Месопотамија ( грчки: Μεσοποταμία, меѓуречје) во превод значи земја меѓу две реки, се нарекуваат областите, кои се наоѓаат меѓу реките Тигар и Еуфрат. На север граничи со планините на Ерменија, на југ достигнува до Персискиот Залив. На запад граничи со Сирија, а на исток - со планинските венци на Западен Иран. Во овие земји благодарение на реките Тигар и особено Еуфрат, слично како Нил во Египет, настанала една од најдревните цивилизации како сумерската, акадската, асирската, а во почетокот на 2000 години п.н.е. започнало обединување на скоро целата област околу градот Вавилон.

Мапа која го покажува протегањето на Месопотамија. Од север кон југ прикажани се Вашукани, Нинивија, Хатра, Асур, Нузи, Палмира, Мари, Сидар, Вавилон, Киш, Нипур, Исин, Лагаш, Урук, Чаракс Спасину и Ур.

Историскиот регион на Месопотамија во Западна Азија, во денешно време приближно одговара на поголемиот дел од Ирак заедно со Кувајт, источните делови на Сирија, југоисточниот дел на Турција и регионите долж границите на Турција со Сирија и на Иран со Ирак.[1]

Месопотамија
Еуфрат · Тигар
Градови / Царства
Сумер: Урук · Ур · Ериду
Киш · Лагаш · Нипур
Акадско Царство: Акад
Вавилон · Изин · Суза
Асирија: Ашур · Нинива
Дур-Шарукин · Нимруд
Вавилонија · Халдејско Царство
Елам · Аморити
Хурити · Митани
Касити · Урарту
Хронологија
Кралеви на Сумерија
Кралеви на Асирија
Кралеви на Вавилонија
Јазик
Арамејски
Сумерски · Акадски
Еламски · Хуритски
Митологија
Енума Елиш
Гилгамеш · Мардук
Енлил · Енки
Нинурта · Нинлил

Сумерците и Акадијците (вклучувајќи ги Асирците и Вавилонците) владееле во Месопотамија од почетокот на пишаната историја (околу 3100 п.н.е.), сè до паѓањето на Вавилон во 539 п.н.е., кога потпаднала под Ахеменидското Царство. Александар Велики го освоил Вавилон во 332 п.н.е., а по неговата смрт, Месопотамија станала дел од Селевкидската империја.

Околу 150 п.н.е. Месопотамија била под контрола на Партијското царство. Месопотамија станала бојно поле помеѓу Римјаните и Партите, при што западните делови на Месопотамија паднале под римска власт. Во 226 година, источниот дел го зазеле Сасанидските Персијци. Поделбата на Месопотамија меѓу Римјаните (Византија од 395 година) и Сасанидското Царство траела до муслиманското освојување на Персија во 7 век и муслиманското освојување на Левант од Византијците. Голем број новоасирски и христијански месопотамски држави постоеле помеѓу 1 век п.н.е. и 3 век од н.е., вклучувајќи ги Адијабена, Осроена и Хатра.

Месопотамија е едно од најстарите места на човечката цивилизација каде започнала неолитската револуција од пред околу 10.000 години п.н.е. и каде се случиле едни од најважните случувања во историјата на човекот, вклучувајќи го и пронајдокот на тркалото, садењето на првите житни култури и развојот на курзивното писмо, математиката, астрономијата и земјоделството.[2]

Потекло на поимот уреди

 
Мапа на која е прикажан речниот систем Тигар-Еуфрат, кој ја опкружува Месопотамија.

Топонимот Месопотамија ( старогрчки: Μεσοποταμία "[земја] меѓу две реки"; арапски: بلاد الرافدين، بین النهرین bilād ar-rāfidayn; курдски: میزۆپۆتامیا; персиски: میان‌رودان miyān rudān; сириски: ܒܝܬ ܢܗܪܝܢ Бет Нахрејн "земја на реки") потекнува од старогрчкиот корен μέσος ("средина") и ποταμός ("река") и се преведува како "(земја) меѓу (две) реки". Се користело во Септуагинтата (околу 250 п.н.е.) како превод на еврејскиот еквивалент Нахараим. Уште порано името Месопотамија на грчки било запишано во Анабазата на Александар, напишано кон крајот на 2 век од н.е., со извори од времето на Александар Велики. Во Анабазата, зборот Месопотамија се користел за означување на територијата источно од Еуфрат во северна Сирија.

Арамејскиот термин биритум / бирит нарим кореспондира со сличен географски концепт.[3] Подоцна, терминот Месопотамија бил поопшто применет за сите земји меѓу Еуфрат и Тигар, со што не опишувал само делови од Сирија, туку и речиси целиот Ирак и југоисточна Турција.[4] Соседните степи западно од Еуфрат и западниот дел од планините Загрос, исто така, често се вклучени под поширокиот термин Месопотамија.[5][6][7]

Понатамошно дистинкција обично се прави помеѓу Северна или Горна Месопотамија и Јужна или Долна Месопотамија.[8] Горната Месопотамија, исто така позната како Џазира, е областа меѓу Еуфрат и Тигар од нивните извори до Багдад.[5] Долна Месопотамија е областа од Багдад до Персискиот Залив и го вклучува Кувајт и делови од западен Иран.[8]

Во современата академска употреба, терминот Месопотамија често има и хронолошка конотација. Обично се користи за означување на областа до муслиманските освојувања, со имиња како Сирија, Џазира и Ирак, кои се користат за опишување на регионот по тој датум.[4][9]

Географија уреди

 
Карта на поважните градови во Месопотамија во 2 милениум п.н.е.
 
Познатиот свет на културата во Месопотамија, Вавилон и Асирија.

Месопотамија ја опфаќа територијата помеѓу реките Еуфрат и Тигар, од кои двете извираат во ерменските висорамнини. Двете реки имаат бројни притоки, а целиот речен систем наводнува голем планински регион. Патишта во Месопотамија обично го следат Еуфрат, бидејќи бреговите на Тигар се често стрмни и тешко проодни. Климата во регионот е полусува со огромно пустинско пространство на север, од каде на југ на површина од 15.000 квадратни километри се простираат мочуришта, лагуни и калливи рамнини . На крајниот југ, Еуфрат и Тигар се обединуваат и се влеваат во Персискиот Залив.

Сувата околина која се протега на северните области каде земјоделството зависи од дождот, до југот, каде што наводнувањето е од суштинско значење за земјоделството. Ова наводнување е потпомогнато од високото ниво на вода и со топењето на снегот од високите врвови на северните планини Загрос и од ерменските висорамнини, изворот на реките Тигар и Еуфрат, коишто на регионот му го дале името. Корисноста на наводнувањето зависи од способноста да се мобилизира доволна работна сила за изградба и одржување на каналите, а тоа, од најраниот период, помогнало во развојот на урбани населби и централизирани системи на политичка власт.

Земјоделството во целиот регион е дополнето со номадите, во шатор-живеалишта, чии овци и кози (и подоцна камили) од речните пасишта во сувите летни месеци, ги воделе на сезонски пасишта на работ на пустината во влажната зимска сезона. Во областа недостасувал градежниот камен, скапоцените метали и дрвата, па историски Месопотамија се потпирала на трговијата за да ги обезбеди овие предмети од оддалечените области. Во мочуриштата на југ, риболовот постоел уште од праисториските времиња.

Историја уреди

 
Една од 18 статуи на Гудеа, владетел околу 2090 п.н.е

Праисторијата на Стариот Близок Исток започнува во раниот палеолитички период, но пишувањето започна со пиктографско писмо во Уручкиот период IV (околу 4-от милениум п.н.е.) а документираниот запис за актуелните историски настани - и античката историја на долна Месопотамија - започнува во средината на третиот милениум п.н.е. со клинесто писмо на раните династички кралеви и завршува со доаѓањето на Ахеменидското Царство кон крајот на 6 век п.н.е., или со муслиманското освојување и воспоставувањето на Калифатот во доцниот 7 век, кога регионот станал познат како Ирак. Во овој период во Месопотамија се наоѓале некои од најстарите високо развиени и општествено сложени држави во светот.

Регионот бил еден од четирите речни цивилизации каде што било измислено пишувањето, заедно со долината Нил во Египет, цивилизацијата по долината на Инд во индискиот потконтинент и Жолтата река во Кина. Во Месопотамија биле сместени историски важни градови како што се Урук, Нипур, Ниневија, Асур и Вавилон, како и големи територијални држави, како што се градот Ериду, акадските кралства, третата урска династија и разните асирски империи. Некои од важните историски водачи на Месопотамија биле Ур Наму (кралот на Ур), Саргон од Акад (кој ја основал Акадската империја), Хамураби (кој ја основал старата вавилонска држава), Ашур-убалит II и Тиглат-Пилесер I (кој го основал Асирското царство).

Генетските истражувачи велат дека нашле докази дека четири од петмина (80%) бели Европејци можат своите корени да ги пронајдат на Блискиот Исток.[10] Во една друга студија, научниците анализирале ДНК од пред 8.000 години пронајдени на стари гробишта во Германија. Тие генетскиот материјал го споредиле со оној на современото население и откриле сличности со ДНК на луѓето што живеат во денешна Турција и Ирак[11]

Стар век
Праисторија

Стар Близок Исток

Сумер · Акад · Египет · Вавилонија · Хитетска империја · Новоасирска империја · Урарту

Класична антика

Стара Грција · Медија . Ахемениди · Стара Грција · Тракија · Скитија · Античка Македонија · Хеленизација · Римска република · Римско Царство · Партија · Сасанидско Царство · Доцна антика

Источна Азија

Династија Шанг · Династија Џоу · Династија Чин · Династија Хан · Династија Џин

Историја на јужна Азија

Долна Индија · Ведски период · Махаџанападас · Мауриска империја · Гуптска империја

Америка

Ацтеки · Инки · Маи · Олмеци · Теночтитлан
Среден век


Периодизација уреди

Јазик и писмо уреди

 
Релјеф на слонова коска. Новоасирски период од 9 до 7 век п.н.е

Најстариот пишан јазик во Месопотамија бил сумерскиот, аглутинативен јазичен изолат. Заедно со сумерскиот, семитски јазици, во Месопотамија исто така се зборувале и семитските јазици.[13] Субарту[14] јазик на Загрос, веројатно поврзан со Хуритско-урартското јазично семејство се потврдува во личните именки, реки и планини и различни занаети. Акадскиот јазик бил доминантен во Акадското царство и Асирските царства, но сумерскиот бил задржан за административни, верски, книжевни и научни цели. Разни варијанти на акадски јазик се користеле до крајот на нововавилонскиот период. Староарамејскиот кој станал општ во Месопотамија, бил административен јазик на првата новоасирска империја а потоа и на ахеменидската империја. Акадскиот јазик почнал помалку да се користи иако заедно со сумерскиот со векови продолжил да се користи во храмовите. Последниот акадски текст датира од доцниот 1 век од нашата ера.

Во раната историја на Месопотамија (околу средината на 4 милениум п.н.е.) било измислено клинестото писмо на сумерскиот јазик. Клинесто писмо буквално значи "облик на клин", поради триаголниот врв на иглата што се употребува за знаците на влажна глина. Се чини дека стандардната форма на секој клинест знак е развиена од пиктограми. Најраните текстови (7 таблички) потекнуваатод Е, храм посветен на божицата Инана во Урук.

 
Сумерско-акадски лексикон. Глина, средина на 1 век п.н.е (копија од постар оригинал). Од Варка, поранешен Урук.

Стариот логографички систем на клинесто писмо барал многу години за да се совлада. Затоа, само ограничен број поединци биле ангажирани како писари. Масивни архиви на текстови биле пронајдени од школите на древните вавилонски писмени училишта преку кои се ширела писменоста.

Во текот на третиот милениум п.н.е., се развила многу интимна културна симбиоза помеѓу сумерските и акадските говорители што вклучувало широко распространет билингвалност.[15] Влијанието на сумерскиот на акадскиот (и обратно) е евидентно во сите области, од лексички позајмици, до синтаксичка, морфолошка и фонолошка конвергенција[15] Акадскиот постепено го заменил сумерскиот како говорен јазик на Месопотамија некаде околу крајот на 3 и 2-от милениум п.н.е. (околу точното датирање се дебатира)[16], но сумерскиот продолжил да се користи како свет, церемонијален, литературен и научен јазик во Месопотамија до 1 век од н.е.

Книжевност уреди

Библиотеките постоеле во градовите и храмовите за време на Вавилонското царство. Жените, како и мажите учеле да читаат и да пишуваат[17] а за семитските Вавилонци, ова вклучувало познавање на изумрениот сумерски јазик. Многу од вавилонската книжевност била преведена од сумерски оригинали, но сепак, јазик на религијата и на законот долго и понатаму останал да биде сумерскиот. Зборовите, граматиките и интерлинеарните преводи биле составени, како и коментари за постарите текстови и објаснувања на нејасни зборови и фрази. Доста вавилонски книжевни дела се изучуваат и денес. Еден од најпознатите е Епот за Гилгамеш, напишан во дванаесет книги, преведен од оригиналниот сумерски од некој преведувач по име Син-леки-унини, и подреден по астрономски принцип. Секоја поделба ја содржи приказната за некоја авантура на Гилгамеш.

Наука и технологија уреди

 
Вавилонска глинена плочка YBC 7289 со забелешки. Дијагоналата прикажува приближен квадратен корен од 2 во четири шеесетеречни фигури, 1 24 51 10, што е добро за околу шест децимални цифри. 1 + 24/60 + 51/602 + 10/603 = 1.41421296 ... Таблетата исто така дава пример каде едната страна од квадратот е 30, а добиената дијагонала е 42 25 35 или 42.4263888...

Математика уреди

Месопотамската математика и наука се засноваат на шеесетеречниот броен систем (основа 60). Ова е изворот на 60-минутниот час, 24-часовен ден и кругот од 360 степени. Сумерскиот календар се засновал на седумдневната седмица. Оваа форма на математика била важна за раната изработка на мапи. Вавилонците исто така имале теореми за тоа како да се измери површината од неколку форми и цврсти материи. Тие го мереле обемот на кругот како трипати поголем од пречникот, а површината како една дванаесеттина од квадратот на периметарот, што би било точно ако p се фиксира на 3.

Волуменот на цилиндар се земал како производ на површината на основата и висината; сепак, волуменот на пресечениот конус или квадратната пирамида неправилно се земала како производ на висината и половината од збирот на основите. Исто така, во едно неодамнешно откритие во таблетата, p се користел како 25/8 (3.125 наместо 3.14159 ~). Вавилонците исто така се познати и по вавилонската милја, што била мерка за растојание еднаква на околу седум денешни милји (11 км). Ова мерење на растојанијата на крајот било претворено во временска милја користена за мерење на патувањето на Сонцето, па оттука, го претставувало времето.[18]

Астрономија уреди

 
Вавилонска таблета со запис на Халеевата Комета во 164 година п.н.е

Од сумерските времиња, свештениците на храмовите се обидувале да ги поврзат тековните настани со одредени позиции на планетите и ѕвездите. Ова продолжило во асирските времиња, кога Лимуовите списоци биле создадени како годишно здружување на настани со планетарни позиции, кои, кога преживеале до денес, овозможуваат точни асоцијации на сродството со апсолутно датирање за воспоставување на историјата на Месопотамија.

Вавилонските астрономи биле многу вешти во математиката и можеа да ги предвидат еклипсите и сонцестојот. Научниците мислеле дека сè има одредена намена во астрономијата. Повеќето од нив се поврзани со религијата и предзнаците. Месопотамските астрономи изработиле 12-месечен календар врз основа на месечевите циклуси. Тие ја поделија годината во две сезони: лето и зима. Потеклото на астрономијата, како и астрологијата датираат од ова време.

Во 8 и 7 век п.н.е., вавилонските астрономи развиле нов пристап кон астрономијата. Тие почнале да ја проучуваат филозофијата која се занимава со идеалната природа на раниот универзум и почнале да применуваат внатрешна логика во рамки на нивните предвидливи планетарни системи. Ова бил важен придонес кон астрономијата и филозофијата на науката, а некои научници овој нов пристап го нарекле прва научна револуција.[19] Овој нов пристап кон астрономијата бил усвоен и понатаму развиен во грчката и хеленистичката астрономија.

Во времето на Селевкидското и Партското Царство, астрономските извештаи биле целосно научни; колку претходно нивните напредни знаења и методи биле развиени е неизвесно. Вавилонскиот развој на методите за предвидување на движењата на планетите се смета за голема епизода во историјата на астрономијата.

Тие ги делеле светлите тала на небото на подвижни и фиксни ѕвезди. Петте „подвижни ѕвезди” биле Меркур, Венера, Марс, Јупитер и Сатурн. Подоцна овие тела го добиле името планети („скитнички”). Тие, заедно со Сонцето и Месечината, се движат околу ѕвездената сфера во еден тенок појас кој бил наречен Зодијак. На секое соѕвездие му бил определен период на „владеење” кој се совпаѓал со периодот за кој Сонцето привидно минувало низ тој дел од сферата. Овие соѕвездија подоцна биле именувани од Птоломеј, астроном кој живеел во вториот век од нашата ера.[20]

Единствениот грчко-вавилонски астроном, познат по тоа дека го поддржал хелиоцентричниот модел на планетарното движење, бил Селевк од Селевкија (190 п.н.е.)[21][22][23] Селевк е познат по пишувањата на Плутарх. Тој ја поддржувал хелиоцентричната теорија на Аристарх од Самос, според која Земјата ротира околу својата оска, и се врти околу Сонцето. Според Плутарх, Селевк дури го докажал хелиоцентричниот систем, но не е познато какви аргументи користел (освен што правилно теоретизирал за плимата и осеката како резултат на привлекувањето на Месечината).

Вавилонската астрономија служела како основа за голем дел од грчката, класично индиската, сасанската, византиската, сириската, средновековно исламската, централноазиската и западноевропска астрономија.

 
Магиска теракота со написи на мандејски, во Месопотамија

Медицина уреди

Најстарите вавилонски текстови за медицина датираат од старовавилонски период во првата половина на 2 милениум п.н.е. Најопширен вавилонски медицински текст, сепак, е Дијагностички прирачник напишан од уману (ummânū), односно главниот научник, Езагил-кин-апли од Борсипа,[24] за време на владеењето на вавилонскиот крал Адад-апла-идина (1069-1046 п.н.е).[25]

 
"Кралица на ноќта", релјеф. Фигурата може да биде аспект на божицата Иштар (Инана), месопотамската божица на сексуалната љубов и војната. Нејзините птичји нозе и бувовите сугерираат на некаква врска со Лилиту (во Библијата наречена Лилит) Древен Вавилон, 1800-1750 п.н.е. Од јужен Ирак. Британски музеј, Лондон.

Заедно со тогашната египетска медицина, Вавилонците ги претставиле концептите на дијагноза, прогноза, физички преглед и препишување лекарства. Покрај тоа, Дијагностичкиот прирачник ги вовел методите на терапија и етиологија и употребата на емпиризам, логика и рационалност во дијагностиката, прогнозата и терапијата. Текстот содржи список на медицински симптоми и детални емпириски набљудувања заедно со логички правила кои се користат при комбинирање на забележаните симптоми на телото на пациентот со дијагноза и прогноза.[26]

Симптомите и болестите на пациентот биле третирани со терапевтски средства како преврски, креми и таблети. Ако пациентот не можел да се излечи физички, вавилонските лекари често се потпирале на егзорцизам за да го исчистат пациентот од проклетство. Дијагностичкиот прирачник на Езагил-кин-апли се засновал на логични аксиоми и претпоставки, вклучувајќи го и модерниот став дека преку испитување и проверка на симптомите на пациентот, можно е да се утврди болеста на пациентот, неговата етиологија, неговиот иден развој и шансите за закрепнување на пациентот.[24] Тој открил разни болки и болести и нивните симптоми ги опишал во Дијагностичкиот прирачник. Тие ги вклучуваат симптомите на многу видови на епилепсија и слични такви други болести заедно со нивните дијагнози и прогнози.[27]

Технологија уреди

Луѓето во Месопотамија измислиле многу технологии, вклучувајќи производство на метали и бакар, производство на стакло и ламби, ткаење на текстил, контрола на поплави, складирање на вода и наводнување. Тие исто така биле едно од првите општества на Бронзеното доба во светот. Тие применувале бакар, бронза, злато, железо. Палатите биле украсени со стотици килограми од овие многу скапи метали. Исто така, бакарот, бронзата и железото ги користеле за оклопи, како и за различни оружја како мечеви, ками, копја.

Според неодамнешната хипотеза, архимедовиот навој можеби го користел Сенахирим, кралот на Асирија, за водните системи на Висечките градини на Вавилон и Ниневија во 7 век п.н.е., иако поголемиот број научници го сметаат за грчки изум на подоцнежното време.[28] Подоцна, за време на партијанските и сасанијанските периоди, во Месопотамија била создадена Багдадската батерија.[29]

Религија и филозофија уреди

Религија уреди

Културите на Месопотамија имале политеистички систем на верување, што значи дека луѓето верувале во повеќе богови, наместо само во еден. Тие, исто така, верувале во демони создадени од боговите, што би можеле да биде добри или зли.[30] Секој град имал свое патронско божество, од кои некои беа поврзани со специјализирани занимања. Имале и богови и божици, владетели на небото, воздухот и друго. За да се поклонуваат на боговите и божиците, луѓето од Месопотамија изградиле големи структури, наречени зигурати, кои служеле како храмови. Во внатрешноста на зградата на зигуратот, луѓето ставале камени човечки фигури со широки очи и споени дланки.

 
Дел од предна страна на храмот посветен на Инана (Иштар) од Урук, експонат од музеј во Берлин

Некои од најважните божества на древната Месопотамија биле:

  • Ан (Ану) - бог на небото како и таткото на боговите. Ан бил крал на сите богови. Нема уметност што го опишува, сите информации за овој бог биле преведени од древни текстови.[30]
  • Енки (Еа) - бог на питката вода, познат по неговата мудрост. Бил прикажан како брадест со вода што тече околу него.
  • Инана (Иштар) - божица на љубовта, плодноста и војната. Таа била најважна од женските божества.
  • Нана (Син) - бог на Месечината и син на Енлил и Нинлил. Тој патувал по небото во својот мал брод со ткаени гранчиња, опкружен со планети и ѕвезди.
  • Уту (Шамаш) - бог на Сонцето и правдата. Во времето кога сонцето заоѓа на запад и пред да се издигне на исток, тој е во подземниот свет, каде што ја одредува судбината на мртвите.

Филозофија уреди

Многубројните цивилизации од областа влијаеле на религиjата, особено на Библијата. Нивните културни вредности и литературно влијание се особено видливи во Книгата за битието.[31]

Џорџо Букелати верува дека потеклото на филозофијата може да се проследи до почетокот на месопотамската мудрост, која отелотворила одредени филозофии на животот, особено етиката, во формите на дијалектиката, дијалогот, епската поезија, фолклорот, химни, лирика, проза и поговорки. Разумот и рационалноста во Вавилон се развиле надвор од емпириското набљудување.[32]

Најраната форма на логика била развиена од Вавилонците, особено во ригорозната неергодичната природа на нивните општествени системи. Вавилонската мисла била аксиоматична и споредлива со "простата логика" што ја опишал Џон Мејнард Кејнс. Вавилонската мисла, исто така, се засновала на отворена системска онтологија која е компатибилна со ергодични аксиоми.[33] Логиката била користена до одреден степен и во вавилонската астрономија и медицина.

Вавилонската мисла имала значително влијание врз раната старогрчка и хеленистичка филозофија. Конкретно, вавилонскиот текст Дијалог на песимизмот содржи сличности со агонистичката мисла на софистите, хераклитската доктрина за контрастите и дијалектиката и дијалозите на Платон, како претходник на Сократовиот метод.[34] Јонскиот филозоф Талес бил под влијание на вавилонските идеи за космологијата.

Култура уреди

 
Скулптура на сумерски верник со широки очи и споени дланки, 2750-2600 п.н.е.

Фестивали уреди

Старите Месопотамци имале свечености секој месец. Темата на ритуалите и фестивалите за секој месец била утврдувана најмалку од 6 значајни фактори:

  1. Месечеви мени
  2. Фаза на годишниот земјоделски циклус (Реколта)
  3. Рамноденица и сонцестој
  4. Локални митови и богови заштитници
  5. Успех на владетелот
  6. Акиту, или фестивалот за Новата година (Првата полнамесечинапосле пролетната рамноденица)
  7. Комеморација на специфични историски настани (основање, воени победи, прослави на храмот и др.)

Музика уреди

Некои песни биле напишани за боговите, но многу биле напишани за да ги опишат важните настани. Иако музиката и песните биле забава за кралевите, во неа уживале и обични луѓе кои сакале да пеат и да танцуваат во домовите или на пазарите. Песните им се пееле на децата кои потоа ги пееле истите на нивните деца. Така, песните се пренесувале низ многу генерации како усна традиција додека писмото не станало поуниверзално. Овие песни обезбедиле средство за пренесување на многу важни информации за историските настани низ вековите.

Уд (арапски:العود) е мал жичен инструмент кој се користел во Месопотамија. Најстариот сликовен запис на удот датира од уручкиот период во Јужна Месопотамија пред повеќе од 5000 години. Тој е на цилиндричен печат сега сместен во Британскиот музеј. Сликата покажува жена како на брод свири уд со десната рака. Овој инструмент се појавува стотици пати во текот на историјата на Месопотамија и повторно во древниот Египет од 18-тата династија наваму, со долга и кратка рачка. Удот е претходник на европската лејта. Неговото име потекнува од арапскиот збор العود al-‘ūd 'дрво', што веројатно е името на дрвото од кое бил изработен инструментот.

Игри уреди

Ловот бил популарен меѓу асирските кралеви. Боксот и борењето често се среќаваат во уметноста, а веројатно била популарна и некоја форма на поло, но мажите наместо на коњи седат на раменици на други мажи.[35] Тие играле и игра налик на рагби, со дрвена топка. Тие играле и игра налик налик на сенет и на табла, денес позната како „Кралска игра од Ур“.

Семејство уреди

Месопотамија, како што е прикажано со одредбите во законикот, оние на Урукагина, Липит Иштар и Хамураби, низ својата историја станувала сè повеќе и повеќе патријархално општество, во кое мажите биле многу помоќни од жените. На пример, за време на најраниот сумерски период, "енот", или првосвештеникот на машките богови отпрвин била жена, а на женските божици, бил маж. Торкилд Јакобсен, како и многу други, сугерирал дека раното месопотамско општество било управувано од "совет на старешини" во кој биле подеднакво застапени мажи и жени, но со текот на времето, како што статусот на жените опаѓал, се зголемил бројот на мажите. Што се однесува до школувањето, само кралското потомство и синовите на богатите и на стручните лица, како што биле писарите, лекарите, храмските администратори, оделе на училиште. Повеќето момчиња го учеле занаетот на нивниот татко или учеле да станат трговци.[36] Девојките требале да останат дома со своите мајки за да научат домаќинство и готвење и да се грижат за помладите деца. Необично за тоа време во историјата е дека жените во Месопотамија имале права. Тие можат да поседуваат имот и ако имаат добра причина, да се разведат.[37]:78–79

Власт уреди

Географијата на Месопотамија имала големо влијание врз политичкиот развој на регионот. Меѓу реките и потоци, сумерскиот народ ги изградил првите градови заедно со каналите за наводнување кои биле разделени со огромни делови од отворена пустина или мочуриште каде што се движеле номадските племиња. Комуникацијата меѓу изолираните градови била тешка и понекогаш опасна. Така, секој сумерски град станал град-држава, независен од другите и заштитен од неговата независност. Понекогаш еден град се обидувал да го освои и обедини регионот, но таквите напори имале отпор и не успевале со векови. Како резултат на тоа, политичката историја на Сумер била одбележана со постојаните војни. На крајот, Сумер бил обединет од Енанатум, но унификацијата била слаба и не успеала да истрае додека Акадијците го освоија Сумер во 2331 п.н.е., само по една генерација подоцна. Акадската империја била првата успешна империја која траела повеќе од една генерација и дожевеала мирно наследување на кралевите. Империјата била релативно краткотрајна, бидејќи Вавилонците ги освоиле во рок од само неколку генерации.

Кралеви уреди

 
Една од двете фигури пронајдени на кралските гробишта во Ур, во 2600-2400 п.н.е

Месопотамците верувале дека нивните кралеви и кралици се потекнуваат од Богот на боговите, но, за разлика од Старите Египејци, тие никогаш не верувале дека нивните кралеви се вистински богови.[38] Повеќето кралеви се именувале себеси “крал на универзумот” или “голем крал”. Друго вообичаено име било “пастир”, како крал кој се грижи за својот народ.

Управување уреди

Кога Асирија прераснала во империја, таа била поделена на помали делови, наречени провинции. Секој од нив бил именуван по нивните главни градови, како Нинивија, Самарија, Дамаск и Арпад. Сите имале свој гувернер кој морал да се погрижи сите да ги платат даноците. Гувернерот, исто така, морал да ги повика војниците во војна и да снабди работници при изградба на некој храм. Тој исто така бил одговорен за спроведување на законите. На овој начин, полесно било да се задржи контролата над големата империја. Иако Вавилон бил прилично мала држава, таа растела неверојатно за време на владеењето на Хамураби. Тој бил познат како "создавач на законот", и наскоро Вавилон станал еден од главните градови во Месопотамија. Подоцна царството било наречено Вавилонија, што значи "портата на боговите". Тој исто така станал еден од најголемите образовни центри во историјата

 
Стела на асирскиot цар Саргон II со клинесто писмо. Асад Абад, Хамадан (Национален музеј во Иран)

Војна уреди

Со крајот на Уручката фаза градските ѕидини станале почести и многу изолирани убаидски села биле напуштени, што укажува на пораст на комуналното насилство. Кралот Лугалбанда се смета дека ги изградил белите ѕидови околу градот. Како што градовите држави почнувале да растат, нивните сфери на влијание се преклопувале, создавајќи расправии меѓу другите градови држави, особено за земјата и околу каналите. Овие расправии стотици години биле запишувани на таблички пред секоја голема војна - првиот запис за војна се случил околу 3200 година пред нашата ера.[39] Оттука војната била дел од политичкиот систем на Месопотамија. Некогаш некој неутрален град станувал посредник меѓу двата сопернички града.[38] Кога империите биле создадени, војните се одвивале со странските земји. Кралот Саргон на пример ги освоил сите градови на Сумер а потоа војувал со северна Сирија. На многу асирски и вавилонски палати има декорации на ѕидовите од успешните битки, каде непријателот е покажан како бега или секрие пред војската на победниците.

Закони уреди

Градовите-држави на Месопотамија ги создале првите законици, составени од одлуки на кралевите. Законите на Урукагина и Липит Иштар биле пронајдени. Најпознат од овие е оној на Хамураби, создаден околу 1780 п.н.е. и еден од најстарите пронајдени групи на закони и еден од најдобро зачуваните примери на овој тип на документ од древна Месопотамија. Тој кодифицирал над 200 закони за Месопотамија. Испитувањето на законите покажува прогресивно слабеење на правата на жените и зголемување на строгоста при третманот на робовите[40]

Стопанство уреди

 
Рударски области на античката Западна Азија. Бои: арсен во кафена, бакар во црвена боја, калај во сива, железо во црвеникаво кафеава, злато во жолта, сребро во бело и олово во црно. Жолтата површина е бронза од арсен, додека сивата површина е бронза од калај.

Земјоделството се развило јужно од подножјето на Загрос преку наводнување со пред околу 5.000 п.н.е.[41] Сумерските храмови функционирале како банки и го развиле првиот голем систем на заеми и кредити, а Вавилонците го развија најраниот систем на комерцијално банкарство.[33]

Во раниот период, сè до Ур III, храмовите поседувале една третина од расположливото обработливо земјиште, и нивниот посед со текот на времето се намалувал со кралските и други приватни имоти. Зборот енси се користел за да се опише оној кој ја организирал работата на храмското земјоделство. Виланите најчесто ги работеле земјоделските работи, особено во храмовите или палатите.[42]

Географијата на јужната Месопотамија е таква што земјоделството е можно само со наводнување и добра дренажа, факт кој има големо влијание врз еволуцијата на раната месопотамска цивилизација. Потребата за наводнување ги натерало Сумерите, а подоцна и Акадијците, да ги градат своите градови долж Тигар и Еуфрат и притоките на овие реки. Големите градови, како што се Ур и Урук, се изградиле на притоките на Еуфрат, додека други, особено Лагаш, биле изградени на притоките на Тигар. Реките обезбедиле дополнителни придобивки во стопанството како риби (употребени за храна и ѓубрива), трска и глина (за градежни материјали).[43]

Уметност уреди

 
Украси за коса. 2000 п.н.е.

Уметноста на Месопотамија се совпаѓа со онаа на Стариот Египет како најголема, софистицирана и елаборирана уметност во западна Евроазија од 4-от милениум п.н.е., сè додека персиската ахеменидска империја не го освоила регионот во 6 век п.н.е. Главниот акцент бил разни форми на скулптура во камен и глина и сликарство кое, макар малку останато до денес, сугерира дека главно се користело за геометриски и растителни декоративни шеми.

Во уручкиот период, се изработиле софистицирани дела како варското вазно сликарство и цилиндричните печати. Гвенолската лавица (полу маж полу лав) е мала фигура од Елам од околу 3000-2800 п.н.е..[44] Малку подоцна има бројни фигури на свештеници и идолопоклоници со големи очи, главно во алабастер.[45] Скулптурите од сумерскиот и акадискиот период обично имале големи, широко отворени очи и кај мажите, долги бради. Многу ремек-дела биле пронајдени и на Кралските гробишта во Ур (околу 2650 п.н.е.), како Бронзениот бик и Урските харфи.[46]

Познати скулптури кои датираат од Месопотамија се оние на ламасу („заштитник“), вид сфинга со крилесто тело на бик или лав и глава на човек. Овие скулптури биле изработени од масивен камен и стоеле пред портите на градовите. Големите ламасу фигури, со висина и до речиси пет метри, се спектакуларни експонати на асирското вајарство, и се смета дека се најголемите фигури направени од човек.

Галерија уреди

Архитектура уреди

 
Реконструкција на сумериски зигурат
 
Иштарска порта (реконструирана), музеј во Берлин

Проучувањето на древната месопотамска архитектура се заснова на достапните археолошки докази, сликовната застапеност на зградите и текстовите за градежните практики. Научната литература обично се концентрира на храмовите, палатите, градските ѕидини и порти, како и други монументални згради, но понекогаш се наоѓаат и дела од станбената архитектура.[47] Археолошките истражувања исто така овозможиле и проучување на урбаната форма на најстарите месопотамски градови.

Циглата е најприсутен материјал, бидејќи бил слободно достапен на локално ниво, додека градежниот камен требал да биде несен од значително растојание до повеќето градови.[48] Зигуратот е најдоминантна форма а градовите најчесто имале широки порти од кои Портата на Иштар од Вавилон, украсена со животни и обоени цигли е најпознат примерок. Денес, нејзиниот поголем дел се наоѓа во Пергамскиот музеј во Берлин.

Најзначајно архитектонско наследство од раната Месопотамија се храмските комплекси во Урук од 4 милениум п.н.е., храмовите и палатите од наоѓалиштaта на раните династички периоди во долината на реката Дијала, како што се Кафаџа и Тел Асмар, остатоците од Третата династија на Ур во Нипур (Светилиштето на Енлил) и Ур (Светилиштето на Нана), сириско-турските наоѓалишта од средното бронзено време во Ебла, Мари, Алалак, Алеп и Култепе, палатите од доцното бронзено време во Богазќој (Хатуша), Угарит, Ашур и Нузи, палатите и храмовите од железното време во Асирија (Калху / Нимруд, Курсабад, Ниневија), вавилонското наоѓалиште (Вавилон) и други наоѓалиштa како Тушпа, Армавир и сл.

Библиографија уреди

  • Atlas de la Mésopotamie et du Proche-Orient ancien, Brepols, 1996 ISBN|2503500463.
  • Benoit, Agnès; 2003. Art et archéologie : les civilisations du Proche-Orient ancien, Manuels de l'Ecole du Louvre.
  • Bottéro, Jean; 1987. (француски) Mésopotamie. L'écriture, la raison et les dieux, Gallimard, coll. « Folio Histoire », ISBN|2070403084.
  • Bottéro, Jean; 1995. Mesopotamia: writing, reasoning and the gods. Trans. by Zainab Bahrani and Marc Van de Mieroop, University of Chicago Press. ISBN 978-0226067278
  • Edzard, Dietz Otto; 2004. Geschichte Mesopotamiens. Von den Sumerern bis zu Alexander dem Großen, München, ISBN|3-406-51664-5
  • Hrouda, Barthel and Rene Pfeilschifter; 2005. Mesopotamien. Die antiken Kulturen zwischen Euphrat und Tigris. München 2005 (4. Aufl.), ISBN|3-406-46530-7
  • Joannès, Francis; 2001. Dictionnaire de la civilisation mésopotamienne, Robert Laffont.
  • Korn, Wolfgang; 2004. Mesopotamien – Wiege der Zivilisation. 6000 Jahre Hochkulturen an Euphrat und Tigris, Stuttgart, ISBN 3-8062-1851-X
  • Kuhrt, Amélie; 1995. The Ancient Near East: c. 3000-330 B.C. 2 Vols. Routledge: London and New York.
  • Liverani, Mario; 1991. Antico Oriente: storia, società, economia. Editori Laterza: Roma.
  • Matthews, Roger; 2005. The early prehistory of Mesopotamia – 500,000 to 4,500 BC, Turnhout 2005, ISBN 2-503-50729-8
  • Oppenheim, A. Leo; 1964. Ancient Mesopotamia: Portrait of a dead civilization. The University of Chicago Press: Chicago and London. Revised edition completed by Erica Reiner, 1977.
  • Pollock, Susan; 1999. Ancient Mesopotamia: the Eden that never was. Cambridge University Press: Cambridge.
  • Postgate, J. Nicholas; 1992. Early Mesopotamia: Society and Economy at the dawn of history. Routledge: London and New York.
  • Roux, Georges; 1964. Ancient Iraq, Penguin Books.
  • Silver, Morris; 2007. Redistribution and Markets in the Economy of Ancient Mesopotamia: Updating Polanyi, Antiguo Oriente 5: 89-112.
  • Snell, Daniel (ed.); 2005. A Companion to the Ancient Near East. Malden, MA : Blackwell Pub, 2005.
  • Van de Mieroop, Marc; 2004. A history of the ancient Near East. ca 3000-323 BC. Oxford: Blackwell Publishing.

Наводи уреди

  1. "BBC - History - Ancient History in depth: Mesopotamia".
  2. Milton-Edwards, Beverley (May 2003). "Iraq, past, present and future: a thoroughly-modern mandate?" Архивирано на 8 декември 2010 г.. History & Policy. United Kingdom: History & Policy.
  3. Finkelstein, J.J. (1962), „Mesopotamia“, Journal of Near Eastern Studies, 21 (2): 73–92, doi:10.1086/371676, JSTOR 543884
  4. 4,0 4,1 Foster, Benjamin R.; Polinger Foster, Karen (2009), Civilizations of ancient Iraq, Princeton: Princeton University Press, ISBN 978-0-691-13722-3
  5. 5,0 5,1 Canard, M. (2011), „al-ḎJazīra, Ḏjazīrat Aḳūr or Iḳlīm Aḳūr“, Во Bearman, P.; Bianquis, Th.; Bosworth, C.E.; van Donzel, E.; Heinrichs, W.P. (уред.), Encyclopaedia of Islam, Second Edition, Leiden: Brill Online, OCLC 624382576
  6. Wilkinson, Tony J. (2000), „Regional approaches to Mesopotamian archaeology: the contribution of archaeological surveys“, Journal of Archaeological Research, 8 (3): 219–267, doi:10.1023/A:1009487620969, ISSN 1573-7756
  7. Matthews, Roger (2003), The archaeology of Mesopotamia. Theories and approaches, Approaching the past, Milton Square: Routledge, ISBN 0-415-25317-9
  8. 8,0 8,1 Miquel, A.; Brice, W.C.; Sourdel, D.; Aubin, J.; Holt, P.M.; Kelidar, A.; Blanc, H.; MacKenzie, D.N.; Pellat, Ch. (2011), „ʿIrāḳ“, Во Bearman, P.; Bianquis, Th.; Bosworth, C.E.; van Donzel, E.; Heinrichs, W.P. (уред.), Encyclopaedia of Islam, Second Edition, Leiden: Brill Online, OCLC 624382576
  9. Bahrani, Z. (1998), „Conjuring Mesopotamia: imaginative geography a world past“, Во Meskell, L. (уред.), Archaeology under fire: Nationalism, politics and heritage in the Eastern Mediterranean and Middle East, London: Routledge, стр. 159–174, ISBN 978-0-415-19655-0
  10. Derbyshire, David (2010-01-20). „Most Britons descended from male farmers who left Iraq and Syria 10,000 years ago“. London: Daily Mail. Посетено на 2010-12-10.
  11. „Migrants from the Near East 'brought farming to Europe'. BBC. 2010-11-10. Посетено на 2010-12-10.
  12. 1955-, Pollock, Susan (1999). Ancient Mesopotamia : the eden that never was. Cambridge: Cambridge University Press. ISBN 9780521575683. OCLC 40609053.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  13. „BBC - History - Ancient History in depth: Mesopotamia“. Посетено на 2017-07-21.
  14. Finkelstein, J.J. (1955), "Subartu and Subarian in Old Babylonian Sources", (Journal of Cuneiform Studies Vol 9, No. 1)
  15. 15,0 15,1 Deutscher, Guy (2007), Syntactic Change in Akkadian: The Evolution of Sentential Complementation, Oxford University Press, стр. 20–21, ISBN 978-0-19-953222-3
  16. Woods C. 2006 “Bilingualism, Scribal Learning, and the Death of Sumerian”. In S.L. Sanders (ed) Margins of Writing, Origins of Culture: 91-120 Chicago [1] Архивирано на 29 април 2013 г.
  17. Tatlow, Elisabeth Meier Women, Crime, and Punishment in Ancient Law and Society: The ancient Near East Continuum International Publishing Group Ltd. (31 March 2005) ISBN 978-0-8264-1628-5 p. 75
  18. Eves, Howard An Introduction to the History of Mathematics Holt, Rinehart and Winston, 1969 p. 31
  19. 1968-, Brown, David (2000). Mesopotamian planetary astronomy-astrology. Groningen: Styx. ISBN 9056930362. OCLC 44487886.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)
  20. „Историја на астрономијата“. Скопско Астрономско Друштво. Посетено на 2018-02-25.
  21. Otto E. Neugebauer (1945). "The History of Ancient Astronomy Problems and Methods", Journal of Near Eastern Studies 4 (1), p. 1-38.
  22. George Sarton (1955). "Chaldaean Astronomy of the Last Three Centuries B.C.", Journal of the American Oriental Society 75 (3), p. 166-173 [169].
  23. William P. D. Wightman (1951, 1953), The Growth of Scientific Ideas, Yale University Press p.38.
  24. 24,0 24,1 H. F. J. Horstmanshoff, Marten Stol, Cornelis Tilburg (2004), Magic and Rationality in Ancient Near Eastern and Graeco-Roman Medicine, p. 99, Brill Publishers, ISBN 90-04-13666-5.
  25. Marten Stol (1993), Epilepsy in Babylonia, p. 55, Brill Publishers, ISBN 90-72371-63-1.
  26. H. F. J. Horstmanshoff, Marten Stol, Cornelis Tilburg (2004), Magic and Rationality in Ancient Near Eastern and Graeco-Roman Medicine, p. 97-98, Brill Publishers, ISBN 90-04-13666-5.
  27. Marten Stol (1993), Epilepsy in Babylonia, p. 5, Brill Publishers, ISBN 90-72371-63-1.
  28. Stephanie Dalley and John Peter Oleson (January 2003). "Sennacherib, Archimedes, and the Water Screw: The Context of Invention in the Ancient World", Technology and Culture 44 (1).
  29. Twist, Jo (20 November 2005), Open media to connect communities, BBC News, Посетено на 6 August 2007
  30. 30,0 30,1 „Learning about Ancient Mesopotamian Religion and Culture“. www.smspromotions.org. Архивирано од изворникот на 2018-02-24. Посетено на 2018-02-24.
  31. Bertman, Stephen (2005). Handbook to life in ancient Mesopotamia (Paperback. изд.). Oxford [u.a.]: Oxford Univ. Press. стр. 312. ISBN 978-0195183641.
  32. Giorgio Buccellati (1981), "Wisdom and Not: The Case of Mesopotamia", Journal of the American Oriental Society 101 (1), p. 35-47.
  33. 33,0 33,1 Sheila C. Dow (2005), "Axioms and Babylonian thought: a reply", Journal of Post Keynesian Economics 27 (3), p. 385-391.
  34. Giorgio Buccellati (1981), "Wisdom and Not: The Case of Mesopotamia", Journal of the American Oriental Society 101 (1), p. 35-47 43.
  35. Karen Rhea Nemet-Nejat (1998), Daily Life in Ancient Mesopotamia
  36. Rivkah Harris (2000), Gender and Aging in Mesopotamia
  37. Kramer, Samuel Noah (1963). The Sumerians: Their History, Culture, and Character (PDF). The Univ. of Chicago Press. ISBN 0-226-45238-7.
  38. 38,0 38,1 Robert Dalling (2004), The Story of Us Humans, from Atoms to Today's Civilization
  39. Winter, Irene J. (1985). "After the Battle is Over: The 'Stele of the Vultures' and the Beginning of Historical Narrative in the Art of the Ancient Near East". In Kessler, Herbert L.; Simpson, Marianna Shreve. Pictorial Narrative in Antiquity and the Middle Ages. Center for Advanced Study in the Visual Arts, Symposium Series IV. 16. Washington DC: National Gallery of Art. pp. 11–32. ISSN 0091-7338 .
  40. Fensham, F. Charles (19620, "Widow, Orphan, and the Poor in Ancient near Eastern Legal and Wisdom Literature" (Journal of Near Eastern Studies Vol. 21, No. 2 (Apr., 1962)), pp. 129-139
  41. Richard Bulliet; Pamela Kyle Crossley; Daniel Headrick; Steven Hirsch; Lyman Johnson; David Northup (2010-01-01), The Earth and Its Peoples: A Global History, Cengage Learning, 1 Jan 2010, ISBN 0538744383, Посетено на 2012-05-30
  42. H. W. F. Saggs - Professor Emeritus of Semitic Languages at University College, Cardiff (2000), Babylonians, University of California Press, 1 Jun 2000, ISBN 9780520202221, Посетено на 29 May 2012 ISBN 0520202228
  43. Roux, Georges, (1993) "Ancient Iraq" (Penguin)
  44. Frankfort, 24–37
  45. Frankfort, 45–59
  46. Frankfort, 61–66
  47. Dunham, Sally (2005), „Ancient Near Eastern architecture“, Во Daniel Snell (уред.), A Companion to the Ancient Near East, Oxford: Blackwell, стр. 266–280, ISBN 0-631-23293-1
  48. „Mesopotamia“. Ancient History Encyclopedia. Посетено на 2017-07-21.

Надворешни врски уреди


  Статијата Месопотамија е добра статија. Таа исполнува одредени критериуми за квалитет и е дел од инкубаторот на Википедија.