Стоби
„Стоби“
| |
Местоположба | 21°58′30″N 41°33′10″E / 21.97500° СГШ; 41.55278° ИГД |
Основни податоци | |
---|---|
Место | Градско |
Тип |
|
Период | античко време |
Портал „Археологија“ |
Стоби — древен град кој со својот урбан дел се наоѓа на три тераси, што се спуштаат кон Црна Река, опкружени со ѕидови, а на устието меѓу Црна Река и Вардар. Археолошкото наоѓалиште Стоби е со површина од 16 хектари.[1] Познато е дека тука минувале главните патишта кои ги сврзувале областите на преден Дунав со средоземните земји, уште од предисторискиот период. По овој главен пат на Балканскиот Полуостров се движеле културните влијанија од југ кон север и обратно. Црна Река, од друга страна, претставувала природен пат кој ги сврзувал централните области на Македонија со Јадранското Море. Во римскиот период покрај Црна Река водел значаен пат, кој го поврзувал градот Стоби со Вија Егнација кај Хераклеја Линкестис, близу до денешна Битола. Така градот Стоби заземал мошне значајна стратегиска, воена и трговска позиција во античкиот период.
Јужно од градот се наоѓаат траги од предградија, додека портата на градот што води кон Хераклеја, а по падините од Гробјанската црква до базиликата во Паликура, се наоѓаат повеќе некрополи. Тие некрополи се од хеленистички, римски, ромејскиот (средновековниот римски) и словенски период.
Историја
уредиНајстари пишани извори за Стоби наоѓаме кај Тит Ливиј[2], кога споменува за победата на Филип V, крал на Македонија, над Дарданците во 197 г. п.н.е. Според археолошките податоци градот бил подигнат во хеленистичкиот период, но не многу пред владеењето на Филип V.
Со истражувањата под неколкуте градби во централното подрачје на подоцнежниот град, пронајдени се слоеви од III и II век п.н.е., а пронајдени се бронзени предмети од класичниот и архајскиот период, како и поединечни керамички предмети од неолитскиот период. Се претпоставува дека градот бил основан во 359 г. п.н.е. Во 168г. п.н.е., со победата на римјаните над кралот Персеј, Македонија била поделена на четири области. Тогаш Стоби станува центар на трговија на третата област. Во 148 г. п.н.е. Македонија станува римска провинција. За време на владеењето на август (31-14 г.п.н.е.)градот се шири на запад и југ, за што сведочат 55 гробови од западната некропола, од времето на Август.
Ширењето на градот се поврзува и со подигањето на статусот на градот во ранг на муниципиум, 69г.н.е., кога почнуваат да се коваат монети со натпис "Municipium Stobensium".
Во текот на раниот и средниот римски период, градот Стоби цутел, на што укажуваат повеќето натписи на споменици. Како најзначаен истакнат споменик од римскиот град е секако Театарот изграден во II-III век од н.е. Градскиот бедем е од III век, додека внатрешниот бедем од источната страна е секако од доцниот IV век, кога бил напуштен источниот дел на надворешниот бедем. Внатрешниот бедем, секако, е подигнат по низата поплави од реката Црна. Тој требало да претставува подобра и посигурна заштита, па бил изграден дури и преку големи градби од јавен карактер со добро зачувани мозаични подови.
Во текот на римскиот период Стоби бил исто така значаен и влијателен град. Градот бил епископско средиште уште од 325 г., кога епископот Budios зел учество во Никејскиот собир. Во текот на IV-V век, овде биле подигнати повеќе импозантни цркви, како по својата големина, така и по својата внатрешна декорација со богато архитектонско украсување, мозаици, фреско-живопис и структура, од кои голем дел беа најдени при ископувањето. Со мозаици се украсени и повеќе приватни градби, чие внатрешно уредување и распоред ги сместува во Перистериевата и Теодосијанската палата.
Во Стоби постоела и еврејска заедница од III век, кога Полихрамос ја подигнал Синагогата, која била уништена при крајот на IV век и над неа е подигната ранохристијанска базилика, што се случило, се претпоставува, за време на посетата на Теодосиј I во Стоби, 388 г., кога издава два едикта за забрана на евреите.
Епископот Никола од Стоби во 451 г. земал учество на Халкидонскиот собор, додека името на епископот Филип е забележано на надвратникот од влезот на Епископската базилика. Во V век Стоби станува главен град на Македонија Секунда (Makedonija Sekunda), при прекројувањето на римските граници. Во 479 г. градот бил ограбен од војските на Теодориха, а во 518 г., а можеби и подоцна настрадал од катастрофален земјотрес. Градот повеќе никогаш не го вратил поранешниот сјај и благосостојба. Епископот Фока зема учество на Соборот во Цариград во 553 г. Големите аваро-словенски напади во VI век, секако придонеле за пустошење и напуштање на градот. Најдените монети во куќите на акрополот и во градбите јужно од Епископската базилика се од се од времето на Јустин II (569-570). Се споменува победата на Василиј II над војничката посада во Стоби, во 1014 година. Извесна активност во XI век е пронајдена во горните слоеви на театарот. На просторот меѓу Северната базилика и Централната базилика-синагога, уште во 1937 г., биле откриени средновековни градови од една поголема некропола, од која во 1955 г., во јужниот брод на Северната базилика и јужно од неа, беа откриени 23 словенски средновековни гробови од времето на IX-XII век. Ова укажува дека Стоби, по ограбувањето и рушењето од варварските народи што се движеле кон Солун и Цариград, бездруго било населено од словенски племиња. Ова го потврдуваат и неодамна откриените гробови од словенскиот период од една поголема некропола крај базиликата во Паликура, кои исто така може да датираат од раниот словенски период. Останува да се утврди дали во Стоби по VI век имало траги на градски живот.
Во откриениот дел на Стоби досега се откриени и проучени повеќе архитектонски објекти, и тоа профани и сакрални градби со јавна функција, потоа приватни куќи, бањи, терми, театар, дел од градските бедеми, улици, форумот и главниот влез во градот.
Наша ера
уредиИ Стоби, исто како и Скупи со уште неколку наши антички градови, не бил заобиколен од варварските пробиви во III век. Обновениот доцноантички град, во V век настрадал од хунските походи на Атила, а потоа и во походот на Остроготите со водачот Теодорих, во 479 година. Христијанската заедница го ревитализирала градот на крајот од V век и животот течел натаму.
Меѓутоа лесно освоивливата позиција на градот, во текот на немирниот VI век, му донесува декаденција на Стоби, а единствена светла точка е монументалната Епископска базилика.
Античките извори известуваат за неколку христијански свештеници од Стоби: епископот Будиј (Никејски собор, 325 г.) епископот Евстатиј (на подниот мозаик на Старата епископска базилика, меѓу 343 - 381 г.); Епископот Никола (IV вселенски собор во Халкедон, 451 г.); епископот Филип (обновител на големата Епископска базилика во Стоби, околу 500 г.); епископот Фока (учесник на V вселенски собор во Цариград, 553 г.).
Изненадува сосем доцното споменување на епископот Јован од Стоби како учесник на VI вселенски собор во Цариград во 681 г., како и на неговиот наследник, епископот Маргарит, на црковниот собор во истиот град во 692 г. Некои истражувачи коментираат дека во новонастанатата ситуација, кога Балканскиот Полуостров бил преплавен со Словени, христијанските свештеници секако се повлекле - емигрирале во сигурноста на големите доцноантички метрополи во Солун и Цариград.
Археолошки ископувања
уредиВо Стоби се забележани голем број на култни претстави на божества од грчко — римскиот пантеон: Аполон и Артемида, Асклепиј, Дионис, Немеза, Зевс, Тихе, Афродита, Хигија, Телесфор.. Се работи за бронзени и мермерни статуи, или пак за релјефни претстави на мали камени икони. Исто така, откриени се и многубројни примери на архитектонска камена пластика од раноримските храмови. За жал, археолошките ископувања сè уште го немаат откриено ликот на раноримскиот град и денес немаме претставителни сочувани објекти од ова време, со исклучок на две-три градби, меѓу кои се истакнува театарот.
Податоци за постоењето на најмалку два храма, ни даваат монетите што се ковале во ковачницата во Стоби. Продукцијата на монетоковањето во Стоби се одвивала во времето на цар Веспазијан (69 - 79) до царот Елегабал (218 - 222). На најраната монета, може да се препознаат претстави на Викторија — гениј на победата - и фигура на бик. Датирањето на овој таканаречен автономен тип не е со сигурност одредено.
Монети
уредиМонетите од времето на Веспазијан, на аверсот го носат профилот на царот, додека на реверсот има претстава на четириколонен храм со минијатурна фигура на Асклепиј на средина, Бонус Евентус - гениј на добрата среќа; непознат гениј со мала Викторија во раката и рогот на изобилието, со шлем, штит и оклоп: жена — гениј на градот Стоби со венец во косата, во рацете ги држи мала Викторија и рогот на изобилието. На еден тип монета од времето на Тит и Домицијан се гледаат профилите на двата цара свртени еден кон друг, додека на реверсот е храм со 4 колони.
На монетите на Домицијан (81 - 96) се гледа храм со четири колони и со мала фигура на царот во воена опрема со копје и скиптар. Познати се и монетите со профил на неговата сопруга Домиција.
На монетите на Трајан (98 - 117) има претстава на: четириколонен храм со фигура; но и една мошне значајна симболична сцена со жена - гениј на градот со корона муралис (градска круна) во косата, со мала Викторија и скиптар во рацете. Лево и десно под неа лежат две брадести фигури со садови од кои истекува вода. Десната фигура држи трска. Тоа се речните гении на Еригон и Аксиј. На монетите на Марко Аурелиј(161 - 180) се гледа истата претстава, потоа фигура на Јупитер со скиптар и патера (плитка култна чинија); фигура на Викторија, жената - гениј на Стоби со копје и патера.
На еден тип монети на Фаустина Помладата, сопруга на Марко Аурелиј, се гледа Фортуна со рогот на изобилието и кормило.
Монетите од времето на Септимиј Север (193 - 211) ја носат Викторија со венец и палма; Плутон ја граба Персефона; Персефона во квадрига (четвороспрег).
На еден тип монета на Јулија Домна, втората сопруга на Септимиј Север, која извршила самоубиство со апстиненција од храна, ги гледаме нејзиниот профил и сцената Грабањето на Персефона. На монетите од нејзиниот прв син Каракала (198 - 217) се гледаат: Викторија во повеќе варијанти, Јупитер на престол со скиптар и мала Викторија; Плутон ја граба Персефона, Јупитер кој стои; Деметра која стои; Меркур со ќесе пари во раката седи на карпа.
На монетите на Гета (209 - 212), вториот син на Јулија Домна, се гледа фигура на војник меѓу две нимфи или Викторија.
На монетите на Елегабал (218 - 222) се гледа: Јупитер седи, со мала Викторија и скиптар; фигура на момче (можеби атлетичар) со победнички венец и палма; Викторија во неколку варијанти; фигура на борец; Плутон ја граба Персефора.
Сите досега познати монети се исковани во бронза. Со оглед на скромниот репертоар типови на овие монети, во науката постои мислење дека монетарницата на градот Стоби ковала исклучиво јубилејни - пригодни монети.
Објекти и градби
уредиСеверна базилика
уредиЦрквата е ранохристијанска тробродна базилика, чии странични бродови се надоградени на централниот. Има простран атриум, ексонартекс и нартекс и крстилница од северната страна, кој има четирилисна писцина. Во црквата се влегува од Вија Принципалис Инфериор. Објектот, според стилските особености, е датиран во V-VI век. Во јужниот брод и јужно од црквата се откриени 23 средновековни словенски гроба од IX-XII век, кои и припаѓале на големата некропола што се протегала од Северната до Централната базилика.
Цивилна базилика
уредиОвој објект се наоѓа наспроти Северната базилика. Со истражувањата биле утврдени седум градежни фази. Се смета дека на крајот служел за световни цели, па затоа е наречен Цивилна базилика.
Под нивото на Цивилната базилика откриени се бронзени предмети од V век пр.н.е., најдени длабоко внатре во апсидата. Под наосот пак на базиликата најден е фрагмент од фреско - живопис со претстава на барска птица, од I век од н.е. Под овој објект се откриени хеленистички слоеви од III и II век пр.н.е.
Мала бања
уредиОбјектот се наоѓа меѓу Цивилната и Северната базилика, граден според прописи на доцно античките градби на бањи. Објектот има аподиториум, со базен сместен во апсидниот простор, како и двојна соба со 3 апсиди со хипокаусти. Суспензурите од хипокаустите се направени од тркалести и четвртести тули.
Централна базилика и синагога
уредиРанохристијанската базилика е со тробродна диспозиција, во која се влегува од улицата Виа Принципалис, подигната на крајот од 4 или почетокот на V век. Има две градежни фази. Пред тоа, на тоа место стоела синагога чиј под бил откриен на 1,5 метри под нивото на наосот.
Оваа синагога е од IV век, подигната врз темели на постар објект од III век, за кој се претпоставува дека бил изграден со пари од Полихармос. Инаку, името на "таткото на синагогата во Стоби", се викал Тибериус Клаудиус Полихармус, познато е од колоната на надолжниот натпис, употребен во североисточната страна на нартексот во атриумот на базиликата, па оттука и претпоставката дека базиликата била синагога.
Со подлабоки истражувања под овој објект беа откриени градби од II век п.н.е., а под наосот беше најдена остава со пари од 211-125 г.п.н.е. Парите беа најдени во два сада, под нивото на Полихармосовата синагога. Хеленитичките слоеви лежат над праисториското корито на Црна Река.
Форум
уредиРимскиот форум е монументална градба од јавен карактер што ги надминувала провинцијалните рамки. Поточно, станува збор за објект достоен само за град со ранг на муниципиум, каков што бил Стоби. Според културните слоеви градбата функционирала во II-III век, иако постојат индиции дека нејзината изградба била кон крајот на I век. Во III век згаснува функционирањето на форумот, веројатно по наездата на Готите, кога бил вандалски уништен, за што говори насилното кршење на статуите и опожарувањето на објектот.
Куќа на псалмите
уредиГрадбата се наоѓа јужно од Централната базилика со Синагога. Таа има апсидна просторија, ходници, сали со колонади, со голем базен, со колони на западниот дел на двориштето. Главната сала е постелана со луксузни мозаици, другите простории - исто така со подови од мозаици со геометриски орнаменти.
Мозаичниот под во големата апсидна дворана е состои од 4 главни полиња. Западното поле е со геометриски орнаменти и птици. Источното поле претставува композиција со барски птици и лисја што ја опкружува осумаголната фонтана што се наоѓа на средината. На источното најголемо мозаично плато предадени се елени и барски птици во средина со кантарос од кој се прелива вода, чито ранохристијански мотив така често употребуван во сакралните и профаните градби од ова време. Самиот апсидален простор украсен е со геометриски мотиви во вид на крлушки.
Верските теми на мозаиците во апсидната сала и структуралната поврзаност со базиликата, укажуваат дека се работи за резиденција што им припаѓал на црквата и ма црковните великодостојници. Од оваа градба се влегувало исто така, и во една од синагогите.
Виа Аксија
уредиВиа Аксиа била една од главните улици со правец исток-запад, од која досега е откриен само еден дел.
Градска чешма
уредиНа малиот плоштад, што го формираат Виа Аксиа и Виа Принципалис Инфериор, од западната страна се наоѓа чешма од јавен карактер. Од три цевки водата течела во три корита, изведени од сполии од театарот и други градби.
Голема бања
уредиОткриена во 1931-1932г., во оваа бања се влегува откај Виа Аксиа. Има аподериум, големо претсобје, голема сала со хипокаусти со 6 мермерни базени и префурниум од јужната страна. Бањата има неколку фази на градење и доградување. Реконструираната бања била во употреба во последната фаза од животот на градот, во доцниот VI век. Меѓутоа, најдената статуа во аподитериумот потекнува од средината на царскиот период.
Виа принципалис инфериор
уредиОваа улица е со правец север-југ, таа може да се прати од Северната базилика до Градската чешма, потоа покрај Партениусовата куќа, Теодисијанската палата и Куќата на псалмите.
Перистериина куќа
уредиОва е градежен комплекс за повеќе фамилии и со простории на запад, за дуќани. Перистериината фамилија ги зафаќала просториите на јужниот дел од комплексот. Дворот, под отворено небо со големи фонтани од западната страна, е централен простор. Просториите од источната страна служеле за магазини. Главните простории на куќата биле апсидни сали јужно од дворот. Во источната сала е зачувани подните мозаици, а во средината се наоѓа фонтана изведена од мермер. За мозаичните површини во оваа куќа биле употребени тесери од стаклена паста, што им дава посебна живост на мотивите. Мозаикот, се претпоставува, настанал во доцниот 4 или раниот V век кога била подигната и самата градба.
Виа Теодосија
уредиОва улица е паралелна со Виа Аксиа и ги одделува Перистериината улица и Теодосијанската палата. Улицата била поплочена со облутаци и камени плочи.
Теодосијанска палата
уредиИсточно од улицата Виа Теодосија се наоѓа една од најлуксузните досега откриени куќи во Стоби, во која се претпоставува дека престојувал царот Теодосиј I, при неговата посета на Стоби во 388 година. Со оглед дека името на сопственикот на куќата не е познато, наречена е Теодисијанова палата, во спомен на посетата на царот. Оваа градба има план на латинско L и излегува на три улици. Салата е опкружена со колони од северната и западната страна. Од источната страна се наоѓа базен со осум пиедестали од мермер, украсени со спирални канелури, врз кои стоеле откриените статуи. На северната и јужната страна од дворот се ниски платформи, веројатно некогаш цветни тераси. Подот во дворот е прекриен со мермерни плочи, а перистилот со мозаици.
Големта апсидна просторија, триклиниумот, која се наоѓа на јужната страна на повисоко ниво, поплочена е во opus sectile. Останатите простории се исто така раскошно украсени. Според мозаичните површини, палатата најверојатно била изградена во IV век. Извесни елементи на доуредувања можат да се датираат во раниот V век, а објектот бил во употреба во текот на целиот V век.
Куќа на Партениј
уредиОваа куќа е јужно од Теодосиевата палата, со која има заеднички ѕидови и потекнува од исто време како и првата. Била изградена во форма на латинска буква L, слична по концепција на градење со претходната палата, но помала и поскромно изградена и украсена.
Валавница
уредиТоа е комплекс од градби меѓусебно поврзани, што претставувале резиденции и мали дуќани изградени врз постари градби. Името одговара само на една фаза од малиот двор, каде што во V век била работилница за бојадисување и валање на ткаенини. Животот на овој комплекс почнува од I век и трае сè до V и почетокот на VI век.
Виа принципалис инфериор
уредиПаралелна е со ВИА ПРИНЦИПАЛИС ИНФЕРИОР, и може да се следи од куќата на Перистерија, покрај Теодосијанската палата, па до комплексот на работ на Помус Фулоника, каде скршнува кон запад и украсена е со колонади.
Епископска резиденција
уредиСе наоѓа северно од Епископската базилика. Во IV век служела како христијански ораториум, а во V век била претворена во епископска резиденција. Овде се најдени бронзена кадилница и златен прстен во облик на крст со алманадини. Овој комплекс од градби од кои источниот дел во вид на пространа базилика не е доволно истражен, а претставува комплекс од најстари ранохристијански градби во Стоби.
Полукружен плоштад
уредиСе наоѓа северно од Епископската базилика, од улицата одвоен со ниска преграда од седиштата на театарот. Се претпоставува дека бил подигнат во IV-V век, опкружен со колонада, со база за голем споменик во центарот.
Епископска базилика
уредиЦрквата е ранохристијанска базилика со тробродна диспозиција, позната како базилика на епископот Филип. Подигната е на вештачка тераса. Црквата е од хеленистички тип, со атриум, нартекс и ексонартекс со двојна апсида на источната страна во која е сместена крипта. Од олтарната преграда од презвитериумот откриени се две фази на градење, како и на подовите во истиот, кои се изведени во opus sectile. Две нивоа на подови, откриени се и во јужниот брод под кои е наоѓала засводена голема гробница во која бил закопан еден епископ. Централниот брод е поделен на квадратни полиња и поплочен со мермерни плочи и од сив шкрилец во кои се интерполирани триаголници од мозаик, што претставува посебно луксузен аранжман. Нартексот е поделен на 9 квадратни полиња од кои се сочувани 6 изведени во мозаик со геометриски, флорални и животински претстави. Просториите јужно од црквата биле на кат и имале исто така под од мозаик.
Јужно од базиликата се наоѓа крстилницата со необично луксузните мозаици на кои се претставени пауни, барски птици и елени, како пијат вода од голем кнтарос. Среде крстилницата се наоѓа писцина што има две фази на градење и последната фаза со употреба на голем мермерен кантарос што служел за крштевање. Од ѕидовите на крстилницата откриени се остатоци од фреско живопис во два слоја од кои постариот со претстави на светители и цели сцени што се наоѓале во нишите.
Во црквата како и во крстилницата, откриена е богата архитектонска декоративна пластика, помеѓу која посебно место заземаат богато украсените капители и парапетните плочи што ги одделувале бродовите како и од емпората. Епископската базилика се датира во почетокот на V век и втората фаза при крајот на 5 и почеток на VI век.
Во централниот брод на Епископската базилика во 1978, 1979 и 1981 година откриени се остатоци од една Стара базилика со сочувани остатоци од мозаичен под во презвитериумот и во централниот брод. Откриен е натпис во централниот брод, од грчки букви во 6 реда, а западно од него во посебни ромбоидни полиња Христовиот монограм. На северниот ѕид од оваа базилика откриен е живопис од ромбоиди одделени со колони и на истиот ИС ХС што ја потврдува идентификацијата дека објектот претставува црковна градба. Старата базилика ја датираме при крајот на IV век. Нивото на крстилницата и на Старата базилика се еднакви, па има можност крстилницата да ги опслужувал како Старата базилика, така и подоцна изградената Епископска базилика.
Во 1991 година започнала конзервација на големиот мозаик од старата Епископска базилика (најголемиот поден мозаик во Македонија), која завршила во почетокот на 2015 година. Потоа, мозаикот повторно бил поставен во базиликата. При конзервацијата биле откриена дополнителна, трета фаза во неговото поставување (претходно биле познати две фази). Инаку, мозаикот е со геометриска и флорална декорација, типична за IV век. Како медалјони на него се сретнуваат молитви, монограм на Христос, а во втората фаза на неговото поставување било напишано името на еден претходно непознат епископ, кој ја реновирал базиликата. Станува збор за епископот Евстатиј, а на мозаикот е запишано: „Светата црква се обнови во времето на пресветиот епископ Евстатиј“.[1]
Западни гробишта
уредиНајдени се 81 гроб недалеку од Порта Хераклеја. Најстарите гробови се од доцниот I век п.н.е. и почетокот на II век Гробиштата се употребувале сè до IV век, со прекин во II и III век
Гробните прилози се многубројни и ги сочинуваат монети, керамички садови, унгвентариуми од теракота и стакло, накит и фигурини од теракота. Овие гробишта се протегаат до Гробјанската црква. А оттаму, по падината, биле откриени доцноантички и ранохристијански гробови, сè до базиликата во Паликура, крај која е откриена и словенска некропола.
Театар
уредиТеатарот бил изграден во II или III век. Сличен е на постарите грчки теaтри и е еден од поголемите и попретставителните објекти во Стоби, од римскиот период.
Гледалиштето, оркестрата и градбата на сцената се подигнати одвоено едно од друго. Градбата на сцената нема бина, туку добро изградена фасада, која била заднина на претставите во оркестрата. Гледалиштето, кое се состои од два дела, изградено е од бел мермер донесен од Плетвар. Според проценките, театарот можел да прими 7.638 посетители. Распределбата на седиштата секако се вршела според припадноста на одделни племиња - во гледалиштето се наоѓаат запишани имињата на 5 племиња.
Театарот во доцниот III век, бил претворен во арена за борба на гладијатори со диви ѕверови. Ваквата промена настанала во 325 г., по издавањето на царскиот декрет на Константин Велики, со кој се забранувале борбите на гладијатори со диви ѕверки. Во средината и при крајот на II век, парадоите служеле како буништа, над кој простор биле подоцна изградени куќи, и тоа на падината што се спушта кон исток и кај западниот ѕид од градбата на сцената. Целиот горен дел на гледалиштето и значителен дел од долните партии биле разнесени за градежен материјал потребен за градби во доцниот IV и во текот на V век, а во последниот век од градскиот живот на Стоби. Седишта и други архитектонски елементи биле вградени во надворешниот градски бедем кај Порта Хераклеја, во внатрешниот градски бедем, во дуќаните и пиедесталите вдолж Виа Сакра, во Полукружниот плоштад, во Епископската базилика, кон Градската чешма, Централната базилика со Синагога, и во Северната базилика.
Коцкарница
уредиДел од оваа градба што се наоѓа северно од театарот откриен е во времето кога започнала втората светска војна. Во објектот се влегува од западната страна од улицата Виа Принципалис Инфериор, меѓутоа, самиот влез не е откриен. Со истражувањата што се изведени во 1981 година пронајдено е дека објектот претставува една ранохристијанска тробродна базилика со нартекс и ексонартекс.
Таа е во склопот на еден комплекс од градби што е наоѓа од северната страна на објектот, а што имаат термален карактер. Централниот брод, нартекот и апсидниот простор постелени се првобитно со мозаичен под со геометриски мотиви, со висока техника на изработка. Подоцнежниот под е од големи тули со една раскошна фонтана во средината на централниот брод. Северното крило на базиликата има две видливи фази на градење и во последната приспособување на објектите од северната страна. Се работи за една стара базилика од доцниот IV век, чија употреба продолжува во V и VI век. Во централниот брод откриени се две мермерни плочи од часна трпеза, а во северниот брод две дипои со бронзени монети од V-VI век.
Внатрешен градски бедем
уредиОстатоците од овој бедем се видливи по линијата од музејот до поттеатарот, а бедемот е откопан само на делот југоисточно од Централната базилика. Овој бедем претставува подоцна изграден дел, кога градското подрачје крај Црна Река било напуштено во IV век, поради поголеми разорувања или поради поплави на Црна. Бедемот е широк 2,36 метри, а зачуван е во длабочина 3-5 метри.
Проучениот дел на бедемот пресекол една голема градба од јавен карактер, која била на кат и со добро зачувани мозаични подови.
Источен градски бедем
уредиОвој надворешен бедем може да се следи по целиот периметар на наоѓалиштето. Тој опкружува простор со неправилна форма во ширина од 400 метри, во правец исток-запад, и должина од 450 метри, во правец север-југ. Надворешниот бедем се гледа на гребенот што се издига над Вардар, крај Порта Хераклеја и на неколку метри крај Црна.
Приодот со камен под - калдрма до мостот од турски период е наоѓа на левиот брег на Црна. Овој приод бил подигнат над градскиот бедем, но нешто повисоко. Бедемот бил изграден од грубо делкан камен и секундарно употребени блокови поврзани со малтер. Дебелината на ѕидовите е 2,3 метри. Градскиот бедем, подигнат во III век или нешто порано, престанал да се користи во IV или V век.
Гробјанска базилика
уредиБазиликата е тробродна со двојна апсида со нартекс. Гробниците под подот на црквата се од порано. Црквата може да се датира во IV-V век. Подовите биле послани со мозаик. Зачуваната крипта јужно од нартексот, секако е мартириум.
Базилика во Паликура
уредиОбјектот се наоѓа 2 км јужно од Порта Хераклеја. Градба од базикален тип о тробродна диспозиција о низа компартименти, па се претполага дека е манастирска црква. Непосредно крај неа, спрема Црна, е откриена поголема градба, која според должината од 47 метри вртена о фасадата и тремот кон Црна, бездруго треба да претставува ан. Крај црквата се протега една доцно-античка некропола. Меѓутоа, како најзначајно е откривањето на една поголема словенска некропола на овој простор крај базиликата во Паликура, со гробови што имаат камена конструкција со доста бројни прилози во накит од сребро и бронза што може да датираат од IX-XII век.
„Стоби“ на Ризницата ? |
Надворешни врски
уреди„Стоби“ на Ризницата ? |
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Мозаикот од 4 век поставен повторно во Стоби“, Утрински весник, година XVI, број 4720, четврток, 26 февруари 2015, стр. 14.
- ↑ Историја на Стоби, Археолошки локалитет Стоби, www.stobi.mk
Литература
уреди- Археолошката карта на Македонија, Том 2, МАНУ, Скопје, 1996.
- Петрова Елеонора, Стоби (водич), Музеј на Македонија, Скопје, 2003. ISBN 9989-917-18-3.
- Микулчиќ Иван, Антички градови во Македонија, МАНУ, книга 8, Скопје, 1999.
- Микулчиќ Иван, Стоби (монографија), Скопје, 2006.
- Djordje Mano-Zissi, James Wiseman (Hrsg): Studies in the antiquities of Stobi (= Proucavanja starina u Stobima). 3 Bde. Beograd 1,1973; 2,1975; 3,1981.
- James Wiseman: Stobi. A guide to the excavations. Beograd 1973.
- Ivan Mikulcik: Стоби. Антички град (= Stobi. An ancient city). Skopje 2003. ISBN 9989-144-09-5.
- Virginia R. Anderson-Stojanović: Stobi. The Hellenistic and Roman pottery. Princeton 1992. ISBN 0-691-03605-5.
- Caroline Jane Hemans: Late antique wall painting from Stobi, Yugoslavia. Diss. Bloomington 1987.
- Carolyn Sue Snively: The early christian basilicas of Stobi. A study of form, function and location. Diss. Austin (Texas) 1979.
- Ruth Ellen Kolarik: The floor моsaics of Stobi and their Balcan context. Diss. Cambridge, Mass. 1981.
- Balduin Saria: Das Theater von Stobi // Archäologischer Anzeiger, 1938.
- Pero Josifovski: Римската монетарница во Стоби (= Roman мint in Stobi). Skopje 2001. ISBN 9989-9501-2-1.
- Славица Бабамова: Студии за старините на Стоби (= Studies in the antiquities of Stobi). Книга 1. Стоби 2012.
- Елеонора Петрова Митревска: Муниципиум Стобенсиум, Скопје 2018, Управа за заштита на културното наследство