Апостол Андреја
Свети Андреј(а) Првоповикан, наречен и како Свети Андреј — христијански светец, еден од дванаесетте апостоли на Исус Христос. Тој има значајно место во христијанската религија и во народниот живот, иако со неговото име и неговиот ден се поврзани малку обичаи и верувања.
Свети Андреј | |
---|---|
Икона на Апостол Андреј | |
Апостол Првоповикан | |
Роден(а) | 1 век, Бетсаида |
Починал(а) | сред. на 1 век, Патрас, на т.н. Андреин крст |
Почитуван(а) во | христијанство |
Слава | 13 декември |
Заштитништво | Шкотска, Русија, Сицилија, Грција, Романија, |
Живот
уредиТој е син на Јонин и брат на Свети Петар. Роден е во Витсаида на брегот на Генизаретското Езеро и по занимање бил рибар. Се смета дека пред да станел апостол, Андреј бил ученик на Јован Крстител. Но според Евангелието по Јован, Исус рекол: „Еве тоа е јагнето Божје што ги собира сите гревови на овој свет“ тогаш Исус го повикал, оттука и е наречен Првоповикан.[1] Андреј станал прв Исусов ученик и никогаш повеќе не се одделил од него, а присуствувал на сите големи настани поврзани со Исус Христос: кога Исус им се јавил на апостолите по Воскресението, на Вознесението, како и на слегувањето на Светиот Дух. Во своето верување во Исус Христос, Андреј го повикал и братот свети Петар. Својата вера ја проповедал во Мала Азија, во Грузија и во Скитија поради што се смета за покровител на Романија и Русија. На Пелопонез, во градот Патрас, тој излечил многу болни и така придобил многу луѓе за христијанската вера. Притоа, тој ги придобил и братот и снаата на градоначалникот на Патрас, поради што тој наредил Андреј да биде распнат на крст, но не како Исус, туку во форма на буквата Х. Два дена и две ноќи, 70-годишниот апостол Андреј се мачел пред да ја испушти душата.
Руската православна црква го почитува апостол Андреј како свој основач. Исто така, се смета дека свети Андреј ја основал црквата и во Византион, денешен Истанбул. Оттука, денес, цариградските патријарси се сметаат за негови директни наследници. За време на владеењето на цар Константин I Велики, неговото тело било пренесено од Патрас во Цариград и било поставено во црквата на Светите Апостоли. Подоцна главата му била пренесена во Рим, каде што со многу почести се чува и денс во базиликата Св. Петар. Неговиот празник е на 13 декември.