Роман IV Диоген (грчки: Ρωμανός Δ΄ Διογένης, о. 1030 - 1072) — византиски цар од Династијата Дука кој владеел од 1068 до 1071 г. Роман IV Диоген бил член на византиската војска и аристократија кој по неговиот брак со царицата вдовица Евдокија (сопруга на царот Константин X Дука) бил крунисан за цар на Византија. За време на неговото владеење тој бил решен да го запре опаѓањето на моќта на византиската војска и да ги спречи нападите на Турците Селџуци. Но, во 1071 година тој бил заробен, а неговата војска била поразена во Битката кај Манцикерт. По неговото заробување тој бил симнат од престолот со државен удар. Кога набргу бил ослободен бил притворен од страна на членовите на семејството Дука. Во 1072 година тој е ослепен и пратен во манастир, каде што починал од здобиените рани.

Роман IV Диоген
Ρωμανός Δ΄ Διογένης
Цар на Источното Римско Царство
Диптих од момчето цар Роман II и неговата сопруга-дете Берта Евдокија, ќерката на Хуго од Италија, о. 944-946. Овој диптих е често користен погрешно да го покаже царот Роман IV (Национална библиотека на Франција).
Византиски цар
На престол1068 – 1071
ПретходникКонстантин X Дука
НаследникМихаил VII Дука
Роден(а)околу 1030
Починал(а)1072
СопружникАна (ќерка на Алусијан)
Евдокија Макремболитиса
ДецаКонстантин Диоген
Никифор Диоген
Лав Диоген
ДинастијаДука династија (преку брак)
ТаткоКонстантин Диоген

Качување на престолот

уреди

По смртта на Константин X Дука (во мај 1067 г.) неговата жена Евдокија ја презела власта во името на своите малолетни синови Михаил, Андроник и Константин. Одлучувачка улога на дворот Михаил Псел и цезарот Јован Дука, братот на покојниот цар. Меѓутоа, растела моќта на противничката партија и со оглед на катастрофалниот тек на настаните на боиштето, не можело да се помине преку нејзиното барање да се заведе моќен војнички режим. Патријархот Јован Ксифилин (помладиот) иако бил Пселов пријател, ги поддржал овие барања, а и царицата морала да поведе сметка за нив. И покрај противењето на Псел и цезарот Јован, таа се омажила за генералот Роман Диоген и на 1 јануари 1068 г. тој стапил на престолот.[1]

Владеење

уреди

Борби со Селџуците

уреди
 
Понижувањето на Роман Диоген од Алп-Арслан. Француска илустрација од XV век.

Роман IV Диоген бил храбар и спремен војсководец. Тој особено се истакнал во борбите против Печенезите и целосно го заслужил угледот што го уживал во воените кругови. Тој веднаш стапил во борба со Селџуците, но внатрешното опаѓање на Царството зело таков замав што од разорното дејство на странката на Псел, неговиот потфат пропаднал. Со голема мака Роман Диоген собрал војска чиј поголем дел се состоел од странски наемници: Печенези, Узи, Нормани, Франки. Неговите први походи во 1068 г. и 1069 г., сепак не биле безуспешни, но третиот поход завршил со страотен пораз за што многу придонело и предавството на Андроник Дука, синот на цезарот Јован. Кај ерменското гратче Манцикерт, близу до езерото Ван, на 19 август 1071 г., во битката, војската на Алп-Арслан ја уништила побројната, но разнородна и недисциплирана наемничка византиска армија. И самиот цар паднал во заробеништво.[2]

Соборување и смрт

уреди

Заробениот цар склопил договор со селџучкиот султан со кој му била вратена слободата по цена на плаќање на лична откупнина и годишен данок, враќање на сите турски заробеници и испраќање помошна војска. Меѓутоа, противничката странка во Цариград, поттикната од цезарот Јован го симнала Роман Диоген од престолот. Најпрвин било воспоставено заедничко владеење на царицата Евдокија и нејзиниот најстар син Михаил Дука, но наскоро царицата-мајка била затворена во манастир а ученикот на Псел - Михаил VII на 24 октомври 1071 г. бил прогласен за самодржец. Кога царот Роман се вратил од турското заробеништво бил дочекан како непријател при што дошло до граѓанска војна. На крајот Роман Диоген ја прекинал борбата бидејќи со писмо, коешто во името на Михаил VII го потпишале тројца митрополити, му била гарантирана лична безбедност. Меѓутоа, уште пред да стигне во Цариград, нему по налог на цариградската влада, со усвитено железо му биле ископани очите. Надминувајќи се себеси во цинизмот, Псел на ослепениот цар со писмо му честитал на тоа што господ го удостоил со мачеништво. Господ му ги одзел очите, така пишувал Псел, за да му го подари видот на небесната светлост. Од здобиените ужасни рани Роман Диоген умрел во летото 1072 г.[3]

Наводи

уреди
  1. Г. Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр. 413.
  2. Г. Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр. 413-414.
  3. Г. Острогорски. Историја на Византија. Скопје, 1992, стр. 414.

Надворешни врски

уреди