Бајазит I

(Пренасочено од Бајазид I)

Бајазит I бил четвртиот султан на Отоманското Царство од 28 јуни 1389 до 28 јули 1402. Власта ја презел по Битката на Косово поле и смртта на татко му Мурат I. Во негово време бил изграден Анадолски Хисар, најстарата отоманска тврдина во денешен Истанбул.

   Бајазит I
Отомански султан
Владеење1389–1402
ПериодПодем на Отоманското Царство
Роден1354
Место?
Починал8 март 1403
МестоАкшекир
ПретходникМурат I
НаследникИнтеррегнум
ПридружбаДевлет Шах Хатун
Султан Хатун
Оливера Лазаревиќ
Марија Унгарска
ПотомствоЕртугрул
Муса
Сулејман
Иса
Мустафа
Мехмед
Ќазим
Јусув
Ерхонду
Хунди
Фатма
СемејствоОтоманска династија
ДинастијаОтоманска династија
ТаткоМурат I
Валиде султанЃулчичек Хатун

Потекло и детство

уреди

Бајазит е роден во 1354 година и бил третиот владетел од Османлиската династија. Тој бил син на Мурат I и Ѓулчичек Хатун, за која се смета дека имала грчко потекло. Според некои извори, најпрвин неговата мајка била сопруга на владетелот на Кајсери, но кога таткото на Мурат, Орхан I во 1344 година го зазел Кајсери, таа била испратена во османлискиот харем, а подоцна и омажена за Мурат I. По примањето на исламот, таа го демонстрирала својата посветеност кон новата вера кога во османлиската престолнина Бурса изградила џамија.

Провинциски управител

уреди

Според османлиските обичаи, синовите на султаните биле испраќани да управуваат со провинциските градови. Во 1381 година Бајазит бил испратен во Ќутахија. Во Анадолија, Османлиите како главни противници ги имале емиратите Ертене во Сивас и Караманија со центар во Конија. Неговиот татко не сакал да покрене поход против овие две земји, Во 1375 година Бајазит бил оженет со ќерката на управителот на Гермијана. Кога Османлиите го зазеле емиратот Хамидилија, Караманија објавила војна. Во 1387 година Мурат ги поразил а по таа битка идниот султан Бајазит бил наречен Јилдрим односно муња.

По зацврстувањето на своите позиции во Анадолија, Мурат направил инвазија на Балканот, каде биле заземани Едрене (1369), Сер (1383), Софија (1385), Ниш (1386) и Солун (1387), а по ова се одвила и Косовската битка.

Косовска битка и смртта на Мурат

уреди

Во историјата денеска е познато дека во Косовската битка бил убиен султанот Мурат I. Според османлиската традиција, Бајазит го погубил својот брат Јакуб. Еден од везирите на Мехмед II запишал дека Бајазит го погубил бидејќи тоа било неопходно и целта била да се спречи поголемо зло, односно граѓанска војна во земјата. Во почетокот во Западна Европа не знаеле кој од муратовите синови бил избран за нов султан. Во Венеција во јули припремиле делегација која ќе изрази на новиот султан сочувство. Венецијанскиот амбасадор со себе понел две писма, едно за Бајазит а другото за Јакуб.

Се очекувало дека по доаѓањето на власт, новиот султан треба да се повлече кон источниот дел заедно со својата војска. Историски денеска не се познати директните извори за војната помеѓу синовите на Мурат, Бајазит и Јакуб. Познато е дека по смртта на Мурат, неговиот постар син Јакуб се наоѓал во Анадолија, но неприсуството на смртта на неговиот татко му дала голема можност на помалиот Бајазит веднаш да го зазеде престолот. Бидејќи првите познати сребрени монети од Бајазит започнале да се издаваат шест месеци поп Косовската битка. Сите негови монети ја носат датата 792 година според муслиманскиот каленар, или 20 декември 1389 година[1]. Се смета дека во текот на овие месеци бил убиен Јакуб а Бајазит се зацврстил на султанскиот престол.

Анадолија

уреди

Во првите години од своето владеење Бајазит лично го предводел походот против малите емирати во Анадолија. Во времето на Косовската битка, владетелот на Гермијан си ги вратил териториите кои претходно морал да ги предаде на Мурат. Така во 1389 и 1390 година Бајазит ги зазел Сарухан, Ајдин и Гермијан. Единствено Смирна останала надвор од османлиско управување. Како нов владетел на Ефес и Милет, Бајазит започнал да војува со еден од своите главни противници Алаудин. Тој успеал да навлезе во неговата територија и да го опседне главниот град Конија. На ова одговориле останатите емирства на чело со Кастамонија и Сивас, додека Караманија останала неутрална. И покрај антиосманлискиот сојуз, Бајазит ги задржал сите освоени територии а Алаудин ги задржал територииите источно од градот Чаршамбе на брегот од Црно Море.

Според Азиз бин Ардашир, кон почетокот на воената кампања, кон султанската армија се присоединил и Сулејман Паша, владетел на Кастамону. Сулејман најверојатно бил вазал на Бајазит, а односите меѓу двете земји се зајакнале по склучениот брак меѓу отоманската принцеза и близок роднина на Сулејман[2]. Во текот на овој воен поход, Бајазит постигнал успех, притоа биле заземани Сарухан и земјите на Ајдин, а по ова бил предаден и Бејшехир, како и југозападна Анадолија. Точните дати за овие победи не се сигурни. Венеција на 6 март 1390 година го испратила својот амбасадор кај султанот за потпишување на договори со владетелите на Ајдан у Ментеше во југозападна Анадолија[3]. Во целина, се смета дека Бајазит и неговата кампања била соста кратка и усупешна.

Византија

уреди

Бајазит во голема мера ја искористил династичката војна во Византија и направил сè за да се вмеша во нејзината внатрешна политика. Византија во негово време била сведена на престолнината Цариград и крајбрежјето на Црно Море како и Мореја на Пелопонез. Во Цариград управувал Јован V Палеолог (1341—1391), додека неговиот внук Јован VII Палеолог владеел со областите од Месемврија до Цариград. Со поддршка на Џенова и Османлиите, Јован VII успеал да зазеде неколку градови и да се појави пред ѕидините на Цариград. На стариот император Јован како на помош му дошол Мануил II Палеолог, но и покрај тоа на 14 април 1390 година во градот влегол Јован VII. Јован V со своите приврзаници бил затворен во Златната порта, додека неговиот син Мануил успеал да побегне од градот. На Венецијанската Република и била позната бајазитовата поддршка на Јован VII. Мануил II успеал да собере помош од егејските острови и во август се нашол пред Цариградските ѕидини. Со помош на Џенова, на 17 септември 1390 година Јован V повторно ја зазел власта а Јован VII побегнал кај Бајазит како османлиски вазал.

Бајазит со помош на вазалот ја зазеле последната христијанска населба во Анадолија, Филаделфија. Поради стравот од Бајазит, Јован V започнал со поправка на ѕидините на престолнината на кое Бајазит му се заканил со опсада на градот. Поради ова византискиот цар го повлекол проектот а како награда го добил Мануил II. Во 1391 година починал Јован, а на негово место застанал Мануил II, кој бил вазал на Бајазит и кој му порачал дека територијата на Византија се наоѓа единствено зад Цариградските ѕидини. Покрај тоа, Мануил морал да се согласи да Бајазит именува кадија кој во Цариград ќе им суди на муслиманското население.

Освојување на Балканот

уреди

Србија

уреди

Имајќи моќ и голема и добро организирана војска, Бајазит I решил да продолжи со освојувања на татко му на Балканот и во Азија. Кога дознал дека неговиот татко е мртов, тој наредил сите српски затвореници да бидат погубени. Бајазит се одликувал со тоа што ги проширил своите територии на Балканот поради кое главно бил наречен Јилдирим или молња.

По смртта на српскиот кнез Лазар на Косово поле во 1389 година, неговите вазали Вук Бранковиќ и Ѓорги Страцимировиќ не сакале да го признаат господарството на лазаревата вдовица Милица. Истата година, унгарскиот крал Сигисмунд го наложил своето господарство во Србија во северниот дел од земјата. И покрај тоа што Бајазит се наоѓал во Анадолија, турските налети продолжиле. До крајот на 1392 година, сите земји на кнезот Лазар паднале под власта на Османлиите.

Според житието на Стефан, синот на кнезот Лазар, по Косовската битка во Бајазит испратил претставници кај сопругата на Лазар, Милица и посакал од неа да се потчине како и раката на нивната ќерка Оливера Лазаревиќ. Во замена тој и ветил дека нема да ги напаѓа позициите на нејзиниот син Стефан, а ќе го брани и ќе ја потврди неговата власт во земјата. По прифаќањето на овие услови, Оливера Лазаревиќ и Стефан Лазаревиќ отишле кај Бајазит за да се склучи бракот и да се формализираат вазалните односи. Во времето кога го склучил сојузот со Милица, султанот Бајазит I ги потчинал Ѓорги Страцимировиќ и Вук Бранковиќ. Според еден протокол издаден од страна на венецијанскиот сенат на 7 октомври 1392 година, Бајазит успеал да го зароби самиот Ѓорги и неговата фамилија. Цената на нивното ослободување била предавање на областите Шкодра и Улцин. Во еден друг документ пак од 21 октомври 1392 година кој бил издаден во Приштина, Вук објавува дека склучил договор со османлискиот владетел[4]. Според житието на Стефан, и двајцата српски владетели се вазали на султанот и се задолжени да учествуваат во воените походи на Бајазит. Со потчинувањето на овие двајца, Отоманското Царство воспоставила контрола врз сите земји на покојниот кнез Лазар.

Бајазит I прв од турските султани почнал да гради силна морнарица за да ја искористи предноста на освојување од море. Османлиите го свртеле своето внимание кон пространствата на Егејско Море, каде што имало многу густо населени грчки острови. Но, островјаните биле слободољубиви, а нивните градови биле заштитени со камени ѕидови. Покрај тоа, на Грците морепловството им било вродено, и да се победат на море се покажало многу тешко. Милитантниот османлиски султан избрал поинаква тактика, и целосно го оправдал својот прекар. Неговата флота со војници почнала да врши грабежи по грчките острови во архипелагот. Оваа тактика довела до тоа многу скоро, многу грчки острови да станат сопственост на Турците Османлии, а островјаните на крајот се приклучувале на екипажите на бројната флота на Отоманското Царство.

Бугарија

уреди
 
Споменик на Бајазит во Анкара

По покорувањето на српските земји, Османлиите се свртиле кон земјите на денешна Бугарија. За оваа кампања се зазчувани оскудни сведоштва, но ниту еден извор не ги раскрива мотивите за нивниот почеток. Се смета дека по крајот на Косовската битка, бугарскиот цар Шишман повеќе не сакал да биде вазал на османлискиот султан, исто како и својот брат во Видин кој се потчинал на Кралство Унгарија[5]. Според српските летописи, Трново бил заземан на 17 јули 1393 година, но самиот Шишман управувал уште две години. Налагањето на османлиска власт во Србија и Бугарија ја ограничила можноста на унгарскиот напад по текот на реката Дунав. Поради ова, Бајазит започнал подготовка за зазимање на Цариград, град кој одамна ја имал изгубено својата величествена гордост, главно поради постојаните династички пресметки помеѓу византиските династии. Индиректно, самиот град бил управуван од страна на султанот бидејќи тој налагал големи даноци.

Состанокот во Сер

уреди

Со покорувањето на Трновска Бугарија, османлиските територии во Европа се простирале до реката Дунав. Се смета дека во тоа време Бајазит започнал да размислува за воведување на локални влади чии области би биле анкетирани и на тој начин би се создала централизираната држава. Унгарските обиди кај дунавските предели, како и тајните преговори меѓу Мануил II и Јован VII за помирување довеле до сомнеж кај Бајазит. Поради тоа тој сакал да го потврди својот авторитет на Блканот, свикувајќи средба со христијанските вазали во Сер во зимата 1393/94 година. Во Сер биле повикани самиот император Мануил II, синот на Јован VII Теодор Драгаш, Павле Мамонас како господар на Монемвасија, како и српските владетели Константин Драгаш и кнез Стефан Лазаревиќ. Се смета дека на тој состанок присуствувале и Вук Вранковиќ заедно со Крале Марко и неговите браќа Андреја и Димитар. Султанот на овој начин сакал да ги дознае односите меѓу христијанските владетели. По овој состанок послушност кон Бајазит откажале Теодор Драгаш и Мануил II како и браќата на Марко, кои заминале во Унгарија. За разлика од нив, Вук Бранковиќ останал со своите поседи но подоцна побегнал во Дубровник.

Во 1391 година, нов император станал Јован V, кој следната година се оженил за Елена Драгаш. Во зимата 1393-1394 година, императорот бил повикан од страна на Бајазит во Сер, заедно со вазалите Константин Драгаш, Теодор Драгаш и Стефан Лазаревиќ. Мануил одбил да присуствува па затоа во тоа време се случила и опсадата на градот. По ова следувала венецијанска интервенција кои ги испратиле своите галии, а го советувале на императорот да не го напушта градот туку да побара помош од самиот папа во Рим и западноевропските кралеви. Во јули истата година венецијанскиот сенат објавил дека било многу сигурно Бајазит да се повлече бидејќи во Анадолија бил застрашен од страна на монголскиот владетел Тимур.

Опсада на Цариград

уреди

По крајот на состанокот во Сер, Мануил II изразил нелојалност кон султанот. Во 1394 година Бајазит го повикал Мануил во својот двор но тој одбил да се појави. По ова Бајазит го пратил големиот везир Али паша во византиската престолнина со барање за предавање на градот. по одбивањето, Мануил побарал помош од Венеција и од западните сили по кое започнала опсадата на градот во септември 1394 година. Но по првиот обид станало јасно дека султанот нема да може да ги пробие ѕидините на градот кои биле изградени уште од времето на Теодосиј II.

Влашка

уреди
 
Бајазит I

Во пролетта 1395 година, Бајазит најавил експедиција против Влашка. Веројатно неговата цел била да го попречи сојузот меѓу војводата Јован Мирче и унгарскиот крал. Според тој договор, самиот влашки владетел се задолжил да интервенира доколку унгарските земји бидат нападнати од страна на Османлиите[6]. Османлиските војски постигнале успех до реонот на Белград и Темешвар. По ова влегле во Влашко и кај реката Арџеш се присретнале со влашката војска. Според еден документ, Бајазит водел битка во продолжение на една недела по кое следувало потпишување на мир[7]. Според една анонимна фирентинска хроника пак Бајазит војувал со Сигизмунд и со тешки загуби на двете страни успеал да победи. Во оваа битка загинал и Крале Марко, син на Волкашин, како и Константин Драгаш кои му биле вазали на Бајазит. По ова, Јован Мирче успеал да побегне кај унгарскиот крал.

Битки со унгарските сили

уреди

По крајот на битката, Бајазит ја преминал реката Дунав и заминал кон Никопол, кој бил под власта на бугарскиот цар Иван Шишман кој по заземањето бил погубен на 29 октомври 1395 година.

Во текот на следната 1396 година, соперништвото меѓу ингарските и османлиските сили го достигнал својот врв. Кралот во продолжение на неколку години барал сојузници на запад, а од друга страна пак истото го прави и византискиот цар за да ја спаси престолнината Цариград. На 1 март 1396 година, кон т.н. христијански сојуз се приклучиле Венецијанската Република[8], а во следните месеци истото го направиле и Франција, Англија, Бургундија и Бохемија/

Никопол

уреди
 
Битка кај Никопол

Во 1396 огромната османлиска војска под команда на Бајазит I ја повторила опсадата на византиската престолнина Цариград. Градот бил заштитен со цврсти ѕидови, но гарнизонот кој го заштитувал бил слаб. Веста за опсадата на Цариград од страна на Турците предизвикала реакција во Европа. Кралот на Унгарија и на Чешка, Сигизмунд, со помош на Папа Бонифациј IX во 1396 организирал крстоносна војна против Османлиите.

Во ноќта на 25 септември, кралот Сигизмунд свикал воен совет, на кој витезите долго и безуспешно се расправале за тоа кој е достоен прв да започне битка со Османлиите. Рано наутро француските витези, предводениа од бестрашниот до очај Војвода од Навара, излегле од логорот и без да ги чекаат другите, тргнале кон позициите на Османлиите. Силата на завојуваните страни не била еднаква. Бајазит I донел со себе 20-илјадна армија, искалена со военото искуство во претходните освојувања. Кралот на Унгарија и Чешка, имал под свое водство околу 10 илјади војници. Француските рицари под команда на Војводата од Навара лесно се пробиле низ структурата на турските стрелци коњаници, но почнувајќи да ги гонат, паѓале под огнот на стрелците јаничари од околните ридови.

Соочени со добро утврдените јаничари во ридиштата, француските витези, изморени од нападот, не можеле да ги пробијат на нивните позиции. Турците масакрирале илјадници француски крстоносци, а другите морале да се предадат во надеж дека ќе ја избегнат со тоа неминовна смрт. Целосниот пораз на кралот на Унгарија и Чешка во Битката кај Никопол, им овозможило на отоманските Турци, без никакво противдејство на унгарските војници да ја покорат горна Босна. Таа станала еден вид на отскочна штица од која многупати се правеле напади во Европа од турската војска.

По крајот на битката и големата победа на Бајазит, султанот наредил погубување на сите заробени војници со исклучок на оние кои се помлади од 18 години.

Грција

уреди

За настаните околу Епир денеска се зачувани две карти од Јанина на кои е одбележана војната меѓу два епирски владетели Есау Буонделмонти и Буа Шпата. Најверојатно конфликтот се случил во 1388-1399. Според изворите, кон крајот на 14 век и почетокот на 15 век, одделни османлиски бегови стигнале до бреговите на Јадранско Море. Преку династички бракови, Бајазит ја зголемил својата власт во јужна Грција.

На Пелопонез венецијаните претходно имале свои колонии и тврдини. Според пишувањата на венецијанскиот сенат Османлиите станале многу силни во тој реон главно бидејќи со многу мал напор успевале да најдат свои сојузници. Нападите започнале во пролетта на 1394 година, кога Евренос го нападнал деспотот на Коринт и Мистра.

Од грчките и венецијанскиоте извори се проценува дека во 1396 година немало напади во Пелопонез. Се смета дека кон крајот на летниот период османлиските сили ја напуштиле јужна Грција за да се вклучат кон Битката кај Никопол. Во 1397 година нападите биле обновени. Настаните се опишани во Кратката хроника од 1425 година според која Јакуб паша и Тимурташ го зазеле Аргос на 2 јуни, кој бил венецијанска колонија. Во јануари 1399 година Бајазит испратил голема војска во Пелопонез, а флотата истовремено го нападнал островот Негропонте. Во 1400 година кога паѓањето на Мистра станало повеќе од очигледно, Венеција предложила деспотот Теодор и неговиот брат, императорот Мануил II да заминат на нејзините територии.

Битка со Монголците

уреди
 
Бајазит како затвореник пред Тимур
 
Бајазит како затвореник пред Тимур

Во времето на Бајазит, од исток се појавиле монголските освојувачи на чело со Тимур. Во почетокот од 15 век, империјата на Тимур се протегала до Ирак, Азербејџан и делови од Кавказ. Во времето кога Бајазит ги освоил Сивас и Малатија, неговата империја се проближила до онаа на Тимур. Честопати вазалите од двете страни барале протекции за своите земји, и во голем дел се смета дека ова било причината за нападот на Тимур. По зазимањето на Сивас, управителот Кара Јулук му дал повод на Тимур да нападне. Во тоа време Бајазит учествувал во опсадата на Цариград, па во Сивас го пратил својот син Сулејман. Градот паднал пред самиот Сулејман да престигне, и тоа на 26 август 1400 година.

Така, монголите започнале да им нанесуваат порази на Османлиите во Анадолија. До поголема војна дошло на 28 јули 1402 година на полето Чибук, блиску денешната престолнина на Турција, Анкара. Во таа битка учествувал и самиот Бајазит I, заедно со своите синови: Иса, Мехмед, Муса, Мустафа и Сулејман. Во таа битка на страната на Османлиите учествувале и вазалите Стефан Лазаревиќ и Ѓураѓ Бранковиќ, кои биле српски деспоти и учестувале со околу 5.000 оклопни коњаници.

Оваа битка е меѓу најголемите битки во воената историја. Според различни проценки, имало присуство на околу 2.000.000 луѓе. Се наведува дека Тимур имал најмалку 800.000 војници. Веројатно е дека овие бројки се значително претерани во источните извори, а европските извори даваат многу пониски бројки: 250-350 000 војници и 32 воени слонови на Тимур и 120-200.000 војници на султанот Бајазит I.Местото на битката, градот Ангора, не бил случајност: тука се вкрстувале сите патишта на Анадолија.

Во битката победила војската на Тимур а Бајазит I ,со еден од неговите синови, бил заробен, а неговиот друг син бил убиен во битката. Тимур невообичаено нежно се однесувал со поразениот турски султан, па дури и го приврзал кон себе. Но, кога тој се вмешал во заговор против него, станал построг и Бајазит станал вистински затвореник, чиј живот зависел од волјата на победникот. Во текот на битката, турските бегови од областите Ајдин, Сарухан, Ментеш и Караманија преминале на страната на Тимур и со тоа битката била решена. Со околу 10.000 јаничари, султанот во ноќта се обидел да побегне но во тоа не успеал па бил заробен од страна на монголската војска. Заедно со него бил заробен и сун му Муса. Другите негови синови се спасиле со бегство, освен Мустафа кој мистериозно исчезнал на бојното поле.

Заробеништво

уреди

За да го спречи можното бегство на Бајазит, Тимур наредил да биде пренесен на носилка во решетки односно во кафез. Според некои покасни извори, Тимур на Бајазит го дочекал пријателски. Кога го прашал што би направил кога би бил на негово место, тогаш Бајазит му одговорил дека ќе го внесе во кафез по кое следувала наредбата за градење на кафезот. Колку и да било точно овој извор, сепак се знае дека Тимур не бил многу почитуван во заробеништво. Тимур решил да го понижи султанот доведувајќи ја бајазитовата најмила жена, спрската кнегиња Оливера. Тој ја носел постојано во својот логор и наредувал да му служи. Султанот Бајазит му порачал на Тимур дека како човек од скромно потекло не треба да се однесува на таков начин со еден цар исмејувајќи ги неговите жени и деца. Бајазит исто така бил носен во кафезот низ целиот воен логор на Тимур каде неговите војници го исмејувале.

Според византиските кратки хроники е познато дека Бајазит починал на 9 март 1403 година во Акшехир[9], северозападно од Конија. Денеска не е познато како точно починал султанот. Византиските извори од 15 век имаат две верзии. Според првата тој бил отровен а според втората починал од тага.

И покрај сè, Тимур се потрудил Бајазит да биде погребан во престолнината Бурса.

Наводи

уреди
  1. Anton С. SCHAEDLINGER, Osmanische Numismatik, Brunswick (1973), 87
  2. Yaşar YÜCEL, „Kastamonu'nun ilk fethine kadar Osmanlı-Candar Münasebetleri", Tarih Arastirmalari Dergisi, 1/1 (1963).
  3. 4Elizabeth A. ZACHARIADOU, Trade and Crusade: Venetian Crete and the Emirates of Menteshe and Aydìn, Venice (1983), 77.
  4. Elizabeth A. ZACHARIADOU, „Manuel II Palaeologus".
  5. BOGDAN, „Eine bulgarische Urkunde des caren Joan Stracimir", Archiv für Slavische Philologie, XVII (1895).
  6. S. STANOJEVIC, „Die Biographie Stefan Lazarevits", 422.
  7. Halil İNALCIK, „An Ottoman document on Bayezid I's expedition into Hungary and Wallachia", Actes du X-e Congrès international d'Etudes Byzantines, Istanbul (1957).
  8. Tuchman, 548
  9. Ismail Hakki Uzuncarsili. Osmanli tarihi, cild, 3 baaski, Ankara 1972, 310-320

Надворешни врски

уреди
Бајазит I
Роден(а): 1354 Починал(а): 8 март 1403[47–48 години]
Владејачки титули
Претходник
Мурат I
Отомански султан
1389 – 8 март 1403
Наследник
Мехмед I