследник на Јустинијан станал неговиот внук Јустин II кој владеел од 565 до 578 година. Негова сопруга била Елија Софија, внука на Теодора. Во 568 година лангобардите ја нападнале Италија и скоро ја зазеле целата земја. Набргу потоа биле изгубени и многу градови во Шпанија и Северна Африка. Јустин не успеал да ја одбрани, бидејќи требало да штити северните граници на царството од Аварите. На почеток одбил да им плаќа данок, но наредните борби со нив биле неуспешни. Во 572 година дошло и да војна со Персија, во која Византија ја загубила Сирија. Јустин договорил мир на висока цена, а тоа плаќање на годишен данок. Бидејќи немал деца, Јустин II избрал за негов наследник на престолот генералот Тибериј II, кој управувал од 574 до 582 и бил наследен од Маврикиј Тибериј кој управувал од 582 до 602 година.
Во почетокот на 602 година една царска армија на Дунав направила бунт и го прогласила нејзиниот водач Фока за нов цар. Со помош на партијата на зелените тој влегол во Цариград. Маврикиј побегнал кон Халкедон но бил заробен и погубен, а пред тоа по наредба на Фока бил натеран да гледа како ги убиваат неговите синови. Користејќи смртта на Маврикиј за повод, персискиот владетел Хозрој II нападнал Византија. За да може да се бори со него, Фока заклучил срамен мир со Аварите, задолжувајќи се да им плаќа огромен данок. Оставен без заштита, Балканот бил заземен од словенските племиња. На исток римската војска трпела тешки порази. Персијците ги истерале од Месопотамија, Феникија, Палестина, навлегле и во Мала Азија. Незадовоството против Фока растело бргу, а тој со силен терор се обидувал да ја задржи властта.
Управителот на Картагина, Ираклиј, отворено се побунил против владеењето на Фока и со своите сили во 610 година влегол во престолнината по што го заробил Фока и го погубил, а самиот тој се прогласил за нов цар, основајќи ја Ираклиевата династија.
Ираклиева династија
уредиИраклиј I своето владеење го поминал со речиси постојано војување со против Персијците и Аварите. Кога Персијците стигнале до Халкедон, моштите на Света Ефимија биле пренесени во Цариград во истоимената црква. Во 617 година Аварите започнале напади врз Теодосиевите ѕидини, но истите се покажале доволно силни за да се повлечат. По овој неуспешен обид, Ираклиј размислувал да го напушти Цариград и да го воспостави главниот град во Картагина. Ова предизвикало паника меѓу жителите на Цариград и тие го принудиле патријархот Сергиј да го натера Ираклиј да се заколне дека никогаш нема да се откаже градот. Ираклиј во следниот период започнал две воени походи против Персија, но во 626 година градот бил ставен под опсада на Аварите и мал број на Бугари, Словени, Хуни и Скити, додека на помош дошле персиските сили кои нападнале од страната на Халкедон. Во еден момент Аварите биле пред остварување на својата цел, односно влегување во градот преку Влахерна, но според византиската традиција, пред византиските војници се појавила Пресвета Богородица и ги уништила силите на варварите. Потоа во средината на август пристигнале вестите за голема победа во Месопотамија од Византијците и Персијците и Аварите ја повлекле опсадата и тргнале назад кон нивните родни земји. Набргу потоа Ираклиј наредил да се изградат нови утврдувања на северниот крај на ѕидовите крај Златниот Рог. Овие утврдувања, познати под името „Ираклиеви ѕидини“, биле наменети да го штитат храмот во Влахерна, каде на Аварите им биле потребно уште малку за да навлезат во градот.
Во меѓувреме една нова и далеку забележителна сила се појавила во Арабија која потекнувала од пророкот Мухамед од Мека која во 622 година ја започнал исламската ера. Во 636 година византиските сили доживеале катастрофален пораз кај Јармук во денешен Јордан и во следниот период земјата ги загубила Сирија, Палестина и [Египет]. Ираклиј починал во 641 година и според пишувањето на хроничарот Никифор, пред смртта посакал неговото тело да не биде погребано три дена откако ќе почине, бидејќи се плашел дека може да го снајде судбината на Зенон, кој според гласините бил закопан жив. Двајцата негови синови Ираклиј II и Константин III Ираклиј владееле во 641 година заедно, но во мај Константин починал од туберкулоза додека Константин бил соборен.
Наследник на Константин III станал неговиот внук Константин IV. Неговото управување продолжило со војните против Арапите кои во 641 година упаднале во Мала Азија. Арапската инвазија го принудило на царот во 660 година да го напушти Цариград и да го воспостави главниот град на запад во Сиракуза на Сицилија. Кога го повикал своето семејство да го напупштат Цариград, ова не го дозволиле жителите на градот. Во 668 година царот бил убиен во Сиракуза. Тој бил наследен од неговиот син, Константин IV. На почетокот од неговото владеење започнала првата арапска опсада на Цариград но истата траела многу малку.
Следниот напад започнал во 674 година од страна на Арапите на чело со Муавиак I. Во почетокот, Омајадите се обиделе преку Теодосиевите ѕидини да направат пат и да го освојат градот. Но кога заклучиле дека ѕидините на градот се доста широки и непробивни, муслиманите решиле да го блокираат патот околу Босфорот. Кога дошла зимата, поради ниските температури, тие биле принудени да се повлечат на околу 100 километри од градот. Точно пред да биде градот опседнат, еден сириски христијанин по име Калиник или Калиникос од Хелиопол успеал да изуми односно создаде нов вид на оружје, кое подоцна станало познато како „течен оган“ или „грчки оган“. Ова оружје било искористено во 677 година во Битката кај Сулајем, во која битка Византија успеала да му нанесе голем пораз на Арапскиот Калифат во водите на Мраморно Море и опсадата од 678 година. Оваа победа на Византија придонела да се стопира инвазијата на арапите кон Европа. Поразот може да се согледа во два фактори. Според првиот, се увидело дека градот многу тешко би можело да биде освоен преку воден пат, а според вториот, Арапите биле поразени главно поради студената зима и настанатиот глад во арапската армија.
Во следниот период Константин сакал да се справи со христијанскиот спор околу природата на Исус. Така, од 7 ноември 680 до 16 септември 681 година бил одржан Шестиот вселенски собор во Големата палата. Соборот бил свикан за да се даде одговор на монотелитската ерес, која се појавила во времето на Ираклиј I, а била формулирана од страна на патријархот Сергеј и прифатена од римскиот епископ Хонориј. Константин починал во јули 685 година и бил наследен од неговиот син Јустинијан II.
По две години Јустинијан II Ринотмет презел успешен поход против Словените, чија територија се нарекувала Склавинија. На еден собор, наречен Квинисекстум, царот донел 102 канони. Според каноните, се забранувало празнувањето на паганските празници, учество на животни на некои претстави, забрана на свештениците да присуствуваат на театарски претстави на Хиподромот, забрана за носење на женска облека од мажи и обратно во некоја манифестација, празнување на Дионис во време на гроздобер итн. Кон крајот на 695 година Јустинијан бил соборен и на негово место како цар бил поставен Леонтиј, кој не го убил на Јустинијан, и наместо тоа му го отсекле јазикот и носот. Тогаш, Јустинијан го добил прекарот Риномет или човек со отсечен нос.
Следниот период од историјата на Византија е познат како период на анархија. Леонтиј од престолот бил соборен по три години од страна на адмиралот Тибериј III Апсимар, а Леонтиј бил прогонет. Јустинијан во 704 година побегнал од Крим и побарал азил кај Хазарскиот Хаганат. Хаганот го прифатил и му ја дал својата ќерка, која го прифатила името Теодора, за жена. Потоа Јустинијан се упатил кон дворот на бугарскиот хан Тервел, кој се согласил да му даде војска, за да ја поврати власта. Јустинијан и неговите бугарски сојузници тргнале кон Цариград и во пролетта на 705 година го освоиле градот, а Тибериј заедно со Леонтиј во хиподромот биле погубени. По ова Јустинијан повторно по десет години станал цар. Јустинијан во 711 година бил соборен и убиен во востанието на ерменскиот началник Филипик Вардан заедно со неговиот син. Со тоа завршила ерата на Ираклиевата династија.
Филипик Вардан бил еден од тројцата цареви кои владееле во наредните шест години, заедно со неговите соработници Анастасиј II и Теодосиј III, и сите три биле соборени од власт и испратени во манастир. Теодосиј III бил признаен како цар од страна на главниот командант на армијата во Анадолија, Лав. По победата над арапските сили во Анадолија, Лав го соборил од престолот на Теодосиј и се прогласил за цар, основајќи ја Сириската династија.
Воените настани од VII век ги научиле на жителите на Цариград дека треба да бидат подготвени за чести опсади на градот. Најголема важност за главниот град имала духовната заштита дадена од Пресвета Богородица. За време на каква било надворешна закана, на ѕидините на градот биле изложени иконата на Богородица, знамиња со нејзина слика, мермерни крстови и плакати со испишани молитви. Во овој период во градот живееле и работеле историчарот Теофилакт Симоката, монахот и светец Максим Исповедник.
Сириска династија
уредиЛав III на 25 март 717 година бил прогласен за цар на Византија во црквата Света Софија. Истата година арапските сили по вторпат започнале опсада на Цариград. Арапската војска имала околу 120.000 луѓе и истата била предводена од страна на Маслама, брат на калифот Сулејман ибн Адд ел-Малик, и 2.560 воени бродови. Градот бил од сите страни најпрвин заобиколен, а со тоа и опседнат. царот Лав III Исавријанин побарал помош од повеќе земји во Европа. Калифот Сулејман загинал во борбите во 717 година, а на негово место застанал Умар II кој само ја продолжил опсадата. Византискиот цар се обратил до бугарскиот хан Тервел. Тој испратил војска кон градот и со помош на Византија во битката им нанеле пораз. Тоа го принудило на Маслама да нареди неговите војници да ископаат нов ров главно сасочен против Бугарите и престолнината, но притоа многу згрешил бидејќи самиот тој се ставил во стапица односно опсада. Настапила многу студена зима. Голем број на муслимански војници почеинале од различни болести и глад, а оние кои останале биле принудени според некои современи извори, да ги јадат мртвите коњи, тела и слично. И покрај настанатата состојба, опсадата продолжила и веќе следната година арапите повторно се обидиле да го преземат градот но тие биле тешко поразени и биле принудени да се повлечат. Овој пораз задал силен удар врз калифот Умар II и Омејдскиот калифат. Доколку градот паднал во рацете на калифатот, Византија најверојатно ќе се распаднала, а со тоа би се отворила можност порано да започне муслиманската експанзија низ христијанска Европа која сепак тоа се случило 700 години подоцна, од страна на Османлиското Царство. Во Европа владееле вистински нереди по пропаста на Римското Царство. Голем број на современи историчари, неуспехот на муслиманите го гледаат во прекумерната оддалеченост којшто требало војската да ја помине за да дојде до портите на градот. Помошта од бугарската држава можеби била еден од клучните фактори за победата на Византија во Битката кај Акронион. Голем број на музичари и поети бугарскиот хан Тервел го прогласиле за “спасител на Европа“.
Следниот период во царството започнал најголемиот верски судир во историјата на Византија познат како Византиско иконоборство. Кризата започнала кога во 726 година царот наредил да биде соборена една голема слика од Исус која висела над портата Чалке, како најпрочуената слика во градот. Додека еден од офицерите на царот ја извршувал наредбата, група од жени се собрале за да го попречат тоа, а една од нив била калуѓерка по име Теодосија. Таа го затресила скалилото на кое бил качен офицерот, по што тој паднал и починал, а таа била погубена. По завршувањето на иконоборството, Теодосија била прогласена како маченик и светец и нејзиното тело било погребано во црквата Света Ефтимија или денешната џамија Ѓул.
Освен тоа Лав одлучил да го уништи и култот кој бил поврзан со поклонувањето пред светците. Активностите на Лав довеле до немири како во армијата така и во морнарицата. Тој официјално во 730 година издал едикт според кој го забранил поставувањето на икони во црквите и манастирите на територијата на царството. Наместо да се цртаат светители, црквите почнале да се украсуваат со птици, цвеќиња и овошје. Поради своето одбивање да се покори на царевата одлука, голем број на свештеници биле смртно измачувани и убивани.
Лав починал на 18 јуни 741 година, а на негово место застанал неговиот син Константин V Копроним, кој бил уште покрволочен поборник против иконите. Во 747 година во градот завладеела епидемија од чума и според хронистот Никифор, Цариград станал празен град бидејќи голем број од населението починало. Населението верувало дека чумата се должи на Божјиот гнев предизвикан од иконоборството. Константин бил принуден да го насели повторно градот со доселеници од Грција и егејските острови. Сепак населението на Цариград никогаш веќе во историјата на Византија не достигнало она ниво што го имало во времето на Јустинијан.
Константин V Копроним свикал (иконоборен) собор во 787 година во Цариград, на кој го осудил почитувањето на иконите и ги исклучил од црквата оние кои ги почитувале иконите, вклучително и Свети Јован Дамаскин, еден од најголемите бранители на теологијата на иконите. Константин умрел на 14 септември 775 година за време на војната против Бугарите. Бил наследен од неговиот син Лав, кој ја продолжил политиката на својот татко. Сопруга на Лав IV Хазар станала Ирина, по потекло од Атина. Ирина била убедена приврзаничка на почитувањето на иконите, но го чувала во тајност од нејзиниот сопругодина Во 780 година Лав IV продолжил со прогонувањето на почитувачите на икони и ги конфискувал богатствата на црквите и манастирите. Починал во походот против Бугарите во 780 година. Тој бил наследен од неговиот син Константин VI Слепиот. Новиот цар уште немал наполнети десет години и поради тоа неговата мајка Ирина била одредена за регент. Таа го обновила почитувањето на иконите. Во 787 година во Никеја бил одржан Седмиот вселенски собор на кој присуствувале над 300 епископи. На овој собор, иконоборечките кривоверци според традицијата, јавно се покајале и повторно биле примени во црквата.
Кога Константин VI наполнил години за да управува, неговата мајка продолжила како коцар, но многу бргу наредила да биде ослепен нејзиниот син и заедно со нејзините ќерки биле испратени во манастир. Така Ирина станала самовластен господар на царството. Во 800 година во Рим за цар на западот од страна на папа Лав III бил крунисан Карло Велики. Тој испратил понуда во Цариград со предлог да се ожени со неа со кое ќе се обединат двете царства. Но Ирина била соборена од власт во 802 година и заменета од поранешниот министер за финансии, кој зазел престолот под името Никифор I. Ирина била испратена во прогонство надвор Цариград. Со ова се ставил крај на Сириската династија во управувањето на земјата.
Еснафите во градот се наведени во "Книгата на префектот", зборник со одредби кои се однесуваат на активностите на занаетчиството во Цариград, која била под надзор на префектот на градот. Ова е уште еден богат извор на информации за животот во Цариград во средновековната ера. Така на пример, "Книгата на префектот" забележува дека еснафот на продавачите на месо се делиле на две корпорации - на месарите и на трговци со свинско месо, а освен неа имало и други еснафи на оние кои ги колеле животните, а потоа сами го продавале месото. Членовите на овие три еснафи требало да делуваат на два одредени пазари, "Стратегион" и "Форум Таври". Тие требале да ги одредат цените под надзор на префектот, иако требало да плаќаат надомест, независно од тоа колку продавале. Овие акции биле надгледувани од службеник наречен "ботрос", кој го контролирал исто така и животинскиот пазар на "Форум Амастријанум", каде бил и пазарот на коњи. "Книгата на префектот" забележува дека многумина од продавниците за свеќи се наоѓале во близина на Света Софија. Рибарниците биле распоредени околу сите градски порти, а исто така и на форумот на Теодосиј. Трговците биле во близина на Форумот на Константин каде се тргувало со кожа и многумина од нив биле Евреи, и особено од Венеција. Во тоа време, да бидеш трговец на свинско месо било знак за напредок во општествената хиерархија. Најдобро прифатени општествени еснафи биле трговците со злато и сребро. Многумина од нив поседувале продавници околу "Света Софија", како и производителите на парфеми. Многу еснафи биле отворени за членовите на свештенството, а во житијата од овој период се опишуваат монасите од манастирите кои работеле како дрводелци, кожари, чевлари и кројачи. На свештениците им било забрането да одат во гостилници. во овој период постоеле два вида на гостилници: гостилница каде се продавало вино но немало место за седење, и гостилници каде се пиело виното или друг вид алкохол. Во овие гостилници често имало и проститутки за потребите на клиентите. Честопати гостилниците биле обвинувани дела го помешуваат виното со вода. Овде се случувале и поголемиот број на тепачки меѓу пијаните гости.
Нединастички владетели
уредиНикифор поминал повеќе од девет години од управувањето во војна со Арапите, Словените и Бугарите. Во последниот поход тој и неговиот син Ставракиј претрпиле голем пораз од бугарскиот хан Крум, Никифор бил убиен во битка, неговата глава била отсечена и обвиена во сребро како чаша. Синот на Никифор, Ставракиј и зетот Михаил управувале кратко со царството. Во 813 за нов цар бил прогласен Лав Ерменецот. По само една недела, хан Крум и бугарската војска започнала опсада на Цариград. Помеѓу двата цареви била договорена средба за склучување на мир. Но набргу ханот дознал дека средбата е само една обична заседа па заседанието го напуштил. На враќање, бугарската армија ги опустошила Источна Тракија и го зазел денешниот град Едрене. Тој решил по ова да тргне повторно кон Цариград со околу 30.000 души, но во текот на подготовките ханот починал. Во овој период ѕидините на градот биле обновени кај Влахерна, како најслабо место.
Лав бил иконоборец и по враќањето на мирот во земјата, во 815 година во Света Софија свикал собор нај кој биле повлечени сите одлуки од Седмиот вселенски собор од 787 година и потврдени оние од 754 година. Така, во следниот период повторно започнало затворање на манастирите, многумина кои ги почитувале иконите биле протерувани, мачени и убивани. Најголеми поборници за иконите, овој пат, биле игуменот на Студискиот манастир Теодор Студит, патријархот Никифор и папа Паскал I. Во 820 година Лав V бил убиен од еден од неговите генерали на чело со Михаил II, кој се прогласил за цар и го продолжил иконоборството.
Аморијанска династија
уредиМихаил своето владеење го започнал обидувајќи се да го обнови верскиот мир во царството и вратил многу монаси, принудени да побегнат во прогонство претходно. Михаил умрел на 2 октомври 829 година и бил наследен од неговиот син Теофил. со која имал пет ќерки, пред да се роди нивниот прв син Константин, кој починал како мало дете. Потоа, на 19 јануари 840 година, го родила идниот Михаил III. Теофил поголемиот дел од управувањето го поминал во војни со Арапите и почнал маршеви против нив во 829 и 830 година. Теофил ги обновил ѕидините на градот од страна на Мраморно Море и Златниот Рог. Теофил бил иконоборец, но слично на својот татко, бил разумно толерантен човек. Теодора од друга страна длабоко ги почитувла иконите, иако ги држела скриени од својот сопругодина Теофил изградил неколку градби во внатрешноста на Големата палата, од кој најзабележителна e Магнаура.
Теофил починал на 20 јануари 842 година како последниот цар иконоборец. Тој бил наследен од малолетниот син Михаил III, а за регент била одредена мајката на Михаил, Теодора. На Поместниот Цариградски Собор (842) ги потврдила во сета сила актите на Седмиот вселенски собор. На тогашниот патријарх иконоборец Јован VII Цариградски му бил даден избор да ги прифати иконите или да се пензионира, а на негово место бил поставен Методиј I Цариградски.
Регентството на Теодора траело до март 856 година, кога Михаил III наполнил шеснаесет години, по што тој ја затворил својата мајка во манастир и почнал да управува самостојно со својот вујко Варда. Во негово време бил обновен универзитетот во градот, во градот работеле Лав Математик чие влијание се проширило и на Запад и стигнало до исламот, јазичарот Константин (подоцна Кирил) кој создал словенска азбука кое довело до покрстување на Словените во текот на мисионерската дејност на Св. Кирил и Методиј како и теологот Фотиј I Цариградски кој станал патријарх во 858 година. Во 860 година престолнината била нопседната од страна на Русите. Конечниот исход на овој поход не е целосно јасен и познат. Тоа што е познато е дека Византија била во голема војна со арапскиот калифат, а престолнината Цариград не била подготвена за војна против новиот непријател. Сепак, познато е дека предградието на градот било преземено, пљачкосано, а потоа руската војска се повлекла од градот. Ова повлекување на рускиот хаганат е дебата на голем број на историчари до ден денеска. Според христијанското верување, градот бил ослободен по јавувањето на Пресвета Богородица.
Михаил за свој коцар го поставил Василиј но во септември 867 година Василиј го убил Михаил и го узурпирал престолот. Така бил ставен крај на Аморијанската династија и почеток на Македонската династија.
Од средината на IX век во голема мера се проширила трговијата на Цариград со словенските народи, Јужен Кавказ и земјите од Западна Европа. Занаетчиството продолжило да биде едно од најголемите капацитети на градот. Трговијата се одвивала преку продавање на ткаенини. Суровини и материјали доаѓале од повеќе земји во градот: свила од Дамаск и Багдад, плетени ткаенини - од Тракија, Македонија и Бугарија, лен - од Грузија. Сите активности на трговијата и занаетчиските корпорации биле строго регулирана од властите во Цариград. Постоел посебен оддел кој го надгледувал квалитетот, цените, видовите, формите и боите на производите, како и времето и местото на нивна продажба. Во овој период започнал економскиот и културниот развој на градот што довело до развој во науката, литературата и уметноста (особено архитектурата, сликарството и минијатурството). Отворањето средни училишта, како и правни и филозофски факултети на Универзитетот во Цариград одиграло важна улога во научниот и културниот живот на градот. На универзитетот се изучувало граматика, реторика, дијалектика, аритметика, геометрија, музика и астрономијата,
Македонска династија
уредиМакедонската династија управувала со Византија речиси два века. Продолжувањето на Македонската династија била поставена под закана во времето на Лав VI Мудриот, кој се искачил на престолот во 886 година по смртта на својот татко Василиј. Василиј ги укинал сите сите реформи на иконоборците и ги реставрирал законите на Јустинијан. Овој акт довел до заживување на монаштвото и бирократскиот систем на државата. Во текот на неговото владеење биле реновирани голем број на цркви во градот, вклучувајќи ги и оние кои пострадале од земјотресот од 869 година. Во 880 година, во близина на Големиот дворец бил изградена црквата Неа Еклезија.
Во првите три брака, никоја од неговите сопруги не му родила син. Бидејќи четвртиот брак е забранет од Православната Црква, Лав требало да се задоволи со својата љубовница, Зоја Карбонопсина која го родила идниот Константин VII, додека патријархот Никола се согласил да го крсти детето под услов Зоја да ја напушти престолнината, но по крштевањето Зоја се вратила. Така започнала историјата, наречена Тетраграма или Четврти брак кој бил признат за валиден, а најмалиот Константин бил легализираа како Порфирогенит. По смртта на Лав, на престолот се качил неговиот брат Александар кој владеел само тринаесет месеци. Неговото кратко владеење било несреќа за царството и започнало откако тој ги пречекал бугарските пратеници сосема пијан, со навреди и го принудил цар Симеон I веднаш да почне да се подготвува за војна. Починал на 4 јануари 913 година. Во следниот период како регент на младиот Константин VII владеела неговата мајка Зоја до 919 година. Војводата Роман Лакапин ја омажил својата ќерка со Константин истата година, а следната 920 година Роман станал соцар.
Во 941 година започнала руско-византиската војна од страна на Киевска Русија како обид за зазмање на Цариград. Походот се случил во времето на Игор I Киевски и бил поддржан од страна на Хазарите, главно поради прогонот на Евреите од страна на византискиот цар Роман I Лакапин. Во текот на мај 941 година, на северниот брег од Мала Азија пристигнала руската армија. Претходно, Киевска Русија била добро информирана за учеството на византиската флота во војната против арапскиот калифат во Средоземјето, а додека најголемиот дел од царската армија била стационирана на источниот брег каде Руската армија доживеала пораз, главно поради оружјето течен оган. Голем број на Руси биле заробени или убиени. На тој начин, Византија успеала да го отфрли нападот на Киевска Рус, но не и да го сперечи грабежот на паганите во градот Цариград. Во септември истата година, двајца водечки генерали на Византија, Џон Коркуас и Бардас Фокас се упатиле кон главниот град. Веднаш по ова, руските сили се насочиле кон Тракија, каде биле поразени од страна на водачот Тефанис. Скоро сите руски флоти биле уништени или заробени, а само неколку успеале да побегнат кон Крим. Царот Игор I Киевски исто така успеал да побегне но бил убиен во борбта со Арапите.
Роман сакал да воспостави своја династија но бил соборен од власт и испратен заедно со неговите синови на островите во Егејско Море каде починал. Така во 945 година Константин станал самовластен цар и владеел до својата смрт на 19 ноември 959 година. Неговите вооружени сили имале неколку забележителни победи над Арапите, под водство на двајца брилијантни војводи - Никифор Фока и Јован Цимиски. Константин посветувал голем дел од своето време на науката и напишал неколку трудви кои се рангираат меѓу најзначајните извори за историјата на средновековна Византија.
Константин бил наследен од неговиот син Роман кој се оженил со Теофана и нивните два синови, Василиј и Константин, биле крунисени за соцареви како мали деца. Во текот на неговото владеење Никифор Фока, како командант на вооружените сили, имал успех против Арапите на Крит и Сицилија. Пред трагичната смрт на Роман, Теофана ја родила Ана, а за наследник на Роман бил прогласен Никифор II Фока во 963 година додека синовите на Роман, Василиј и Константин продолжиле да управуваат како соцареви бидејќи Никифор се оженил за Теофана. Наскоро Теофил станала љубовница на војводата Јован Цимискиј, братучед на Никифор. Тој и Теофил почнале да прават заговор, за да го отстранат Никифор, и во текот на ноќта на 10 наспроти 11 декември 969 година Јован и неговите приврзаници го убиле царот, додека спиел во палатата "Буколеон", по што утврдиле контрола врз градот.
Во 969 година војводата Јован Цимиски, кој бил љубовник на Теофана, го убил на Никифор и се прогласил за цар. Теофана очекувала дека Јован ќе се ожени за неа, но тоа не го дозволил патријархот по што Теофана била испратена во манастир, додека Јован се оженил за сестрата на Роман II, Теодора. Следните години Јован имал неколку успешни походи но се разболел и починал во 976 година. Така, престолот преминал кај Василиј, најстариот син на Роман II. Василиј II е еден од малкуте цареви кои никогаш не се оженил. Во 986 година започнал поход против силите на цар Самуил кои траеле 25 години. Во 1014 година Василиј успеал да го порази на Самуил, наредувајќи да се ослепат 15 000 заробеници, а самиот Самуил успеал да побегне, но подоцна починал кога ги видел своите ослепени војници. Василиј починал во 1025 година и бил наследен од својот брат Константин VIII, кој бил шеесет и петгодишен кога се искачил на престолот. Иако бил соцар во текот на половина век, тој всушност не играл никаква улога во управувањето на царството и својот живот го посветил исклучиво на задоволствата. За да се продолжи царската линија, Константин својата ќерка Зоја ја омажил за далечниот роднина Роман Аргир, и по смртта на Константин во 1028 година, Роман III Аргир застанал на неговото место.
Роман наскоро изгубил интерес за Зоја и си ја зел љубовница. Тогаш и самата Зоја си нашла љубовник, идниот Михаил IV Пафлагонецот, а самиот Роман бил отровен од неговата сопруга. Наследник на Михаил IV станал посвоениот син на Зоја, Михаил V Калафат, кој бил син на Марија - сестрата на цар Михаил IV. Во 1042 година Зоја била детонирана од престолот и испратена во манастир. Кога жителите на градот разбрале, започнале немири во кој биле убиени 3,000 бунтовници но Михаил бил заробен и испратен на заточение каде починал. Така на 21 април 1042 година, Зоја повторно се искачила на престолот заедно со помладата сестра Теодора, која пред петнаесет години била принудена од Константин VIII да замине во манастир. Во тоа време Зоја била речиси шеесет и четиригодишна, а Теодора - година или две по-млада. Заедничкото управување на Зоја и Теодора траело помалку од три месеци. Во тоа време било договорено дека за управувањето на царството е потребен енергичен човек. Теодора категорично одбила да се омажи, но Зоја започнала да бараа соодветен кандидат. Конечно изборот паднал врз Константин IX Мономах. Зоја починала во 1050 година.
Во текот на овој период во Цариград се населилe голем број на Ерменци, кои бегале од инвазијата на Селџуците во Мала Азија. Во градот исто така имало и голема еврејска заедница кои живееле во областа Пера. Главни занимања на локалнате Евреи биле трговијата, производството на свила ткаенини и обоени текстилни производи. Граѓанските права на евреите биле ограничени, главно поради нивната вероисповед. Во текот на овој период во градот работеле и живееле историчарот Јосиф Генезиј, Лав Ѓакон, филозофот Никита Пафлагон. Во 1054 година во престолнината помеѓу папа Лав IX и патријархот Михаил I Керулариј настанал голем спор кое довело до разделување на црквата на Православна и Католичка. Во Цариград, патриjархот Михаил се сомневал дека доколку царот Константин IX стане зависен од воениот сојуз со западот, тогаш црквата во Цариград ќе треба да се соочува со Рим. За да не дојде до тоа, тој започнува да ги нагрубува католичките прелати. Католичките обреди се наречени недостојни, а католичките цркви во Цариград се затворени. Во Рим, папата Лав IX многу остро го осудл овој чин и затоа во Цариград го испратил кардиналот Хумберт, кој кога пристигнал таму, ја пренел пораката од папата, а најмногу се спротивставувал за нерешеното прашање околу Светиот Дух. По тримесечно очекување на дијалог со патријархот, Хумберт издал була (папски документ) за протерување на Михаил од црквата. Но во тоа време папата само што починал, и самата була се покажала дека е невалидна. И покрај поддршката што пратеникот од Рим ја имал од царот, Михаил останал патријарх поради масовната поддршка на верниците.
Константин починал во 1055 година, додека власта преминала во рацете на Теодора, која имала 75 години и нејзиното управување траело 18 месеци, а нејзин наследник станал Михаил VI Вринга. Теодора била последната која владеела од Македонската династија. Во текот на овој период, границите се протегале од Јадранско Море до Персија, од Дунав до егејските острови додека гланиот град се претворил во центар на класичната култура во светот.
Комнинска династија
уредиУправувањето на Михаил VI траело помалку од една година. Во пролетта на 1057 година Генералштабот на армијата одлучил дека треба да биде соборен од престолот и да биде заменет со некој претставник на војската. Командантот Исак I Комнин бил очигледен избор и војниците во Мала Азија го прогласиле за цар на 8 јуни 1057 година. Кога веста стигнала до главниот град, Сенатот го принудил Михаил VI Вринга да абдицира, по што тој побегнал во Света Софија, за да побараат азил. Тогаш му овозможиле да се повлече во манастир, каде што набргу починал. Исак Комнин влегол во Цариград на чело на армијата на 1 септември 1057 година започнувајќи големи реформи во земјата и неколку походи. Владеел две години кога во 1059 година се разболел и починал. Пред да почине го отворил прашањето околу неговиот наследник, кој сакал да биде нејговиот син, но градската аристократија овој предлог го одбила и за нов цар го поставиле Константин X Дука, додека неговиот брат Јован се повлекол во самотија заедно со своето семејство.
Династија Дука
уредиКонстантин X се покажал како апсолутно неефикасен владетел. Во негово време корупцијата во градот се зголемила, воените сили биле запоставени во време кога царството се соочувало со голема опасност од страна на нови и моќни непријатели. Норманите ја зазеле јужна Италија, а Селџуците навлегле длабоко во Мала Азија. Годината 1066 година била обележана со појавата на еден огнен небесен феномен, денес определен како Халеева Комета, за кој во Цариград верувале дека е предзнак за претстојната несреќата. Константин починал во 1067 година, а бил наследен од неговиот малолетен син Михаил VII Дука. Така неговата сопруга Евдокија го наследила престолот, но се омажила со Роман IV Диоген, член на византиската војска и аристократија по што тој бил прогласен за цар. За време на неговото владеење тој бил решен да го запре опаѓањето на моќта на византиската војска и да ги спречи нападите на Турците Селџуци. Но, во 1071 година тој бил заробен, а неговата војска била поразена во Битката кај Манцикерт. По неговото заробување тој бил симнат од престолот со државен удар. Кога набргу бил ослободен бил притворен од страна на членовите на семејството Дука. Во 1072 година тој беше ослепен и пратен во манастир, каде што починал од здобиените рани, додека царицата Евдокија била прогонета заедно со снаата на покојниот Исак, Ана Даласина. За нов цар бил повторно прогласен Михаил VII.
Михаил се оженил со грузиската принцеза Марија која го родила Константин. Михаил бил детониран во 1078 година од страна на војсководачот Никифор III Вотанијат и испратен во манастир заедно со неговата сопруга и син. Никифор имал околу осумдесет години кога станал цар. Бидејќи бил без деца, тој се оженил со Марија, жената на Михаил, но Никифор одбил да го признае нејзиниот син Константин за свој наследник и Марија започнала да прави план за соборување од престолот со Алексиј I Комнин.
Алексеј бил син на Ана Даласина и Јован Комнин, кој пак бил брат на царот Исак I Комнин (1057-1059). Алексеј во 1078 година се оженил за Марија Дукина и на тој начин помеѓу семејствата Комин и Дука бил направен силен сојуз. Така, во 1081 година неговите сили влегле во градот и го принудиле на Никифор да абдицира, а со тоа Алексеј станал нов цар, враќајќи ја пиовторно династијата на Комнините.
Династија Комнини
уредиОд бракот со Ирина Дукина се четири родиле синови и пет ќерки, а првородена била Ана Комнина, која дала опид на историјата на управувањето на својот татко во својата Алексијадата. Ова дело ја прави една од првите жени историчари во западниот свет. Нивниот прв син бил идниот Јован II, кој се родил во 1088 година и по четири години бил крунисан како соцар. Во текот на владеењето на Алексеј започнал прогон на Богомилите. Долгото владеење на Алексеј I од скоро триесет и седум години било исполнето со војни. На самиот почеток, тој морал да одговори на големиот напад на Норманите кој ги освоиле Драч и Крф, но и го опседнале градот Лариса во Тесалија. Алексеј војувал и со Селџуците кои ја имале преземено контролата врз поголемиот дел од Мала Азија.
Уште во 1090, Алексеј побарал помош од папата во борбата против Селџуците. Во 1095 неговите амбасадори се појавиле пред папа Урбан II за време на Советот на Пјаченца. Помош која тој ја барал од Западот, биле во платеници, а не огромните силите кои пристигнале. Откако папата ја проповедал Првата крстоносна војна на Соборот во Клермон подоцна истата година, царот забележал дека не е сосема подготвен за снабдување на овој број на луѓе. Како што крстоносците поминувале низ неговите територии, царот видел дека неговите балкански имоти се разграбуваат од рацете на своите сојузници. Алексеј се справил со првата неорганизирана група на крстоносци, предводени од страна на проповедник Пјер Отшелника, со нивно испраќање во Мала Азија, каде што тие биле масакрирани од страна на Турците во 1096 година. Втората и многу поопасна група на Крстоносци постепено се приближувала кон Цариград. Оваа група била предводена од Годфрид Бујонски. Алексеј ја искористил можноста за средба со водачите на крстоносеците. Тој од нив успеал да издејствува заклетва за почит и ветување дека освоените територии ќе и припаднат на Византија. При пренесувањето на секој контингент во Азија, Алексеј ветил дека ќе ги снабдува со единиците во замена за нивната лојалност. Крстоносната војна претставувала голем успех за Византија, затоа што Алексеј повторно контролирал голем број на важни градови и острови. Опсада на Никеја од страна на крстоносците довела до тоа градот да му се предаде на царот во 1097 година. Византиска власт била возобновена и во Хиос, Родос, Смирна, Ефес, Сардис, како и во Филаделфија во 1097-1099. Алексеј починал во 1118 година.
Алексеј своето седиште го преместил од Големата палата изградена во времето на Константин Велики во палатата Влахерна, изградена во северозападниот дел на градот во близина на Златниот Рог Во 1087 година под покровителство на неговата мајка Ана Даласена била изградена црквата на Христос Пантепопта (денес џамија Ески Имарет), а во истиот период била обновена и црквата посветена на Света Текла (денес Атик Мустафа Пашина џамија).
Алексеј го наследил неговиот син Јован II кој војувал со Венеција, Унгарија, Србија и Антиохија. Во негово време бил изграден манастирот Свети Седржител снована од страна на неговата сопруга Ирина. Јован бил наследен од Мануил I Комнин во 1143 година. Од бракот со својата сопруга Марија, е роден идниот Алексиј II Комнин. Во првите три години од владеењето Мануил биле заменети дел од Теодосиевите ѕидини. Војувал успешно против Латините. Во следниот период започнала подготовка за нова втора по ред крстоносна војна. Еден контингент крстоносци тргнал од Германија под водство на кралот Конрад, а втор - од Франција, предводен од Луј VII, како двајцата планирале да поминат крај Цариград на пат кон Светата Земја. Мануил немал проблеми со Французите и го поканил кралот Луј на гозба во Влахерна.
Мануил мечтаел да го врати царството таква каква што била во деновите на Јустинијан, и тоа го вовело во серија воени походи и преговори, со кои се занимавал во поголемиот дел од долгото владеење. Тој се борел со Норманите, Венецијанците, Србите и Унгарците на запад, а на исток војувал против Селџуците и Ерменците. Конфликтот на царството со Венеција започнал во 1171 година, кога Мануил ги протерал венецијанските трговци од градот, кои живееле во Пера. Во следниот период биле раскинати сите односи со Венеција, додека земјите од Западна Европа започнале да формираат сојуз против Византија. Хуго Етериано, по потекло од Пиза, напишал дека Латините (Италијанци, Французи, Нормани и Шпанци) кои оделе по улиците на престолнината биле предмет на омраза и презир. И покрај големата антипатија, Мануил го почитувал западот и се восхитувал од доблеста на западните рицари кои биле повикувани на турнирите во хиподромот. Исто така тој давал големи прединства на Латините пред Грците во дворот кое дополнително го иритирало на населението а самите Грци започнале своите корени да ги бараат во Древна Елада и тие започнале гордо да се нарекуваат Елини.
Последните напори што Мануил ги презел во однос на Западот, било да ја подготви свршувачката на својот син Алексиј со француската принцеза Агнес, ќерка на Луј VII. Малата принцеза, која била едвај осум години, кога го напуштила Франција, го прифатила името Ана при венчавањето со Алексиј во Света Софија на 2 март 1180 година. Мануил починал на 24 септември 1180. Крај неговата гробница била поставена една од најсветите мошти, донесени од Ерусалим, откако градот бил освоен за време на Првата крстоносна војна - плоча врз која според преданието бил положен Христос по симнувањето од крстот и врз која уште можеле да се видат траги од солзите на Марија.
Мануил бил наследен од неговиот син Алексиј. Бидејќи во тоа време тој бил само дванаесет, неговата мајка Марија Антиохиска станала регент. Марија на Латините им ги доделила сите престижни позиции во градот, која ја направила непопуларна меѓу населението. Поради тоа, аристократијата својата поддршка ја пренасочила кон Андроник I Комнин, внук на Јован II кој имал околу 65 години. Во 1182 година со својата армија заминал кон престолнината каде самата Марија била уапсена и осудена за предавство, голем дел од Латините биле убиени, а самиот Андроник бил прогласен за соцар на Алексеј II, кој следната 1183 бил убиен, а неговата сопруга била омажена за Андроник Комнин. Андроник управувањето го започнал со голем терор и убиства на сите свои противници кои претставувале закана за неговиот престол. Во исто време царството подлегнало под нападите на Селџуците, Унгарците и Норманите, кои влегле во Грција. Норманите го зазеле Солун во пролетта 1185 година и започнале да се придвижуваат кон Цариград. Населението во паника започнало да го напаѓа царот бидејќи не презел никакви мерки, но тој одговорил повторно со апсења и убиства. Меѓу овие бил и еден далечен роднина на Комнин на име Исак Ангел, кој успеал да избега од чуварите и да побара азил во Света Софија, каде го повикал населението да го подржи. Жителите на градот одговориле на неговиот повик и на 12 септември 1185 година тој се искачил на престолот како Исак II Ангел. Андроник бил заробен, потоа однесен на хиподромот каде бил измачуван и жестоко убиен. Неговата смрт го означил и крајот на династијата на Комнините која со земјата управувала повеќе од еден век. Дел од нивните наследници основале своја династија која владееела со Трапезундското Царство.
Династија на Ангелите
уредиКога Исак II Ангел се искачил на престолот, Норманите биле пред портите на престолнината, но тој ги принудил да се повлечат во Италија. Исак имал две ќерки и еден син, идниот Алексеј IV Ангел. Во 1197 година неговата ќерка Ирина се венчал за Филип Швабски, брат на германскиот цар Хенрик IV, додека Исак се оженил за унгарската принцеза Марија. Две години откако се искачил на престолот, Исак требало да се справи со почетокот на Третиот крстоносен поход. Германците под водството на Фридрих I Барбароса поминале покрај градот без никакви инциденти, додека другите крстоносци отпатувале по море кон јужниот брег на Мала Азија. Исак во 1195 година бил соборен од престолот од неговиот брат Алексеј и затворен заедно со неговиот син Алексеј.
Алексеј III започнал воен поход против Власите во 1202 година заедно со синот на неговиот брат, идниот Алексеј IV Ангел кој го ослободил од затвор. Но Алексеј успеал да побегне кај својата сестра Ирина кај Филип Швабски од кој побарал помош против неговиот чичко. Во 1199 година папата повикал на Трета крстоносна војна, а кон повикот се приклучиле Французите на чело со Болдвин Фландирски и Венецијаните на чело со дуждот Енрико Дандоло заедно со неговата флота. Во Венеција пристигнале француски пратеници за да се договорат за отстапување на венецијанската флота во походот. Венеција прифатила, но под услов да има ист дел од освојувањето при походот. На посебен состанок, како главен водач на походот бил избран Бонифациј Монфератски. Но самите крстоносци не го собрале доволниот број на војници и не биле во можност да го платат долгот на Венеција, па дуждот Дандоло склучил нов договор според кој Венеција требало да го добие градот Задар во Далмација за да го одложи плаќањето на долгот.
По заззмањето на Задар, во градот пристигнале пратеници на Алексеј кој ветил дека ако експедицијата го качи на престолот повторно неговиот татко Исак, тој ќе се согласи да се склучи унија меѓу Грчката и Римската црква на чело со папата. Исто така, тој бил подготвен да ја плати целата експедиција на Латините, по што дуждот Дандоло се согласил да ја насочи експедицијата кон Цариград. Најпосле на 24 јуни 1203 година витезите пристигнале во Халкедон. За да можат крстоносците со сила да го преземат Цариград, најпрвин тие морале да го поминат Босфорот. Со околу 200 бродови, коњаници и транспортни возила крстоносците своите позиции ги приближиле кон своите цели, каде пак византискиот цар Алексеј III Ангел веќе ги имал распоредено своите сили по должината на брегот, северно од денешната населба Галата. По нападот на крстоносците, Византијците побегнале кон југ, а кулата Галата била заземена од крстоносците оневозможувајќи го преминот кон Златниот Рог. Додека крстоносците се сконцентрирале главно околу кулата, со контра напад Византија успеала да им нанесе загуби. Но кога дошла поголема крстоносна војска, кулата била преземена. По заземањето на кулата, преку Златниот Рог започнале да навлегуваат венецијанските бродови во градот. На 11 јули, крстоносците своите позиции ги насочиле наспроти ѕидините на Влахерна, во северозападниот дел на градот. Опсадата на градот ја започнале на 17 јули пред ѕидините на градот, додека пак венецијанската флота ги нападнала позициите на Византија преку Златниот Рог Алексеј III Ангел конечно тргнал во офанзива која била предводена преку портата Свети Роман. Неговата армија, која броела околу 8.500 војници се соочила со крстоносната која имала околу 3.500 борци, но сепак нападот не успеал и неговата војска се повлекла во градот. Во текот на оваа битка биле опожарени околу 120 хектари земја откако крстоносците започнале да фрлаат факли во внатрешноста на ѕидините, а претходно биле заземени 25 кули од ѕидините на градот. Во градот настанал голем пустош и пожар каде околу 20.000 луѓе останале без своите домови. царот Алексеј III знаел дека градот нема да може да го одбрани, па така успеал да побегне со голема количина на злато, некои скапоценети камења заедно со својата круна. Истата ноќ од затвор бил ослободен ослепениот Исак II кој ветил дека ќе ги сиполни дадените ветувања на неговиот син, по што на Латините им биле отворени портите на градот. Така, за нов цар бил избран Алексеј IV Ангел на 1 август 1203 година.
Алексиј наскоро станал непопуларен меѓу жителите на Цариград, бидејќи го поминувал целото време во празнување со Латините. Во исто време крстоносците станувале сè повеќе нестрпливи, бидејќи тој не бил во состојба да го исполни ветувањата што им дал, и започнале со грабежи на златни и сребрени садови од црквите во градот. На 19 мај избувнал бунт во населението во латинскиот дел на градот. Аристократијата на Цариград, исто така не ги одобрувала активностите на Алексиј, така како незадоволни биле и населението на градот и Латините. Водач на опозицијата бил Алексеј Дука, кој бил праправнук на Алексиј I Комнин. На крајот на јануари 1204 година жителите на градот масовно се собрале во Света Софија и побарале детронизација на царот. Тогаш Алексеј Дука отишол кај Алексеј IV и му рекол дека дошол да му помогне да избега од толпата која сакала да го убие. Така Алексеј успеал да побегне од палатата Влахерна и бил затворен надвор од градот, измамен и погубен. На 5 февруари 1204 година Дука се искачил на престолот под името Алексиј V. Исак умрел од природна смрт речиси во исто време.
Откако веќе целосно ја контролирал ситуацијата, новиот цар Алексеј V Дука преку свои пратеници наредил на крстоносците да се повлечат од територијата во рок од една недела. Ова не било испочитувано од Латините, по што на 9 април 1204 година започнал нов напад врз ѕидините на градот кај палатата Влахерна. Овој напад бил неуспешен поради јужниот ветер кој им попречил на крстоносните флоти. По три дена витезите повторно нападнале и успеале да влезат во градот. Тие навлегле преку морските ѕидини кое им овозможило на коњаниците да слезат од венецијанските бродови и да влезат во градот.
Алексеј Дука ноќта ја поминал обидувајќи се да собере приврзаници, но тие или биле побегнати или биле засолнети во своите домови. по ова тој побегнал од градот и заминал во Тракија каде бил заробен од ЛАтините и одведен во престолнината. Таму бил осуден за предавство на Алексеј IV и фрлен од столбот на Теодосиј, бидејќи имало предание според кое последниот византиски цар ќе умре на овој начин. Поосвојувањето на градот од страна на крстоносците започнале големи грабежи, а биле убиени околу 2 000 луѓе. Така, Византија престанала да постои.
Латинско Царство
уредиВечерта на 9 мај 1204 година Латините се собрале на состанок за да одлучат за новиот цар, и за прв цар на новооснованото Латинско Царство со престолнина во Цариград бил прогласен Болдвин Фландерски, а следниот ден во црквата Света Софија бил официјално крунисан по што заминал во палатата Влахерна. Византија била поделена според договор на три дела: една четвртина за латинскиот цар и по три осумнаесетинки за Венецијанците и другите крстоносци, а самиот Цариград исто така бил поделен. Венецијаните владееле со северниот дел на градот во Галата. Дуждот Дандоло владеел кратко со своите новоосвоени земји, бидејќи починал во мај 1205 година и бил погребан во Света Софија, каде неговото име сè уште може да се прочита на неговиот саркофаг на подот од јужната галерија.
За време на латинскиот период, катедралата Света Софија и голем број други цркви во Цариград биле претворени во римокатолички односно по западен обред. За првпатријарх бил избран Томасо Морозини. По налог на папа Инокентиј III биле поставени духовни католички водачи, иако дел од црквите ги задржиле православните свештеници. Црквата Света Софија била под венецијанска власт заедно со црквата Свети Апостоли, Богородица на Влахерна итн. За Болдвин останале околу 30 цркви.
царот Болдвин владеел кратко бидејќи на 14 април 1205 година бил поразен во Тракија од бугарскиот цар Калојан и починал во заробеништво. Братот на Болдвин, Хенри Фландирски бил крунисан во Света Софија од страна на новиот латински Цариградски патријарх, венецијанецот Томазо Морозини. Поголемиот дел од православните патријарси или одбиле да се потчинат на Морозини или побегнале во градот Никеја каде била формирена Никејското Царство од византиските наследници. По заземањето на градот, голем број на византиски интелектуалци заминале од Цариград и се населиле во Никеја а еден од најпознатите бил Никита Хонијат.
Освен Никејската било основано Трапезунтско Царство и Епирско Деспотство. Никејското Царство било основано од Теодор Ласкарис, зет на Алексеј III. Теодор избегал од Цариград во 1204 година и се населил во Никеја. Грците во западниот дел на Мала Азија започнале да гледаат на Никеја како на главен град на Византиското Царство во прогонство.
Додека Никејското Царство закрепнувало на чело со династијата на Ласкаридите, а подоцна и на чело со Михаил VIII Палеолог кој ја основал династијата на Палеолозите, во Цариград еден по друг се менувале неколку неуспешни владетели. Во 1235 година започнала првата опсада за враќање на градот заедно со бугарските сили на чело со Иван Асен. Заедничката опсада на сојузниците била неуспешна. Сојузниците од опсадата се повлекле во есента, бидејќи доаѓала зимата. Двата цареви се договориле опсадата да биде продолжена во следната година, но тогаш бугарскиот цар одбил да испрати војници. По смртта на Јоан де Бриен во 1237 година, Бугарите го прекратиле договорот со Никеја, главно поради можноста Иван Асен II, да стане регент на Латинското Царство. Во 1259 година се одвила Пелагониската битка каде силите на Никеја ги поразиле Латините. Како единствена пречка за повторното заземање на Цариград останала Венеција. Втората неуспешна опсада се случила во 1260 година. Плановите на никејскиот цар Михаил VIII Палеолог биле насочени во две насоки. Најпрвин требало да се презема околината на денешната населба Галата со кое би се блокирал патот кон Златниот Рог и доаѓање на помош на градот по морски пат. Доколку би се успеало во ова, планот бил да се нападне градот кон главната порта. Во текот на 1260 година, Михаил VIII Палеолог успеал да зазеде голем број на градови и територии кои припаѓале на Латинското Царство, а по ова се упатил кон Цариград и Галата и ги опседнал. Но војската која била поставена околу Галата се покажала многу посилна од очекувањето на Никеја, и портите на градот не биле пробиени. Заклучувајќи дека градот нема да биде лесно освоен, Михаил III наредил опсадата да биде повлечена во април. По ова бил потпишан мировен договор.
На 13 март 1261 година бил потпишан договор со Џенова како главен противник на Венеција за нивна поддршка, а за возврат Џенова добила големи трговски привилегии. Во 1261 година започнала нова опсада на градот. Опсадата на градот започнала на 25 јули 1261 година, и истата била предводена од страна на полковникот Алексеј Стратегопул. Заземањето на градот можеби било сосема случајно. Алексеј Стратегопул со само околу 800 луѓе се наоѓал во Тракија, за да ја надгледува никејско-бугарската граница. Тој се упатил кон Цариград. По преминувањето на Босфорот неговата армија разбрала дека градот е сосема празен и нема од кого да биде одбранет. Во помош му дошла и џеновската флота. Во ваква ситуација го заварил градот главно поради договорот којшто сѐ уште постоел помеѓу Никеја и Латинското Царство, кој требало да заврши во август истата година. Венецијанската флота била распоредена во Црното Море, а во градот останал само мал број на бродови. Тој во текот на ноќта, можеби со помош на населението, успеал да влезе во градот. Неговите сили без проблеми успеале да го заземат градот. Сепак, царот Балдуин II успеал да побегне. Михаил III во градот влегол на 15 август, и во црквата Света Софија бил прогласен за нов цар на Византија, додека пак Алексеј бил награден со титулата цезар.
Династија на Палеолозите`
уредиПо триумфалното враќање во Цариград на 15 август 1261 година Михаил VIII Палеолог уште еднаш бил крунисан во Света Софија заедно со неговата сопруга Теодора, која била воведена на престолот како царицата. Во исто време нивниот двегодишен син Андроник бил крунисан како соцар и прогласен за иден наследник на престолот. Законскиот цар, десетгодишниот Јован IV Ласкарис, не присуствувал на крунисувањето во Света Софија, бидејќи Михаил Палеолог го оставил во Никеја. Неколку месеци подоцна Михаил заповедал да биде ослепен и го затворил. Кога патријархот Арсениј дознал за тоа, тој го одвоил од црквата Михаил. Михаил наредил Арсениј да биде сменет со нов патријарх (Герман III), но откако и тој одбил бил поставен Јосиф II.
Цариград во тоа време бил потонат во урнатини и бил полупразен град како престолнина на обновената Византија. Освен уништувањата предизвикани во 1204 година, градот бил погоден од четири големи пожари за време на латинската окупација. Латинските цареви ги оставиле палатите Влахерна и Букелеон во лоша состојба, а многу од градските цркви биле пред распаѓање.
Меѓу најпознатите храмови кои биле изградени и реновирени од тој период се манастирот Богородица Памакаристос и црквата Исус Спасител. Огромните напори Цариград да се изгради повторно и да се насели, ја довеле државата на работ на банкрот. Тоа го принудило Михаил да го намали бројот на вооружените сили и трговската флота како мерка за штедење и тој ја оставил поморската трговија во рацете на Џенова кои во Галата основале свој град-држава. Возобновената Византија претставувла само мала честичка од она што била во деновите на своето величие, и од сите страни била опкружена со непријатели. Главната закана доаѓала од сицилијанскиот монарх Шарл I Анжу, кој во 1267 година потпишал договор со папа Климент IV, според кој се обврзал повторно да го освои градот. На страната на Карл I застанале Сицилија, Венеција и Франција додека на страната на Византија биле Џенова и Арагон. Во 1282 година започнала подготовка на нов крстоносен поход насочен против Византија, но истиот завршил без успех кога во Палермо избувнало востание во кое биле убиени сите Французи во градот.
Михаил Палеолог починал на 11 декември 1282 година и бил наследен од неговиот син Андроник II Палеолог. Андроник се оженил за Ана Унгарска која му родила два сина - Михаил и Константин. Серија земјотреси во текот на летото на 1296 година нанеле значителна штета на Цариград. Само една недела по последниот земјотрес една венецијанска флота ја нападнала џеновската колонија во Галата, создавајќи голем пожар во преградието. По ова, царот наредил да бидат уапсени сите венецијанци во градот и да им биде конфискуван нивниот имот. Во 1296 година месните жители на Галата убиле голем дел од истакнатите венецијански жители на градот. Следната година Венеција повторно нападнала и се повлекла дури откако добиле компензација за нивните загуби. Византија немала сили да ги запре нападите бидејќи имала незначитела флота. Во 1302 година венецијанската флота повторно нападнала и Андроник бил принуден да плати голема отштета на Венеција за да може да потпише мировен договор, но во исто време пристигнала веста за големиот пораз на Византија од страна на Османлиите кај Никомедија, на чело со Осман Гази, основач на идната силно Османлиско Царство. Така, во следниот период Османлиите започнале да ги заземаат анадолските територии на Византија.
Џенова ја искористиле ситуацијата и во 1304 година изградиле ѕидини околу Христовата кула која ја изградиле во 1348 година. Тие исто така изградиле и неколку цркви во Галата, од кои најпозната е црквата посветена на Свети Доминик и Павле (денес Арапска џамија). Во следниот период во градот биле доведени каталонски платеници, но истите не постигнале поголем успех против Османлиите.
Во периодот од 1321 до 1328 година во Византија се водела граѓанска војна. Во 1320 година починал престолонаследникот Михаил IX Палеолог, син на Андроник II и негов соцар. Дел од аристократијата во 1321 година за нов цар го прогласил синот на Михаил IX - Андроник III Палеолог кој се наоѓал во Тракија. Андроник II бил принуден да ја признае власта на Андроник III над Тракија и Македонија и да го прифати за соцар и престолонаследник во 1322 година. Како главен поддржувач на Андроник III против својот дедо бил неговиот пријател од детството Јован Кантакузин. По серија од конфликти, конечно на 23 мај 1328 година, тој и Јован Кантакузин влегле во престолнината и го принудиле на Андроник II да абдицира.
И покрај граѓанската војна, поради покровителството на царот Андроник II во земјата се развила науката и уметноста. Еден од најистакнатите личности од овој период е Теодор Метохит кој бил дипломат, теолог, филозоф, историчар, астроном, поет. Тој станал еден од најбогатите луѓе во градот и од негови средства била реновирена црквата Хора. Дејзисот во црквата Света Софија (иконска претстава на Исус Христос Вседржител, а покрај него се наоѓаат Дева Марија и Св. Јован Крстител кои се молат) и голем дел од мозаиците биле направени исто така во времето на Андроник II. Во овој период во градот живеел и работел и историчарот Никифор Григора.
Андроник III од сопругата Ана Савојска во 1332 го добил идниот Јован V Палеолог. Во меѓувреме Османлиите на чело со Осман гази ја освоиле Пруса (Бурса) во 1326 година и ја направиле своја престолнина. Во 1331 паднала Никеја па во 1333 година бил потпишан договор со Османлиите. По смртта на Андроник III, земјата била воведена во политичка криза. Неговиот малолетен син Јован не бил прогласен за соцар, а како регент бил поставен Јован Кантакузин. Кога Кантакузин заминал на поход во Тракија, Алексеј Апокавк бил назначен за командант на византиската флота која требало да ги чува Босфорот. Апокавк во меѓувреме ги убедил на патријархот и Ана Савојска дека Кантакузин планира да го преземе престолот. По ова неговите приврзаници побегнале од престолнината и заминале во неговиот камп каде го прогласиле за цар. Историчарите го вклучуваат во списокот на византиски цареви како Јован VI, по младиот Јован V Палеолог. Така започнала граѓанска војна во 1341 година. Земјопоседниците го поддржувале на Кантакузин додека обичните жители на градовите и селаните го поддржувале Јован V Палеолог.
Во следниот период, Јован Кантакузин направил сојуз до Османлиите, давајќи ја својата ќерка Теодора за жена на султанот Орхан. Кога неговите сили пристигнале пред ѕидините на градот, кај палатата Влахерна, Ана Савојска била принудена на преговори според кој Јован Кантакузин станал соцар во 1347 година, и бил договорен брак меѓу неговата ќерка Елена и Јован V Палеологодина Во следниот период во Цариград се појавила црна чума која довелла до смрт на една третина од населението. Потоа Византија била вовлечена во морските војни помеѓу Венеција и Џенова.
Во меѓувреме Кантакузин ги испратил двајцата синови на чело на провинциите во царството. Матеј бил управител на Северна Тракија, додека Мануил управувал со Мореја. Јован V бил испратен во Солун, откако градот бил повторно освоен од Византијците во 1350 година. Ова довело до друга граѓанска војна, која траела уште четири години, која дала можност на Османлиите да го заземаат Галиполе. Војната конечно завршила кога Јован V се вратил во Цариград во 1354 година и било склучено примирје според кое Кантакузин абдицирал и заминал во манастир. Во следниот период Јован Кантакузин ја напишал својата книга Историја.
Јован V Палеолог бил на 22 години, кога станал единствен цар во декември 1354 година. Тој знаел дека единствена надеж за Византија била да побара помош од Западна Европа бидејќи Османлискиот султанат станувал многу посилен. Орхан Гази починал во 1362 година и бил наследен од неговиот син Мурат, кој започнал со својата експанзија во Тракија и Балканот, префрлајќи ја својата престолнина во Едрене. Јован V заминал кај папата во Рим да побара помош, а како соцар го поставил неговиот поголем син Андроник IV, а неговиот втор син Мануил бил назначен за управител на Солун. На 21 октомври Јован се сретнал во Рим со папата Урбан V и двајцата се договориле формирање на унија меѓу Грчката и Римската црква под владеењето на папството. до принцовите на Тогаш папата испратил енциклика Западна Европа, во која залагал дека Јован станал римокатолик, и ги повикал да му помогнат. Откако го напуштил Рим, Јован заминал за Венеција, каде што бил притворен, бидејќи не бил во можност да го плати огромниот долг, кој Византија го должела на Венецијанците. Тој бил спасен од неговиот син Мануил, кој пристигнал во Венеција и самиот станал заложник додека не биде отплатен долгот.
Во октомври 1371 година Јован пристигнал во Цариград и бил принуден да стане вазал на Османлиите. византија во тоа време се состоела од Цариград, Солун, дел од денешна Грција и неколку црноморски острови. Во времето кога Јован бил во воен поход како вазал на Османлиите во Анадолија, во 1373 година избувнал неуспешен бунт од страна на неговиот син Андроник. Слични востанија против неговата власт имало до неговата смрт во 1391 година, година во која починал и неговиот син Андроник IV Палеолог. Негов наследник станал неговиот син Јован VII, кој владеел шест месеци, пред да биде протеран од Мануил II Палеолог, син на царот Јован V Палеолог, кој станал самостоел цар во 1391 година.
Во меѓувреме Османлиите станувале се помоќни и привлекувале многубројни платеници - како христијани, така и муслимани. Мурат I починал на Косово Поле, а бил наследен од неговиот син Бајазид I, кој инсистирал сите византиски територии да припаднат на Османлиите, додека Мануил да управува единствено со престолнината. Исто така, Бајазид наредил да биде создадена турска населба во градот, каде што муслиманите требало да имаат свој кадија. Мануил презел дипломатска офанзива и обезбедил поддршка од западните католички земји, кои во 1396 година пратиле војска на помош на Византија, предводена од кралот Сигизмунд. Но тој поход бил неуспешен, така што западната војска била поразена во борбата крај градот Никопол на реката Дунав. По победата, Бајазид повторно го опседнал Цариград и во овој период била изградена тврдината Анадолски хисар на азискиот дел од денешен Истанбул. Тоа не го откажало Мануил да бара помош и во 1399 година тајно со брод го напуштил Цариград и ги посетил Италија, Франција и Англија, каде што бил добро примен, но не добил доволна воена помош.
Опсадата на Цариград била повлечена во пролетта на 1402 година, кога Бајазит бил принуден да ги поведе сите свои сили кон Мала Азија, за да ја пречека инвазијата на Монголите под водство на Тамерлан. Двете армии се сретнале крај Анкара на 28 јули 1402 година каде Османлиите доживеале голем пораз, а Бајазид бил заробен. Во следниот период започнала граѓанска војна за престолот во Османлиското Царство, во која победил Мехмед со византиска помош во 1413 година. Мануил II Палеолог успеал да ги врати под негова контрола Солун, Варна и Несебар. Мехмед во 1421 бил наследен од неговиот син Мурат II додека истата година Мануил добил удар од кој се парализирал, по што неговиот син Јован станал соцар. Мануил починал во 1425 година.
Во 1423 година градот Солун, кој од 1422 година бил под османлиска опсада, бил предаден на Венеција. За да обезбеди заштита од Османлиите, тој го посетил папа Евгениј IV и се согласил на унија меѓу православната и католичката црква. Унијата била ратификувана во Собирот во Фиренца во 1439 година каде освен Јован VIII присуствувале уште 700 следбеници, вклучувајќи го патријархот Јосиф II. Унијата не успеала поради противењето на населението во Цариград. Од овој период е позната изреката: Подобро турски турбан отколку папската мистра. По големата победа на Османлиите кај Варна во 1444 година над крстоносните сили, Мурат II се повлекол на кратко, а на негово место застанал Мехмед II. Јован VIII Палеолог го именувал својот брат Константин XI Палеолог, кој служел како регент како негов наследник. И покрај спротивставувањето на неговиот помлад брат Димитриј Палеолог неговата мајка Елена успеала да ја осигура позицијата на цар за Константин XI Палеолог Драгаш во 1448.
Константин го започнал управувањето во еден поделен град, бидејќи поголемиот дел од свештенството и луѓето биле апсолутно против декретот за унијата. Тој ја одржувал унијата, бидејќи сметал дека таа му била единствената надеж да добие помош, без која Византија не можела. Главниот противник на оваа политика бил Георги Схолариј, кој во 1450 година ја напуштил службата при царот и се повлекол во манастирот Пантократор како монах, прифаќајќи името Генадиј. Патријархот Григориј III се обидел да лавира меѓу Константин и неговите противници во црквата. Тоа сепак се покажало невозможно, Григориј наскоро разбрал дека неговиот став е незапирлив, во август 1451 година го напуштил Цариград и заминал за Рим, каде никогаш не се вратил.На 3 февруари 1451 година Мурат починал во Едрене. Неговата смрт била чувана во тајност од везирот Халил Чандарли, за да има време принцот Мехмед да ја презема контролата над државата. Мехмед пристигнал во Едрене на 18 февруари 1451 година и во истиот ден армијата го прогласила за султан под името Мехмед II.
Падот на Цариград
уредиКога султанот Мехмед II го наследил својот татко Мурат II на престолот на царството се верувало дека тој нема да биде способен владетел и дека нема да претставува голема закана за христијаните на Балканот и на Егејското Море. Ваквото мислење било поткрепено од пријателскиот прием кој тој им го укажувал на пратениците кои ги примал во својот двор. Во текот на летото во 1452 година Мехмед II (чиј прапрадедо Бајазид I изградил тврдина на азиската страна на Босфор) решил да изгради нова тврдина на европската страна на Босфор со што се зајакнува турското влијание во теснецот. Посебно важен аспект на градењето на оваа тврдина е тоа што на Цариград му се скратува можноста да добива помош од колиниите на Џенова кои во тоа време постоеле на брегот на Црното Море. Новата твдрина била наречена Римска тврдина Византискиот цар Константин XI апелирал до Западна Европа за помош, но неговите барања не наишле на очекуваното внимание. Уште од времето на Големиот раскол од 1054, римокатоличкиот Запад се обидувал да стекне доминација на Истокот. Затоа унијатството било отворена тема со која се условувала помошта уште од XIII век. царот Јован VIII Палеолог во 1439 година во Фиренца успеал да договори унијатење на источната со западната црква, но како резултат на големи негодувања во Цариград предизвикани од настаните од периодот на падот на Цариград во 1204 година овој договор не бил прифатен.
Во летото 1452 година, кога Румелихисар бил изграден заканата станала очигледна, па затоа Константин XI, на 12 декември истата година, неволно му пишал на папата писмо во кое унијатењето на црквите се става во сила. Иако папата бил волен да помогне, сепак неговото влијание врз кралевите и принцовите во Западна Европа не било толку силно како што очекувале во Цариград. Од друга станан, пак, Англија и Франција биле ослабени од стогодишната меѓусебна војна, а Шпанија се наоѓала во последната фаза на повторното освојување на Пиринејскиот Полуостров од арапските освојувачи. Најзначајната помош која на Византија и стигнала во оваа фаза била од џеновјанецот Џовани Џустиниани кој во Цариград пристигнал со приватна армија од околу 700 луѓе во јануари во 1453 година Со оглед на тоа што Џустиниани бил специјализиран за одбрана на утврдени градови нему, од страна на царот, му била доделена улогата на командант на одбраната. Отприлика истовремено, наспроти наредбите од Венеција и од папата Никола капетаните на венециските бродови кои, во март таа година, се наоѓале во Златниот рог се обиделе да донесат три брода натоварени со помош за градот. За жал во април најверојатно потценувајќи го моралот на бранителите на градот, седум италијански бродови го напуштиле Цариград. Намерата Константин XI да го одоборволи султанот со подароци и од него да побара гаранции за безбедноста на градот завршила со убиство на византискиот амбасадор - ниту византиската дипломатија не можела да го спаси градот.
На почетокот на опсадата, Мехмед ги испратил неговите најдобри единици да ги редуцираат преостанатите упоришта на Византијците кои се наоѓале надвор од градот. Тврдината Терапија на Босфор и малиот замок во селото Студиус, во близина на Мраморното Море, биле заземени за само неколку дена. Островот на принцовите, во Мраморното Море, бил заземен од страна на флотата на адмиралот Балтоглу.[6] Огромните топови кои ги поседувала војската на Мехмед II ги гранатирале ѕидините на градот со недели, но со оглед на непрецизноста и малата брзина со која топовите повторно се полнеле Византијците, најчесто преку ноќ, биле во состојба да ги поправат најголемиот број од оштетувањата намалувајќи го на таков начин значително ефектот на топовите.[7]
Во меѓувреме, покрај пробните напади кои Отоманската флота ги правела не успеала да влезе во Златниот рог поради пловечки препреки кои биле поставени долж влезот. Покрај тоа што целта на поставување на препреките била да се оневозможи влез на бродови во градот, на 20 април мала флота на христијански бродови [8] успелалa да се пробие и да влезе во градот. Овој настан значел многу за зголемување на моралот на бранителите, а истовремено претставувал и срам за султанот.[7] Животот на адмиралот Балтоглу бил поштеден само поради сведоштвата на неговите офицери за неговата храброст, која за жал не била доволна за успех во оваа акција. За да се заобиколат водените препреки кои го штителе Златниот рог, како и да ја намали надмоќта на море на царските бродови и посебно на бродовите од Џенова, Мехмед наредил да се конструира сувоземен пат преку кој (преку копно) на 22 април успеал да ги префрли неговите бродови во царското пристаниште.[7] Со ова сериозно биле загрозено редовното снабдување на (номинално неутралната) колонија на џеновјани во Пера и влијаело врз деморализирачки врз одбраната на градот. Во ноќта на 28 април бил направен напор да се уништат отоманските бродови кои веќе се наоѓале во Златниот рог, но Османлиите биле предупредени за нападот и ги присилиле христијаните, кои претрпеле големи загуби, да се повлечат. Оттогаш одбраната на градот била преморана да ги брани и ѕидините кои гледаат на страната на Златниот рог. Со тоа одбраната на останатите ѕидини била ослабена. Згора на тоа, непристапноста на морето значела и неможност за лесно доаѓање до храна. Па така храната започнала да претставува проблем во градот. Сега надежта на бранителите била свртена кон Венеција и кон вербата дека нивните браќа од Западот нема да ги остават сами во оваа битка и дека ќе ја испратат ветената помош.
На 3 мај Константин XI испратил еден мал венециски брод кој, носејќи турско знаме, успеал неприметно да излезе од градот. Бродот се вратил во градот на 23 мај, повторно успевајќи да ја надмудри турската морнарица, но вестите кои со себе ги носел не биле добри. По три недели потрага немало никакви знаци дека помошта пристигнува – одбраната на градот е оставена сама на себе. На секој морнар поединечно Константин XI му заблагодарил лично. Тие можеле да отпловат на сигурно, но решиле да се вратат во градот каде ги чекала скоро сигурна смрт. Турците се обиделе во неколку наврати да нападнат фронтално од копно, но секогаш биле принудувани да се повлечат претрпувајќи при тоа големи загуби. Од средината на мај до 25 мај Османлиите се обидувале да се пробијат во градот копајќи тунели под ѕидините. Голем дел од инженерските единици кои биле задолжени за оваа работа биле Срби од Ново Брдо (Косово). Од друга страна, пак, Византијците на своја страна го имале инженерот Johannes Grant со чија помош одбраната, копајќи контра-тунели, успешно се справувала со овој вид напади. Византијците успешно го пресретнале првиот српски тунел во ноќта на 16 мај. Други напади од овој тип биле пресретнати во ноќите на 21, 23 и 25 мај, а напаѓачите биле дочекувани со оган и со жестока борба. Во ноќта на 23 мај Византијците успеале да заробат двајца турски офицери кои им ги откриле позициите на останатите турски тунели кои подоцна биле уништени.[9]
Мехмед им понудил на бранителите дека тој ќе ја прекине опсадата, а во замена од бранителите барал тие да му го предадат градот. Откако оваа понуда била одбиена, Мехмед решил да ги искористи сите расположливи средства за да го преземе градот, знаејќи дека неговите трупи се значително помногубројни од византиските. Отприлика истовремено Мехмед ги имал последните состаноци со своите офицери. Во ноќта на 22 мај 1453 година на небото имало целосно затемнување на Месечината (симболот на Цариград) со тоа се исполнило пророштвото за уништувањето на градот.[10] Четири дена подоцна целиот град бил покриен со слаба магла, која не претставува вообичаена метеоролошка појава во месец мај, во тој дел од светот. Кога маглата се дигнала истата вечер, чудна светлина почнала да се појавува околу куполата на црквата Света Софија. Оваа светлина била протолкувана како Светиот Дух да ја напушта катедралата. Исто така, одбраната се надевала дека забележаната светлина може да претставуваат и трупи од другите христијански држави во Европа.[11]
На 26 мај Мехмед и неговите офицери заклучиле дека опсадата на градот веќе трае премногу долго. Дошло и до меѓусебни недоразбирања, имено, се јавиле спротивставени мислења за тоа дали опсадата на градот да продолжи или да се прекине. Големиот везир Чандарли Халил-паша се сомневал дека опсадата ќе успее, додека вториот везир Заган-паша бил за нејзино продолжување. Подготовките за последниот напад започнале истата вечер и продолжиле следниот ден на 27 мај.[12] 28 мај бил ден наменет за молитва и за одмор на војниците, а за 29 мај било планирано да започне последниот напад. Само 36 часа по последните извршени совети на султанот со неговите офицери отоманската војска била подготвена за напад со сите расположливи средства.[12]
На 28 мај додека отоманската армија за подготвувала за последниот напад, во градот биле одржани религиозни обреди од големи размери. Истата вечер, во црквата Света Софија, во атмосфера на исчекување се одржала и последната заедничка религиозна церемонија на православните и католички христијани.[13] По полноќ нападот започнал. Во првиот бран напаѓачите биле сочинети од војска која не била многу обучена и опремена и чија цел била да убие што е можно повеќе бранители. Вториот напад бил спроведен од Анадолијци и бил фокусиран на северозападниот дел од ѕидините кои претходно биле делумно оштетени од османлиската артилерија. Тој дел од ѕидините бил изграден во XI век и бил значително послаб. Крстоносците во 1204 година успеале да влезат во градот преку овој дел. Османлиите, исто така, успеале да ги пробијат ѕидините, но набрзо биле истиснати од христијаните од освоените позиции. Христијанските трупи, исто така, успеале да го одбијат и третиот напад изведен од елитните Јаничари, но џеновјанинот Џовани Џустинијани кој бил одговорен за копнените трупи[14][15] бил смртоносно ранет при овој напад. Неговото повлекување од ѕидините предизвикало паника кај бранителите[16] Џустинијани бил однесен на островот Хиос, каде четири денови подоцна им подлегнал на повредите.
Заедно со Џустинијани трупите од Џенова се повлекле најпрво во градот, а потоа и кон пристаништето. Константин XI Драгаш и преостанатата одбрана биле оставени сами на себе да се справуваат со надмоќната војска на султанот. Истовремено, некои историчари тврдат дека, т.н. Керкопорта била по грешка оставена отклучена и дека Османлиите го забележале тоа.[17] Османлиите ја искористиле оваа прилика и влегле во градот. Истовремено бранителите биле надвладувани и на други делови од ѕидините. Откако биле забележани турски знамиња над Керкопорта завладеала паника, а одбраната колабирала под нападите на јаничарите. Се верува дека во овие моменти Константин XI ја отфрлил својата пурпурна царска наметка и како обичен војник го водел последниот напад против Османлиите и дека на таков начин починал заедно со своите војници. Инаку, не постојат податоци за начинот на кој тој загинал.[18] По овие настани, османлиската војска брзо напредувала низ широките улици на градот. Минувајќи низ градот војската поминала и покрај црквата на Светите Апостоли во која Мемед имал намера да постави нов патријарх со чија помош ќе можел полесно да ги контролира своите христијански поданици. Минувајќи низ улиците на градот војската конечно се собрала на плоштадот Августеум кој се наоѓал пред црквата Света Софија во која голема толпа од луѓе, во потрага по заштита од Бога, цврсто ги држела бронзените врати од внатрешната страна. Откако Османлиите успеале да ја отворат вратата луѓето кои биле затекнати во црквата биле одвоени според нивната цена на пазарот на робје. Имало и силувања велат некои историчари.[19] Војниците се бореле и меѓу себе за да приграбат материјални добра. Според венецискиот хирург Nicolo Barbaro „во текот на целиот ден Турците вршеле колеж над христијанското население во градот“.[20] На крајот Мехмед II наредил да престане дивеењето и ги испратил своите трупи надвор од ѕидините на градот.[21][22]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 Петросян и Юсупов 1977.
- ↑ 2,0 2,1 БРЭ 2010.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 История Средних веков 1952.
- ↑ Машкин Н. А. 1950.
- ↑ Allan Doig, Liturgy and Architecture: From the Early Church to the Middle Ages, (Ashgate Publishing, 2008), 65.
- ↑ Runciman 1965, pp. 96-97.
- ↑ 7,0 7,1 7,2 Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 376.
- ↑ Станува збор за бродови од Џенова кои биле придружувани од царски транспортен брод кој се враќал во Цариград. (Runciman 1965, p. 100)
- ↑ Crowley, Roger. 1453: the holy war for Constantinople and the clash of Islam and the West. New York: Hyperion, 2005. p 168-171 ISBN 1-4013-0850-3
- ↑ Guillermier, Pierre; Serge Koutchmy (1999). Total Eclipses: Science, Observations, Myths, and Legends. Springer. стр. 85. ISBN 1852331607. Посетено на 2008-02-27.
- ↑ It is possible that all these phenomena were local effects of the cataclysmic Kuwae volcanic eruption in the Pacific Ocean. The "fire" seen may have been an optical illusion due to the reflection of intensely red twilight glow by clouds of volcanic ash high in the atmosphere.Source at NASA Архивирано на 14 декември 2016 г.
- ↑ 12,0 12,1 Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 378.
- ↑ Vasiliev 1952, pp. 651-652
- ↑ Pertusi, Agostino, ed. (1976). La Caduta di Costantinopoli. Fondazione Lorenzo Valla: Verona. (Антологија на современи текстови и документи поврзани со падот на Цариград; содржи библиографски податоци и коментарит на учени од тоа време).
- ↑ Leonardo di Chio, Letter to Pope Nicholas V, датирано 16 август 1453 (edited in Migne, Patrologia Graeca 159, 923A-944B).
- ↑ Sources hostile towards the Genoese (such as the Venetian Nicolò Barbaro), however, report that Giustiniani was only lightly wounded or not wounded at all, but, overwhelmed by fear, simulated the wound to abandon the battlefield, determining the fall of the city. These charges of cowardice and treason were so widespread that the Republic of Genoa had to deny them by sending diplomatic letters to the Chancelleries of England, France, the Duchy of Burgundy and others. See C. Desimoni, Adamo di Montaldo, in Atti della Società Ligure di Storia Patria, X, 1874, pp. 296-7.
- ↑ There was no question of bribery or deceit by the Ottomans; the gate had simply been overlooked, possibly because rubble from a cannon attack had obscured or blocked the door.
- ↑ Barbaro added the description of the emperor's heroic last moments to his diary based on information he received afterwards. According to some Ottoman sources Constantine was killed in an accidental encounter with Turkish marines a little further to the south, presumably while making his way to the Sea of Marmara in order to escape by sea. See Nicolle (2000).
- ↑ Norwich, John Julius (1997). A Short History of Byzantium. New York: Vintage Books. стр. 380., "...the rape and pillage had already begun... ...by noon the streets were running with blood"
- ↑ „The Siege of Constantinople (1453), according to Nicolo Barbaro“. Архивирано од изворникот на 2012-02-04. Посетено на 2015-08-03.
- ↑ Nicolle, David (2007). The Fall of Constantinople: The Ottoman Conquest of Byzantium. New York: Osprey Publishing. стр. 237, 238. "In fact ordinary people were treated better by their Ottoman Conquerors than their ancestors had been by Crusaders back in 1204; only about 4,000 Greeks died in the siege." ... "Mehmet also ordered all looting to stop and sent his troops back outside the walls." In 1453, Constantinople contained approximately 50,000 people when the Ottoman Turks captured the city.
- ↑ The Fall of Constantinople, 1453
Белешки
уреди- ↑ Земјата била позната како „Римско Царство“, Латините ја нарекувале Романија додека Османлиите - Румелија. Како Византија земјата започнала да се нарекува од страна на средновековните историчари по нејзиното распаѓање.
Статијата „Историја на Цариград“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |