Константин VIII (грчки: Κωνσταντίνος Η΄, 960 г. - 15 ноември 1028 г.), бил византиски цар од Македонската династија кој владеел од 15 декември 1025 г. сè до неговата смрт на 11 ноември 1028 г. Тој бил син царот Роман II и Теофано, и постар брат на еминентниот Василиј II, кој починал без наследници и со тоа ја оставил власта на Византиското царство во негови раце.

Константин VIII
Κωνσταντίνος Η΄
Цар на Источното Римско Царство
Константин VIII на реверс на хистаменон.
Византиски цар
На престол962 – 963 (совладетел со татко му)
963 - 969 (совладетел со Никифор II Фока)
969 - 976 (совладетел со Јован I Цимискиј)
976 - 1025 (помлад совладетел со брат му)
1025 - 1028 (самостоен владетел)
Крунисување962
ПретходникВасилиј II
НаследникРоман III Аргир
Зоја Порфирогенита
Роден(а)960
Цариград
Починал(а)15 ноември 1028
Цариград
СопружникЕлена
ДецаЕвдокија
Зоја Порфирогенита
Теодора
ДинастијаМакедонска династија
ТаткоРоман II
МајкаТеофано

Ран живот

уреди

Под заштитништво на Никифор II Фока

уреди

По прераната смрт на царот-татко Роман II, на 15 март 963 г., власта кратко преминала во рацете на царицата-мајка Теофано, која го презела регентвото на своите малолетни синови Василиј II и Константин VIII. Но ова било само привремено решение. Младата умна царица самата го увидела тоа и стапила во врска со Никифор Фока. Откако војската го прогласила за цар во Цезареја, Никифор на 15 август влегол во Цариград, го скршил отпорот на евнухот Јосиф Вринга во крвави улични борби, и на 16 август во Света Софија од рацете на патријархот ја примил царската круна. Потоа веќе побелениот војсководец се венчал со младата царица. Со овој брак Никифор Фока се поврзал со Македонската династија и како очув на младите легитимни цареви ја примил на себе улогата на нивни заштитник.[1]

Ново узурпирање на престолот

уреди

По атентатот извршен врз царот Никифор Фока, организиран од царицата-мајка Теофано и Јован Цимискиј,[2] токму Цимискиј успеал да се качи на престолот.[3] Бившата љубовница Теофано била испратена во изгнанство, од каде што се вратила дури откако нејзините синови стапиле на престолот. Јован Цимискиј стапил во брак со кој во најголема мерка ги задоволил принципите на династичката легитимност: се оженил со Теодора, ќерката на Константин VII, тетка на легитимните цареви Василиј и Константин, која во тоа време веќе не била млада. Како своевремено Никифор Фока, и Јован Цимискиј ја презел улогата на заштитник на младите легитимни цареви.[4]

Конечно преземање на власт

уреди

Иако царските права на легитимните претставници на Македонската династија, како на времето на Никифор Фока така и во времето на Јован Цимискиј формално останале нечепнати, сепак постепено сè повеќе се заборавало дека престолот всушност им припаѓал на "во пурпур родените" цареви Василиј II и Константин VIII. Се сметало за природно власта да се наоѓа во рацете на некој војсководец од кругот на византиското благородништво. Така и по смртта на Јован Цимискиј во 976 г., како претендент на упразнетата намесничка позиција, се јавил неговиот шура Варда Склир. Се чинело дека Македонската династија, слично како старите Меровинзи, ќе стане жртва на силните мајордоми или, слично на багдадските калифи, ќе игра само декоративна улога во сенката на надмоќните султани. Меѓутоа, благодарение на необичната енергија на младиот цар Василиј II, ваквата судбина ја избегнал.[5]

Во тоа време синови на Роман II веќе не биле малолетни: Василиј имал осумнаесет, а Константин шеснаесет години. Со помошта на паракимоменот Василиј, нивниот вујко, тие ја презеле власта. Но, фактички со државата управувал само Василиј II, бидејќи Константин, вистинскиот син на Роман II, бил лесноверен младич кој се свртел кон уживање.[5]

Владеење

уреди

Незаинтересираност на престолот

уреди

Константин станал самостоен владетел по смртта на Василиј II. Низата епигони на Македонската династија почнала со Константин VIII. Во текот на половика век тој фигурирал како совладетел на Василиј, не преземајќи никакво вистинско учество во државната управа. И сега, кога на стари години дошол на власт, тој повеќе ја репрезентирал државата одошто фактички владеел. Препуштајќи им ги државните работи на други тој, пред се, се занимавал со игрите во Хиподром, со дворски свечености и гозби и го арчел обилното богатство кое го собрал неговиот брат.[6]

Обезбедување на наследник

уреди

Прашањето за наследството на престолот се поставило мошне остро бидејќи стариот цар немал машки деца. Неговата најстара ќерка Евдокија, заболена и осакатена од сипаници, се закалуѓерила уште на млади години. На двете помлади ќерки Зоја и Теодора, иако веќе биле во повозрасно доба, им преостанала значителната улога во византиската историја на следните децении. За чудо, Константин VIII дури на смртниот одар се сетил да омажи една од нив и да и избере достоен епарх. Неговиот избор паднал на цариградскиот епарх Роман Аргир. Позицијата на цариградскиот епарх секогаш била сметана за особено почесна. Во XI век неговото значење се зголемувало. Уште во „Книгата за церемониите“ на Порфирогенит се вели дека епархот е татко на градот, но дури подоцна, Михаил Псел, писателот на XI век, ќе рече дека тоа е царска функција на која и недостатува само царски порфир. Како носител на ова високо удостоение и како претставник на едно од најугледните магнатски семејства, Роман Аргир бил најистакнатиот претставник на цариградското чиновничко благородништво. На 12 ноември 1028 година, тој се венчал со педесетгодишната Зоја, а три дена потоа, по смртта на Константин VIII, стапил на престолот.[7]

Наводи

уреди
  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 342-343.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 350-351.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 351.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 352.
  5. 5,0 5,1 Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 357.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 386.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 386-387.