Бугарија (тема)

(Пренасочено од Тема Бугарија)

Тема Бугарија е воено-административна област на Византија во периодот 1018-1185. Во состав на Византија имаше голем број на теми, населени со повеќеетничко население; Византија за полесно да ги лоцира луѓето ги нарекуваше по името на темата, а не со етничкото име[1], но и со тенденција сите нив да ги асимилира во Ромеи (Византијци). Во таа насока, Византија ги менува етногеографските имиња на областите и ги заменува со соседни за нив[1]. Затоа, во почетокот на 11 век Византија териториите на најголемиот дел од Македонија, цела Србија, Војводина до Срем, делови од Албанија и Црна Гора ги сместува во новофомирана тема Бугарија, додека етногеографската територија на Бугарија ја сместува во тема Паристрион, уште наречена Мизија или Загоре. Географската област Тракија Византијците ја инкорпорираа во тема Македонија, а пак областа околу Цариград во тема Тракија.

1045 година, граници на тема Бугарија.

Центар на византиската тема Бугарија бил градот Скопје.

Историја на тема Бугарија

Од 972 г. поголемиот дел од бугарската држава не постои, истата влегува во состав на Византија, во која спаѓаше и поголемиот дел на Македонија; слободните територии на Цар Самоил и неговите браќа не беа признати за посебна држава од Византија, туку тие беа за Византија само бунтовници. Цариградскиот Византиски Патријарх не го призна Самоил за Цар, туку Папата Грегориј V. Тогаш, Византија ја дели територијата на Бугарија, денешните Македонија, Србија, Црна Гора и дел од Албанија на Теми. Византија ги става имињата на окупираните територии; така, територијата на источна Тракија станува тема Македонија, а жителите на темата Македонија за византијците се Македонци, без разлика на нивната етничка припадност. Цариград и областа околу него, станува тема Тракија, а жителите на тема Тракија географски Траки. Територијата на Македонија, Црна Гора, сегашна Србија влегуваат во византиска тема Бугарија (Воулгариа) и сите жители (Македонци, Срби, Црногорци[1]) на темата Бугарија беа за Византија бугари (Voulgaroi). Вистинска Бугарија станува тема Паристрион, Загорје или Мизија (Мизија), а жителите Паристрионци, Загорци или Мизи [2]

Поранешното Самоилово царство се простираше на територијата на византиската тема Бугарија, па затоа византиските хроничари од 11 век зборуваат некогаш за Цар Самоил и неговите територии како бугарски. Но, тие мислат на темата Бугарија со центар во Скопје, а не на државата Бугарија.[1] Поранешното Самоилово царство се простирало на територијата на темите Бугарија, Паристрион, како и на дел од темите Македонија, Тесалоники, Никополис и Дирахиј.[3]

Византијците го воведуваат името Бугарин (Воулгарос) за сите жители на Тема Бугарија

Теофилакт Охридски, Грк, родум од Еврип, е Архиепискот на Охридската Архиепископија од 1090 г. до 1119 г. Познат е по тоа што го има напишано "Пространото Св. Климентово Житие" каде објаснува дека за него Бугари се жителите на византиската тема Бугарија[1] т.е. тоа се географски бугари. Теофилакт и самиот себеси се сметал за бугарин - жител на темата Бугарија, па во Пространото Житие на Св. Климент запишува "Св. Климент ни го предал НА НАС БУГАРИТЕ сето она што се однесува на црквата" [4].

Како мнозинското население во византиската тема Бугарија (Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија) било словенско, бугари за грците биле словените, па Теофилакт пишува во своето житие на Св. Климент за "славенскиот или бугарскиот народ", а јазикот во темата Бугарија го нарекува бугарски. За него, Свети Климент Охридски бил "прв епископ на бугарски јазик" [5]

Оттогаш, според некои, за Византијците и Грците зборот Бугар станал синоним за словен, а бугарски јазик синоним за словенски јазик. "Краткото житие на Св. Климент", уште наречено "Охридската Легенда", за кое се смета дека е напишано од охридскиот Архиепископ од 13 век, гркот Димитриј Хоматијан, родум од Ликија (Мала Азија), жителите на Мизија, денешна Македонија и Илирик ги нарекува бугари - волгарои.[6] За Бугарите, грчкиот автор во "Охридска Легенда" пишува: "тие беа иселени во старо време од воената сила на Александар, од крајот Бруса Олимп кон Северноледениот Океан и Мртвото Море, а откако поминало многу време, со страшна војска го преминаа Дунав и ги зазедоа сите соседни области: Панонија и Далмација, Тракија и Илирик, а и голем дел од Македонија и Тесалија" [7]. Во истата Охридска Легенда, оригинално напишана во 13 век се вели дека папата го ракоположил Методиј за архиепископ на Моравија и Бугарија, а Kлимент бил ракоположен од Методиј за епископ на целиот Илирик и на "бугарскиот народ" кој ги владеел тие краишта [8]. За Грците, сите словенски народи што ги населуваат Илирик (Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска, мое дополнување), Далмација и Панонија за грците биле бугари[1] и ги нарекуваа со едно име, почнувајќи од 10 век.

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 Стјепан Антолјак: „Средновековна Македонија“, том 1, Мисла, Скопје, 1985.
  2. (Ibidem, p. 43-49./Vezi P. Diaconu, Les Petchénegues..., p. 112-115, N. Iorga, Les premieres cristallisations d'État des Roumains, “Bulletin de la Section Historique”, 5-8, 1920, 1, p. 33-46; N. Bănescu, Les premiers témoignages byzantins sur les Roumains de Bas-Danube, “Byzantinisch-Neugriechische Jahrbücher”, 3, 1922, p. 287-310 / N. Bănescu, Les duchés byzantins de Paristrion (Paradounavon) et de Bulgarie, Bucarest, 1946, p. 101; P. Diaconu, Les Petchénegues..., p. 101).
  3. Die Bulgaren in ihren historischen, etnographishen und politischen Grenzen, Berlin 1917, p. 14
  4. (Пространото Житие на Св. Климент, Охридски ракопис во Румянцев музей во Москва. Збирката на Григорович под број 818, лист стр. 11-6 до ЗЗ-б. / Архивен институт на БАН (кутия III, папка IV.)
  5. (Пространото Житие на Св. Климент, Охридски ракопис во Румянцев музей во Москва. Збирката на Григорович под број 818, лист стр. 11-6 до ЗЗ-б. / Архивен институт на БАН (кутия III, папка IV.).
  6. „Кратко житие на Св. Климент Охридски (Охридска легенда), во: Милев, Александър. Гръцките жития на Климент Охридски, София 1966“. Архивирано од изворникот на 2009-03-05. Посетено на 2009-04-09.
  7. Хоматијан, Димитриј. Кратко житие на Св. Климент Охридски (Охридска легенда), во: Милев, Александър. Гръцките жития на Климент Охридски, София 1966
  8. (Ив. Дуйчев, Краткото Климентово житие от Димитрий Хоматиан, в „Климент Охридски, сборник от статии по случай 1050 години от смъртта му" БАН, София, 1966 г., стр. 161—171)

Надворешни врски