Тимотеј Ефески

светец и епископ, ученик на Апостол Павле

Апостол Тимотеј Ефески (старогрчки: Τιμόθεος; 17 - 97) — ранохристијански евангелист, маченик и прв христијански митрополит на Ефес[4].

Тимотеј Ефески
Икона на апостолот Тимотеј
епископ, свештеномаченик
Роден(а) 17, Листра
Починал(а) 97, Македонија
Почитуван(а) во православие
римокатолицизам
древноисточни цркв.
англиканство
лутеранство
Слава 4 февруари (22 јануари с. ст.) (православие)
26 јануари (римокатолицизам, лутеранство)
24 јануари (некои месни календари и општоримскиот пред 1970 г.
23 тиби (коптско православие)[1]
27 тиби (пренесување на моштитекоптско православие)[2]
Обележја крлук[3]
Заштитништво против цревни заболувања

Тимотеј е важен за како учесник во мисијата на апостолот Павле во Македонија, но и како независен деец на христијанизацијата заедно со другите апостоли.

Роден е во ликаонскиот град Листра (кај денешна Конија) во Мала Азија, во семејство на мајка Еврејка преобратена во христијанство и татко Грк. Се запознал со Павле за време на второто мисионерско патување и станал негов сопатник и соработник заедно со Сила.[5] Во Новиот завет е изложено дека Тимотеј патувал заедно со Апостол Павле и бил негов ученик, и ја уживал неговата доверба, доверувајќи му важни задачи. Познат е и по Првото и Второто послание до Тимотеј упатени нему.

Житие

уреди

Тимотеј пораснал во Листра во Ликаонија (Анадолија).[6] Кога Павле и Варнава првпат го посетиле градот, Павле излекувал некој жител осакатен од раѓање, поради што многу жители почнале да ги прифаќаат неговите учења. Враќајќи се во Листра по неколку години заедно со Сила, Павле разбрал за Тимотеј, кој веќе бил уважен член на тамошната христијанска заедница, какви што биле и неговата баба Лоида и мајка му Евника — обете Еврејки. Во 2 Тимотеј 1,5 тие се опишани како примерни благочестиви верници. Тимотеј ги совладал светите списи уште во детството. Од 1 Коринтјаните 16,10 може да е види дека бил повлечен и срамежлив: „Ако, пак, дојде Тимотеј, гледајте меѓу вас да биде безбеден; зашто тој го извршува делото Господово како и јас“.[7]

Татко му бил Грк „незнабожец“ и затоа Тимотеј не бил обрежан, но Павле уредил да се обреже (Дела 16,1–3) за да биде прифатлив за Евреите на кои ќе им проповеда. Сепак, ова не влијаело врз одлуката донесена на Апостолскиот собор со која не се бара обрежување на нееврејските верници.

Тимотеј стнал ученик на Павле, а подоцна и негов постојан придружник и сотрудбеник во проповедите.[8] Во 52 г. Павле и Сила го повеле на патувањето во Македонија со цел да ја христијанизираат. Свети Августин се изразува мошне пофално за Тимотеј, истакнувајќи ја неговата ревност, и спремноста веднаш да ги напушти татковината, домот и родителите за да го следи апостолот и да ги дели неговите страдања и неговата беда.[9] Често страдал од болести, поради што Павле му препорачал да пие по малку вино за да си ги олесни проблемите со стомакот.[10]

Со заминувањето на Павле за Атина, Сила и Тимотеј извесно време престојувале во македонските градови Бер и Солун, пред да му се придружат во Коринт.[9] Потоа се јавува во Делата, за време на Павловиот престој во Ефес (54–57), како и кон крајот на 56 или почетокот на 57 г. Павле повторно го испратил во Македонија, за потоа да дојде во Коринт. Тимотеј пристинал во Коринт непосредно откако стасало првото Павлово послание до тој град.

Бил заедно со Павле во Коринт зимата 57–58 г. кога Павле го испратил неговото Послание до Римјаните (Римјаните 16,21). Според Дела 20,3–6, Тимотеј бил во Македонија со Павле воочи Пасха во 58 г.; го напуштил градот кајшто престојувал пред самиот Павле и отишол во Троада, чекајќи го да дојде подоцна (Дела 20,4–5). Во 64 г. Павле го оставил Тимотеј во Ефес, каде тој стапил на должноста епископ.[9]

 
Мачеништвото на Тимотеј и пренесувањето на неговите мошти. Месецослов на Василиј II, 985 г. Ватиканска библиотека.

Поради неговата блискост со Павле, Тимотеј бил задолжуван со мисии од исклучителна важност. Се јавува како соавтор на Второто послание до Коринтјаните, Посланието до Филипјаните, до Колосјаните, Првото и Второто послание до Солуњаните, како и Посланието до Филимон. На Филипјаните Павле напишал за Тимотеј дека нема истомисленик што толку би се грижел за нив (Филипјаните 2,19–23). Кога бил во затвор исчекувајќи маченичка смрт, Павле го повикал верниот другар Тимотеј за да се збогуваат за последен пат.[8]

Самиот Тимотеј барем еднаш бил затворан во овој период, што се гледа од напишаното во Посланието до Евреите, каде, кон крајот на писмото, се споменува неговото ослободување.

Иако Библијата не зборува за неговата смрт, за крајот на Тимотеевиот живот се знае од други извори. Апокрифната списа Дела на светиот апостол Тимотеј вели дека во 97 г. како 80-годишниот митрополит приредил проповед на евангелието со цел да спречи поворка во чест на божицата Артемида. Разлутените пагани го грабнале, го влечеле по улиците и потоа го претепале со палки (или, според друга верзија, го каменувале) до смрт.[8]

Чествување

уреди

Тимотеј се чествува како апостол, светец и маченик (свештеномаченик) во православието, чија слава е на 22 јануари по црковниот јулијански календар, односно 4 февруари по нов стил. Општоримскиот календар го чествува заедно со Тит со служителен помен на 26 јануари — дента по празникот на преобраќањето на Павле. Од XIII век па сè до 1969 г. Тимотеј (самостојно) се славел на 24 јануари, дента пред Преобраќањето на Павле.[11] Заедно со Тит и Сила, Тимотеј се поменува во Евангелската лутеранска црква во Америка и Епископалната црква на САД на 26 јануари. Овој ден е на 24 јануари и во заедницата на Мисурискиот лутерански синод.

Во IV век моштите на Тимотеј се пренесени од Ефес во Цариград и сместени во Црквата на Светите Апостоли до гробовите на апостолите Андреја и Лука.[8] Во XIII век рекилвии од моштите се однесени во Италија од извесен гроф на враќање од крстоносен поход и во 1239 г. положени во катедралата во Термоли.[12] Останките се пронајдени во 1945 г. кога е вршена обнова на црквата.

Тимотеј е јунак во романот Во живо од Голгота (1992) на Гор Видал.

Заштитништво

уреди

Меѓу верниците се смета дека Тимотеј им помага на луѓето со цревни болести.[13]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. "The Martyrdom of St. Timothy, the Apostle.", Coptic Orthodox Church Network
  2. "The Relocation of the Relics of St. Timothy, the Apostle.", COCN
  3. Agasso, Domenico. "Saint Timothy, Bishop", Santi e Beati, February 1, 2001
  4. Eusebius (1965). „3.4“. Historia Ecclesiastica [The History of the Church]. Williamson, G.A. transl. Harmonsworth: Penguin. стр. 109.
  5. Дела 16,1–4
  6. „St. Timothy biography“. St. Timothy ELCA. Посетено на 2017-06-18.
  7. „Who Was Saint Timothy“. Fort Worth, TX: St.Timothy's Episcopal Church. Архивирано од изворникот на 2014-11-14. Посетено на 2014-01-17.
  8. 8,0 8,1 8,2 8,3 „Apostle Timothy of the Seventy“. Lives of the saints. OCA. 2013-01-22. Посетено на 2017-06-18.
  9. 9,0 9,1 9,2 Butler, Alban. Saint Timothy, Bishop and Martyr. The Lives of the Saints. I: January. Bartleby. Посетено на 2017-06-18.
  10. "Saints Timothy and Titus", Franciscan Media“. Архивирано од изворникот на 2020-04-14. Посетено на 2020-04-02.
  11. Calendarium Romanum (Vatican City, 1969), p. 86.
  12. Sanidopoulos, John (September 2011). „Skull of apostle Timothy to travel to…“..
  13. „St. Timothy – Why is He the Patron of Stomach Issues?“. Bible saints. January 2017. Посетено на 2018-07-05.

Поврзано

уреди