Бадник
Бадник или Коледе — денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според јулијанскиот календар, по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости.
Традиционално, Бадник се прославува кај сите христијани, но црквите кои го користат грегоријанскиот календар го прославуваат на 24 декември. Кај сите христијански народи има низа обичаи за Бадник, особено поврзани со Бадниковата вечера.
Потекло на поимот
уредиЗборот Бадник веројатно доаѓа од старословенски - да бидеш буден. Таа ноќ, како што запишал Шапкарев, „сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник - будник“. И многумина други истражувачи на овие обичаи сметаат дека името на овој ден доаѓа од бдеењето и будноста покрај обредниот оган.[1]
Историја
уредиИстражувачите сметаат дека во праисторијата овој ден бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, по зимската краткодневица. Раѓањето на новото Сонце значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна, Христијанската црква го презела овој празник и симболично го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека Христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите, Свети Августин одговорил: „Ние го празнуваме не како неверниците поради Сонцето, туку поради оној што го создал Сонцето“.[2]
Митологија
уредиОбредните елементи и дејствијата коишто се поврзани со Бадникот и Божиќот претставуваат најбогат извор за севкупната согледба на старословенската митолошка мисла и нивното истражување поттикнува на заклучок дека тоа е празник кој во основа ги задржал впечатливите и најзначајните елементи на паганската мисла на словенските народи. Обредните дејствија и елементи за нивното исполнување кај Јужните Словени се со огромна разноликост, во зависност од подрачје, но во основа се сведуваат на многу слични обреди наследени од древните предци: сечење бадник, неговото внесување и палење во домот; подготовка на обреден леб кој го сретнуваме под различни имиња поскура, чесница, кравајче, погача и кој во речиси сите краишта се прави со паричка; „печеница“ - печено прасе (или друго месо) со кое се прекинува Божиќен пост; живописни ритуали кои слават семејство - култ на огништето, култ на предци и доаѓање на новото божество. Според различни истражувачи Божиќ се врзува за две старословенски божества Сварог и Световид. Во народното творештво се зачувани стихови „Сварожиќу мој Божиќу“ што упатува на изедначување на малиот бог Божиќ (христијански елемент) и синот на богот Сварог (пагански елемент).[3]
Обичаи и симболика
уредиКога станува збор за обредните елементи сврзани со Бадниот ден и бадник, мора да се има предвид дека тоа се комплексни обредни дејанија кои се случуваат во поголем број на денови пред Бадниот ден, но и по него и сврзани се со обележување на раѓањето на божество (новото Сонце - новата година). Самото најавување на доаѓање на новото божество започнува на Св. Игнат, од тој ден па сè до Бадна вечер нашите предци палеле оган среде село и на врвови на брда за да го осветлат патот, како божеството не би го заобиколило нивното село.
На ден пред Бадник ритуално се обавувале подготовки за месење на обреден леб (се користело брашно кое тогаш се мелело од првиот страк на пченицата, којшто се нарекувал божја брада и се чувал врзан со црвени конци; се одбира домашно животно кое ќе биде „жртвувано“ за Божиќ, како и опрема за сечачот на Бадникот.[3]
Сечење Бадник
уредиВо најголем дел кај Јужните Словени, како Бадник е младо дабово дрво, сер, ретко бука или ела. Најчесто се сечел еден бадник, но во некои краеви се сечеле и три, а забележано е и сечење на девет бадници во Херцеговина, постои и специфичен обичај да се сечат грани според број на машките членови на семејството. Сечење на бадникот е поврзано со многу строги обредни правила: по бадникот се одело рано наутро, најчесто одел домаќинот. Бидејќи одење по бадниково дрво претставувало еден од најважните чинови, домаќинот бил облечен во нова облека. Сечачот на Бадникот пред сечењето не зборува, кон Баднокот пристапува со поздрав и обраќање со кое го побратими или велича бадникот. Бадниково дрво се сечело секогаш од источната страна. При сечење се земал и првиот ивер на кој му се придавале посебни апотропејни моќи. Секирата со која се сечел Бадникот се поземала во ракавици, а Бадникот најчесто се сече со три замави, никогаш не се пресекува, туку се прекршува за пенушката да добие форма на брада божја брада или дедо. На пенушката се оставаат подароци (лепче, вино, везени чорапи и др.). Пред донесување на бадникот во домот, домаќинката врши подготовка: ја чисти куќата (во древните времиња се сокривале троножни столчиња, вретена, кудели, вили и др.), подготвува посна храна, го меси обредниот леб. Бадникот не се внесува во куќата сè до првиот самрак, најчесто се оставал потпрен на ѕид.[3]
Внесување на бадник во домот
уредиВнесување на бадникот е проследено со обредно внесување на слама и сито кое е наполнето со сите видови на жита, како и со суви овошја со кои се посипувал бадникот, а потоа ситото се ставало на трпезата или до огништето. При внесувањето на бадникот домаќинот ги поздравува домашните, а тие го поздравуваат бадникот со благослови. Одејќи со сламата низ куќата домаќинот ја имитирал квочката, а домашните го следеле со ономатопеја на пилињата. На тој начин се барала поддршка од натприродните сили за благосостојба и плодност. По вечерата бадникот се ставал во огниште да гори, најчесто домашните го чувале цела ноќ и го потстрекнувале да искри. Во некои краишта бадникот се полевал со мед, во други на него се ставала златна пара. Во некои краишта, бадникот не се оставал да догори до крај, неговиот остаток се чувал како силен апотропеон за болести, заштита од штетници и сл. Името на Бадникот доаѓа од зборот бдеење, кое било својствено за практиката бадникот да гори цела ноќ со што неговите моќи се пренесувале на огништето кое го симболизирало семејството и напредокот.[3]
Бадник како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „На Бадник“ - расказ на бразилскиот писател Жозуе Монтело.[4]
- „Бадник над Санкт Петербург“ - книга на Љубомир Јовановски - Кара.[5]
Наводи
уреди- ↑ Бадник и Божиќ - верување и обичаи
- ↑ Што значи Божиќ ?
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија. Скопје: Три, 2004, ISBN 9989-918-97-X.
- ↑ Антологија на бразилскиот расказ. Скопје: Три, 2012, стр. 107-123.
- ↑ Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 23.
Надворешни врски
уреди„Бадник“ на Ризницата ? |