Риби

(Пренасочено од Риба)

Риби (лат. Pisces) — водни ‘рбетни животни со перки и внатрешни жабри. Постојат три живи класи на риби: примитивните безвилични риби, или Agnatha; ‘рскавичните (ајкуловидни) риби, или Chondrichthyes; и коскените риби или Osteichthyes. Овие групи, иако имаат различни анатомски одлики, поседуваат низа заеднички особини поврзани со нивното заедничко еволутивно потекло или со нивниот подводен начин на живот. Рибите биле најраните ’рбетници и веројатно еволуирале од група на водни нижи хордати; копнените ’рбетници еволуирале од рибите.

Риби
Фосилен опсег: Ордовик - денес
Разни морски риби
Разни морски риби
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
(нерангирано) Черепни
Вклучени групи
Безвилични риби
Оклопни риби
‘Рскавични риби
Зракоперки
Резноперки
Исклучени група
Четириношци

Постојат околу 20 000 видови на риби. Тие се разликуваат во големина, и тоа од 7,9 mm долгиот педоциприс (Paedocypris) кој живее во тропските мочуришта на Суматра, па сѐ до 14 m долгата китовска ајкула. Повеќето се светло обоени и многу имаат форми приспособени за камуфлажа. Можат да се најдат во сите морски, слатководни и соленкасти води низ светот, на било која длабочина. Членовите на различните видови на риби толерираат температури на водата од замрзнување до преку 38 °C. Повеќето се или соленоводни или слатководни жители, но некои се физиолошки адаптирани за движење од една во друга водна средина. Поголем број од рибите родени во слатките води го минуваат животот како возрасни единки во океанот, враќајќи се во слатките води за да се мрестат; обратната миграција се случува кај некои риби од океанот. Многу риби остануваат во тесно организирани групи, а други се сами и се здружуваат само за време на мрестење и хранење. Рибите може да се месојади, тревојади или сештојади. Некои риби се чистачи на езерските или океанските дна. Рибите се главен извор за човечка храна, рибино масло, храна за домашните животни итн.

Постојат членови на копнените вертебратни класи, како китовите и морските змии, кои се имаат адаптирано на водниот начин на живот, но не се риби. Тие дишат воздух, а не растворен кислород и нивните анатомски одлики ја разоткриваат врската со копнените животни.

Морфолошки и анатомски особености

уреди
 
Морфологија на Lampanyctodes hectoris
(1) - оперкулум (жабрена покривка), (2) - странична линија, (3) - грбна перка, (4) - дебела перка, (5) - опашна педункула, (6) - опашна перка, (7) - анална перка, (8) - фотофори, (9) - карлични перки (парни), (10) - пекторални перки (парни)

Типичната риба е со форма на торпедо, со глава која содржи мозок и сетилни органи, труп со мускулен ѕид кој е опкружен со празнина во која се наоѓаат внатрешните органи, и мускулна постанална опашка.

Многу риби се движат низ водата со брановидни движења на нивните тела и ја контролираат насоката на движењето со помош на перките. Сите имаат кожа прекриена со лигава жлездеста секреција која го намалува триењето со водата, како и крлушки, кои заедно со мукозната секреција формираат речиси непропустлива за вода обвивка. Сите риби имаат страничен систем на сетилни органи за детекција на промени на притисокот во водата. Поседуваат и жабри за дишење сместени во канали кои водат од голтникот до надворешноста; неколку риби исто така имаат бели дробови како додатни структури за респирација. Освен во примитивните класи, во сите други жабрените канали се поддржани со скелетни структури наречени жабрени лакови. Рибите кои се хранат со планктон имаат мрежовидни структури на жабрите кои ги собираат малите организми. Рибите дишат со земање на вода во устата, која потоа се продолжува низ жабрите надвор; како што водата минува низ тенкоѕидните жабри, растворениот кислород дифундира низ жабрените капилари, а јаглерод диоксидот дифундира во надворешната средина. Циркулаторниот систем е од затворен тип, така што постои двокоморно срце. Крвта е црвена. Со неколку исклучоци, рибите се ладнокрвни (поикилотермни организми), односно тие не можат да ја регулираат нивната телесна температура, која е иста како таа на околината.

Телото на рибите е покриено со многуслојна кожа. Во кожата има жлездести клетки кои лачат лигава материја што им овозможува полесно движење во водата. Површината на рибите е покриена со варовикови стргунки различни по форма и големина, кои имаат заштитна улога.

Размножување

уреди

Постојат различни начини. Ајкулите се размножуваат со внатрешно оплодување и повеќето раѓаат живо младенче. Оние видови кои полагаат јајца произведуваат големи јајца со цврсти оклопи. Бидејќи ембриогенезата кај овие видови е добро заштитена, тие даваат релативно мал број на млади, обично само седум до осум. Неколку од коскените риби, вклучувајќи и некои аквариумски видови, несат мали, незаштитени јајца кои се оплодуваат по нивното изнесување во водата. Кај повеќето морски претставници јајцата лебдат слободно во водата и најчесто се јадат од други животни. Токму поради тоа, потребна е доста голема количина на снесени јајца. Некои женки произведуваат до 5 милиони јајца. Одредени слатководни видови градат гнезда за заштита на јајцата, а има и случаи кога и возрасните единки ги чуваат истите.

Типови на риби

уреди
Змиулки Petromyzon marinus, безвилична риба.  
Китовска ајкула Rhincodon typus, ‘рскавична риба.  
Златна рипка или Carassius auratus auratus, пример за коскена риба.  
Претставници од трите главни групи на риби.

Безвилични риби

уреди

Примитивните риби од класата Agnatha немаат вилици и парни карлични и пекторални перки кои се присутни кај поразвиените риби. Оваа, во голема мерка истребена класа, вклучува две живи групи, крвоцицачките змиулки и чистачките миксини. Рибите од истребената класа Placodermi биле првите вертебрати кои развиле вилици и парни перки. Овие риби имале коскести скелети и биле прекриени со коскест штит. Една гранка од оваа група веројатно била претходник за две главни сегашни класи на риби, ‘рскавичните и коскените риби.

‘Рскавични риби

уреди

‘Рскавичните риби (ајкули, раи, химери) се разликуваат од коскените по нивните ‘рскавични скелети, потоа со отсуството на пливачки меур или бели дробови, по конструкцијата на нивните опашни перки, како и по отсуството на жабрена покривка или оперкулум. Кожата кај припадниците на оваа група е покриена со вкоренети забовидни структури наречени дентикули, давајќи и груб, шмирглест квалитет. Речиси сите ајкули се морски жители.

Коскени риби

уреди

Коскените риби се разликуваат од другите живи риби по нивните коскени скелети и по присуството на пливачки меур или, кај неколку риби, бели дробови. Коскените риби се поделени на две поткласи, месестопернати риби и зракопернати риби. Втората група вклучува преку 95% од сите живи риби.

Најраните коскени риби биле со месести перки. Од нив, за време на период во кој владеела голема суша, еволуирале од една страна водоземците (првите копнени вертебрати) и зракопернатите риби од друга. Единствените живи месестопернати риби се дводишалките и еден вид на целокант. Овие риби задржале некои особини од раните коскени риби: месести перки со поддржувачки коски, внатрешни ноздри и бели дробови.

Зракопернатите риби, сега предоминантни и во морските и во слатководните басени, претставуваат напредна адаптација на коскени риби за водни услови; тие се најуспешни и најраспространети од сите риби. Кај приближно сите овие риби, белиот дроб еволуирал во хидростатски орган, пливачкиот меур. Перките на оваа група се состојат од мрежа на кожа поддржана од исправени краци. Секој крак е придвижен од сет на мускули, давајќи и на перката голема флексибилност. Многу зракоперки имаат преклопени крлушки направени од тенки слоеви на коска. Нивниот скелет е мек, но силен и повеќето претставници имаат одличен вид.

Начин на исхрана и систем за варење храна

уреди

Прв орган од системот за варење кај рибите, со кој ја зема храната, е уснатапразнина. Устата кај рибите се состои од горна неподвижна вилица на која често се наоѓаат мустачиња (пипала), што им служат како сетило за допир и им помагаат во барањето на храната; долна подвижна вилица, на која кај некои риби имаат заби и служат за прифаќање на пленот, но не и за ситнење на храната. Потоа следува грло (голтка) во кое со помош на жабрените заби се ситни храната. Од грлото храната се внесува преку хранопроводот во желудникот каде се ситни и вари. Желудникот продолжува во средно - тенко црево каде се доварува храната со помош на цревните сокови и соковите од црниот дроб (жолчни сокови). Тенкото црево продолжува во задно црево кое завршува со анален отвор. Рибите најчесто се сештојади, но има и риби кои се хранат со месо, а тоа се рскавичните риби.

Рибите како тема во уметноста и популарната култура

уреди

Наводи

уреди
  1. Народне лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 34-35.
  2. Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 292-294.
  3. Ана Бунтеска, Стави лајк на сопствениот живот. Скопје: Матица Македонска, 2015, стр. 150-151.
  4. Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 78.
  5. „Белешка на составувачот на изборот“, во: Андре Бретон, Рајот не е наполно загубен. Скопје: Култура, 1989, стр. 104.
  6. Очудувања 3. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 67-71.
  7. Поетска читанка: Избор од македонската и светската поезија за деца, Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2005, стр. 14.
  8. Славко Јаневски, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми. Скопје: Темплум, 2014, стр. 14-15.
  9. Italo Kalvino, Pre nego što kažeš „halo“. Beograd: Rad, 2001, стр. 58-67.
  10. Васил Куноски, Песни. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 66.
  11. Митко Маџунков, Међа света. Београд: Просвета, 1984, стр. 43-44.
  12. Сања Михајловиќ-Костадиновска, (Бес)конечни модели на расказот. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 119.
  13. Сања Михајловиќ-Костадиновска, (Бес)конечни модели на расказот. Скопје: Бегемот, 2018, стр. 120.
  14. Милорад Павић, Шешир од рибље коже: љубавна прича. Београд: Издавачка кућа „Драганић“, 1996.
  15. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 258.
  16. Стале Попов, Итар Пејо. Скопје: Мисла, Детска радост, Култура, Наша книга, Македонска книга, 1980, стр. 14.
  17. Глигор Поповски, Маслинови гранчиња. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 47-48.
  18. Глигор Поповски, Маслинови гранчиња. Просветно дело, Редакција „Детска радост“, Скопје, 2004, стр. 34-36.
  19. Жанета Станоевска, Луѓе, птици и сеништа: Збирка раскази, Темплум, Скопје, 2011.
  20. Кинотека на Македонија, Програма - февруари 2017
  21. Discogs, Big Black ‎– Songs About Fucking (пристапено на 30.7.2019)
  22. The Damned – Damned Damned Damned (пристапено на 25.6.2022)
  23. YouTube, John Cale - Barracuda (пристапено на 14.2.2018)