Андроник III Палеолог

Андроник III Палеолог (грчки: Ανδρόνικος Γʹ Παλαιολόγος, 25 март 1297 - 15 јуни 1341) бил византиски цар од династијата Палеолози кој владеел од 1328 до 1341 година. Тој бил син на Михаил IV Палеолог и Рита Ерменска. Тој бил прогласен за совладетел во неговата младост. пред 1313 г., и во април 1321 тој се побунил против неговиот дедо, Андроник II Палеолог. Тој бил формално крунисан како совладетел во февруари 1325 година, за потоа да го собори неговиот дедо целосно и да стане самостоен владетел на 24 мај 1328 година.

Андроник III Палеолог
Ανδρόνικος Γʹ Παλαιολόγος
Цар на Источното Римско Царство
Андроник III Палеолог на цртеж на минијатура од XIV век. Штутгарт, Вуртембершка Државна библиотека.
Византиски цар
На престол1328 - 15 јуни 1341
ПретходникАндроник II Палеолог
НаследникЈован V Палеолог
Роден(а)25 март 1297
Цариград
Починал(а)15 јуни 1341
Цариград
СопружникАделхајд фон Брауншвајг
Ана Савојска
ДецаИрина (вонбрачна)
Јован V Палеолог
Михаил Палеолог
Марија-Ирина Палеологина
Марија Палеологина
ДинастијаПалеолози
ТаткоМихаил IX Палеолог
МајкаРита Ерменска

Претходен живот

уреди

Соперништвото со дедо му Андроник II

уреди

Опаѓањето на византиската држава се манифестирало низ тешки немири. Судириот меѓу стариот и младиот Андроник бил прв во редицата долги внатрешни борби. Со него почнала епохата на речиси непрекинатите граѓански војни кои на Царството ќе му ги одземата последните сили и ќе го расчистат патот за турската и српската експанзија. Расколот во царскотото семејство кој за несреќа на Византија се изродил во граѓанска војна во основата бил од лична природа. Андроник III, синот на Михаил IX, убавиот и надарен младич, некогаш му бил љубимец на стариот цар. Уште во времето тој бил прогласен за цар-совладетел и бил сметан за втор престолонаследник по својот татко којшто бил прв. Меѓутоа, со времето настапило взаемно заладување. Стариот цар тешко се помирувал со лекомислениот живот на младиот Андроник, а тој се потешко го поднесувал татковото и дедовото туторство. Трагичниот крај на една љубовна авантура на Андроник го забрзал раскинот. Трагајќи по некој соперник на својот господар, луѓето на Андроник по грешка го убиле неговиот брат, деспотот Мануил. Веста за оваа несреќа ја забрзала смртта на тешко болниот Михаил IX (1320 г.), а стариот цар, огорчен и лут, на Андроник му го одзел наследството на престолот.[1]

Меѓутоа, Андроник III имал многу приврзаници, особено меѓу помладите византиски дворјани и против стариот цар се создала моќна опозиција. Нејзини водачи биле Јован Кантакузин, млад византиски магнат, најдобар пријател на Андроник, и надарениот авантурист Сиргијан, којшто по татко бил од куманско потекло, а по мајчината лоза бил роднина на царското семејство. Значајна улога во заговорот одиграле, исто така, аристократот Теодор Синадин и амбициозниот дојденец Алексиј Апокавк, коишто држеле важни позиции во Тракија и во Македонија. Сиргијан и Кантакузин покрај извесното обесштетување, исто така, за управување добиле некои окрузи во Тракија. Продавањето на должностите било многу распространето во државата на Палеолозите. Со тоа, се чини, се занимавал дури и просветниот голем логотет Теодор Митохит. Овојпат тоа опасно и се одмаздило на цариградската влада бидејќи Сиргијан и Кантакузин откупените окрузи ги употребиле како база за организирање на борбата. Искористувајќи го незадоволството кое поради големите давачки владеело во Тракија, византиската аристократија успеала да предизвика силно движење против цариградската влада. На Велигден во 1321 г., Андроник III ја напуштил престолнината и и се придружил на војската којашто неговите пријатели ја собрале околу Едрене. Во борбата што претстоела тој бил во многу поповолна позиција отколку стариот цар чијашто влада на Царството му донела многу загуби и неволји. Притиснат од финансиските тешкотии, Андроник II бил присилен да преземе мерки на строго штедење, што никогаш не придонесува за популарноста на царот. Напротив, Андроник III немал никаква одговорност. Тој можел да дава најпривлечни ветувања, да презема секакви демагошки мерки и на своите приврзаници широкоградно да им дели поседи и привилегии. Тракија, како што верува, целосно ја ослободил од данок. А тоа повеќе влијаело на исходот на граѓанската војна отколку односот на воените сили на противникот. Тракиското население му се придружило на младиот дарежлив цар и кога неговата војска под водството на Сиргијан тргнала на Цариград, стариот цар побрзал да склучи мир плашејќи се од бунт во престолнината.[2]

Андроник III ја добил цела Тракија и извесни територии во Македонија, коишто веќе им ги поделил на своите приврзаници, останатиот дел од територијата и самата престолнина ја задржал Андроник II. Така сепак дошло до поделба на Царството за што до неодамна Византијците не сакале ни да слушнат. За да се одржи единството на државата барем спрема надворешниот свет, Андроник II за себе го запазил правото да преговара со странските сили. Меѓутоа, тоа не потрајало долго и наскоро секој цар почнал да води своја надворешна политика, којашто не се совпаѓала со политиката на другиот, па дури и директно била насочувана против него. Впрочем, состојбата на мир не траела долго. Веќе во 1322 г. одново избувнала војна. Во лагерот на младиот Андроник дошло до несогласувања предизвикани, во крајна линија, од соперништвото меѓу големиот дукс Сиргијан и големиот доместик Кантакузин. Бидејќи Андроник III застанал на страната на својот пријател Кантакузин, Сиргијан, којшто дотогаш бил главен водач на целиот потфат, му се придружил на стариот цар и во негова служба сега го преземал водството во борбата против својот неодамнешен закрилник и господар. Откако повеќе градови во близина на престолнината го прифатиле него, Андроник II одново попуштил и била постигната спогодба според поранешните услови. Потоа подолго време владеел мир. На 2 февруари 1325 г. Андроник III дури бил крунисан за цар и совладетел на својот дедо.[3]

 
Византиската империја во 1340, една година пред смртта на Андроник III

Меѓутоа, во февруари 1327 г. по третпат меѓу стариот и младиот цар избувнала отворена војна. Во внатрешните борби на Византијците сега се вмешале и балканските држави. Андроник II, благодарение на своите стари врски со српската династија, склучил сојуз со Стефан Дечански, Андроник III се спогодил со бугарскиот цар Михаил Шишман кој откако ја избркал сестрата на српскиот крал, се оженил со вдовицата на својот претходник, со Теодора - сестрата на младиот Андроник III, зошто незавидната состојба ги зголемувала незадоволството, а според тоа и бројот на приврзаниците на младиот цар, којшто не ги штедел ветувањата. Акцијата којашто ја презеле приврзаниците на Андроник II во Македонија пропаднала уште пред да успее да и се придружи српскиот крал. Целата византиска Македонија и самиот Солун му се потчиниле на младиот Андроник. Доверувајќи му го командувањето со војската којашто веќе ги зазела позициите во близината на Цариград на Синадин, Андроник II во придружба на Јован Кантакузин, дошол во Солун каде што било свечено дочекан како цар (јануари 1328 г.). Во самата престолнина нараснувала опозицијата и Андроник II веќе размислувал да ги обнови преговорите за мир но одненадеж бугарскиот цар го променил ставот и во Цариград испратил еден бугарско-татарски одред. Тоа го охрабрило стариот цар, но го потсилило Андроник III да ја забрза одлуката. со убедувања и закани го натерал бугарскиот цар да ги повлече испратените трупи и истовремено стапил во преговори со своите приврзаници во престолнината. На 24 мај 1328 г. Андроник III влегол во Цариград и ја презел власта. Својот дедо го принудил на абдикација, но го оставил да живее на дворот. Дури две години подоцна, кога Андроник II се разболел, неговите приврзаници го затвориле стариот цар во манастир, каде што и умрел на 13 февруари 1332 г., како монах Аитониј.[4]

Внатрешна политика

уреди

Општи одлики

уреди

Со Андроник III на власт дошла нова генерација чијшто најистакнат претставник бил Јован Кантакузин. Вистинскиот водач во граѓанската војна во последните години, Кантакузин во свои раце ја зел државната управа. Со државничките способности тој значително ги надминал сите свои современици, па и храбриот и непостојан цар. Андроник пожртвувано и не без успех ги водел војните, но правец на државната политика и давал Кантакузин. Периодот на демагошките ветувања изминал. Преземајќи ја власта и одговорноста, Андроник III и Кантакузин значително се придружувале кон мерките на претходната влада. Разбирливо, многу последици од граѓанските војни не можеле веќе да се отстранат. Финансиските тешкотии уште повеќе се зголемиле и вредноста на перперата во времето на внатрешните борби одново паднала.[5]

Правосудство

уреди

Уште Андроник II настојувал да спроведе реформа на византиското судство. За да се отстрани легендарната подмитливост на византиските судови, во 1296 г. во Цариград бил конституиран врховен суд од дванаесет судии од редовите на вишите претставници на клерот и од државните достоинственици од сенаторски ранг. Меѓутоа, резултатот бил негативен. Наместо да го обезбеди правилното функционирање на правосудството, новоформираниот врховен суд наскоро се компромитирал и морал да престане да работи. Поради тоа Андроник III во 1329 г. основал нов судски колегиум од само четири членови, двајца духовни и двајца световни. Овие четворица "генерални судии на Ромеите" добиле многу широки компетенции со задача да вршат надгледување над судството во целото Царство. Нивните пресуди биле конечни и неотповикливи. Навистина, и Андроник III со своите генерални судии доживеал горчливо разочарување. Од четворицата, поради примање мито, тројца уште во 1337 г. биле сменети и депортирани. Сепак, институцијата генерални судии се одржала и постоела сè до пропаѓањето на Царството, иако со текот на времето, од практични причини, доживеала одредени измени. Бидејќи на судските расправи во внатрешноста не можеле секогаш да присуствуваат сите четворица генерални судии, се застанало на гледиштето дека била доволна одлуката на еден од нив дадена во името на целиот колегиум. Со слабеењето на врските меѓу одделни делови на Цаството, што од средината на XIV век сè повеќе се манифестирало, премногу децентрализираниот систем на судството морал да доживее натамошни измени и да му отстапи место на поеластичен поредок. Покрај генералните судии на Ромеите во Цариград, се јавиле и таканаречените локални генерални судии. Подоцна се среќаваат посебни генерални судии во Солун, во Мореја, на Лемнос. За доцновизантиската судска организација бил карактеристичниот и силниот удел на клерот во државното судство. Влијанието на црквата врз правниот живот било дотолку поголемо што покрај царскиот суд на генералните судии, од кои по правило двајца му припаѓале на клерот, постоел и духовен суд при патријаршијата, којшто дејствувал паралелно со царскиот, го дополнувал, понекогаш и му конкурирал, а во период на криза можел и да го заменува.[6]

Војска

уреди

Надворешно-политичката ситуација била условена пред сè од постојаните напредувања на Осмалиите во Мала Азија и на Србите во Македонија како и од натамошното слабеење на латинските и грчките сепаратистички држави на Балканскиот Полуостров. Немоќна спрема продирањето на Османлиите и Србите, Византија постигнала извесни успеси во северна Грција и на Егејското Море. За тие услови во значителна мера требало да се заблагодари на помошта на Селџуците. Тоа што особено ја карактеризира политиката на новата византиска влада, давајќи и ново обележје, била соработката на Кантакузин со селџучките емири коишто, како и на Византија, се чувствувале загрозени од османлиската експанзија. Воедно византиската влада се обидувала да се ослободи од врската со Џенова за да воспостави сопствена самостојност како поморска и трговска сила. Тоа не можело да се постигне без јакнење на византиската флота, па градењето бродови за царот Андроник III и големиот доместик Јован Кантакузин била една од најнеодложните задачи. Бидејќи за тоа не биле доволни државните средства Кантакузин и другите византиски магнати, секако, уште тогаш го помагале градењето бродови од свои лични средства. Тоа ја доведувало државата и нејзината одбранбена моќ во сè поголема зависност од магнатските семејства.[7]

Надворешна политика

уреди

Бугарија и Србија

уреди

Јакнењето на Србија довело до ново зближување на Византија и Бугарија. Раздорот до кој дошло меѓу Андроник III и бугарскиот цар Михаил пред крајот на византиската граѓанска војна дејствувал уште извесно време и се манифестирал во погранични судири. Но наскоро мирот бил воспоставен и бил склучен сојуз против Србија. Меѓутоа, до заедничка византиско-бугарска акција не дошло. Андроник III навлегол во српскиот дел на Македонија, но пред да успее да стапи во борба византиската војска, кај Велбужд паднала големата одлука и по веста за поразот на своите сојузници, византискиот цар се повлекол. Бугарската војска била уништена. Самиот цар Михаил Шишман загинал при бегството. На бугарскиот престол била вратена Ана, сестрата на Стефан Дечански, со синот Иван Стефан, додека Андрониковата сестра Теодора била протерана.[8]

Битката кај Велбужд означува пресвртница во судбината на балканските земји. Решавајќи ја борбата околу Македонија во полза на Србија, оваа битка ги поставила темелите на српската доминација на Балканот. Во текот на претстојните децении историјата на балканските земји била во знакот на таа доминација. Византискиот цар се обидел да извлече некаква полза од поразот на своите бугарски сојузници. Земајќи го како повод протерувањето на својата сестра Теодора, тој зазел повеќе тврдини во пограничната област и ги освоил црноморските градови Анхијал и Месемврија, коишто одамна биле главен предмет на византиско-бугарските спорови. Меѓутоа, во Бугарија, а наскоро и во Србија, дошло до преврат. Бугарските болјари ја протерале царицата Ана и нејзиниот син и на престолот го донеле Јован Александар (1131 г.-1371 г.). Во Србија благородниците се кренале против Стефан Дечански и власта му ја предале на неговиот син Стефан Душан. Балканските владетели склучиле цврст мир и Душан се оженил со Елена, сестрата на бугарскиот цар. Јован Александар веднаш стапил во борба против Византија и успеал да ги врати спорните градови, да ја воспостави поранешната граница и да ја обезбеди со договор (1332 г.) Новиот српски крал пак веднаш со своите дворјани тргнал во освојувачка војна против Византија.[9]

Од доаѓањето на власт па во текот на целото свое славно владеење Душан бил експонент на силната волја на српските болјари за освојување нови земји. Внатрешните заплети во Византија ги потпомагале овие освојувачки стремежи. Во пролетта 1334 г. во служба на српскиот крал стапил еден угледен византиски бегалец. Сиргија, којшто во времето на граѓанската војна одиграл водечка улога прво во едниот, а потоа во другиот табор, побегнал од Цариград, се задржал подолго време во Галата, на Евбеја, во Албанија и најпосле дошол на дворот на Душан. Овој вешт и искусен човек на Душан му направил значителни услуги во борбата против Византија. Уште тогаш паднале многу важни византиски тврдини во Македонија, како што биле Охрид, Прилеп, Струмица, Костур. Само цврстите ѕидини на Солун го запреле победоносното напредување на српскиот крал. Најпосле, еден човек на царот успеал да го убие Сиргијан. Душан ја прифатил понудата за мир на византискиот цар, бидејќи од север на неговата држава се заканувал напад на Унгарите. На состанокот меѓу Душан и Андроник III, во август 1334 г., бил склучен договор за мир, според кој Србите задржале поголем дел од освоената Македонија, со Прилеп, Охрид и Струмица.[10]

Османлиите

уреди

Додека во Европа катастрофата се навестувала, во Азија веќе се одигрувал последниот чин на трагедијата. Андроник III и Јован Кантакузин храбро се обиделе да и се спротивстават на тешката судбина. Во 1329 г. тргнале во Мала Азија со 2,000 војници за да ја ослободат опседнатата Никеја. Но биле поразени во нерамна борба кај Филокрена и во почетокот на март во 1331 г. Орхан влегол во Никеја. Шест години подоцна во рацете на Османлиите паднала и Никомедија. Сега во Мала Азија под византиска власт се наоѓале само одделни градови, оддалечени едни од други, како Филаделфија и Хераклеја на Понт. Тоа што тие градови среед турската навала се одржале уште многу подоцна е секако достојно за восхитување, но за натамошниот развој немале значење. Откако го зазеле витинскиот брег, Османлиите почнале да ги напаѓаат од море и европските брегови на Царството. Иако тие напади засега имале само ограбувачки карактер, ги навестувале новите големи опасности.[11]

Ситуацијата во Егејското Море

уреди

Додека Османлиите крстосувале по северниот дел на Егејското Море, неговиот јужен дел страдал од нападите на малоазиските селџучки емири. Нападите на Селџуците ги загрозувале во прв ред Латините, коишто господареле во тој дел на морето, а не ја засегнувале византиската сфера, којашто била ограничена на островите од тракискиот и малоазискиот браг. Тоа ја овозможило селџучко-византиската соработка. Потпирајќи се врз селџучките емирати, кои како и Византијците, воделе борба против Османлиите и против Латините, Андроник III и Јован Кантакузин се обиделе со помош на новоизградената флота да ги засилат византиските позиции на море. Во 1329 г. царската флота тргнала најпрвин на Хиос којшто под власта на џеновјанското семејство Цакарија се одметнал од Царството. Овој важен остров бил освоен и сè до 1346 г. останал под византиска власт. Исто така, со поддршка на соседните селџучки емири, била принудена да ја признае врховната власт на Византија, воедно и Фокеја, којашто исто така се наоѓала во рацете на Џеновјаните. Најпосле, царот успеал да го спаси Лезбос од нападите на западните сили. Тука имено, во мал обем се повториле настаните од 1204 г. Лигата на христијанските сили, формирана за одбивање на туркиските пирати, нападнала на овој византиски остров, без оглед на тоа што византискиот цар формално пристапил кон Лигата. Сега тој бил принуден со помошта на Селџуците да го брани нападнатиот остров од своите христијански браќа, во што на крајот, по драматична борба и успеал.[12]

Епир и Тесалија

уреди

Најзначајните успеси биле постигнати во Тесалија и Епир. По смртта на Стефан Гаврилопул Мелисин (1333 г.), најмоќниот меѓу тесалиските магнати коишто фактички го држеле северниот дел на земјата, во Тесалија настапила анархија. Не губејќи време, солунскиот намесник Јован Мономах навлегол во Тесалија, а наскоро таму пристигнал и царот, па северниот дел на Тесалија, сè до каталонската граница, бил присоединет кон Византиското царство. Дури и албанските племиња, коишто се населиле во Тесалија и дотогаш ја зачувале својата независност, ја признале врховната власт на Византија. Епирскиот деспот Јован Орсини (1323 г.-1335 г.) се обидел од својата страна да го освои западниот дел на Тесалија, но бил одбиен и морал да се повлече во својата земја.[13]

По анексијата на Тесалија се наметнало разрешувањето на епирското прашање. По бесконечните борби на странките и постојаното мешање на соседните сили, во епирската област владеело длабокото вриење и крахот на изнемоштениот деспотат бил неминовен. Победата на византиската странка во Арта го забрзала неговиот крај. Откако го отрула својот маж-деспот, деспотката Ана ја презела власта со својот син Никифор II и стапила во преговори со византискиот цар. На чело на поголема војска, чиешто јадро со сочинувале туркиските трупи, Андроник III и Јован Кантакузин побрзале од Тесалија за Епир за да ја примат изјавата на верност од епирската деспотка (1337 г.). На тој начин Епир со Акарнанија без борба бил припоен на Византиското царство. Деспотката Ана залудно се надевала дека со признавањето на византискиот суверенитет и натаму ќе владее со Епир во името на својот син. Царот не можел да и ја препушти власта на старата деспотска династија за којшто била сврзана традицијата на епирскиот сепаратизам. Управата во Епир му била доверена на протостраторот Теодор Синадин како на царски намесник, а Ана и Никифор морале да се населат во Солун.[14]

Западните сили, заинтересирани за Епир, се обиделе на Византија да и ја оспорат земјата која толку лесно ја освоила. Како орудие ним им служел заобиколениот деспот Никифор II. По налог на титуларната латинска царица Катарина Валоа, којашто тогаш владеела со Ахајското Кнежевство, анжујскиот намесник во Драч организирал востание за враќање на отфрлениот деспот. Никифор II во Арта бил прогласен за владетел, а царскиот намесник Теодор Синадин бил затворен. Меѓутоа, само неколку градови му се придружиле на деспотот, додека поголемиот дела на земјата му останал верен на византискиот цар. Кога Андроник III и Јован Кантакузин пристигнале со малата војска, востанието било брзо ликвидирано (1340 г.). Никифор морал да се врати во своето чесно прогонство во Солун и да се задоволи со титулата паниперсеваст и со свршувачка со ќерката на Кантакузин. За намесник во Епир бил поставен Јован Ангел, којшто се истакнал при совладувањето на востанието, а на Синадин му било доверено намесништвото во Солун. Една од најтешките последици на византискиот крах од 1204 г., најпосле, била отстранета. Се разбира, и натаму постоеле латинските кнежевства во Грција, но со сепаратистичките грчки држави било окончано. Јован Кантакузин со занес го величал овој успех, којшто ниту една поранешна влада, и покрај сите напори не била во состојба да го постигне.[15]

Надворешно-политички епилог

уреди

Всушност овој успех не бил резултат на византиската моќ, туку последица на опаѓањето на самите сепаратистички држави. Некогаш овие држави смело му пркоселе на притисокот на моќниот Михаил VIII, а сега речиси без отпор биле совладани од ослабеното Царство. Впрочем, Византијците не и се радувале долго на својата победа. Во мигот кога отцепените покраини најпосле одново се присоединиле со Царството, сенката на Душановата моќ веќе нависнувала над нив. Само неколку години подоцна Душан го освоил албанското подрачје, а наскоро потоа и цел Епир и Тесалија. Византија сè уште била во состојба, при поволни прилики, со вешта и одлучна политика да постигне извесни успеси, но не и да ги зачува плодовите на своите моментни победи. Само што Царството почнало да закрепнува од неодамнешната граѓанска војна, само што пристапило кон решавање на најнеодложните проблеми и ги забележило првите успеси, ако не спрема Османлиите и Србите, тогаш барем спрема послабите противници, се одново тргнало надолу. Владеењето на Андроник III била кратка пауза во еден период на внатрешни борби. По неговата смрт избувнала нова граѓанска војна, многу пострашна и покрвава и со многу потрагични последици од првата. Од оваа граќанска војна Византија никогаш веќе не закрепнала.[16]

Смрт и наследство

уреди

Кога Андроник III на 15 јуни 1341 г. умрел, неговиот син Јован V имал само девет години. Како најблизок пријател и соработник на покојниот цар, големиот доместик Јован Кантакузин полагал право врз водењето на регентството.[17]

Наводи

уреди
  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 603-604.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 604-605.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 605-606.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 607-608.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 608.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 608-609.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 610.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 610-611.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 611.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 611-612.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 612-613.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 613-614.
  13. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 614.
  14. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 614-615.
  15. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 615.
  16. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 615-616.
  17. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 616.