Михаил VII Дука
Михаил VII Дука, наречен уште Парапинак (грчки: Μιχαήλ Ζ΄ Δούκας, о. 1050 г. - 1090 г.), бил византиски цар од Династијата Дука кој владеел од 1071 г. до 1078 г.
Михаил VII Дука Μιχαήλ Ζ΄ Δούκας | |
---|---|
Цар на Источното Римско Царство | |
Хистаменон од Михаил VII Дука. | |
Византиски цар | |
На престол | 1071 – 1078 |
Претходник | Роман IV Диоген |
Наследник | Никифор III Вотанијат |
Роден(а) | околу 1050 |
Починал(а) | 1090 |
Сопружник | Марија Аланска |
Деца | Константин Дука |
Династија | Династија Дука |
Татко | Константин X Дука |
Претходен живот
уредиПо смртта на царот-татко Константин X Дука (во мај 1067 г.) неговата жена Евдокија ја презела власта во името на своите малолетни синови Михаил, Андроник и Константин. Одлучувачка улога на дворот Михаил Псел и цезарот Јован Дука, братот на покојниот цар. Меѓутоа, растела моќта на противничката партија и со оглед на катастрофалниот тек на настаните на боиштето, не можело да се помине преку нејзиното барање да се заведе моќен војнички режим. Патријархот Јован Ксифилин (помладиот) иако бил Пселов пријател, ги поддржал овие барања, а и царицата морала да поведе сметка за нив. И покрај противењето на Псел и цезарот Јован, таа се омажила за генералот Роман Диоген, и на 1 јануари 1068 г. тој стапил на престолот.[1]
По Битката кај Манцикерт, заробениот цар Роман Диоген склопил договор со селџучкиот султан со кој му била вратена слободата по цена на плаќање на лична откупнина и годишен данок, враќање на сите турски заробеници и испраќање помошна војска. Меѓутоа, противничката странка во Цариград, поттикната од цезарот Јован го симнала Роман Диоген од престолот. Најпрвин било воспоставено заедничко владеење на царицата Евдокија и нејзиниот најстар син Михаил Дука, но наскоро царицата-мајка била затворена во манастир а ученикот на Псел - Михаил VII на 24 октомври 1071 г. бил прогласен за самодржец. Кога царот Роман се вратил од турското заробеништво бил дочекан како непријател при што дошло до граѓанска војна. На крајот Роман Диоген ја прекинал борбата бидејќи со писмо, коешто во името на Михаил VII го потпишале тројца митрополити, му била гарантирана лична безбедност. Меѓутоа, уште пред да стигне во Цариград, нему по налог на цариградската влада, со усвитено железо му биле ископани очите. Надминувајќи се себеси во цинизмот Псел на ослепениот цар со писмо му честитал на тоа што господ го удостоил со мачеништво. Господ му ги одзел очите, така пишувал Псел, за да му го подари видот на небесната светлост. Од здобиените ужасни рани Роман Диоген умрел во летото 1072 г.[2]
Владеење
уредиЕпилогот по Манцикерт
уредиСега поразот кај Манцикерт се претворил во византиска катастрофа. Не сметајќи се повеќе обврзани со договорот што го склучиле со Роман Диоген, Турците со сета сила удриле на Византија и почнале нагло да продираат низ Мала Азија. Како во времето на големата арабиска инвазија, Византиското царство одново се нашло пред опасноста од непријателското освојување. Меѓутоа, тогаш на непријателот му се спротивставила јуначка отпорна сила на Ираклиевите наследници и Царството однатре било здраво. Сега се било во распаѓање, а како противник на моќните турски султани на цариградскиот престол седел, опкружен со разгалени литерати и дворски интриганти, кутриот Пселов ученик. Судбината на Мала Азија била запечатена. На Селџуците патот им бил отворен и немало веќе ни сили ни волја коишто би можеле да им се спротивстават.[3]
Норманската инвазија
уредиДо слом дошло истовремено и на Исток и на Запад, бидејќи во истата година кога се случила катастрофата кај Манцикерт, Бари паднал во рацете на Роберт Гвискард. Со тоа било завршено норманското освојување на византиската територија во Италија и голема опасност му се заканила на Царството од таа страна. Во својата безизлезна положба владата на Михаил VII барала поддршка од Григориј VII со што прибегнала кон целите на големиот папа за црковна унија и воспоставување светска римска власт.[4]
Балкански Полуостров
уредиИстовремено почнала да се ниша и византиската власт на Балканскиот Полуостров. На територијата на поранешното Самоилово царство во 1072 г. одново избувнало востание. Бунтовничкото движење нашло силна поткрепа во независното Зетско кнежевство. Синот на Михајло Зетски, Константин Бодин, во Призрен бил прогласен за цар и дури после тешки борби Византијците успеале да го совладаат востанието. На Јадранот Византија сè повеќе ги губела своите позиции. Византискиот суверенитет во Хрватска, воспоставен во времето на Василиј II, не бил со долг век. Уште за време на владеењето на Петар Крешимир IV (1058 г.-1074 г.) Хрватска значително зајакнала, а во 1076 г. Димитрие Звонимир од папата Григориј VII добил кралска круна како вазал на римската црква. Набрзо потоа и Зета се свртела кон Запад. Во 1077 г. Михајло Зетски исто така примил кралска круна од Рим. Крстосувањето и ограбувањата на Печенезите и зачестените упади на Угрите уште повеќе ја зголемиле општата забуна.[5]
Стопанство и влијание врз Михаил VII
уредиСо овие надворешно-политички неприлики дошла и тешката стопанска криза. Неа во голема мера ја предизвикала самата цариградска влада со мерките поради кои Михаил VII го добил шегобијниот прекар Парапинак. Имено, скапотијата била толкава што за еден златник не се добивал медимн жито, како порано, туку за четвртина помалку, всушност мединм минус еден панакион. Има нешто трагично во тоа што Псел, чие влијание и покрај сите промени со секоја влада само се зголемувало, доживеал слом на својата кариера токму во времето на владеењето на својот ученик, макаршто династијата Дука му должела бескрајно многу, а Михаил VII речиси се. Неенергичниот цар целосно и подлегнал на силната волја на логотегот Никифорица којшто успеал да ги потисне во заднина и Псел и цезарот Јован. Никифорица ја приграбил власта во свои раце и со државата управувал со истата енергија и безобѕирност како своевремено Јован Орфанотроф (за време на Михаил IV Пафлагонецот). Слично на него и овој имал неугледно потекло и за своето воздигнување требало да и заблагодари само на сопствената вештина. Никифорица се обидел да им се спротивстави на феудалните сили и да го зацврсти стариот бирократски централизам. Одел до таму што трговијата со жито ја претворил во државен монопол. Во Радосто биле подигнати складови за жито наменето за Цариград, а слободната трговија со жито била забранета и огласена за казнива. Како што е познато од „Книгата за епарсите“, византиската држава во X век строго го контролирала снабдувањето на престолнината со животни намирници, а располагала со резерви од жито кои ги продавала на населението во неродни години. Но тоа што било можно во X век станало неизводливо во времето на опаѓањето на централната власт. Како што во земјоделието повеќе не важела забраната за купување на селските имоти така и во трговијата, државната контрола веќе не била ефикасна. Мерките на Никифорица предизвикале општо огорчување. Тие им штетеле на велепоседниците, главните лиферанти на жито, но не ги погаѓале и градските потрошувачи бидејќи неговиот монопол не ја осигурувал потрошувачката туку исклучиво имал фискални цени и довел до зголемување на цената на лебот. Скокот на цената на лебот предизвикал поскапување и на другите животни намирници. Складовите во Радосто биле урнати во времето на народниот бунт, а Никифорица, по паѓањето на царот Михаил Парапинак, бил измачуван и убиен.[6]
Борби за престолот
уредиНе е чудно што во времето на владеењето на Михаил VII Дука бунтовите во војската биле особено чести. Карактеристично било за тогашните прилики што јунак на еден таков бунт бил заповедникот на норманските наемници, Урсел од Бајела. Тој како кандидат за царскиот престол го истакнал цезарот Јован Дука. Исто така било карактеристично тоа што византиската влада против него ги повикала Турците. Турците го совладале и го предале за добра откупнина на царскиот командант Алексиј Комнин. Меѓутоа, добри војсководци тогаш во Византија имало малку. Наскоро Урсел бил пуштен од затвор и се борел заедно со Алексиј Комнин во служба на Михаил VII против новите узурпации. Речиси истовремено се појавиле двајца претенденти на престолот од круговите на византиското воено благородништво. Во Мала Азија се кренал Никифор Вотанијат, на Балканскиот Полуостров Никифор Вриениј.[7]
Дуксот на Драчката тема Никифор Вриениј, победникот над побунетите Словени од 1072 г. бил најугледниот претставник на византиската воена аристократија во европските делови на Царството. Прогласувајки се за цар, тој во ноември 1077 г. влегол во Едрене, своето родно место, и од таму испратил војска на Цариград. Стратегот на Анадолската тема Никифор Вотанијат, како што се тврди - потомок на семејството Фока, истапил во името на малоазиското воено благородништво. Откако се прогласил за цар во 1078 г., тој исто така тргнал на Цариград, откако претходно си осигурал помош од Сулејман, братучедот на Алп Арслан. Дури и во тогашните хаотични прилики, претставникот на Мала Азија, Никифор Вотанијат, се покажал надмоќен и успеал да го надитри својот соперник и соименик. Опозицијата во Цариград, зголемена поради непопуларните мерки на логотегот Никифорица, во него ги полагала сите свои надежи. Штом во март 1078 г. Вотанијат се појавил со војската во Никеја, во Цариград избувнал бунт, во кого црквата и овој пат зела живо учество. Михаил Парапинак бил принуден да се одрече од царската круна и да се повлече во Студисткиот манастир. Никифор Вотанијат влегол во Цариград на 3 април и истиот ден бил крунисан за цар. За да им одговори на легитимните чувства на византиското население тој стапил во роднински врски со династијата Дука, оженувајќи се при сè уште живиот маж, со сопругата на својот претходник, Марија.[8]
Наводи
уреди- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 413.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 414.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 414-415.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 415.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 415-416.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 416-417.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 417-418.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 418.