Ванчо Михајлов
Иван Михајлов Гаврилов (26 август 1896 — 5 септември 1990), познат уште како Ванчо Михајлов, Ванче Михајлов и Радко — еден од раководителите на ВМРО, спорна историска личност во Македонија, нарачател на многубројни политички убиства на македонски и бугарски дејци, поддржувач на нацизмот и фашизмот.
Иван Михајлов Гаврилов | |
---|---|
26.08.1896 — 05.09.1990 (94 г.) | |
Ванчо Михајлов во комитска униформа | |
Роден во: | 26 август 1896, Ново Село, Османлиско Царство |
Починал во: | 5 септември 1990, Рим, Италија Италија |
Служба во: | Македонско национално движење |
Чин: | раководител на ВМРО |
Се школувал во Штип, Солун и Скопје, каде што завршил гимназија (1915). По Првата светска војна студирал право на Софискиот универзитет, бил еден од основачите и прв претседател на студентското друштво „Вардар“. По пристапувањето во ВМРО бил секретар на Тодор Александров, пунктов началник за Софија, а по убиството на Александров бил член на ЦК на ВМРО (1925), реизбран и по убиството на Александар Протогеров (1928). До 1928 година бил одговорен за снабдување на Организацијата со муниција.[1] Од 1928 година ВМРО никогаш не одржало официјален конгрес на кој тој поднел извештај за неговата работа.[1]
Дејствувал за обединување и независност на Македонија, но како бугарска земја (со бугарско мнозинско население). Независноста на Македонија ја гледал од политички и државни цели, а не од национални потреби на македонскиот народ. На Пиринскиот дел на Македонија гледал како на основно јадро — Пиемонт за обединување на другите делови на Македонија.
Бил приврзаник на поединечен терор,[1] преземал терористички акции за ликвидација на противниците. Во времето на неговото раководење на Организацијата во Пиринскиот дел на Македонија воспоставил, со согласност од бугарската држава, паралелна полуофицијална власт, претворајќи го во своја воена и финансиска база. Дел од собираните средства наменил за материјална помош на сиромашните, со кујни за бесплатни оброци за безимотните, за изградба на училишта, болници, поправка на локални патишта, стипендии за сиромашните ученици и студенти и др. Се ангажирал и за доделување земја и материјална помош на безимотните македонски бегалци.
Применил нова стратегија во борбата на ВМРО: изведување терористички акции и атентати со тн. тројки и петорки. Одржувал блиски односи со Владата на Бугарија, а имал поддршка и материјална помош и од Италија.
Според јавно достапни извори од Централната разузнавачка агенција (CIA) на САД по 19-мајскиот преврат и забраната на ВМРО (1934) бил тајно пренесен во Турција (официјално емигрирал), а оттаму заминал во Полска (1938).[1] За време на Втората светска војна престојувал во Загреб, кај Анте Павелиќ како негов специјален гостин и соработувал со германските воени служби. По доаѓањето на Германците во Загреб Михајлов се преселува во Виена каде живее како специјален гостин на Нацистите.[1] Пред крајот на војната, со поддршка на Германците, дошол во Македонија, Скопје, септември 1944, со задача да формира квислиншка Независна Држава Македонија, но не нашол на поддршка.[2]
Според наодите на CIA од 1953 година Организацијата предводена од Михајлов „нема приврзаници ниту, пак, групи во Македонија, Бугарија и Европа туку само во САД и Канада каде неговото влијание е сѐ уште големо.“[1] Македонската патриотска организација (од САД) во овој период е одговорна за издржувањето на Михајлов. Извесен Љубен Димитров е одговорен за обезбедувањето на финансии Михајлов. Во овој период МПО обезбедува околу 8000 американски долари годишно (овие средства соодветствуваат на околу 73.000 долари во 2019 година) за Михајлов и дополнително ги покрива неговите трошоци.
Починал во Рим. Автор е на спомени во четири тома и други публикации.
Тој е сметан за бугарофил од официјалната историска наука во Македонија и за деец на бугарското националноослободително движење во Бугарија. Иако Михајлов не признавал посебна национална самобитност на населението во Македонија, тој се залагал за назависна и обединета Македонија со главен град Солун.[3]
Во извештајот на CIA од 1953 година се вели „Како заклучок би можел да кажам дека Иван Михалов е гангстер, терорист на кој не може да му верува ниту САД ниту било кој друг; тој управува со ВМРО и со МПО единствено за лична корист.[1]
Рани години
уреди
Поврзано
|
Иван „Ванчо“ Михајлов е роден на 26 август 1896 година во Ново Село, Штип, во семејството на Михаил (Мише) и Костадинка Гаврилови. Тој имаше уште двајца помлади браќа, како и една сестра. Мише Гаврилов беше доста познат трговец во Штип. Татко му Мише како и постариот брат на Ванчо, Анастас, се заедно убиени во 1927 година од српските окупаторски власти.
Од 1910 година Ванчо бил ученик во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Малку пред Втората балканска војна (позната уште и како Втора Балканска војна) го напуштил Солун и се вратил во Штип. Го завршил образованието во српска гимназија во Скопје. По завршувањето во 1915 година, како одличен ученик му било предложено од страна на српското министерство за просвета да продолжи своето образование како стипендист во кој универзитет си одбере во Европа. Михајлов одбил, и за време на Првата светска војна (1915 — 1918) бил бугарски чиновник во Штипската општина, како во 1918 година закратко постапил во бугарската војска. По Солунското примирје ја напуштил армијата, а во 1919 се запишал за студент на Правниот факултет во Софија. Истата година бил привлечен во редовите на ВМРО од Тодор Александров во Задграничното претставништво на организацијата. Во 1920 бил еден од основачите на Македонското студентско друштво Вардар и прв негов претседател. Во 1926 година Ванчо Михајлов се оженува со револуционерката Менча Карничева, родом од Крушево. До крајот на животот немаат деца и целосно се посветуваат на македонското ослободително дело.
Раководител на ВМРО
уредиПо потпишувањето на Мајскиот манифест во 1924 година, Тодор Александров бил убиен (31 август 1924) и раководството на ВМРО го презема Иван Михајлов кој се пресмета со своите противници. Во Благоевград Михајлов ги кани главните македонски дејци на левицата на ВМРО и раководителите на Илинденската организација, и со помош на бугарската војска и полиција [4] ликвидирал десетици дејци на Македонската левица, меѓу кои и Арсениј Јовков. Посе тоа ги ликвидира војводите Ѓорѓи Поп Христов и Панчо Михајлов. Го наредува и убиството на Ковачев и Тодор Паница.
На 31 октомври 1927 година српската власт во Штип ги убива татко му Михаил Гаврилов и поголемиот брат Христо Михајлов. На 7 јули 1928 година по негова заповед бил убиен генерал Александар Протогеров.
На негова иницијатива во Женева од 14 јуни 1926 година започнал да излегува од печат весникот "Ла Маседоан". Исто така ги поткрепувал дејностите на Македонскиот Научен Институт во Софија, Македонската Патриотска Организација за САД и Канада и весник Македонска Трибуна.
На 21 јули 1928 година во село Крупник, Горноџумајско, е одржан Седмиот конгрес на ВМРО, на кој Ванчо е повторно избран за член на новиот ЦК. Во 1934 година учествувал во организацијата на убиството на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј, Франција.
1934 — 1944
уредиИзбегал во Турција во 1934 година, по воениот преврат во Бугарија, кога ВМРО била забранета. Таму бил уапсен до 1938 година, кога бил пуштен и заминал со својата сопруга Менча Крничева во Полска.
По окупацијата на Полска, го добил правото да живее во Варшава. Кога била создадена Независната Држава Хрватска во 1941, се преместува во Загреб, кај својот верен пријател Анте Павелиќ, каде живеел до крајот на Втората светска војна.
По војната
уредиПосле војната живеел во Австрија, Шпанија и Италија. Таму има напишани доволен број на книги на македонска тематика.
Ванчо Михајлов умрел од природна смрт на 5 септември 1990 година во Рим, Италија.
Делото на Михајлов
уредиИван Михајлов од официјалната македонска и комунистичката бугарска наука е сметан за најцрната личност во историјата на македонското револуционерно движење. Според комунистите, тој е човекот кој преку ликвидирање на највидните македонски револуционерни дејци, успева раководењето на ВМРО да и го предаде целосно во рацете на бугарската фашистичка клика.[се бара извор] Михајлов е заслужен за убиството на десетици македонски и бугарски комунисти за време на таканаречените горноџумајски атентати. По падот на комунизмот во Софија е подигната спомен-биста на Михајлов. Во Музејот на македонската борба во Скопје исто се наоѓа восочна фигура на Ванчо Михајлов.
Мисли
уредиИдејата за слободна и независна Македонија е толку голема; правдата, за којашто македонското население се бори, така очигледна; самата борба така сеоддајна и идеалистички водена; објективните странски познавачи на вистината за Македонија толку авторитетни и многубројни што за секој чесен човек е лесно да ја разбере таа вистина, а заедно со тоа и големината на непријателските аспирации кон Македонија. [5]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 Background, Whereabouts And Activities of Ivan Mihailov, CIA, 16 april 1953 (пристапено на: 2019-04-25) [1] Архивирано на 25 април 2019 г.
- ↑ Hitler's new disorder: the Second World War in Yugoslavia, Stevan K. Pavlowitch, Columbia University Press, 2008, ISBN 0231700504, pp. 238-240.
- ↑ Македонија Швајцарија на Балканот, Скопје 2001[мртва врска], Михайловъ, Иванъ. За самостойна Македония, Македонска трибуна, г. ХХІ, бр. 1065, 17 юли 1947, Михайлов, Иван. Избрани произведения, София 1993, с. 408, Катарџиев, Иван. Во Македонија се се повторува на еден или друг начин, Вест, год. 1, бр. 215, 24.01.2001 Архивирано на 16 октомври 2005 г.
- ↑ Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Ачковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год
- ↑ Македонија Швајцарија на Балканот
Надворешни врски
уреди„Ванчо Михајлов“ на Ризницата ? |
- "Спомени I — Младини" — Првиoт том од спомените на Иван Михаjлов, 1958 година
- "Спомени II — Освободителна борба 1919 — 1924" — Вториoт том од спомените на Иван Михаjлов, 1965 година
- "Спомени III — Освободителна борба 1924 — 1934" — Третиoт том од спомените на Иван Михаjлов, 1967 година
- Иван Михајлов — Радко: Јас сум бугарин од Македонија, интервју (бугарски)
- Статии од Ванчо Михајлов (бугарски)
- Quo vadis, Bulgaria (бугарски)
- Ванчо Михајлов умирал и тврдел дека македонска нација не постои[мртва врска]
- Кој беше Ванчо Михајлов — човекот кој е поврзан само со крв[мртва врска] на Утрински весник.
- Кој беше Ванчо Михајлов — човекој кој не стапна во Македонија[мртва врска] на Утрински весник.
- Кој беше Ванчо Михајлов — убиството на Александров и Вартоломејската ноќ[мртва врска] на Утрински весник.
- Кој беше Ванчо Михајлов — ликвидирањето на Славчо Ковачев[мртва врска] на Утрински весник.
- Кој беше Ванчо Михајлов — колежот на санданистите[мртва врска] на Утрински весник.
- Кој беше Ванчо Михајлов — двата темела на повоеното ВМРО[мртва врска] на Утрински весник.
- Кој беше Ванчо Михајлов — Михајлов вмешан во убиството на Александров[мртва врска] на Утрински весник.
- Кој беше Ванчо Михајлов — секоја вечер по две убиства Архивирано на 24 февруари 2010 г. на Утрински весник.
- Како е убиен Ковачев?[мртва врска]
- Непосредни сведоштва за Михајлов. Архивирано на 9 март 2010 г.