Ефес (грчки: Ἔφεσος, латински: Ephesus, турски: Efes) — познат антички град во Римското Царство, кој бил всушност и еден од најголемите градови во Римското Царство со околу 400 — 500 илјади жители во периодот од околу 100 година од н.е. Бил сместен на западниот дел на Мала Азија, близу Егејското Море. Бил многу просперитетен како економски и пристаништен центар.

Имал многу споменици, театри и храмови. Најпознат бил храмот на Артемида (Дијана),божица на ловот, кој имал 127 мермерни столбови високи по 18 метри и бил еден од седумте антички светски чуда. Во овој град биле обожувани и седумнаесет други богови и божици во исто време. Овој град бил познат и по многуте пагански религии, вклучувајќи го тука и култот на императорот, мистичните култови, окултизмот и елинизираниот јудаизам. Ефес исто така бил и меѓународен туристички центар, толку профитабилен што неговите водачи ја отвориле првата светска банка во овој град.

Овој град претставувал живеалиште на неколку христијански водачи: Тимотеј, Ераст, Онисифор, а бил и често престојувалиште на апостолите Павле и Јован. Апостол Павле пратил писмо до христијаните во Ефес (чија црква била создадена во времето на апостолите), коешто е дел од Библијата, од Новиот завет. Христијанската црква во Ефес била една од седумте цркви до кои апостол Јован го испратил Откровението кое го напишал некаде околу 90-тите години од н.е.