Роман I Лакапин (грчки: Ρωμανός Α΄ Λακαπηνός, ~ 870 - 15 јуни 948) — византиски цар од 920 г. до 944 г. Тој бил Ерменец кој станал византиски поморски командант (друнгарија), кој подоцна му станал дедо (тест) на малотетниот цар Константин VII Порфирогенит, па станал негов совладетел, за потоа да си се постави за постар (прв) цар на Царството сè до неговото исфрлање од престолот од страна на неговите синови на 16 декември 944 г.

Роман I Лакапин
Ρωμανός Α΄ Λακαπηνός
Цар на Источното Римско Царство
Сребрена монета од 931-944, покажувајќи ја Романовата биста на крст на аверсот и набројувајќи ги имињата на Роман и на неговите совладетели, Константин VII, Стефан Лакапин и Константин Лакапин на реверсот
Византиски цар
На престол920 - 944 (постар совладетел со Константин VII Порфирогенит)
Крунисување17 декември 920
ПретходникКонстантин VII Порфирогенит (под регентство)
НаследникКонстантин VII Порфирогенит
Роден(а)околу 870
Лакапе
Починал(а)15 јуни 948
Цариград
СопружникТеодора
ДецаХристофор Лакапин
Стефан Лакапин
Константин Лакапин
Елена Лакапина
ДинастијаМакедонска династија (преку брак)
ТаткоТеофилакт Абастакт

Социјален статус и активности пред да стане цар уреди

Потекло и воена функција уреди

Роман Лакапин бил син на обичниот стратиот - Теофилакт Абастакт, кој и сам ја започнал кариерата како војник на темата Арменијака. Тој бил на чело на византиската морнарица, односно бил друнгарија на царската флота. Во тоа време Бугарија на чело со царот Симеон ја нападнал Византија која била водена од регентството под водство на царицата Зоја, мајка на Константин VII Порфирогенит.[1]

Роман Лакапин како регент на Константин VII уреди

Ако регентството на патријархот Никола Мистик паднало поради тоа што било премногу попустливо спрема Симеоновите барања (неговата ќерка да се омажи со Константин VII Порфирогенит), истовремено владата на царицата Зоја морала да падне затоа што нејзиниот непопустлив став бил во очигледна несогласност со нејзините сили и способности. Тешката положба во која западнало Царството барала јака и енергична влада. Единствен човек кој и бил дораснат на ситуацијата бил друнгаријата Роман Лакапин. Тој успеал да ги надитри сите свои аристократски соперници и да ја земе власта во свои раце. Со голема вештина Роман постепено ја отстранил царицата Зоја и нејзините помагачи и се зацврстил на власта. Младиот цар се оженил во мај 919 г., со Елена, ќерка на новиот регент. Како царев дедо, Роман Лакапин ја добил титулата василеопатор. Но наскоро тој се искачил уште повисоко: на 24 септември 920 г. неговиот зет го крунисал за цезар, а на 17 декември истата година за цар-совладетел. Така Роман го постигнал тоа што на Симеон не му пошло од рака: му станал дедо и совладетел на младиот легитимен цар, па според тоа и господар на Византиското царство.[2]

Внатрешна политика уреди

Роман I и своите синови уреди

Роман Лакапин ја зацврстил и ја обезбедил својата власт над Византиското царство. Тој долго не се задоволил со позицијата на совладетел на својот млад зет. Наскоро односот меѓу нив и официјално се променил: Роман I станал врховен господар, а Константин VII ја зазел положбата на совладетел на својот дедо. За цареви совладетели биле крунисани и синовите на Роман Лакапин: Христофор на 20 мај 921 г., а Стефан и Константин на 25 декември 924 г. Притоа и Христофор добил повисок ранг од Константин Порфирогенит, заземајќи ја положбата на втор цар и престолонаследник на својот татко, додека претставникот на легитимната Македонска династија морал да се задоволи со декоративната улога на трет цар. Така Роман Лакапин покрај Македонската династија создал своја споствена династија и и обезбедил предимство. Тројца негови синови носеле царска титула, а на четвртиот, Теофилакт, му била преодредена духовна кариера: уште како дете тој му бил синкел на патријархот Никола Мистик, а наскоро и самиот станал патријарх. Владетелскиот систем на Роман Лакапин многу личел на системот што во свое време го создал Василиј I. Но, за разлика од Василиј I, Роман не го отстранил претставникот на легитимната династија по насилен пат, туку го врзал за своето семејство со роднински врски, а потоа постепено, речиси незабележливо го потиснал во позадина.[3]

Зближување со високите кругови уреди

Вешт политичар и дипломат, Роман I бил олицетворение на мудра државничка умереност. Полн со енергија и цврста волја, тој ги спроведувал своите планови со ладнокрва истрајност, не навалувајќи но и никогаш не напуштајќи ги своите крајни цели. Покрај тоа имал и една од најважните владетелски доблести: способноста добро да ги избере своите соработници. Во личноста на протовестиаријата, подоцна паракимоменот Теофан, тој нашол вонреден министер, а во Јован Куркуас, кого во 923 г. го поставил за доместик на Схола, блескав војсководец. Кога дојденец со непознато потекло, Роман Лакапин не можел да биде по волјата на византиското благородништво. Меѓутоа, со омажувањето на своите помлади ќерки, свеските на царот Константин Порфирогенит, за претставници на старите аристократски семејства, тој стапил во роднински врски со најистакнатите семејства, како што биле Аргири и Мусели.[4]

Односот со патријаршијата и папството уреди

Црквата му била верна: патријархот Никола Мистик бил негов верен соработник, поврзан си пријателство и со заеднички интереси. Приврзаниците на покојниот Евтимиј (умрел во 917 г.) повеќе не играле некоја значајна улога, а римската црква, која минувала низ една од најматните епохи на својата историја, му се потчинувала на моќниот цар без поговор. Уште пред Романовото официјално крунисување за цар на Цариградскиот собор во 920 г., во присутство на папски легати, било донесено решение во врска со браковите на Лав VI, со кои четвртиот брак се забранувал, а третиот се осудувал и се допуштал во извесни околности. Оваа одлука му пружила големо морално задоволување на патријархот Никола Мистик, а на Роман му донела двојна добивка, бидејќи му задала тежок удар на угледот на Македонската династија, а нему му ја припишала улогата на обединител на црквата. По долги, немили расправии, византиската црква изгледала обединета повторно, и Никола Мистик можел во „Томот на обединувањето“ да го извести христијанскиот свет за својот триумф. Меѓу духовната и световната власт во наредните години владеела слога и соработка која потсетувала на идеалната слика од „Епанагогата“ (дело на Василиј I). Државниот поглавар го поддржувал и патријарховиот морален авторитет, а патријархот во време на борбите против Симеон настапувал како најверен царев помагач и советодавец.[5]

Меѓутоа, на црковните услови во Византија им недостигала стабилност, дотолку повеќе што положбата на црквата во значителна мерка зависела од личноста на нејзиниот раководител, а за изборот на патријархот фактички решавала царевата волја. По смртта на Никола Мистик (925 г.), односите меѓу државата и црквата во основа се измениле, и од неодамнешниот висок углед на византиската црква не останала ниту трага. По два кратки и безначајни понтификати, патријаршискиот престол долго време бил празен, а потоа царот за патријарх го довел својот шестнаесетгодишен син Теофилакт. Неговото ракоположување го извршиле во 933 г. папските легати, што царот за таа цел ги викнал во Цариград. Младиот патријарх бил слеп извршител на татковата волја.[6]

Закони и други акти уреди

Државничката големина на Роман I Лакапин најмногу јасно се огледала во законските мерки што ги презел заради одржување на малиот земјопосед. Економско-социјалниот систем на византиската држава, заснован на земјосопствеништвото на селаните и војниците, дошоло во криза по наглото јакнење на феудалната велепоседничка аристократија. Земјата од селаните и војниците брзо преминувала во рацете на "моќни луѓе", а нивните сопственици, "сиромасите" се претворале во парици на властелинските и манастирските поседи. Роман Лакапин прва ја увидел опасноста што ја криел во себе овој процес и јасно ја формулирал неговата суштина со овие зборови: „Малиот посед донесува многу корист со тоа што плаќа државни даноци и врши воена служба; тоа сè ќе пропадне, ако бројот на малите сопственици се намали“. За да се зачува системот кој во вековните борби ја покажал својата сила, за да се одржува финансиската и воената моќ на византиската држава, Романовата влада се обидела да им застане на патот на опаѓањето на поседите на војниците и на селаните и на нивното преминување во рацете на властелата. Така меѓу централната власт и феудалната аристократија започнала борба кој била пресудна за целиот натамошен развој на Византиското царство.[7]

Најпрвин Роман Лакапин, во април 922 г., ја објавил новелата со која го востановил правото на предимство на соседот при купувањето на селските имоти. Ова право, т.н. „протимисис“, укинато во времето на Лав VI, во Романовата новела нашло свој класичен израз. При оттуѓувањето на селските имоти преку продажба или закуп, пет категории купувачи односно закупци имале право на предимство: роднини-сопоседници; други сопоседници; поседници на имоти кои се наоѓале со имотот во продажба во меѓуземјишна сопственост; соседите кои заеднички ги плаќале даноците; другите соседи. Дури ако овие пет категории купувачи ја одбиле понудата, земјата можела да им се продаде на други лица.[8]

Меѓутоа оваа одредба, и покрај својата строгост, не го постигнала очекуваното дејство. По необично долгата и силна зима во 927/28 г. Царството било погодено со тешка неродност, со глад и помор. Тоа го искористиле големосопствениците, купувајќи од изгладнетото население земја по најниски цени. Со овие околности била предизвикана новелата на Роман I од септември 934 г. Со најголемо огорчување царот мавал по себичност на големосопствениците кои се покажале "понемилосрди и од гладот и од поморот". Сепак, царот не нааредил безусловно да се вратат сите продадени поседи, како што тоа можело да се очекува со строго применување на законот од 922 г. Повторно се прогласувале за неважечки сите подароци, сите наследства и на тоа слични погодувања. Се анулирале и купувањата на оние имоти за кои е платено помалку од половина на "правичната" цена. Меѓутоа, во случај на "нормално" купување, враќањето на откупениот посед било условено со враќање на платената цена во рок од три години. Во иднина на властелите повторно им се забранувало секакво купување селански поседи со закана дека купената земја ќе им се одзеде без било како надомест и дека ќе плаќаат казна. На крајот царот изразил уверување дека со силата на законот ќе ги совлада сите внатрешни непријатели како што со силата на оружјето ги победил надворешните противници.[9]

Надворешна политика уреди

Судирот со Симеон I уреди

Романовото издигнување претставувало тежок удар за Симеон. Напразно патријархот патријархот Никола Мистик се обидувал да посредува, упатувајќи му на Симеон многубројни писма и трудејќи се да го ублажи неговиот гнев и да го наговори на попуштање. Симеон не барал ништо помалку туку неговиот среќен соперник да се отстрани. Затоа што, се дотогаш додека Роман Лакапин ја задржувал својата позиција, сите патишта за остварување на неговата крајна цел останале затворени. Но, за да можело да се отстрани Роман Лакапин постоел само еден начин: освојување на Цариград. Тоа што Симеон во повеќе наврати ја пустошел Тракија и повторно го зазел Едрене (923 г.), битно не ја менувала ситуацијата. Зад моќните цариградски ѕидини, Роман останувал надвор од неговиот дофат и мирно чекал. Господар на ситуацијата бил оној што владеел со Цариград. Симеон тоа добро го знаел, но му недостигала флота без која освојувањето на таа единствена тврдина било невозможно. Оттаму тој склучил договор сојуз со египетските Арабјани, кои располагале со силна морнарица, заради заеднички план на Цариград. Меѓутоа, вештата византиска дипломатија го спречила тој план: добивајќи од Византија богати подароци, Арабјаните се откажале од планираниот поход. Кога во 924 г. дошол пред Цариград, Симеон, како и 913 г., морал да увиди дека неговата сила не им дораснала на цариграските ѕидини и како и тогаш го повикал својот соперник на состанок. Така, есента 924 г., дошло средба меѓу Симеон и Роман кој, закитен со легендите, им останал на Византијците до долго сеќавање. Но додека состанокот со патријархот Никола Мистик, пред единаесет години, му отворал на Симеон најблескави изгледи изгледи, дотогаш состанокот со царот Роман означувал крај на неговите големи надежи.[10]

За разлика од Зоината влада, Роман I никогаш не го омаловажувал својот голем противник. Во едно писмо до Симеон од 923 г. тој енергично протестирал против тоа што Симеон се нарекувал цар на Бугарите и Ромеите. Во наредното писмо, тој додал дека неговиот протест не се однесува на царската титула како таква, туку на Симеоновите претензии да се смета за цар на Римјаните. Иако, нерадо, Византија сепак се помирила со тоа бугарскиот владетел да носи царска титула, под услов таа титула да важи само за бугарските земји. Исто така, веќе во 920 г. на Симеон му било понудено преку патријархот Никола, да стапи во брачни врски со новиот владеачки дом на Лакапин, што пак значело не мала почест, но немало ништо заедничко со Симеоновите династички планови. Натамошните отстапки Роман решително ги одбивал, па не сакал ни да чуе за територијалните концесии. Всушност, настаните од претходните години покажале дека Симеон, и покрај војничката надмоќност, не бил во состојба да ја спроведе својата програма со оружена сила, а дипломатската вештина на Византијците го доведувала во уште потешка положба.[11]

Доминирајќи со вкупните збиднување на Балканскиот Полуостров, византиско-бугарската борба сè повеќе ги зафаќала и другите балкански земји. Византиските и бугарските влијанија посебно се вкрстувале и се судирале во Србија. Српските кнезови биле упатени на поддршка од едната или од другата велесила и им служеле како орудие во нивната меѓусебна борба. Час Симеон, час пак Роман Лакапин успевале на српскиот престол да доведат свој штитеник и да го отстрани штитеникот на спротивната страна. Симеон подготвувал нов поход против Византија, но на 27 мај 927 г. големиот бугарски владетел ненадејно починал.[12]

По смртта на Симеон уреди

По Симеоновата смрт ситуацијата со еден потег во основа се изменила. Неговиот син Петар (927 г.-969 г.) не го наследил татковиот воинствен дух, ниту неговите високи стремежи. Натамошната борба изгледала напразна, и Петар побрзал да склучи мир со Византија. Византијците го признавале за цар на Бугарија и за жена му ја дале принцезата Марија Лакапин, ќерка на најстариот Романов син Христофор. Призната била и бугарската патријаршија., која, како што изгледа, ја основал Симеон во последните години од неговото владеење. Симеоновите големи воени успеси, значи, не останале без резултат. Навистина, неговиот сон за универзално царство не се остварил, но и Зоиното одбивање на сите бугарски барања се покажало како нереално. Победила средната линија на царот Роман. Бугарскиот владетел ја добил царската титула, но со изречно ограничување на бугарскта територија. Стапил во семејни врски во византиската владеачка куќа, но не со легитимната Македонска династија, туку со семејството Лакапин. Улогите како да се измениле: бугарскиот владетел не станал дедо и заштитник на византискиот цар, како што тоа Симеон сакал, туку византиските цареви Роман и Христофор во личноста на бугарскиот цар Петар нашле послушен и верен зет. Значајните отстапки, што Роман I, сега без надворешен притисок, им ги направил на Бугарите, создале предуслови за поволен развој на бугарско-византиските односи. Никогаш мирот на бугарско-византиската граница не бил толку ненарушен и никогаш влијанието на Византија врз Бугарија не било толку силно како во времето по договорот склучен во 927 г. Во самата Бугарија, влијанието на византиската култура, кое постојано се зголемувало од нејзиното нејзиното покрстување, сега достигнало кулминација.[13]

Рашка уреди

Византиската положба зајакнала и во другите јужнословенски земји. Србија, која Симеон ја покорил и ја опустел, била обновена по неговата смрт под кнезот Часлав, кој побегнал од Бугарија и ја презел власта во својата земја, признавајќи и го суверенитетот на Византија. Михајло Захумски, Симеоновиот сојузник, сега исто така и се приближил на Византија и од Цариград ја добил, титулата антипат и патрициј. Така византиското влијание секаде се зацвртувало додека бугарското опаѓало.[14]

Походот против Хамданидите уреди

Во 924 г. Византија кај Лемнос ја уништил флотата на Лав Триполитанец, освојувачот на Солун (904 г.), и го воспоставила своето господство на Егејското Море. Кога пак бугарската опасност конечно престанала, и византиската копнена војска, под водство на Јован Куркуас, започнала со офанзивни операции. Границата на Таура останала навистина, и натаму стабилна, борби се воделе во Ерменија, а посебно во северна Месопотамија. Првиот поголем успех било зазамањето на Мелитина: овој значаен град, кој веќе во повеќе наврати бил цел на византиските воени походи, му се предал на Јован Куркуас во 931 г., но потоа пак паднал во рацете на Арабјаните. На 19 мај 934 г. Јован Куркуас го освоил уште еднаш и оттогаш тој подолго време останал под византиска власт. Меѓутоа, Јован Куркуас нашол достоен противник во личноста на Саиф-ад-Даулах, емирот на Мосул и Алеп, претставник на династијата Хамданиди. Додека моќта на Абасидскиот калифат во Багдад се наоѓала во постојано опаѓање, силата на Хамданидите биле во пораст, така што и водството во борбата против Византија му припаѓало на Саиф-ад-Даулах. Заради одбрана од новиот непријател, Византија била приморана да склучи пријателски врски со калифатот во Багдад и со Ихшидидите во Египет. Во септември 938 г. Саиф-ад-Даулах го победил Јован Куркуас во областа на горен Еуфрат, се пробил во Ерменија, натерал повеќе ерменски и ѓурѓијански кнезови да ги признаат неговите врховни права, а потоа навлегол во византиските земји и ја пустошел областа Колонеја (940 г.). Меѓутоа, откако во Багдад избувнале немири, Саиф-ад-Даулах се повлекол, за да не ги пропушти можностите да се замеша во работите ка Калифатот.[15]

Нападот на Игор и нов трговски договор со Киевска Русија уреди

Привременото затишје на Исток му овозможило на Јован Куркуас да учествува во борбите на Босфор, кога, во јуни 941 г., флотата на киевскиот кнез Игор ја нападнала Византија. Русите се истовариле во Витинија и го опустошиле малоазискиот брег на Босфор. Цариград се нашол во тешка ситуација, но во овој нов судир со Русите, Византија покажала многу поголема сила отколку во 907 г. (кога кнезот Олег го нападнал Цариград) што јасно покажува колку зајакнала нејзината војска односно нејзината флота во меѓувреме. Русите биле поразени и потиснати од Витинија, а при нивното повлекување византиската флота, под заповедништво на паракимоменот Теофан, ги нападнал руските лаѓи и успеала да ги уништи со „течен оган“. Меѓутоа, во 943 г кнезот Игор се појавил на Дунав со голема руска и печенешка војска, па Византија се согласила на обновување на трговскиот договор со Киев. Овој договор, потпишан во 944 г., главно се совпаѓал со договорот склучен во 911 г. по Олеговиот напад на Цариград, но во извесни точки е поповолен за Византија.[16]

Повторни акции на Истокот уреди

Откако ги совладал Русите на Босфор, Јован Куркуас можел повторно да се сврти кон исток и да ја продолжи борбата во Месопотамија. Во победоносната офанзива, тој брзо ги освоил Мартиропол, Амида, Дара и Низибис (943 г.), а потоа тргнал на Едеса, каде што се чувала една од најголемите христијански светини, т.н. „неракотворена“ икона на Христос, позната од легендите за царот Авгар. Жестоката опсада ги принудила жителите на Едеса на предавање на познатата икона. Ослободена од неверниците со силата на византиското оружје, таа била свечено пренесена во Цариград. Нејзиниот пречек во византиската престолнина на 15 август 944 г. се претворил во голем политички и верски празник.[17]

Победите на Јован Куркуас значително ја поместиле византиската граница на исток и го подигнале византискиот углед во Азија. Под впечатокот на тие победи, пограничните арапски племиња почнале да и приоѓаат на Византија и по примањето на христијанството, да се населуваат во византиските провинции. Оваа депопулација на пограничните арапски области многу ја олеснила големата офанзива на Византијците во времето на царевите Никифор Фока и Јован Цимискиј.[18]

Отстранување на Роман од престолот и негова смрт уреди

Преносот на Едеската икона во Цариград бил последниот триумф на царот Роман I. Трагичен крај го чекал овој голем владетел. Стариот цар Роман, чија позиција изгледала толку безбедна, станал жртва на властољубието на своите синови. Неговиот првенец Христофор, кого тој го определил за престолонаследник, умрел во 931 г. Точно оценувајќи ги своите помлади синови, Роман не ги ставил пред легитимниот цар Константин Порфирогенит, па Стефан и Константин, плашејќи се дека по татковата смрт царската власт ќе му припадне на Константин Порфирогенит, решиле да изведат државен удар. На 16 декември 944 г. стариот цар по нивни налог бил фатен и протеран во прогонство, каде што и го завршил животот како калуѓер на 15 јуни 948 г.[19]

Наводи уреди

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 319.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 320-321.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 327-328.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 328.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 328-329.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 329.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 329-330.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 330-331.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 331-332.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 321-322.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 322.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 322-323.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 323-324.
  14. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 324.
  15. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 333.
  16. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 334-335.
  17. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 335.
  18. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 335-336.
  19. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 336.