Сапун
Сапун — алкална сол на вишите масни киселини[1], што главно се користи за перење, миење, капење, како и за чистење, но исто така сапунот е важна компонента на средствата за подмачкување. Може да се најде во тврда агрегатна состојба или во состојба на вискозна течност.
Добивање
уредиСапуните за чистење се добиваат со третирање на растителни или животински масла и масти со силно алкален раствор. Мастите и маслата се составени од триглицериди: три молекули на масните киселини прикачени на една молекула на глицерол[2]. Алкалниот раствор, често натриум хидроксид, предизвикува хемиска реакција, позната како “сапонификација“. При сапонификацијата мастите се разградуваат (хидролизираат) при што се добива суров сапун. Маснотиите се трансформираат во соли на масните киселини, a се ослободува глицеролот, оставајќи го глицеринот како спореден производ. Во таквиот сапун, обично се додаваат и други состојки, како боја и мирис, за да се направи попривлечен.
Дејствување
уредиСапуните го овозможуваат чистeњето благодарение на специфичната структура на нивните молекули. Молекулите на сапунот имаат хидрофилен дел што се раствора во вода, и хидрофобен дел што ги раствора неполарните молекули на мастите. Маснотиите што биле задржани на кожата или ткаенината, со дејствување на сапунот почнуваат да се раствораат во водата благодарение на формирањето “мицели“. Мицелите се составени од неколку десетици или стотици молекули, чии хидрофилни групи се свртени кон водата, а хидрофобните синџири се свртени еден кон друг. Хидрофобниот дел ги раствора мастите од нечистотијата и овозможува нивно отстранување во водениот раствор, во облик на емулзија.
Историја
уредиПостојат податоци дека сапунот се употребувал уште во античките Сумер и Вавилон[3] (околу 2800 година пред н.е.). Описи на технологијата за подготовка на сапун се пронајдени во Месопотамија на глинени плочки, што датираат од околу 2200 година пред н.е. Египетски папирус од средината на вториот милениум пред нашата ера сведочи дека Египќаните редовно се миеле со сапун. Слични средства нашироко се користеле и во Древниот Рим.
Произведувачите на сапун во Неапол биле членови на еден еснаф кон крајот на VI век[4], а во VIII век производството на сапун веќе било добро познато во Италија и Шпанија[5] .
Во Европа и САД процесот на варење сапун се појавил кон крајот на 1930-тите години, заедно со процесот на хидролиза на мастите од вода и пареа под висок притисок.
Видови сапун
уредиСпоред хемискиот состав и употребата се разликуваат повеќе видови сапуни.
- Натриумов (тврд) сапун - претставува натриумова сол на масните киселини. Се добива со варење на масти со натриум хидроксид (NaOH) или сода (Na2CO3). Се користи во домаќинствата за перење.
- Калиумов (мек) сапун - претставува калиумова сол на масните киселини. Се добива со варење на масти со калиум хидроксид (КОН). Се користи во текстилната индустрија за перење волна.
- Оловен сапун - се користи како мелем или како фластер.
Сапунот како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Хотелско сапунче“ — кус расказ на македонската писателка Сања Михајловиќ-Костадиновска од 2018 година.[6]
- „Малку сапун“ (англиски: A Little Bit Of Soap) — песна на американската хип-хоп група De La Soul.[7]
- „Правилна употреба на сапунот“ (англиски: The Correct Use Of Soap) — албум на англиската рок-група Магазин (Magazine) од 1980 година.[8]
Наводи
уреди- ↑ "IUPAC Gold Book - soap" Compendium of Chemical Terminology, 2nd ed. (the "Gold Book"), Меѓународен сојуз за чиста и применета хемија.
- ↑ Cavitch, Susan Miller. The Natural Soap Book. Storey Publishing, 1994.
- ↑ Willcox, Michael (2000). Hilda Butler (уред.). Poucher's Perfumes, Cosmetics and Soaps. Soap (10. изд.). Dordrecht: Kluwer Academic Publishers. стр. 453.
The earliest recorded evidence of the production of soap-like materials dates back to around 2800 BCE in ancient Babylon.
- ↑ footnote 48, p. 104, Understanding the Middle Ages: the transformation of ideas and attitudes in the Medieval world, Harald Kleinschmidt, illustrated, revised, reprint edition, Boydell & Brewer, 2000, ISBN 0-85115-770-X.
- ↑ p. 632, chapter 11, Anionic and Related Lime Soap Dispersants, Raymond G. Bistline, Jr. in Anionic surfactants: organic chemistry, Helmut Stache, ed. Volume 56 of Surfactant science series, CRC Press, 1996, ISBN 0-8247-9394-3.
- ↑ Сања Михајловиќ-Костадиновска, (Бес)конечни модели на расказот. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 64-65.
- ↑ De La Soul – 3 Feet High And Rising (пристапено на 25.6.2022)
- ↑ DISCOGS, Magazine – The Correct Use Of Soap (пристапено на 25.3.2018)
„Сапун“ на Ризницата ? |