Византија под Сириската династија

(Пренасочено од Сириска династија)

Византиското Царство од страна на Сириската династија била управувана во периодот од 717 година со назначувањето на Лав III Исавријанин за цар а завршило во 802 по крајот на владеењето на царицата Ирина.

Византиско Царство
Βασιλεία Ῥωμαίων

717 – 802
Местоположба на Византија
Главен град Цариград
Јазици грчки
Уредување автократија
Византиски цар
 -  717–741 Лав III Исавријанин
 -  741–775 Константин V Копроним
 -  775–780 Лав IV Хазар
 -  780–797 Константин VI Слепиот
 -  797–802 Ирина
Историја
 -  стапување на престолот на Лав III Исавријанин 717
 -  крајот на владеењето на Ирина 802

Сириските или Исавријанинските цари биле успешни во одбраната и зацврстувањето на империјата во нејзината војна против Арапскиот калифат. Под Сириската династија, Византија немала големи успеси во Европа, каде претрпела неуспех против Бугарите, морала да се откаже од Равена во Италија, каде било засекогаш изгубено византиското влијание во црквата, наспроти растечката моќ на Франките.

Сириската династија главно е поврзена со византиското иконоборство, односно обид да се забранат иконите во манастирите, кое резултурало со значителни немири во внатрешноста на империјата.

До крајот на нивното управување во 802 година, Византија продолжила со своите војни против Бугарија и Калифатот додека папа Лав III го крунисал Карло Велики како цар на Римјаните, како наследник на Римското Царство.

Позадина уреди

Византија под Ираклиевата династија (610-695 и 705-711) се соочила со едни од најголемите предизвици во историјата на земјата, По успешната војна со Персија, двете империи останале исцрпени и ранливи во лицето на ненадејната појава и ширење на исламот преку муслиманската експанзија од Арабија во Левант.

По муслиманското освојување на Сирија, империјата го изгубила и Египет, како главен извор на жито по кое даночните приходи на империјата биле намалени. Муслиманските освојувања продолжиле кон Африканскиот егзархат, Мала Азија и Ерменија како главен извор на работна сила во империјата. Во следниот период, муслиманите успеале да направат своја сопствена морнарица по кое започнала нивната инвазија за превласт во Средоземно Море. Избивањето на граѓанската војна во муслиманските земји во 656 година довело до засиување на позициите на Византија на Балканот и Италија. Во периодот од 674 до 678 година, престолнината Цариград била ставена под опсада од муслиманите, но по муслиманското повлекување Византија започнала контраофанзива кон Мала Азија.

Големите немири во империјата започнале кога на престолот застанал Јустинијан II Ринотмет, период исполнет со големата суровост и деспотизам кои наскоро го направиле објект на омраза од страна на населението[1]. Непопуларноста на Јустинијан II била искористена од војсководецот Леонтиј[2]. Во 695 година, тој успеал да побегне од затвор, каде бил чуван по наредба на Јустинијан, по кое успеал да го зароби на Јустинијан и наредил да му го преселат носот и јазикот, поради кое Јустинијан подоцна бил наречен Ринотмет. Соборениот цар бил испратен на заточение во Крим.[1]. Така започнал периодот на нестабилност и анархија, кој траел 22 години и за кој период биле сменети седум цари[3]. Откако Јустинијан II Ринотмет повторно станал цар, тој се одмаздил на суров начин на своите противници, и тоа поранешните цареви Тибериј и Леонтиј, кои биле обезглавени јавно на хиподромот. Второто владеење на Јустинијан (од 705 до 711 година) се покажало како уште поголем неуспех за разлика од првото управување. Во 711 година Јустинијан II бил соборен од престолот, на чие чело застанал Филипик Вардан, кој исто така бил соборен по две години и наследен од Анастасиј II. Иако се обидел да ја стабилизира империјата, Анастасиј II наметнал строга дисциплина, тој управувал по волјата на армиските делови на империјата и по двегодишна власт бил соборен од нив во корист на Теодосиј III. Еден од највисоките негови стратези бил Лав, командант на војниците во Анадолија, кој по победата над арапите кренал бунт во Анадолија и без тешкотии го принудил на Теодосиј да се повлече од престолот.

Со доаѓањето на Лав III Исавријанин бил ставен крај на периодот на немири и нестабилност во земјата, а самиот Лав го дал почетокот на Сириската династија.

Лав III Исавријанин уреди

Лав III бил основач на Исавријанската или позната уште како Сириска династија. Лав III е еден од најважните византиски владетели, кој успеал да ја извади империјата од периодот на анархија и кој успеал да се справи со арапската закана, кога во август 718 година Арапите биле поразени од бугарскиот хан Тервел по кое била повлечена Опсадата на престолнината по четири години. Тој исто така ја наметнал новата црковна доктрина на иконоборството[4].

 
Грчки оган, употребен при опсадата

На 25 март 717 година Лав III бил крунисан во Света Софија по абдикацијата на Теодосиј III. Во тоа време империјата се наоѓала во многу тешка положба, губејќи ја војната со Арапите, кои ја опседнале престолнината Цариград во текот на една година. Опкружен од сите страни, градот бил на работ на пропаст. Арапските сили во даден момент имале над 100,000 војници[5], но во арапскиот камп, како и во опсадата на византиската престолнина, се појавил глад. Голем број на муслимански војници починале од различни болести и глад, а оние кои останале биле принудени според некои современи извори, да ги јадат мртвите коњи, тела и слично. Со бугарска помош од страна на Тервел како и со силното византиско оружје т.н. грчки оган[6], царот успеал да ги натера на Арапите да ја повлечат опсадата. Како резултат на битката Византиското Царство била спасена од распаѓање, а југоисточна Европа била спасена од арапската инвазија во наредните векови. Оваа е една од најважните и решавачки борби во историјата на Византија.

Како поранешен стратег на Анадолија, цар Лав III останал претставник на воено-земјишната аристократија и до крајот на владеењето ги бранел нејзините интереси. Со цел да ја зацврсти царската власт, тој извршил голем број на реформи, вовел ред во државната администрација и финансии. Лав III исто така издал нов зборник со закони Ecloga објавена во 726 година. Тој ја ограничил примената на смртна казна и го забранил ропството во Византија, вовел нов даночен и судски систем во корист на малите сопственици и создал нови теми во егејскиот регион.

 
Византиско ионоборство од 9 век.[7]

Лав III го означил почетокот на византиското иконоборство[8]. Така, наместо икони, на јавните места започнале да се поставуваат крстови. Оформено под влијание на исламската идеја дека сликите на луѓе и животни не можат да бидат свети, иконоборството во Византија претставувало реакција против прекумерниот раст на монаштвото и манастирите, кои биле голем товар на државата и конкурент на нејзината власт.

Во 726 година бил издаден едикт според кој иконите биле забранети[9]. Но, едиктот бил пречекан со силно противење од цариградски патријарх Герман и од страна на клирот и народот. Папа Григориј II и Јован Дамаскин, исто така, го кренале своjот глас во заштита на православието, како и повеќето теолози и монасите, поради што тој започнал гонење и страшно мачење и убивање на истите. Како незадоволство од таа одлука, во Грција се дигнала буна, која во 727 година била задушена. Патријарх Герман I не сакал да го потпише царскиот декрет и дал оставка, а на негово место Лав III го поставил неговиот истомисленик – патријархот Анастасиј[10].

Папата Григориј II во својата преписка со царот му укажал на грешката, но тој не сакал да се покае, по кое западниот дел од црквата одбил повеќе да не плаќа данок на Цариград. Во времето на папа Григориј III бил свикан синод од 93 епископи на кој била донесена одлука дека секој кој ќе оди против иконите, ќе биде екскомунициран од црквата. Како одговор на тоа, Лав сакал да се одмазди, одземајќи ја областа Илирик, како и Калабрија и Сицилија од јурисдикцијата на римскиот папа и префрлајќи ја на цариградскиот патријарх[11]. Ова дополнително ги влошило односите меѓу двете страни. Така папата решил да побара помош во западните земји. Во 727 година, во Равена, Италија, избувнало востание против византискиот цар. Испратената византиска флота потонела во бура кое довело до губење на останките од т.н. Равенски Равенски екзархат. Лав III Исавријанин починал во 741 година.

Константин V Копроним уреди

Набргу по стапување на престолот, Константин V се соочил со граѓанска војна (741-743), која започнала поради незадоволството на иконоборската политика на царот. Додека Константин V започнал воен поход против Арапите во Мала Азија во 741/2 година на чело со Хишам ибн Абд ал-Малик, стратегот Артавазд Иконољубец, кој бил сопруг на неговата сестра Ана, се прогласил за цар во Тракија и на темата Опсикион, со поддршка на ерменските единици, при кое Константин бил принуден итно да се врати назад за да собере војници во Анадолија. Артавазд бил поздравен од народот во Цариград, каде официјално бил крунисан за цар. Во овој период започнала обнова на почитувањето на иконите, кое дополнително го подобрил неговиот имиџ пред населението. Сепак, поголемиот дел од азиските армии останале на страната на Константин и кон средината на 743 година тој успеал да го порази на узурпаторот и истата година Артавазд Иконољубец бил симнат од престолот и ослепен. Задушувањето на бунтот кон крајот на 743 година било проследено со голем терор и масовни погубувања.

 
Походите на Константин V Копроним против Бугарија.

Константин V бил приврзаник на иконоборството и ги прогонувал приврзаниците кои ги почитувале иконите. Во текот на неговото владеење биле уништени голем број на реликви и манастири. Тој всушност се покажал и поголем фанатик во иконоборството од неговиот татко Лав. На соборот донесена одлука за строга забрана на култот на иконите. Наредено било нивно целосно уништување. Наместо да се цртаат светители, црквите почнале да се украсуваат со птици, цвеќиња и овошје. Во 766 година Константин V дошол во судир со неговиот патријарх, поради што го обезглавил и на негово место го поставил Никита I Цариградски. Оваа политика била спроведена исклучиво сурово и била проследена со големи злосторствата. Според Теофан Исповедник, голем дел од монасите биле погубени преку камшикување, обезглавување и ослепување. На некои од црковните лица им биле намажувани нивните бради со мелем од восок и масло, по кое истите биле запалувани за да може да им биде изгорено нивното лице и глава.

Константин V започнал неколку офанзивни кампањи против ослабениот Арапски калифат. Така во 746 година тој успеал да ја освои Северна Сирија, а следната година арапската флота била поразена од византиската кај островот Кипар, кој подоцна бил повторно присоединет кон империјата. Во 752 година царот започнал нов успешен поход против Арапите во Малатија, достигнувајќи до Горен Еуфрат. Константин V започнал да формира нова административната поделба на империјата и ја подобрил ефикасноста на теренската армија, создавајќи нови поделби - тагми.

Поради обврските главно со конфликтите на Балканот и Мала Азија, Константин V ја оставил во заден план заштитата на териториите во Италија, каде во 751 година Равена била заземена од Ломбардија. Кон крајот на неговото владеење Ломбардите го освоиле градот Рим, кој никогаш повеќе не се вратил под власта на Византија.

Во периодот помеѓу 756 и 775 година Константин V организирал вкупно девет походи против Дунавска Бугарија со цел нејзино уништување. Во 756 година ги поразил бугарските војски предводени од Кормисош, кај тврдината Бурдизон која во чест на победата била преименувана во Булгарофигон. Во истата година организирал втор поход со пешадија во Тракија и со флота по Дунав. Кај тврдината Маркели, успеал да ја порази бугарската војска на хан Винех. Во 759 година започнал третиот поход, но византиската војска била поразена во Битката кај Ришкиот превој. Во 763 година Константин V го организирал четвртиот поход во кој учество зела флота од 800 бродови. На 30 јуни 763 година, бугарската армија на чело со хан Телец била поразена во рамнината кај Анхиало. Во 765 година византискиот цар го започнал петтиот по ред поход. Пред битката ненадејно започнала голема бура која ја разбила византиската флота и војната завршила. Шестиот поход на Константин V започнал во 768 година, кога неговите војници стигнале длабоко во внатрешноста на државата, но биле пресретнати од голем и жесток отпор и византиските сили биле принудени да се повлечат. Во 774 година Константин V организирал седми поход во Варна, но истиот поход одлучил да го прекине. Истата година царот го организирал и осмиот поход, првично успешен, но прекинат откако кај Месемврија, флотата на Византијците била зафатена од морска бура. Последниот деветти поход Константин V Копроним го организирал во 775 година, но походот пропаднал поради неговата смрт.

Лав IV Хазар уреди

Во управувањето на Лав IV војниците на Византија биле ангажирани во судирите со Арапите во Сирија и Мала Азија, додека походите против Бугарите биле прекинати[12][13].

Лав бил оженет за Ирина, од која имал син, идниот Константин VI Слепиот, кој како свој наследник односно соцар го прогласил во 776 година[14]. Ова довело до неуспешен бунт меѓу цезарите, полубраќа на царот, кои биле замонашени и заточени во Херсон[15]. Во неговото кратко владеење било прекинато пргонот на иконопочитателите[16][17]. Според зборовите на Теофан Исповедник "царот Лав за кратко време се покажал како побожен и љубител на Богородица и монасите. Не долго после до неговата смрт тој го изменил а тоа и го продолжи прогонството на иконопочитателите. Набргу потоа карбункули (антракс) ја покри неговата глаба по кое тгој се разболе и почина". (Теофан: 768; 772[18]) Причина за болеста, според Теофан, била неговата желба да ја поседува круната на Маврикиј, која била погребана заедно со телото на царот Ираклиј I. Круната била извадена од гробот и Лав, положувајќи ја на главата, добил труење. Според други верзии царот бил отровен, или веќе бил болен кога се качил на престолот[19] или, според легендата, починал поради треска предизвикана од проклетство[20] , откако зел скапоцен камен од икона во црквата Света Софија.

Константин VI Слепиот уреди

Константин се покажал неспособен за добро владеење. Неговата армија била поразена од Арапите и самиот Константин имал ужасен пораз од страна на Кардам во 792 година во Битката кај Маркели[21]. Се појавило движење во корист на неговиот чичко, цезарот Никифор. Константин ги извадил очите на неговиот чичко, а јазиците на другите четворица полубраќа на татко му им ги отсекол. Неговите поранешни ерменски поддржувачи се спротивставиле откако го ослепел нивниот генерал Алексиор Мозел. Го запрел овој протест со неверојатна суровост во 793 година.[21]

Потоа се развел од неговата жена Марија Амниска, која не му донела машки наследник и се оженил со неговата љубовница Теодота, непопуларен и неканонски чин, кој ја вжештил т.н. „Мехиска контроверза“. Иако патријархот Тарасиј не се изјаснил јавно против тоа, одбил да ја официјализира бракот. Популарно неодобрување било изразено од вујкото на Теодота, Платон Студит, кој го нападнал дури и Тарасиј поради неговата пасивност. Избувливоста на Платон довело до негово затворање, додека неговите поддржувачи биле гонети и избркани во Солун. „Мехиската контроверза“ довела до опаѓање на популарноста на Константин, особено во црковните кругови.[21][22][23] На 19 април 797 година, Константин бил заробен, ослепен и затворен од поддржувачите на неговата мајка, која организирала заговор, оставајќи ја Ирена да биде крунисана како единствена царица на Цариград. Непознато е кога точно умрел Константин; сигурно било пред 805 година, но многу е веројатно да умрел кратко откако бил ослепен. Бил погребан во манастирот „Св. Ефросин“, која го основала Ирена.[21][22][24]

Ирина уреди

Најзначаен чин на Ирина било обновата на почитувањето на иконите. Избирајќи го Тарасиј, еден од нејзините членови и поранешен секретар, за патријарх во 784 година, таа свикала два црковни собори. Првиот од нив, одржан во 786 година во Цариград, бил осуетен од спротивставените војници верни на споменот на иконоборските цареви. Вториот, одржан во Никеја во 787 година, службено го обновил почитувањето на иконите и ја споил Источната црква со таа во Рим.[25] (Видете: Седми вселенски собор.)

Додека ова силно ги подобрило врските со Папството, не ја спречило војната со Франките, кои ја презеле Истра и Беневенто во 788 година. Во духот на овие настани, воените напори на Ирина имала некој успех: во 782 година нејзиниот омилен член, Ставракиј ги потиснал Словените на Балканот и довело до поставување на византиското ширење и повторна хеленизација на областа.

Ирина владеела пет години, од 797 до 802 година. папата Лав III, на кој му требало помош против непријателите во Рим и кој го видел престолот во Византија како празен (недостигајќи машки член), го крунисал Карло Велики како свет римски цар во 800 година. Ова било видено како навреда за Источното Римско Царство. Сепак, Ирина настојувала за брак помеѓу нејзе и Карло Велики, но според Теофан Исповедникот, кој го спомнува, настанот бил откажан од Етиј, еден од нејзините членови.[26]

Во 802 година, патрициите спремиле заговор против нејзе и на престолот го поставиле Никифор, министерот за финансии. Ирина била избркана на Лезбос и приморана да се прехранува со ткаење. Умрела следната година.

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Ostrogorsky, pgs. 116–122
  2. Bury, pg. 354
  3. Jenkins, Romilly (1966). Byzantium The Imperial centuries AD 610-1071. p. 56
  4. Gero, Stephen (1973). Byzantine Iconoclasm during the Reign of Leo III, with Particular Attention to the Oriental Sources. Louvain: Secrétariat du Corpus SCO. ISBN 90-429-0387-2.
  5. (француски) Guilland, Rodolphe. "L’expédition de Maslama contre Constantinople (717–720)" in Études Byzantines. Paris: Presses universitaires de France, 1959, pp. 109–133.
  6. Treadgold. History of the Byzantine State, p. 347.
  7. Byzantine iconoclasm
  8. Ladner, Gerhart. "Origin and Significance of the Byzantine Iconoclastic Controversy." Mediaeval Studies, 2, 1940, pp. 127–149.
  9. Treadgold. History of the Byzantine State, pp. 350, 352–353.
  10. Treadgold. History of the Byzantine State, p. 353.
  11. Treadgold. History of the Byzantine State, pp. 354–355.
  12. „Roman Emperors - DIR Leo III“. roman-emperors.org.
  13. A History of Byzantium (second edition): Timothy E. Gregory (Blackwell, 2010), p 213.
  14. The Chronicle of Theophanes Anni Mundi 6095–6305 (A.D. 602–813): Tr. Harry Turtledove (University of Pennsylvania Press, 1982), p 135-136.
  15. The Chronicle of Theophanes Anni Mundi 6095–6305 (A.D. 602–813): Tr. Harry Turtledove (University of Pennsylvania Press, 1982), 137.
  16. Byzantium: The Imperial Centuries (A.D. 610–1071): Romilly Jenkins (Weidenfeld and Nicoloson, 1966), p 92.
  17. The Byzantine Revival: Warren Treadgold (Stanford University Press, 1988), p 5.
  18. „Roman Emperors - DIR Leo III“. roman-emperors.org.
  19. Byzantium: The Imperial Centuries (A.D. 610–1071): Romilly Jenkins (Weidenfeld and Nicoloson, 1966), p 90.
  20. The Byzantine Revival: Warren Treadgold (Stanford University Press, 1988), p 6.
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 Cutler & Hollingsworth (1991), pp. 501–502
  22. 22,0 22,1 Treadgold (1997), p. 422
  23. Garland (1999), pp. 84–85
  24. Garland (1999), pp. 85–87, 260 (Note 67)
  25. Видете: Alexander, et al., p. 423.
  26. Видете Гарланд, стр. 89, кој објаснува дека Етиј сакал да ја искористи моќта во корист на неговиот брат Лав.

Извори уреди