Василиј I Македонецот
Василиј Први, наречен уште Македонецот, (грчки: Βασίλειος ὁ Μακεδών, о. 811- 29 август 886) — византиски цар кој е родоначалник на Македонската династија. По потекло Василиј бил Ерменец, од ерменска фамилија или мешано словенско-ерменска, која стотина години живеела во Адријанопол (сега Едрене), и поради тоа што е роден во тема Македонија, во сите византиски извори е наречен Македонец, а неговата династија - династија на Македонците - „Македонос“[1][2][3]
Василиј I Македонецот Βασίλειος ὁ Μακεδών | |
---|---|
Цар на Источното Римско Царство | |
Василиј I Македонецот, неговиот син Константин и неговата втора жена, царицата Евдокија Ингерина | |
Византиски цар | |
На престол | 867 – 886 |
Крунисување | 866 (како совладетел на Михаил III) |
Претходник | Михаил III |
Наследник | Лав VI |
Роден(а) | околу 811 Тема Македонија |
Починал(а) | 29 август 886 Цариград |
Сопружник | Марија (прва) Евдокија Ингерина (втора) |
Деца | Константин Лав VI Александар III Стефан |
Династија | Македонска династија |
Потекло, ран живот и патот до царската власт
уредиВасилиј по потекло бил од темата Македонија и израснал во крајна беда. Барајќи среќа, дошол во Цариград и тука благодарение на својата голема физичка сила, станал коњушар на царскиот двор. Со тоа започнало неговото необично издигнување, за кое имал да им заблагодари како на своите способности, така и на царевата ќуд. Му станал интимен пријател на Михаил III и маж на неговата некогашна љубовница Евдокија Ингерина. Со железна енергија, не запирајќи се пред ништо, тој се стремел кон највисоката власт. Поради тоа дошол во судар со цезарот Варда, но Михаил III толку подлегнал на влијанието на својот љубимец што без двоумење го жртвувал вујкото. Со прелага и кривоклетство Василиј и Михаил III го намамиле големиот државник во клопка: при походот на Крит, кога за време на одмор цезарот седел на престолот до својот на својот внук од сестра, василиј го нападнал од зад плеќи и го убил со сопствена рака на 21 април 866 г. Наградата била круна на совладетел што Михаил III му ја подарил по враќањето во Цариград, на 26 мај 866 г. Сега Василиј добил од Михаил III се она што овој можел да му даде. Последниот чин на крвавата трагедија е забрзан со тоа што Михаил III, како што бил ќудлив и непоуздан, почнал да го менува расположението кон својот совладетел. Ноќта меѓу 23 и 24 септември 867 г., по дворската гозба, Василиј и неговите пријатели го убиле пијаниот цар во неговата ложница.[4]
Внатрешна политика
уредиОбезбедување на идната власт на своите синови
уредиМрачни биле патиштата кои го довеле Василиј I (владеел од 867-886), основачот на т.н. Македонска династија, на цариградскиот престол. За што поцврсто да ја врзе царската круна за своето семејство, Василиј I веќе на 6 јануари 869 г. го крунисал за совладетел својот постар син Константин, а една година потоа и вториот син Лав, а околу 879 г. по прераната смрт на Константин, и третиот - Александар, додека најмладиот Стефан, станал свештеник, и подоцна за време на владата на својот брат Лав VI, го зазел патријаршискиот престол престол. Царевиот првенец и љубимец Константин бил син на неговата прва жена „Македонката“ Марија. Лав, Александар и Стефан биле синови на Евдокија Ингерина, последните двајца се родени дури по доаѓањето на Василиј на престолот.[5]
Црковни прашања
уредиКако повеќето византиски владетели, Василиј I многу се занимавал со црковните прашања. Неговата црковна политика во почетокот била спротивна на Вардината и Михаиловата. Веднаш по доаѓањето на престолот тој го испратил патријархот Фотиј во манастир и го вратил Игнатиј на патријаршискиот престол и стапил во контакт со Рим. Во присуство на легатот Адријан II во 869/70 бил одржан собор во Цариград, кој го осудил и го екскомуницирал Фотиј. Меѓутоа меѓу царот и папските легати дошло до разидување во едно начелно важно прашање, бидејќи нивните сфаќања за јурисдикцијата на римската црква не биле истоветени: додека легатите сметале дека Фотиевото прашање било конечно решено со некогашната папина пресуда која требало само да се потврди, на царот му било до тоа прашање прашањето уште еднаш да се претресе и конечната одлука да се донесе на Цариградскиот собор со кого тој претседавал. Покрај тоа, соборот имал еден епилог на кого Рим не му се надевал. Соборските седници веќе биле заклучени кога во Цариград пристигнале пратениците на бугарскиот кнез. Соборот повторно се состанал и пред него е изнесено прашањето: дали бугарската црква треба да и припадне под римската или под цариградската патријаршија. Надежите што кнез Борис ги полагал во соработка со Рим имено, не се исполниле. Врската со Рим нималку не го приближила до неговата неговата основна цел: создавање самостојна бугарска црква. Борис во два наврата предлагал кандидати за поглавар на бугарската црква, но двајцата биле одбиени од Рим. Тоа била заднината на појавата на бугарските пратеници на Цариградскиот собор и на прашањата што ги поставиле за решавање. И покрај протестите на римските легати, со арбитража на претставниците на источните патријаршии прашањето било решено, како што можело и да се очекува, во корист на византиската црква. Византија извлекла поука од неодамнешните настани и сега се покажала попустлива: на царев налог, патријархот Игнатиј го ракоположил архиепископот на Бугарија и повеќе епископи. Бугарската црква ги признала врховните права на цариградскиот патријарх, но добила извесна автономија и во византиската хиерархија нејзиниот архиепископ зазел повисок ранг отколку другите византиски архиепископи и митрополити. Така бугарскиот кнез со вешто искористување на римско-византиското соперништво, ја постигнал својата цел, а Византија повторно за себе ја придобила Бугарија. Оттогаш, и покрај сите протести на Рим, Бугарија останала во крилото на византиската култура. Но со тоа било разнишано пријателството со Рим кон кое се стремел Василиј и за што го жртвувал Фотиј. Всушност, за задачите на Византија во словенските земји Василиј имал исти сфаќања како и Фотиј, кого го отфрлил, како и Варда, кого го убил. Борбата околу Бугарија тој ја продолжил сосема во нивниот дух и ја добил, на крајот. Ја продолжил и мисионерската дејност во Русија и работата на покрстувањето на Словените во западниот дел на Балканскиот Полуостров, а според тоа и на ширење на културното и политичкото влијание на Византија во тие области.[6]
Царот Василиј морал да увиди дека пресвртот дека пресвртот во црковната политика што тој го направил, ја промашил целта. Неговиот обид со отстранувањето на Фотиј да го измири црковниот спор во Византија не успеал, бидејќи приврзаниците на отфрлениот патријарх сè уште биле многубројни и борбата на странките продолжувала. Со Рим, и без Фотиј, дошло до судар поради бугарското прашање, а и надворешно политичкиот ефект од црковниот пресврт бил незначителен, бидејќи соработката со западните сили во јужна Италија ме ги исполнила очекувањата. Веќе во 875 г. царот го вратил Фотиј во Цариград и му го доверил воспитувањето на своите синови, а кога на 23 октомври 877 г. стариот Игнатиј умрел, Фотиј по три дена повторно се искачил на патријаршискиот престол. Овој пат го признавал и Рим. Условите со кои папата Јован VIII го врзувал ова признание, останале само на хартија. Во присутство на папски легати и 383 епископи, Фотиј во ноември 879 г. одржал собор, кој за него претставувал извонредно задоволство, бидејќи на него се отповикани одлуките на соборот од 869/70 г.[7]
Законодавни акти на Василиј
уредиКако законодавец Василиј I свесно се стремел кон обновување на римското право. Тој имал намера да издаде опширна збирка закони, ревизија на Јустинијановиот законик, дополнета со одредби од подоцнежното законодавство. Ова големо дело, кому тој му го дал карактеритичното име „чистење на старите закони“, останало недовршено и не е однародено, но тоа претставувало појдовна точка на законодавната работа Лав VI и претставувало основа на неговите „Василики“.
Зачувани се два помали законика на Василиј I. Првиот, „Прохирон“, е објавен во име на царевите Василиј, Константин и Лав, и според тоа, е издаден меѓу 870 и 879 г. Како што покажува и самиот наслов, „Прохирон“ претставувал прирачник за практична употреба. Од непрегледаната маса законски прописи тој ги издвојува најважните одредби на граѓанското и јавното право, систематски средени во 40 наслови. Барајќи да биде едноставен и пристапен, законикот на Василиј I црпел граѓа, пред се, од Институциите, додека другите делови на Јустинијановата кодификација ги користел ретко, и почесто не поаѓа од изворните текстови, туку се потпира на подоцнежните грчки преводи и коментари. „Прохирон“, значи имал иста намена како и „Еклогата“ на Лав III, која исто така била замислена како прирачник за судската практика и за државната администрација. Навистина, сакајќи да го обнови римското право, Василиј I остро го осудува делото на царот-иконоборец, кое според него, претставува "соборување" на добрите закони. Всушност, пак „Прохирон“ многу му должи на корисниот и популарен законик на Лав III: и покрај сите официјални огради и осуди, законикот на Василиј I наголемо се користел со „Еклогата“ посебно во својот втор дел, посветен на наследното и на јавното право. „Прохирон“ стекнал голема популарност во Византија и останал во сила сè до паѓањето на Цариград. Голема популарност законикот на Василиј I стекнал и кај Јужните и Источните Словени. Како и „Еклогата“, „Прохирон“ рано бил преведен на словенски и силно влијаел врз развојот на средновековното словенско право. Во средновековна Србија, тој бил познат како „Градски закон“. Заедно со „Еклогата“ и „Земјоделскиот закон“, тој претставувал основа за српската правна компилација, позната под името „Закон на царот Јустинијан“.
По 879 г. бил составен вториот Василиев законик, „Епанагога“ на царевите Василиј, Лав и Александар, замислена како вовед во подготвуваната голема збирка од закони. Не е сигурно дали „Епанагогата“ била објавена како официјален законик или претставувала само неофицијален нацрт. Во најголем дек таа го репродуцира „Прохирон“, разликувајќи се од него по распоредот на граѓата, но и со извесни дополнувања и измени. Во уште поголема мерка отколку „Прохирон“, „Епанагогата“ го користела озогласениот законик на Лав III, црпејќи ги од него и одредбите за брачното право, додека „Прохирон“ во овој дел се држел до Јустијановото право и дури во понатамошните делови почнал со позајмувања од „Еклогата“. Најважна новина на „Епанагогата“ претставуваат одредбите за правата и должностите на царот и патријархот, како и на другите световни и црковни достоинственици. Овде дошол до израз идеалниот однос меѓу царството и свештенството, како што го замислувале црковните кругови во Византија по совладувањето на иконобоната криза. Според „Епанагогата“, државно-црковниот организам претставувал идеално единство над кое се издигнуваат царот и патријархот, кои како поглавари на вселената, во совршена слогасе грижат за благосостојба на човештвото: световниот поглавар се грижи за материјалното, духовниот за духовното благо на поданиците. Нема сомневања дека автор на ова учење и за царството и свештенството е самиот Фотиј, кој неодамна се вратил на патријаршискиот престол. Влијанието на оваа наука врз државно-црковните односи во Византија не било безначајно. Таа важела како идеал, па било колку овој идеал да се разминувал со реалноста. Влијаела и во словенските земји. Дури и во XVII век на неа се повикувал московскиот патријарх Никон.[8]
Надворешна политика
уредиОдносите на Запад
уредиВизантиското влијание во западниот дел на Балканскиот Полуостров ослабело за време на иконоборската криза. Изгледа дека во првата половина на IX век, далматинските градови и словенските племиња во приморјето и внатрешноста ја раскинале врската со Византија. Тогаш настанала српската држава под Властимир. Меѓутоа, на приморските области на Јадранот им се заканувала нова опасност од страна на Арабјаните од Сицилија, а оваа опасност можела да ја отстрани само Византија. Кога арабјанската флота, по нападот на Будва и Котор, во 867 г. го опседнала Дубровник, опседнатиот град за помош се обратил во Цариград. Доаѓањето на силна византиска флота ги принудило Арабјаните да ја дигнат опсадата, која траела цели 15 месеци, и да се повлечат во своите сицијански бази. Тоа го зацврстило византискиот авторитет и придонело за обновување на византискиот суверенитет на источниот дел на Јадранот. Секако наскоро после тоа е организирана темата Далмација, која ги опфаќала далматинските градови и острови. Далматинските градови фактички повеќе зависеле од словенската заштита отколку од Цариград. Тие им плаќале давачки на словенските племиња, додека нивните мошне скромни плаќања на царскиот стратег имале само симболичен карактер. Од друга страна, и самите тие словенски племиња ги признавале византиските врховни права и биле должни на Царството да му даваат воена помош. Византиското влијание на Балканот значително зајакнало, а тоа за последица го имало брзото ширење на христијанството. Тогаш Србија и српските приморски земји од Византија го примиле христијанството, па дури и во Хрватска, византиското влијание го потиснало влијанието на Франкија и на римската црква. Нов и силен поттик, на крајот, добила и византиската мисионерска работа на Балканот, посебно во Бугарија и во Македонија, со доаѓањето на Методивиевите ученици. Со својот словенски проповед и со просветната работа, Методивиевите следбеници цврсто го втемелиле христијанството и византиската култура во јужнословеските земји. Така била воспоставена историски природната положба: додека Моравија и припаднала на римската сфера на влијание, јужнословенските земји дошле под влијание на Византија.
Откако ги одбила арабјанските напади на далматинскиот брег и откако го ослободила Дубровник од арабјанската опсада, Византија ја пренела својата активност во јужна Италија. Василиј I намерувал против навлегувањето на сицилијанските Арабјани да преземе заедничка акција со германскиот цар и папата, што била и главната причина за неговата пријателска политика спрема Рим. Меѓутоа, на Сицилија не било постигнато ништо. Арабјаните, напротив, во 870 г. ја зазеле Малта и со тоа уште повеќе ја зацврстиле својата позиција во Средоземното Море. Навистина, Лудвиг II во 871 г. го зазел Бари, но за Византија, која останала со празни раце, тоа претставивало само ново разочарување. Односите меѓу византискиот и германскиот цар силно се заостриле: Василиј, кој пред тоа пристанал на брак на својот најстар син со Лудвиговата ќерка, на својот бивш сојузник сега му префрлал за нелојално држење и му го одрекувал правото на носење на титулата на римскиот цар.[9]
Кампањата на Исток
уредиИдните години главното внимание Византија го посветила на борбите на Исток, каде што павликијанците, крстарејќи по целата Мала Азија, и задавале сè поголеми грижи. Во 872 г. царската војска однела над нив решавачка победа, ја урнала нивната главна тврдина Тефрика и ја победила нивната војска во жестоката битка, во која паднал и Хризохир, водачот на павликијанците. Оваа победа овозможила натамошно пробивање на Византијците на Исток. Веќе во 873 г. Василиј се пробил во еуфратската област и ги засел Запетра и Самосата. Но својата главна цел царот не ја постигнал, бидејќи при обидот да ја освои Мелитина претрпел забележлив пораз. Меѓутоа, и покрај тоа што Василиј и овој пат како и при подоцнежните походи во еуфратската и таурската област, морал да се задоволи само со делумни успеси, останува фактот дека всушност со тоа започнало систематското напредување на Византија на источната граница. Слабеењето на Арабјанското царство го овозможило и издигнувањето на Ерменија. Како византискиот цар, така и калифот, на ерменскиот владетел Ашота I му ја признале кралската титула. Во Ерменија започнала епоха на полет под династија Багратиди.[10]
Јужна Италија
уредиВо Италија, исто така, византискатавизантиската позиција се подобрила. Кнезот од Беневенто се дигнал против Лудвиг II и се ставил под византиски протекторат (873 г.), а по Лудвиговата смрт и Бари му ја отворил капијата на византискиот стратег (кон крајот на 876 г.). Византија успеалада ги одбие и новите нападина Арабјаните на бреговите на Далмација и Грција, па привремено дури го запоседнала и Кипар. Навистина, Арабјаните и натаму имале превласт на Средоземното Море, и Византија наскоро добила силен удар на Сицилија: на 21 мај 878 г., по долг, огорчен отпор, паднала Сиракуза. Дотогаш поголемо значење имало јакнењето на византиските позиции на јужноиталијанското копно. Под водство на истакнатиот војсководач Никифор Фока и овде започнала силна и успешна византиска офанзива. Јужна Италија повторно дошла под византиска власт. Покрај малите, меѓусебно несложните италијански државички, Византија единствено претставувала посилен политички чинител, па дури и самиот Рим, загрозен од постојаните арапски напади на италијанскиот брег, морал да побара заштита од византискиот цар. Со оваа ситуација се објаснува и попустливиот став што папството тогаш го зазело кон Византија во црковните прашања.[11]
Смрт
уредиПо прераната смрт на Константин (879 г.), правото на наследство на престолот преминало на Лав, и покрај длабокото нерасположение и недоверба што неговиот татко ги негувал спрема нему. Напрасната смрт на својот првенец, Василиј I не можел да ја преболи и последните години од својот живот ги провел во тешка душевна депресија. На 29 август 886 година во несреќен случај загинал во лов.[12]
Наводи
уреди- ↑ Ibidem, p. 228; cf. GSBH, V, p. 155
- ↑ "Basil I." Encyclopedia Britannica. 2005.
- ↑ Извадоци од меѓународната конференција ЕРМЕНСКИ КОНСТАНТИНОПОЛ организирана од Р.Г. Хованисијан, УКЛА, 19-20 мај 2001, УНИВЕРЗИТЕТ НА КАЛИФОРНИЈА, ЛОС АНЏЕЛЕС, АУДИТОРИУМ ДИКСОН.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 284-285.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 286.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 287-288.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 292.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 293-295.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 289-290.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 290-291.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 291-292.
- ↑ Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 295.