Лав VI, наречен уште Мудриот или Филозофот (грчки: Λέων ΣΤ΄ ὁ Σοφός, 19 септември 866 - 12 мај 912), бил византиски цар од 886 до 912. Тој бил вториот владетел од Македонската династија (иако неговото родителско потекло е нејасно). Тој бил многу начитан, водејќи по неговиот прекар. За време на неговото владение, преродбата на пишување, почнато од неговиот претходник Василиј I, продолжила, но Царството иста така доживеало неколку воени порази на Балканот против Бугарија и против Арабјаните во Сицилија и Егејот.

Лав VI Мудриот
Λέων ΣΤ΄ ὁ Σοφός
Цар на Источното Римско Царство
Мозаик во Аја Софија покажувајќи Лав VI како придава почести кон Исус.
Византиски цар
На престол29 август 886 – 12 мај 912
Крунисување870 (како совладетел на Василиј I)
ПретходникВасилиј I
НаследникАлександар III
Роден(а)19 септември 866
Цариград
Починал(а)11 мај 912
Цариград
СопружникТеофана
Зоја Зауцена
Евдокија Бајана
Зоја Карбонопсина
ДецаКонстантин VII Порфирогенит
ДинастијаМакедонска династија
ТаткоВасилиј I
МајкаЕвдокија Ингерина

Ран живот уреди

За што поцврсто да ја врзе царската круна за своето семејство, Василиј I веќе на 6 јануари 869 го крунисал за совладетел својот постар син Константин, а една година потоа и вториот син Лав, а околу 879 по прераната смрт на Константин, и третиот - Александар, додека најмладиот Стефан, станал свештеник, и подоцна за време на владата на својот брат Лав VI, го зазел патријаршискиот престол престол. Царевиот првенец и љубимец Константин бил син на неговата прва жена „Македонката“ Марија. Лав Александар и Стефан биле синови на Евдокија Ингерина, последните двајца се родени дури по доаѓањето на Василиј на престолот.[1]

По прераната смрт на Константин, правото на наследство на престолот преминало на Лав, и покрај длабокото нерасположение и недоверба што неговиот татко ги негувал спрема нему. Напрасната смрт на својот првенец, Василиј I не можел да ја преболи и последните години од својот живот ги провел во тешка душевна депресија. На 29 август 886 година во несреќен случај загинал во лов.[2]

Внатрешна политика уреди

Рано владение уреди

По доаѓањето на престолот, Лав VI веднаш го отстранил патријархот Фотиј, а за патријарх го довел својот млад брат Стефан. Овој пат Фотиј конечно изчезнал од историската сцена: умрел во Ерменија, во прогонство.

Лав VI Мудриот формално го делел престолот со својот брат Александар, но овој, предаден на уживањата, не учествувал во водењето на државните работни. Главен царев советодавец, за време на првиот и најплоден на неговото владеење, бил таткото на неговата љубовница и подоцна сопруга Зоја, Ерменецот Стилијан Зауцес, за кого е создадена почесната титула „василеопатор“ (царев татко).[3]

Лав VI како образовна личност уреди

Како ученик на големиот Фотиј, кон кого се покажал толку неблагодарен, Лав VI располагал со одлично образование и и многустрано знаење. Бил плоден писател и страствен говорник. Верноста кон античките традиции кај него поизразено се забелележува отколку кај неговиот татко, но се манифестира не толку на политичко колку на литературно поле и се прикажува во изразено теолошко облекло. Лав бил побожен владетел со силни наклоности за теологија. `Пишувал црковни песни и многубројни хомилии и говори, кои сакал да ги држи сам за црковните празници, мешајќи ги догматските излагања со класичните реминисценции. Напишал и огромна погребна реч за својот татко, како и повеќе извештачени световни песни, а на крајот и збирка од пророштва за судбината на Царството, која во Византија била многу омилена. Изгледа дека токму поради својата литературна дејност Лав VI го добил почесниот прекар Мудар.

Историски многу позначајно било обемнето законодавно дело извршено во негово време. Тоа го прославило како најголем законодавец по Јустинијан. Личниот удел на Лав во ова дело не смее да се преценува, иако царевата ученост и литературна вредност несомнено придонеле за неговото изведување. Значајните подготвителни работи, како што е истакнато, биле спроведени за времето на неговиот татко, а паѓа во очи и тоа што големата законодавна дејност припаѓа во првата деценија на Лавовото владеење, кога со политиката на Царството раководел Стилијан Зауцес. Во споредба со овој прв период, подоцнежното владеење на Лав VI, во времето на неговата зрелост, изгледа доста неплодно.[4]

Негови акти и дела уреди

И покрај длабоката заемна антипатија и сосема различните природи и темпераменти, политичките стремежи на Валисилиј I и Лав VI во многу нешта биле слични. Обновата на Јустинијановото право, започната во владеењето на Василиј I, е завршена со „Василиките“ на Лав VI. Царските закони на Лав Мудриот, поделени во 60 книги и 6 томови претставуваат најголема збирка од закони на Византиското царство во средниот век. Изработени со напори на комисија од правници под претседателство на протоспатијата Симватиј, „Василиките“ биле објавени веќе во првите години на владата на Лав VI: тоа е уште еден доказ дека подготвителните зафати за Василиевиот „Анаркатарсис“ биле доста одминати и оти се искористени во „Василиките“. „Василиките“ се збирка како на канонско, така и на граѓанско и јавно право. Тие ја црпат материјат, пред се, од Јустинијановиот Кодекс и „Дигестите“, во помала мерка од „Институциите“, а покрај тоа и од „Јустинијановите Новели“ и „Новелите на Јустин II“ и Тибериј кои им се додадени на Јустинијановите во подоцнежната збирка од т.н. „168 Новели“. На крајот имаат извесни позајмувања и од „Прохирон“ (актот на Василиј I). Како ни нивните претходници од времето на Василиј I, ни правниците на Лав VI не се користеле со оригиналните латински извори, туку се служеле со грчки преводи и коментари од VI и VII век. Во однос на „Јустинијановиот Законик“, „Василиките“ за византискиот читател, имале пред се, предност поради тоа што биле на грчки јазик. Освен тоа, тие се многу попрегледни, бидејќи ја давале целата граѓа, систематски средена, во еден дел, додека „Јустинијановиот Корпус“ - а тоа „Василиките“ и му го префрлаат во својот вовед како најголем недостаток - истиот предмет го третира на повеќе места. Оттаму не е ни чудно што „Василиките“ речиси потполно го истиснале од употреба Јустинијановиот Законик и што за средновекодна Византија станале темел на правната наука. Но и колку да е големо значењето на „Василиките“ за развојот на византиското право, како историски извор тие немаат посебна вредност. Како типично книшко дело, тие ја одразуваат политичката и социјалната реалност на своето време, туку ги повторуваат правните прописи на поранешните векови, најчесто одамна надживеани.

Во поголема мерка современите услови се огледаат во Лавовите „Новели“. Имено, Лав издал збирка од 113 наредби, која по аналогија со Јустинијановите „Новели“, обично се нарекува збирка „Новели“. Најпрвин оваа збирка имала друго име, во кое се одразувала тесната врска на Лавовото законодавство со законодавнот дело на неговиот татко: таа се викала „Исправување и чистење на старите закони“. Лавовите „Новели“ се однесувале на најразлични прашања, кои се распоредени без одреден систем. Од една страна, тие ги менувале или ги отповикувале старите закони, а од друга, им давале законска сила на извесни правни обичаи кои се задржале. „Новелите“ кои се однесувале на црквата му биле упатени на патријархот Стефан, а сите други - иземајќи неколку без адреси - на Стилијан Зауцес. Како и во случајот на Јустинијан и неговиот преториски префект Јован Кападокиски, и овде адресатот судејќи по се, бил вистински автор на издадените наредби. Оваа околност може да се објасни, бидејќи Лавовото законодавство, толку обемно во Зауцесовото време, станало доста скромно по смртта на Зауцес.[5]

Стекнување неограничена власт уреди

Посебно внимание заслужуваат оние новели на Лав VI во кои се отповикуваат правата на градските курии и сенати. Навистина, куриите одамна изчезнале, а и административните и законодавните функции на сенатот постоеле само на хартија. Сепак нивното официјално укинување било значајно, дотолку повеќе што тоа во сите три новели било инспирирано од тоа што сега целата државна управа се наоѓала во рацете на царот. Законодавното дело на Лав VI го завршил значајниот историски процес со кого целата државна власт се усредоточува во рацете на владетелот, а сите државни работи му се довериле на царскиот чиновнички апарат. Семоќта на царот и бирократизацијата на државата под Македонската династија дошле до целосен израз. Сенатот, во кој влегувале вишите државни чиновници, ги губел не само своите стари законодавни и административни функции, туку и она значење што го имале уште во VII век. Државата се идентификувала со царот и неговиот воен и чиновнички апарат. Царот бил господаров избраник врз кого се потпирала господовата идеја. Тој бил врховен поглавар на целокупната државна управа, врховен заповедник на војската, врховен судија и единствен законодавец, бранител на црквата и заштитник на православието. То решавал за војна и за мир, неговата пресуда била конечна и неотповиклива, неговите закони се сметаат вдаховени од господ. навистина, тој морал да се држи до постојното право, но тој можел да го менува според неговото наоѓање со објавувањето нови и со отповикувањето на старите закони. како државен поглавар, царот имал фактички неогреничена власт и со ништо не бил врзан освен со општите морални барања.

Само во црковната сфера царската власт наидувала на посилни ограничувања. И колку да било неогвото влијание и врз црковниот живот, како световно лице, царот можел да биде само заштитник, но не и раководител на црквата. Црквата имала свој сопствен раководител, цариградскиот патријарх, чиј углед и моќ биле во постојан пораст. Без сомневања, царот бил тој кој фактички решавал за поставувањето на патријархот, а како законодавец тој влијаел врз црковната црковната управа. Но, за разлика од поставувањето и отстранувањето на световните достоинственици, за што исклучиво решавала волјата на царот, за поставувањето, а посебно за отстранувањето на црковните великодостоинственици, потребна била согласност на црквата. Исто така, царот можел според сопственото наоѓање да ги менува законите на своите претходници, но тој не можел ниту да ги менува ниту да ги отповикува одредбите на црковните собори. Највисока институција во црковниот живот претставувале црковните собори, на кои им припаѓачо исклучителното право за решавање на верските прашања. Додека световните фактори кои некогаш ја ограничувале царската власт постепено го губеле своето значење, власта на црквата се зголемила истовремено со семоќта на царот.[6]

Административно уредување уреди

Изградувањето на управниот систем и на чиновничкиот апарат на Византиско царство, исто така, главно се завршува под Македонската династија. Развитокот се движел во правецот по кој тргнал во VII век и во конечниот резултат дава слика која мошне се разликува од некогашната појдовна точка: управниот систем на ДоцноРимското Царство.

На преминот од IX во X век, тематското уредување ја добила својата крајна структура. Со постепено делење на големите малоазиски окрузи и со воведувањето тематска организација во другите области, бројот на темите значително се зголемил. Невоедначеноста на првобитната тематска организација постепено му отстапила место на еден строго унифициран систем, откако и различните помали воени окрузи кои биле формирани покрај тематските единици (клисури, архонтии, дукати, катепанати, друнгаријати), со времето се претвориле во теми. Во почетокот на X век, Царството било поделено на тематските единици: во Азија - темите Опсикион, Букеларион, Оптиматон, Пафлагонија, Арменијакон, Халдија, Колонеја, Харсианон, Анатоликон, Тракесион, Кападокија, Месопотамија, Себатеја, Ликандос, Леонтокомис, Селевкија и приморската тема Кивиреота; на

- темите Самос и Архипелаг; во Европа - Тракија, Македонија, Стримон, Тесалоника, Хелада, Пелопонез, Кефалонија, Никопол, Дирахион, Далмација, Сицилија, Лонгобардија и Херсон. Натамошните промени во тематската организација во X век настануваат, пред се, со основање нови теми во новоосвоените области, додека на старата територија нови теми се создаваат ретко. Дури со дезорганизацијата на византискиот државен поредок се дошло, почнувајќи одод втората половина на XI век, до натамошно делење, буквално распарчување на тематските единици.[7]

Државен апарат уреди

Разгледувајќи го византискиот чиновнички апарат, за кого нас не известуваат Филотиевиот „Клиторологион“ и сродните списоци на византиските достоинственици од IX и X век, мора да се прави разлика меѓу вистинските функции и почесните титули. Оваа разлика видно се изразувала во тоа што функциите биле доделувани со повелба за поставување, а титулите со предавањето на почесни знаци. Во поголем дел титулите не биле ништо друго туку функции кои со времето го изгубиле некогашното значење и добиле титуларен карактер. Треба притоа да се има на ум дека списоците на функциите и титулите од IX и X век го прикажуваат вистинскиот чиновнички апарат на една одредена, временски ограничена епоха и дека безусловно важат само за оваа епоха, бидејќи византискиот управен систем постојано се развивал и се менувал

Според Филотиевата „Клиторологија“, византиските титули претставуваат хиерархија од осумнаесет степени. Трите највисоки достоинства: цезари (кесари), нобилиси и куропалати се доделувале ретко и повеќето само на членовите на царското семејство. Зад нив доаѓа највисоката женска дворска титула, зосте патрикија, потоа магистри, антипати, патриции, протоспатарии, дисипати, спатарокандидати, спатарии, ипати итн. Имало и осум специјални титули за евнусите, кои започнале со патрициј, но повеќето имале свои посебно имиња. Притоа патрициј-евнух имал повисок ранг отколку другите патриции и антипати. Евнусите играле голема улога на византискиот двор. Иземајќи го само царското достоинство, тие можеле да ја вршат секоја друга световна или духовна должност, и многу патријарси, државници и војсководци, кои се прославиле во византиската историја, биле евнуси. А имало и извесни дворски функции кои обично, иако не без исклучоци, ги вршеле евнусите. Најважните меѓу нив биле должностите на паракимомен, кој спиел до царската ложница и кој најчесто бил еден од најблиските царски луѓе и дожлноста протовестиарија, началникот на царската гардероба. Важни дворски функции имале ректорот, еден од највисоките достоинственици на царскиот двор, кој се јавува дури во времето на Македонската династија, протопрепозит и началникот на дворскиот церемонијал, царевиот протостратот и др. Меѓу чиновниците на централната државна управа посебно се истакнувал цариградскиот епарх, кој вршел надзор над целиот живот во престолнината: "таткото на градот", како што го нарекува Порфирогенитовата „Книга на церемониите“. Од големо и сè поголемо знечење била позицијата на логотегот на дромите, што ја заземал, на пример, Теоктист под Теодора и Стилијан Зауцес под Лав VI. Логотегот на дромите во ова време бил вистинскиот раководител на целокупната надворешна и внатрешна политика на Царството. Со оглед на познатиот фискализам на византиската држава, не е чудно што во византискиот бирократски апарат финансиската управа заземала посебно важно место. Надзорот над сите финансиски установи го вршел сакелариј, кого во XII век го заменил големиот логаријаст, државното благо во злато го чувал хартулариј сакелија, а државните залихи во натура хартулариј вестијарија. Началници на одделни финансиски установи биле логотетите. Важни функции имале и началникот на царската канцеларија, примачот на молбите и царевиот секретар. Оваа последна функција била врзана со позицијата на логотегот на дромите.

За воениот систем важна била разликата меѓу провинциските теми и тагми сместени во Цариград. На чело на темите стоеле стратези, заповедници на локалните трупи и воедно началници на локалната управа. На чело на одделните тагми стоеле доместици. Најважни биле тагмите Схола, Екскубите, Аритмоса и Хиконата. Доместикот на Схола обично бил врховен заповедник на целокупната војска. Поморските сили на државата се состоеле од царската флота под команда на друнгаријата на лаѓите и бродовите на поморските теми под команда на локалните стратези. Впечатливо е што друнгаријата на царската флота во IX па и дваесетина година на X век имала понизок ранг од било кој тематски стратег.[8]

Надворешна политика уреди

Трговскиот спор со Бугарија уреди

Во византиско-бугарските односи, по подолг мир, дошло до нови непријателства. Откако првиот христијански владетел на Бугарија, Борис Михаил, се одрекнал од круната (889 г.) и откако неговиот постар син Владимир бил отфрлен од престолот поради обидот да ја врати земјата во паганската религија, власта ја презел помладиот син на Борис, Симеон (893-927), најголемиот владетел на средновековна Бугарија. Наскоро по неговото доаѓање на престолот избувнал судир меѓу Византија и Бугарија. Занимливо е што тој судир имал економска позадина. Монополот за трговија со Бугарија во Византија го добиле двајца големи трговци. Во спогодбата на Стилијан Зауцес овие трговци го пренеле центарот за трговија со Бугарија од Цариград во Солун и значително ги зголемиле царините. Со тоа биле погодени бугарските интереси, и откако сите протести останале без резултат, Симеон навлегол во Византија и и нанел пораз на царската војска (894 година). Бидејќи византиските сили на Балканот биле недоволни, Византија се обидела да ја отстрани опасноста со дипломатски потег: ги повикала на помош Угрите, кои тогаш ја држеле областа меѓу Дњепар и Дон.

На повикот на владата на Лав VI, Угрите првпат се замешале во политиката на европските држави. Во договор со Византија удриле во плеќите на Симеон, му нанеле повеќе порази и ги ограбиле северните бугарски покраини. Во меѓувреме, византискиот војсководец Никофор Фока избил на јужната граница на Бугарија, а друнгаријата на царската флота Евстатиј го блокирала устието на Дунав. Симеон склучил примирје со Византија, за да добие во време. Како што византискиот цар им се обратил на Угрите, така тој се свртел кон воинственото племе Печенези во јужно-руската рамнина. Со помош на Печенезите тој ги совладал Угрите, па потоа ги нападнал Византијците и однел решавачка победа кај Бугарофигон (896 година). Потоа бил склучен мир, кој ја обврзувал Византија на годишен данок за Бугарите. Меѓутоа, под притисок на Печенезите, Угрите тргнале на запад и се доселиле во нивната денешна област во средно Подунавје. Така, тие се пробиле во пределите населени со Словени, одвојувајќи ги Јужните Словени од нивните соплеменици на север и исток.[9]

Борбата против Арабјаните уреди

Војната против Симеон ги ослабела сили на Византија спрема Арабјаните, како на Исток, така и на Запад. Никифор Фока морал да го прекине успешното војување во јужна Италија за да ја преземе командата на Балканот. На исток, Ерменија била изложена на арабјанските напади, а во Киликија започнало навлегувањето на Арабјаните, следено со опсежни поморски операции долж јужниот брег на Мала Азија. На запад и на море, Византија трпела пораз по пораз. Во 902 година, паднала Таормина, последното византиско упориште на Сицилија. Со тоа арабјанското освојување на Сицилија било главно завршено, по тешките борби кои траеле 75 години и чинеле големи жртви. На исток, Арабјаните господареле не само со Средоземното, туку и со Егејското Море, обрабено со византиски земји. Нивните напади ги погодувале час егејските острови, час бреговите на Пелопонез и Тесалија, а во 902 било разурнато богатото тесалско пристаниште Димитријада. Посебно катастрофални последици имала големата експедиција од 904 година под водство на грчкиот регенат Лав од Триполис. Лав најнапред тргнал на Цариград, но по заземањето на Абидос, што го отворало патот кон византиската престолнина, ненајдено го променил правецот и удрил на Солун. Овој културен и трговски центар, по Цариград најзначаен и најбогат град на Византиското царство, паднал по тридневна опсада, на 31 јули 904. Во освоениот град Арабјаните извршиле страшно колење пред да се повлечат со многубројните заробеници и огромниот плен. Овој тежок пораз имал реперкусии и на односите на Византија со Бугарите. Византијците морале да се согласат на поместување на бугарската граница, кој сосема му се приближила на Солун.

Византиската влада, поучена од тешките искуства, го зајакнала утврдувањето во Солун и презела енергични мерки за зголемување на флотата. Резултатот набрзо се покажал: во октомври 908 логотегот на дромите Химериј однел значајна победа над арабјанската флота во Егејското Море. Две години подоцна Химериј се истоварил на Кипар, оттаму го нападнал сирискиот брег и ја запоседнал Лаодикија.

Уште поголема поморска операција била преземена во 911 година кога силна флота, под водство на истиот Химериј, испловила против Крит. Меѓутоа, по долги напразни борби, византиската флота била принудена да се повлече. На враќањето арабјанската ескадра, под водство на Лав Триполитанец и Дамјан, исто така византиски регенат и сосема ги уништила (пролетта 912 година). Така големата Химерева експедиција претрпела потполн неуспех: сите вонредни војнички и финански напори се покажале напразни.[10]

Приближувањето со Киевска Русија уреди

Деталниот опис на Химериевата експедиција во Порфирогенитовата „Книга за церемониите“ меѓу византиските морнари спомнува и 700 Руси, кои како награда добиле еден центенариј злато. Учеството на Русите во византискиот поход бил последица на новите византиско-руски односи. Рускиот кнез Олег, кој зацврстил во Киев и кој си обезбедил пат од „Варезите до Грците“, се појавил во 907 година со силна флота пред Цариград и ја натерал византиската влада на склучување договор. Овој договор, парафиран во септември 911, го обележува почетокот на редовните трговски односи меѓу Византија и Киевската држава. Меѓу другото во него се спомнува и можноста за учество на Русите во византиските воени походи.[11]

Брачна состојба и судирот со патријаршијата уреди

Покрај сите надворешно-политички тешкотии дошле и заплетите што ги предизвикале четирите бракови на царот. Првиот брак со Теофана, што Лав го склопил по желба на Василиј I, не бил среќен. По смртта на побожната царица во 897 година, која Источната црква ја прогласила за светица, тој во пролетта 898 се венчал со својата љубовница Зоја, ќерќата на Стилијан Зауцес. Меѓутоа, Зоја умрела веќе кон крајот на 899 година, а на царот не му оставила машки наследник, па во летото 900 Лав зел трета жена, Евдокија Вајана од Фригија. Ова била очигледна повреда на византиските црковни и државни, а ситуацијата била дотолку понезгодна што самиот Лав VI пред неколку години со посебен закон ја обновил забраната на трет брак, па дури и го осудил склучувањето втор. Меѓутоа, несреќата го бркала царот: Евдокија умрела веќе на 12 април 901, па Лав повторно останал вдовец и наскоро почнал да размислува за нов, четвртти брак, со убавата Зоја Карбонопсина. Бидејќи неговиот трет брак предизвикал судир со црквата и бидејќи неговите нови брачни планови наидувале на општо неодобрување, царот можеби не би се решил за повторна можеби и уште потешка повреда на црковните какони и држави закони, ако во 905 Зоја не родела син. Сега на царот му било важно да го легализира раѓањето на својот престолонаследник. На 6 јануари 906 патријархот Никола Мистик во Света Софија го крстил царевиот син, подоцнежниот цар Константин Порфирогенит, добивајќи претходно ветување од царот дека ќе ги прекине односите со Зоја. Меѓутоа, три дена подоцна, Лав се оженил со жената која му подарила син и ја крунисал за августа. Тоа предизвикало големо огорчување во црковните кругови. Патријархот му забранил влегување на царот в црква: на Божиќ 906 и на Водици 907 византискиот василевс не бил пуштен во Света Софија. Но му останал излезот кон кого често прибегнувале византиските цареви кога не можеле да излезат на крај со својата црква: тој се обратил до Рим и добил од папата Сергиј III простување. Римските одредби за бракот не биле толку строги како византиските, а и без тоа папата не можел да го одбие царот кој надвор од својот патријарх му се обратил нему му се обратил и со тоа ја признал неговата надмоќ. Повикувајќи се на римската одлука, Лав VI успеал да го примора Никола Мистик на абдикација и на неговото место да го издигне побожниот, но ограничениот Евтимиј (февруари 907). Но со тоа настанал расцеп во византиската црква, кој ги оживеал старите расправии на црковните странки. Царот ја спровел својата волја: неговиот син на 9 јуни 911 ја добил царската круна како совладател и со тоа, по толку маки, го обезбедил натамошниот опстанок на Македонската династија. Меѓутоа, судирот со црквата не бил завршен со привременото отстранување на Никола Мистик, туку го преживеал Лавовото владеење и на крајот бил решен во корист на патријархот.[12]

Наводи уреди

  1. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 286.
  2. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 295.
  3. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 295-297.
  4. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 297-298.
  5. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 298-300.
  6. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 300-301.
  7. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 301-303.
  8. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 303-306.
  9. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 310-312.
  10. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 312-314.
  11. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 314.
  12. Г.Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр.: 315-316.