ПОУ „Маца Овчарова“ - Велес
ПОУ „Маца Овчарова — Велес[1] е деветгодишно училиште со основна дејност – воспитно-образовна дејност за деца со посебни образовни потреби, во кое наставата се изведувa на македонски јазик и кирилско писмо. Функционира во заедничка зграда со ООУ„Панко Брашнаров“ и е препознатливо по својата хуманитарна мисија и алтруизам.
ПОУ Маца Овчарова | |
---|---|
Место | |
Општина: | Велес |
Нас. место: | Велес |
Адреса: | ул.„Кресненско востание„ бр.4 |
Местоположба | |
Основни информации | |
Директор: | Мирјана Дамјановиќ |
Настава на: | Македонски јазик |
Контактни информации | |
Мреж. место | Velespoumacaovcarovaveles.edu.mk |
Основање и развој
уредиУчилиштето е основано 1973 година, со акт бр. 01-4661 од 10.01.1973 година, а верифицирано со акт на Владата на Р Македонија, бр. 10-550/3 од 17.05.1995 година. Работата ја започнува во далечната 1973 година со вкупно 131 ученик со лесна ментална ретардација и 11 наставници. Од учебната 1991/92 год. започнува да опаѓа бројот на ученици поради почетоците на процесот на инклузија на учениците со посебни образовни потреби во редовниот воспитно образовен систем, актуелните промени во законската регулатива, согласно Законот за основно образование на Р.С.Македонија чл.75 ставови(1 и 2) од Уставот на Р.С.Македонија (Сл.в. бр.161 од 5.08.2019) за денес, во учебната 2020/21 година да изнесува 47.
Училиштето нуди образовен и рехабилитационен третман на деца со интелектуална попреченост, аутизам и комбинирани пречки во развојот, како и ресурсна логопедска дејност за корективен третман на ученици логопати кои имаат потешкотии во говорот и говорното изразување. Во согласност со измените во законската регулатива, дел од специјалните едукатори и рехабилитатори од училиштето извршуваат и волонтерска дејност за поддршка на инклузираните ученици со попреченост од редовните основни училишта во Општините Велес, Градско и Чашка, советодавни активности за родители, стручна помош и поддршка на наставниците и стручните соработници од општинските основни училишта кои немаат вработено дефектолог, со примена на современа дефектолошка теорија и пракса.
Како традиционално културно обележје на училиштето, по повод 3-ти Декември- Светскиот ден на лицата со инвалидност, е ликовната керамичка работилница, која дваесет и четврти пат по ред, се реализира со вклучување на редовните основни училишта од општините Велес, Чашка и Градско, како и претставници од посебните основни училишта и паралелки при редовните училишта од Републиката, под покровителство на градоначалникот на Општина Велес.
Организација на наставата
уредиНаставниот процес се изведува во согласност со Наставниот план и Програма на Министерството за образование на Р.С.Македонија, Бирото за развој на образованието и плановите и програмите на училиштето. Задолжителната настава претставува основа за реализација на планираните воспитно-образовни цели на основното образование и овозможува вертикална проодност за понатамошното школување на ученикот во средното образование. Задолжително образование на учениците според старосната возраст е поделено во три периода и тоа од I до III, од IV до VI и од VII до IX одделение. Носители на наставниот процес се наставници-специјални едукатори и рехабилитатори, поединечно, одговорните наставници на активите, стручните соработници: 2 логопеди, психолог и дефектолог и директорот на училиштето, кои ги реализираат своите задолженија и активности според глобални и тематски планирања изготвени на почетокот на учебната година. Наставата се реализира во две смени. Наставата се реализира во училници, а корективните третмани во логопедски кабинет, кабинет за сетилна стимулација и за психомоторна реедукација.
Во реализација на наставните содржини се работи поединечно со секој ученик со изготвување на поединечен образовен план, како и практична примена на стратегиите и техниките стекнати од обуките:„Со читање до водство“ ,„Јазична писменост во нижите одделенија“ и „Дигитални содржини и ИКТ“.
Од примена на дефектолошката теорија и практика се врши дијагностицирање по пат на разни стандардизирани тестови- Ганзберг и ICD-10, DSM-IV, CARS и нестандардизирани (поединечно изработени) тестови, за проверка на усвоеност на знаење и вештини кај учениците со попреченост .
Во наставата се применуваат современи техники и методи на работа со ученици со ПОП: метод на игра, откривачки метод, метод на решавање на проблеми, метод на драматизација, имитација, вежби за сетилни стимулации, за вестибуларен и проприорецептивен систем, активна и пасивна музикотерапија, грозд-пирамида, метод на мемориски картци, Т-табели, Огледало, експеримент, аквариум, театар на маса, метод на играње на улоги, метода на проектно работење, метод на демонстрација и набљудување, а за учениците со мултихендикеп и аутизам се применува АБА методата.
Покрај редовниот воспито-образовен процес, во рамките на дополнителната настава и часовите по физичко и здравствeно образование, наставниците –дефектолози, реализраат стручни корективни третмани за сетилна стимулација и психомоторна реедукација. Исто така треба да се истакнат редовните секојдневни физикални третмани и вежби на учениците со телесни деформитети, кои стручно ги изведува негувателот-физиотерапевт во рамките на неговите работни задачи.Стручните соработници, во рамките на своите програмски активности, континуирано даваат поддршка на учениците со социо-емоционални потешкотии и влијаат врз подобрување на општата психофизичка состојба на учениците.
Површината на објектот изнесува 835 m2. Наставата се изведува на македонски јазик во 14 паралелки и во 4 воспитни групи во ученички дом со вкупно 47 ученици и 18 наставници- дефектолози.
Со континуираниот професионален развој на наставно-воспитниот кадар и примената на информатичката технологија настојуваме да го унапредуваме квалитетот на наставата, можностите и поединечниот потенцијал кај учениците и нивниот развој. Се реализираа повеќе обуки во училиштето и надвор од него. Образованите наставници ги дисеминираат обуките. Информатичко - комуникациската технологија се користи и прилагодува според способностите на учениците, во соработка со родителите. Асистивните уреди и нагледни помагала наменети за учениците со посебни образовни потреби се користат во наставно воспитниот процес. Во контекст на подобрување на квалитетот на наставата професионалниот развој е составен дел на секојдневната работа на наставниците. Се разменуваат искуство и знаење на ниво на стручни активи, хоризонтална и вертикална соработка, тимска работа, посета на семинари, конференции и симпозиуми на локално, национално и меѓународно ниво, формални и неформални состаноци. Секој индивидуалец поседува компетенции за одредени подрачја и сфери од работата во училиштето.
Ученички дом
уредиВо состав на училиштето работи ученички дом формиран во учебната 1992/1993 година во кој се сместени екстерните ученици од Повардарскиот регион, со постојан престој од понеделник до петок и логопедски кабинет за деца со проблеми во говорот, во кој се опфатени ученици логопеди од училиштето и од редовните основни училишта во градот. Во интернатот на училиштето оваа година престојуваат ученици од општина Чашка – село Мелница и Карбинци.
Проекти во училиштето
уредиУчилиштето од неговото основање до денес реализира хуманитарна соработка со повеќе организации, од кои значајно е да се истакнат следните:
- Проект МЦМС(Македонски центар за меѓународна соработка), УНИЦЕФ, УНДП, Фондација за локален развој и демократија „ФОКУС“-Велес, НВО„Отвори ги прозорците“,Евангелска Црква во Република Македонија, Црвен Крст- Велес, РЦПЛИП -„Порака“, ЦПЛИП - „Порака“ од Велес, Сојуз на специјални едукатори и рехабилитатори - Скопје и др.
- Проект Интеграција на еколошка едукација во образованието- во соработка со ОХО и МОН.
- Проект на УСАИД и фондација Чекор по чекор „ Инклузивни партнерства во заедницата“, преку кој се обезбедени дидактички материјали за работа по монтесори педагогија.
- Проект „Зелени детски градини“ во соработка со Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес.
- Проект „Другаруваме, спознаваме, учиме напредуваме“ поддржан и финансиран од Фондација отворено општество Македонија а во реализација на ЦПЛИП- „Порака“ од Велес.
Награди за училиштето
уреди2011 година - Зелено знаме ПОУ „Маца Овчарова“- Велес е прво посебно училиште од Република Македонија.
2012година - Сертификат и награда од Фондацијата „Професор д-р Љупчо Ајдински“, за постигнати одлични резултати во работата во текот на 2011година.
2013 година - Општинско признание Благодарница „9-ти Ноември“за афирмација и промоција на Општина Велес.
2020 година - Плакета од фондацијата „Професор д-р Љупчо Ајдински“.
Сетилна просторија наменета за децата со аутизам
уредиВо 2018 година е пуштена сетилна просторија за учениците со аутизам. Собата е комплетно опремена и една од најсовремените вакви во градот и земјава и со реквизитите кои за овие деца претставуваат релаксација и движење во нивниот свет. Опремена со најсовремени светлосни сигнали кои пријатно зрачат на децата им прават пријатни дразби и чувства. По претстојот во оваа сетилна просторија децата излегуваат како друга личност.
Сетилна просторија во вредност од четири илјади евра, материјално-технички опремена со донација од фирмата „Изгрев инжинеринг“ ДООЕЛ од Велес и Евангелска Црква во Република Македонија.
Учество на меѓународни натпревари
уредиОд учеството на меѓународни натпревари и освоени награди и признанија со ученици, треба да се истакнат:
- Учество на 12 Фестивал ,,Креативна чаролија“ во Бања Врујци- општина Мионица Р. Србија, од 28-29 Мај 2016 во две категории: Литературен конкурс и краток детски филм на тема ,,Срце се нема да се има, срце се има да се даје свима“, со освоено 2 ро место и медал за креативност и номинација за најдобар детски филм – номиниран во првите 7 и прикажан на сцена на Креативна чаролија во Бања Врујци, Р. Србија.
- Учество на 13 фестивал ,,Креативна чаролија“ во Бања Врујци- општина Мионица Р. Србија, од 28-29 Мај 2017 на тема:„Моје маште кап, чаролије слап“ и добиена Пофалница „Водопад од водена фантазија“.
- Сертификат за учество и освоено 3-то место на меѓународниот проект „Ноќ со Христијан.К.Андерсен“ во Лесковац, Р. Србија, 30.09.2017год.
Директори во ова училиште
уредиМира Величкова (1973 -1996), Татјана Попова (1996 – 1997; 2015-2016), Лена Гаданец (1997-2000; 2004-2007; 2017-2020), Лазар Дуков (2000-2004), Татјана Љапова (2007-2015), Снежа Стојановска(2016-2017) и м-р.Мирјана Дамњановиќ (2020).
Наводи
уреди- ↑ „Регистар на основни училишта“. data.gov.mk. Посетено на 15.01.2022. Проверете ги датумските вредности во:
|access-date=
(help)
Надворешни врски
уреди- Проект „Зелена детска градина“
- Проект „Другаруваме, спознаваме, учиме напредедуваме“
- Агенција за заштита на правото до слободен пристап на информациите од јавен карактер Архивирано на 5 август 2020 г.
- Портал за основните и средните училишта во Македонија Архивирано на 16 октомври 2011 г.
- Мрежно место на Министерството за образование и наука
- Мрежно место на училиштето