Страхил Гигов

Ова е објавената верзија, проверена на 2 август 2024. Има 1 промена во исчекување на проверка.

Страхил Гигов - Андро (Велес, 16 септември 1909 - Скопје, 19 мај 1999)[1]македонски комунист, учесник во НОБ и висок функционер од времето на комунизмот. Носител е на Партизанска споменица 1941 и други високи југословенски одликувања, а на 29 ноември 1953 е прогласен за народен херој на Југославија.[2]

Страхил Гигов
Министер на градежите
На должноста
19 ноември 1947 – 26 октомври 1948
Претходник Тоде Ношпал
Наследник Живко Брајковски
Лични податоци
Роден(а) 16 септември 1909(1909-09-16)
Велес, Косовски Вилает, Османлиска Империја
Починал(а) 19 мај 1999(1999-05-19) (возр. 89)
Скопје, Македонија
Награди Орден на народен херој
Потпис

Помеѓу двете светски војни

уреди

Гигов станал синдикален активист уште од 1928 година. Член на КПЈ од 1929, а на Месниот комитет во Велес од 1931 година. На 27 декември 1934 година е уапсен и во јуни 1935 година е осуден на три години. Ја издржува целата казна во Сремска Митровица и е ослободен на 27 декември 1937 година.[3] На 1 декември 1938 година повторно накратко е уапсен, но поради протестите организирани во Велес, при неговото спроведување во градот, веднаш е ослободен.[4] Есента 1939 година станува член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, а летото 1940 година уапсен е по третпат. Префрлен е во затвор во Белград, но е ослободен од обвиненијата во септември.[5] Во јануари 1941 година е испратен во концентрационен логор кај Меѓуречје, близу Ивањица, каде останува до распуштањето на логорот на 27 март 1941 година.[6]

Кон крајот на 1941 година е секретар на Месниот комитет во Велес. На почетокот на 1942 година е секретар на велешкиот Окружен комитет, а во септември 1942 година повторно е избран за член на новиот Покраински комитет. Заедно со Светозар Вукмановиќ - Темпо, Кузман Јосифовски - Питу и Цветко Узуновски, присуствува на состанокот во Тетово на 19 март 1943 година на кој е формирана Комунистичката партија на Македонија и влегува во нејзиниот прв Централен комитет.[7] Член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ, на Иницијативниот одбор за свикување на Првото заседание на АСНОМ, негов член и секретар, како и член на АВНОЈ. Поради неговите активности, окупаторот двапати го осудува на смрт во отсуство.

Учествува на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, на кое е избран за член на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е назначен за повереник за градежништво и соопштенија на Президиумот на АСНОМ, а на 3 ноември за секретар на Президиумот на АСНОМ.[8] На 14 август Президиумот на АСНОМ го избира за член на Комисијата за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги.[9]

По ослободувањето

уреди
 
Страхил Гигов

По Второто заседание на АСНОМ, на 1 јануари 1945 година е назначен за повереник за индустрија и занаетчиство,[10] а потоа, при изборот на првата влада на Македонија, е назначен за министер за индустрија и рударство. На таа функција останува до 11 февруари 1946 година,[11] по што во август истата година, на Првиот конгрес на Единствените синдикати на Македонија, е избран за претседател на Земскиот одбор.[12] На 19 ноември 1947 година се враќа во Владата на Македонија како министер за градежнишво,[13] а на 26 октомври 1948 година ја напушта оваа функција и станува претседател на Планската комисија.[14] На оваа функција останува до 8 февруари 1950 година, по што на 27 април истата година е избран за член на Сојузната влада како претседател на Комитетот за неметали.[15] Во македонската влада се враќа следната година, на 13 април 1951 година, како министер-претседател на Советот за енергетика, преработувачка и екстрактивна индустрија.[16] Набрзо потоа, на 15 октомври истата година е избран за претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ.[17]

Бил член и на Претседателството на СРМ, а на сојузно ниво неколкупати е биран за член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија и на Извршниот комитет на ЦК СКМ, осум години бил член на Сојузниот извршен совет, а потоа бил потпретседател на Сојузното собрание. Бил член и на Советот на федерацијата.

Дела

уреди

Страхил Гигов е автор на следниве дела:

  • „Сеќавања“, 1973
  • „Одбрани трудови“, 1979
  • „Со сопствени сили“, 1985

Наводи

уреди
  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 355 стр.
  2. „Народни херои од Македонија“, Наша книга, Скопје, 1973, стр. 107
  3. Страхил Гигов „Сеќавања“, „Наша книга“, Скопје, 1975, 71-72 и 76 стр.
  4. Darko Stuparić “Revolucionari i bez funkcija”, “Otokar Keršovani”, Rijeka, 1975, 102 str.
  5. Страхил Гигов „Сеќавања“, „Наша книга“, Скопје, 1975, 154 стр.
  6. Страхил Гигов „Сеќавања“, „Наша книга“, Скопје, 1975, 158 стр.
  7. Страхил Гигов „Сеќавања“, „Наша книга“, Скопје, 1975, 252-253 стр.
  8. Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 5 и 49 стр.
  9. Решение за именување на Државна комисија при Президиумот на АСНОМ за утврдување на престапите на окупаторите и нивните слуги
  10. „Нова Македонија“, 3 јануари 1945 година, 1 стр.
  11. Службен весник на Народна Република Македонија 4/1946, 1 стр.
  12. „Прв слободен синдикален конгрес на работниците и наместениците на Македонија“, Скопје, 1946, 138 стр.
  13. Службен весник на НРМ, 33/1947, 2 стр.
  14. Службен весник на НРМ, 33/1948, 1 стр.
  15. Службен лист на ФНРЈ, 32/1950, 1 стр.
  16. Службен весник на Народна Република Македонија 13/51, 3 стр.
  17. Службен весник на Народна Република Македонија 29/51, 3 стр.

Надворешни врски

уреди