Сирково

село во Општина Росоман

Сирково — село во Општина Росоман, во областа Тиквеш, во околината на градот Кавадарци.

Сирково

Воздушен поглед на селото Сирково

Сирково во рамките на Македонија
Сирково
Местоположба на Сирково во Македонија
Сирково на карта

Карта

Координати 41°30′23″N 21°53′18″E / 41.50639°N 21.88833°E / 41.50639; 21.88833
Регион  Вардарски
Општина  Росоман
Област Тиквеш
Население 476 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1421
Повик. бр. 043
Шифра на КО 11040
Надм. вис. 300 м
Сирково на општинската карта

Атарот на Сирково во рамките на општината
Сирково на Ризницата

Потекло и значење на името

уреди

Името на селото доаѓа од дрвото „сирка“, кое го има и денес.[2]

Географија и местоположба

уреди
 
Поглед на Сирково од дворот на селската црква

Селото се наоѓа во западниот дел на Општина Росоман, во Росоманското Поле, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Градско.[3] Селото е рамничарско и се наоѓа на надморска височина од 300 метри.[3] Сирково е сместено на крајното јужно подножје на планината Клепа, во Тиквешката Котлина.

Во близина на селото поминува новоизградениот експресен пат Градско-Дреново пуштен во употреба на 14 јануари 2025 година, а до селото се стигнува преку асфалтен пат кој се двои од А3 (Градско-Прилеп) кај бензинската пумпа „Црна Река“.

Селото во најголемиот дел се наоѓа на левиот (присоен) брег на Сирковска Река, а под засеците на Пештер. Во минатото, од Пештер доаѓала водата во чешмите, а има и повеќе бунари.[2]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Оливоре, Дага Шума, Острец, Орашовец, Слива и Милкина Осојница.[2]

Селото има збиен тип. Било поделено на четири маала: Горно, Средно, Долно и Шулишовско Маало. Само Шулишовско Маало се наоѓало на десниот брег од долината.[2]

Историја

уреди

Подрачјето на Сирково е населено уште од доцноантичкото време, за што сведочат остатоците од населба во наоѓалиштето Сирките, сместено на 2 километри североисточно од селото.[4]

Сирково се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година како дел од Кичевскиот Вилает, со регистрирани 49 христијански семејства.

Селото се смета за старо и во него се зачувани скоро сите староседелски родови. До крајот на XIX век, во селото имало христијанско население. Во Шулишовско Маало се наоѓало и црквиште, каде што живееле и христијани.[2]

Во Горно Маало се наоѓала Маркова кула (слична како онаа во Манастирец и Кавадарци), а во Долно Маало имало стари гробови.[2]

По Првата светска војна, муслиманите од селото се иселиле и на нивно место биле донесени колонисти од Србија.

Стопанство

уреди
 
Објектот на подружницата на водната заедница „Росоманско Поле“ во Сирково

Атарот на селото зафаќа простор од 23 километри квадратни. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.249 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 837 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во него работат продавници и услужни објекти.[3]

Најголемиот дел од населението се занимава со земјоделство и сточарство. Од земјоделството најразвиено е лозаро-овоштарството, односно одгледувањето на винова лоза и особено многу овоштарството со одгледување на пространи и голем дел на новоподигнати овоштарници на праски, круши, цреши, кајсии, сливи и лешници од различни видови.

Во Сирково во минатото на големи површини, а денес повторно се возобновува одгледувањето на афион со многу висок квалитет. Од полјоделските култури се застапени житарките: пченица и јачмен, градинарските култури: кромид, лук, пипер (различни видови), домати, модар патлиџан, морков, спанаќ, грашок од кои се одгледува и расад за продажба. Од сточарството на горниот крај на селото на подножјето на Клепа постојат штали и бачила во кои се одгледуваат овци, кози и крупен добиток како крави и волови.

Дел од населението се занимава и со други дејности во индустријата и фабриките во Кавадарци, Неготино, претпријатија во Росоман, автопревоз и други услужни дејности.

Население

уреди
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948719—    
1953736+2.4%
1961893+21.3%
1971894+0.1%
1981775−13.3%
ГодинаНас.±%
1991701−9.5%
1994657−6.3%
2002603−8.2%
2021476−21.1%

Според опширните османлиски дефтери за населението на Тиквешката каза од 1832/33 година, Сирково е христијанско село со 142 жители, при што на пописот биле забележани 72 машки христијани, меѓу кои имало 20 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало околу 284 жители. Стефан Верковиќ во 1857 година го бележи Сирково со 165 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Сирково живееле 1.471 жител, од кои 1.400 Македонци муслимани, 60 Македонци православни и 11 Роми.[5]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци и 100 Турци.[6]

Во 1961 година, селото имало 893 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 657 жители, од кои 498 биле Македонци, а 154 жители Срби.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото живееле 603 жители, од кои 474 Македонци, 127 Срби и 2 останати.[7]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 476 жители, од кои 396 Македонци, 59 Срби, 7 останати и 14 лица без податоци.[8]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Сирково:

Година Македонци Турци Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1948 719
1953 493 0 242 1 0 736
1961 556 4 300 33 0 893
1971 611 0 266 17 0 894
1981 556 0 212 7 0 775
1991 520 0 151 30 0 701
1994 498 0 154 5 0 657
2002 474 0 127 2 0 603
2021 396 0 59 7 14 476

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови

уреди

Сирково било македонско муслиманско село, но сега е доминантно македонско православно село.

Според истражувањата од почетокот на 1920-тите години, во селото биле застапени следниве родови:[2]

  • Староседелци: Хасанчевци со Мемиш-агини, Имет-агини и Емин-агини (18 к.), Ѕенѕеровци (10 к.), Ѓурдовци (11 к.), Муратовци (2 к.), Лукаровци (3 к.), Пастаровци (5 к.), Барјактаровци (5 к.), Сулевци (4 к.), Шаловци (6 к.), Халовци (3 к.), Реџовци (1 к.), Касамовци (4 к.), Алишковци (8 к.), Кавазовци (5 к.), Митровци (7 к.), Татаровци (7 к.), Ленковци (8 к.), Бечовци (6 к.), Џамбазовци (6 к.), Чебовци (6 к.), Пуневци (6 к.), Шабановци (2 к.), Али Беговци со Зулферовци, Оџевци и Брковци (24 к.), Караговци (4 к.), Идризовци (8 к.), Телевци (8 к.), Остраковци (4 к.), Бишовци (4 к.), Абдовци (7 к.), Мула Салијовци (6 к.), Каралијовци (8 к.), Ахметовци (5 к.), Пирковци (4 к.), Емчевци (3 к.), Адиловци (3 к.), Вотковци (2 к.), Букевци (2 к.) и Шулишовци (3 к.).
  • Доселеници: Рамовци (1 к.) доселени кон крајот на XVIII век од Јуручкиот предел; Бизевци (7 к.), доселени на почетокот од XIX век од селото Бизевиќ, и овде се исламизирале.

Иселеништво

уреди

Муслиманите од селото се имаат иселено во Турција.

Општествени установи

уреди

Самоуправа и политика

уреди

На крајот од XIX век, Сирково било село во Тиквешката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Росоман, една од ретките општини која не била променета при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Росоман.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Кавадарци. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Градско.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната општина Росоман, во која покрај селото Сирково се наоѓале селата Камен Дол, Крушевица, Манастирец, Паликура, Рибарци, Росоман и Трстеник. Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната општина Сирково, во која влегувале селата Камен Дол, Мрзен Ораовец и Сирково.

Избирачко место

уреди

Во селото постои избирачкото место бр. 0717 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Крушевица.[9]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 464 гласачи.[10] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 471 гласач.[11]

Културни и природни знаменитости

уреди
Археолошки наоѓалишта[4]
Цркви[12][13]
Споменици
  • Биста на Лазо Филипов Колевски-Лавски
  • Спомен-плоча на НОБ

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Радовановиќ, Воислав (1924). Тиквеш и Рајец. Белград: Српска кралска академија. стр. 455-456.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 271-272. Посетено на 15 февруари 2025.
  4. 4,0 4,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 159. ISBN 9989-649-28-6.
  5. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 154.
  6. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  7. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 16 февруари 2025.
  8. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  9. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  10. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  11. „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 16 февруари 2025.
  12. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 62. ISBN 978-608-65143-2-7.
  13. Литургија и освет на камен темелник

Надворешни врски

уреди