Кичево

град во Општина Кичево

Кичевоград во средишниот дел на Западна Македонија и административно седиште на истоимената општина. Градот лежи во Кичевската Котлина под југоисточните падини на планината Бистра. Кичево е оддалечено 110 километри од Скопје, а се наоѓа на речиси половина пат меѓу Гостивар (46 километри) и Охрид (61 километар). Градот Кичево со својата местоположба претставува еден од најважните сообраќајни и транзитни центри во Западна Македонија.

Кичево
Град
Панорама на Кичево
Панорама на Кичево
Знаме на КичевоГрб на Кичево
Кичево is located in Македонија
Кичево
Кичево
Местоположба на Кичево во Македонија
Координати: 41°31′04.00″N 20°57′56.00″E / 41.5177778° СГШ; 20.9655556° ИГД / 41.5177778; 20.9655556
ДржаваРепублика Македонија
РегионЈугозападен Регион
ОпштинаОпштина Кичево
Управа
 • ГрадоначалникФатмир Дехари (ДУИ)
Надм. вис.&10000000000000625000000625 м
Население (2021)
 • Вкупно23,428
ДемонимКичевчанец
Час. појасUTC+1
 • Лето (ЛСВ)UTC+2 (UTC)
Повик. бр.+389 045
Рег. таб.KI
Мреж. местоkicevo.gov.mk
Кичево на картата на Општина Кичево.

Потекло на името Кичево

уреди

Кога дошле Словените во овој крај основале нови населби. Во тоа време најверојатно бил основан и денешниот град, кој, како населено место првпат се споменува во една повелба на византискиот цар Василиј Втори од 1018 година со топонимот Кицавис. Во текот на средниот век градот бил споменуван и со формите Китсавин и Китчавин (Кичавин) и се наоѓал во состав на Охридската архиепископија. Охридскиот архиепископ Теофилакт населбата ја споменувал со топонимот Киттава, а византискиот хроничар Акрополит градот Кичево го именувал со формите Кицавин и Кицавеос. Во 1316 година во близината на градот Кицавис (Кичево) бил изграден манастирот „Св. Пречиста“ во кој некогаш престојувале и се школувале нашите први преродбеници Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ.

Кога дошле Турците во Кичевско кон крајот на 14 век по смртта на Крали Марко, Кичево како населено место се споменува во еден пишан документ од втората половина на 15 век. Познатиот турски патописец и географ Хаџи Калфа го посетил градот во првата половина на 17 век и го спомнал со формите Фирџова, Фирчова (Фирчово), Кирчова (Кирчово). Од овие форми се претпоставува дека бил добиен топонимот Крчово (населба во крчевина). Со името Крчово населбата била спомната и во еден ферман на султанот Селим Трети од 1798 година и тоа како каза (околиско место) – Крчовска каза. Во средниот век, за време на кралот Милутин била употребувана формата Кичава. Вук Караџиќ ги споменува формите Крчево и Кичава. Со името Крчево во шеесеттите години на 19 век го споменува и рускиот научник А. Гилфердинг. Австрискиот патописец Ј. Г. Хан во една географска карта од 1867 година градот го спомнува со формата Криштево. Се претпоставува дека денешното име на градот потекнува од формите: Кицавис, Кирчово, Крчово или Крчево.

Народните легенди поинаку го објаснуваат денешното име на градот Кичево. Според легендата на Марко Цепенков, името на Кичево го поврзува со тврдината над градот што ја изградил Волкашин за ќерка му Кита. (сестра на Крали Марко) . По нејзиното име тврдината (калето) била наречена Китино Кале, односно Китин Град. Подоцна под Китино Кале била основана населба која според името на Кита (Ките, Киче – нагалено) била наречена Кичево.

 
Булеварот „Ослободување“ - главната улица во Кичево

Историја на Кичево

уреди

Античка и средновековна историја

уреди

Во близина на денешното Кичево постоел град уште во античко време, познат под името Ускана. Оваа населба е првпат спомената во времето на владеењето на античкиот македонски владетел Персеј. Во тој период градот имал значајна улога во македонско-римските војни (170-169 г.п.н.е.). За време на римското владеење котлината во која е сместена денешната населба била добро населена за што сведочат археолошките остатоци. Римјаните во овој дел на Македонија изградиле и патишта. Се претпоставува дека римската населба била разурната од катастрофален земјотрес во 518 година.

Се знае дека на Кале е подигнат крајпатен кастел (тврдина) за време на Римјаните кој служел за контрола на прастариот пат Скупи-Лихнид. Дали претходно тука постоела тврдина, не е сигурно. Патот поминувал во подножјето на калето, токму каде што денес поминува главната улица. Со време под калето и по должината на античкиот пат почнале да се населуваат луѓе и се оформила мала трговска населба. Со време прераснала во мало гратче. Животот бил убав. Животот бил богат. Со варварските наезди (Готи, Хуни, Авари, Бугари, Словени) веројатно и животот во самата населба замира, а и храмовите се веројатно уништени. Во 7 век се населуваат Словените. Овие векови наизменично се менувале бугарската и византиската власт. Познато е постоењето на склавинијата Берзитија. Со рехристијанизацијата на овие територии настанува симбиоза на населението и животот повторно почнува да цути. Со тоа и обновувањето на средновековната населба. и на трговската маршрута север-југ. Се обновуваат и храмовите. За време на Цар Самоил Кичево веќе бил голем воен кастрон (град) и веројатно броел над 5.000 жители и воена посада на калето. Цивилниот живот се одвивал долу во чаршијата. Во 1015-1018 година Кичево (Китсавин) повторно потпаѓа под византиска власт. Кичава функционирала низ вековите како византиски кастрон (од 10 до 13 век), кој ги контролирал патиштата на периферијата на царството, во насоката на честите српски упади од север. Во вековите што следат, градот потпаѓал под српска, бугарска, епирска власт. Византијците го преземаат повторно после Пелагонската битка за во периодот меѓу 1282 и 1297 година да го освојат Србите (крал Милутин). Во средниот век споменатите територии потпаѓаат под средновековната српска држава, што се потврдува со даровницата на Кралот Милутин кој во 1294 го опсипал со подароци манастирот Свети Ѓорѓија во село Кнежино. Кичево во овие години е веројатно запалено (барем тврдината).

 
Некогашната саат-кула во Кичево

Османлиско владеење

уреди

Кичево и Кичевско потпаѓаат под турска власт во 1385 година. По освојувањето, градот бил претворен во воен и административен центар. Во ранотурско време во тврдината Кичава била сместена стража. Во втората половина на XV век, поточно во 1476 година, управител на Кичевската нахија бил Али-бег, а Кичево бил економски и административен центар на самата нахија. Кичево во овој период имало 217 куќи. Градот како стопански и административен центар на нахијата, попримајќи турски елемент, од ден на ден ја менувал физиономијата и сè повеќе добивал ориентален изглед.[1]

Со сè поголемиот прилив на странски капитал кон крајот на XIX век, Отоманското Царство пројавило интерес за експлоатација на рудните богатства во овој регион, особено за бакарот и манганот, а во градот се започнало со градителски и комунален развој. Во подножјето на Кичевското Кале бил подигнат градски часовник, а во центарот на градот била изградена убава чешма и била донесена вода за пиење.

Со ширењето на христијанството на овие простори се градат и првите цркви во доцноантичко и средновековно Кичево. Познато е постоењето на 3 цркви кои низ времето биле уривани, а се изградени веројатно во доцната антика и раното средновековие и сите три се наоѓаат на просторот кој сите го знаат како чаршија:

  • Св. Петка , денес не постои. Се наоѓала на просторот на денешната градска џамија, со доаѓањето на Османлиските Турци е разорена. Постарите кичевчани имаат раскажано дека за време на помал земјотрес од ѕидовите на џамијата паднал малтер и се појавиле фрески. Постои веројатност дека џамијата е изградена врз темелите на уништената црква (околината на црквата) или понатаму, барем еден ѕид од старата црква да влегол во состав на новиот објект на џамијата. Самата џамија е сондирана од археологот Гордана Спасовска и не се пронајдени никакви материјални докази за постоење на црква во рамките на објектот на џамијата. Тоа значи дека остатоците би можеле да се бараат некаде во околината. А и не е невозможно материјалот од кој е градена старата црква Св. Петка да е употребен за изградба на џамијата.
  • Св. Апостоли Петар и Павле , постои и денес, изградена (и доградувана) е на темелите на постара црква (средновековна/доцноантичка). Околу црквата порано се наоѓале градските гробишта кои денес не постојат. Со изградбата на новите придружни објекти на денешната црква се откриени гробови. Белата мермерна плоча на прагот на црквата е веројатно надгробна плоча која при изградбата на денешниот храм, од незнаење е поставена тука. На само дваесет метри од црквата се наоѓаат римските гробишта, веднаш во подножјето на калето. Во црквата веројатно навратувале и патниците кои оделе по стариот пат зашто црквата се наоѓа веднаш до него. Денес црквата „Св. Апостоли Петар и Павле“ претставува единствениот христијански храм во Кичево.
  • Св. Димитрија , денес не постои. Била малечка, можеби и првоизградена црква, барем така изгледала во средниот век.

Англичанецот Едмунд Спенсер бил капетан и многу патувал, пред сè, во разузнавачки цели. Во 1850 година ја посетил и Македонија. Поминал крај Кичево. Интересно е што во својот патопис Спенсер наведува дека Кичево е местото каде порано се наоѓал градот „Скиртијана“. Познато е дека во Кичевската Котлина се наоѓал древниот град Ускана (Хискана), чија локација сè уште не е точно утврдена. Изворот за овој податок не е наведен, но е доста интересен. Еве што друго пишува Едмунд Спенсер за Кичево во својот патoпис:

„Напуштајќи ја прекрасната долина на Дреска, поминавме преку планината на пат за Критчово, древната Скиртијана, која денес претставува мало село што нема повеќе од стотина куќи. Се почувствувавме меланхолично гледајќи го прекрасниот и простран басен во кој беше сместено селото, каде што почвата очигледно беше мошне плодоносна, но малку обработена. Неколку напуштени села беа расфрлани во околината покажувајќи дека оваа област мора некогаш да била место каде што се одвивал некој смртоносен судир, а тоа било неодамна. Критчево е сместено во подножјето на еден планински венец, не многу висок, овде-онде покриен со шума, претставувајќи еден освежителен предел во овие области на Македонија, каде студениот гол камен често е главната одлика на пределот; иако овие планини некаде испреплетени со бројни плодни површини, мали долини или клисури, каде што течат водите на Зајас, Карасу, Кандрису и на неколку помали реки се влеваат во реката Вардар, сепак се чини дека земјата е добро прилагодлива за земјоделство; сепак единствените жители кои ги сретнавме на нашиот пат беа неколкумина номади со нивните стада.”

 
Македонец од Кичево, Битолски Вилает, слика од рускиот весник „Весник и библиотека за самообразование“ од 1903 година

Спенсер го посетил Кичево во еден од најтешките периоди низ кој поминал градот. Имено во годините непосредно пред да помине тука, Кичево било арена на еден од многуте крвави судири во Османлиското Царство, кои се јавиле како последица на ослабнувањето на централната власт во Истанбул, а јакнењето на локалните паши, бегови, кои почнале да се одметнуваат. Во тоа време господар на Кичево бил Абди-бег, веројатно лојален на султанот. Абди-бег бил убиен од страна на Хамза-паша од Скопје, кој потоа се населил во тврдината на Китино Кале, по што почнал страшен терор врз месното население. Се зборува дека во тврдината го опслужувале дури 400 слуги. Кога Ајредин-паша успеал да го порази Хамза-паша и да го заземе повторно Кичево, тврдината била запалена и разрушена. Потоа животот почнал да се враќа во нормала. Сево ова се случувало за време на одметнувањето на Али-паша – Јанински, во првата половина на 19 век, време кога се случува феудална анархија во Османлиското Царство. Како причина било искористено укинувањето на јаничарскиот ред во 1826 година од страна на султанот Махмуд II, по што голем број на турски феудалци се одметнале и почнале со масовен терор во областите каде владееле. Поради тоа населението сè повеќе ги напуштало селата преселувајќи се во градовите. Едмунд Спенсер несомнено бил сведок на периодот после феудалната анархија во Кичево.

Во XIX век, Кичево било центар на Кичевската каза, во Отоманското Царство.

Првите никулци на Македонската револуционерна организација започнале со револуционерната работа на ѓаконот Јосиф на манастирот Света Богородица - Пречиста, и на учителите на повеќе кичевски села. По направените обиколки и првите контакти со печалбарите по кичевските села Пере Тошев заедно со Јосиф во 1878 година ја формираат првата вооружена чета на чело со Дуко Тасев, а во чии редови бил и Јордан Пиперката. Тие ќе бидат предводници на Брсјачката буна во 1880 година. Исто така, на 2 август 1903, започнува востание на чело со Арсо Војвода и Јордан Пиперката, а се држат ослободени територии до 9 август кога востанието било крваво задушено.

Старата кичевска чаршија

уреди

Во вековите под турска власт, Кичевската чаршија го добива денешниот изглед (веројатно не многу поразличен од оној пред тоа). Сите цркви се уништени. Доаѓа до масовна исламизација на населението кое станува значително муслиманско. Но во првите векови од владеењето на Османлиите забележлив е и нов процут на трговијата во чаршијата кога почнуваат да се градат многу занаетчиски дуќани. Чаршијата добива повеќе убави чешми, се гради градската џамија, саат-кулата (1741 година) која гледа накај неа. Се градат и неколку теќиња (дервишко, бектешко...) кои постојат и денес. Куќите кои се градат тоа време, биле со дуќан долу и простор за живеење горе. Првите векови од владеењето на Турците се карактеристични како мирен период. Впрочем и самата империја доживува полет на секој план. Чаршијата пред нешто повеќе од еден век го добива денешниот изглед. Во неа, како и во Кичево (во 1903 брои нешто над 4.000 жители) зајакнува христијанскиот елемент. Население се доселува во безбедноста на градот каде е помалку загрозувано од разбојничките банди. Се градат нови и убави чорбаџиски куќи, анови, пекарници. Тука се одвиваат и некои од активностите на ВМРО пред Илинденското востание. Во 1907 година, веројатно со засилувањето на христијаните, се обновува црквата Св. Петар и Павле на темелите на постарата црква. Стариот антички пат, кој сега е централна градска улица е калдрмисан. Калдрмата постои до денес. Но во 1938 година чаршијата губи еден од најголемите нејзини белези, саат-кулата, која горела во пожар, веројатно во 1926 година. Српскиот управител на Кичево не сакал да ја обнови и наредил да ја урнат бидејќи го потсетувала на турското владеење.

 
Кичевската чаршија во 1930-те

По ослободувањето во 1945 година во чаршијата е жива политичката активност која по уништувањето на вистинската народна власт на чело со Методија Андонов-Ченто и поставувањето на комунистички функционери, отворено преоѓа во национализам и цели кон независна и самостојна Македонија односно отцепување од СФРЈ. Осамнуваат летоци по чаршиските калдрми. Се апсат и тепаат млади луѓе, режимот брка вештерки. Новите комунистички моќници по пат на национализација присвојуваат имоти за себе. Национализацијата смртно ја ранува старата кичевска чаршија. Замираат старите занаети, дуќаните се национализираат, замира ситната трговија. Спомениците кои едно време ја красат чаршијата се уништуваат (Старата градска чешма).

Во првата половина на XIX век, старите приземни и катни објекти биле рушени и на нивно место се граделе дуќани – масивни објекти градени од тула, малтерисани и украсени со штукатура, со што се формирале нивните стилски одлики. Одлика на овие објекти е градењето на приземје и кат. Денес, во Чаршијата, токму овие објекти со приземје и кат се најбројни – 68, многу помалку има приземни објекти – 20, а застапени се и објекти со приземје, кат, меѓукат и кат. Забележлива е појавата на дополнително изведување на голем број надградби на поткровја, со што се зголемува катноста (и висината ) на објектите. Оваа појава е особено изразена кај низот објекти изведени во продолжение на музејската зграда. Кај неколкуте нови објекти, кои се во склоп на низовите, се појавуваат објекти со приземје и два ката, приземје и три ката, а во контактната зона на Чаршијата регистирани се и објекти со приземје и четири ката.

 
Панорама на Кичево во 1935 година

Денес, најбројни во зоната на чаршијата се објектите градени меѓу двете светски војни од, кои истовремено го означуваат периодот на градење на "нова" чаршија. Најстарите од нив се изградени меѓу 1931- 1935. година. До почетокот на Втората светска војна Чаршијата е целосно оформена и компактна урбана и економска зона, каква што беше сочувана до пред некоја деценија. Важно е да се заклучи дека денес сочуваните партии од оваа некогашна целина речиси исцело потекнуваат од дваесеттите, триесеттите и четириесеттите години на 20 век. На фасадите на објектите се појавуваат разни декоративни архитектонски елементи, преземени од европските неостилови, што доведува до невоедначена стилска физиономија на уличните платна. Tрговските и занаетчиските објекти во чаршијата, во најголем дел, поседуваат карактеристични особености на европската граѓанска истористичка архитектура од 19 век, но во посредувани варијанти и провинцијални видоизменувања, карактеристични за балканските простори во првата половина од 20 век. Декоративните решенија на катот се значително поразновидни и пософистицирани. Овде се среќава декорирање со штукатура на прозорските отвори, на балконските врати, на потенцираните појаси во штуко-профилација меѓу приземјето и катот, на сложено решаваните разновидни симсови и на партиите над симсовите, т.е. украсните парапетни ѕидчиња и тимпанони на ниво на кровната конструкција. Сета оваа штуко-декорација е изведена во еден стилизиран и еклектичен манир на посредуван неокласицизам. На катот, во некои објекти се јавува благо испакнување/исфрлање над приземниот дел, со што се постигнува своевидно динамизирање на архитектонските волумени и маси. Честопати на катот, во осносиметрична поставеност, се изведуваат балкони во различни димензии, но со мала испакнатост, коишто делуваат декоративно и ги разигруваат горните партии на фасадата. Балконите имаат железни огради во разновидна стилизација или се изведуваат со ѕидани или профилирани столпчиња. Честопати на катот, во осносиметрична поставеност, се изведуваат балкони во различни димензии, но со мала испакнатост, коишто делуваат декоративно и ги разигруваат горните партии на фасадата. Посебна архитектонско-декоративна одлика на фасадното обликување на објектите во урбаната целина на кичевската чаршија претставуваат разновидните смели решенија над катот, во висина на кровната конструкција. Овој највисок дел од челната фасада на објектите е посебно нагласен и профилиран, така што претставува најзначајната посебност на оваа архитектура. Иако вакви решенија се среќаваат и на други места во Македонија, бројноста и разновидноста на овие фасадни решенија во Кичевската чаршија формираат една препознатлива локална амбиентална особеност.

Современа историја

уреди
 
Борци на партизанскиот баталјон „Мирче Ацев“ во слободното Кичево на 12.9.1943

Кичево и Кичевско престанува да биде под турска власт во 1912 година по завршувањето на Првата балканска војна. Во овој период се случува Охридско-дебарското востание во кое страдањето на населението било уште поголемо, особено во Втората балканска војна кога населението било поделено на две страни па не се знаело на која страна и за чии интереси се гине. Во 1919 година со Версајската конференција овој регион му припаѓа на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците коe водело политика на асимилација на населението. За време на Кралството СХС во чаршијата се градат убави згради (зградата на денешниот музеј, хотел Солун, кафеана „Велика Жупа“...). Трговијата повторно заживува. Се гради и теснолинејката која ќе го поврзе Кичево со Охрид. Зградата на поранешната железничка станица сè уште постои и се наоѓа на 100 метри од чаршијата, а остатоци од шините до неодамна се познаваа. Подем добива и спортскиот живот. Овој период може да се окарактеризира некаков своевиден подем, но во основа зацрнет поради големосрпската пропаганда над населението. Во овој период од почетокот на векот до 1940 година чаршијата има над 200 дуќани и занаетчиски работилници, хотели, пекарници...

 
Владимир Полежиноски

Во неверојатно тешки услови, овој регион ја дочекува фашистичката окупација во 1941 година. Кичевско потпаѓа под италијанска окупација. Но Кичево нема да ги изневери старите револуционерни обичаи. Од градот и околината се произлезени многу партизани. Во октомври 1941 година, Кузман Јосифовски - Питу го формира месниот комитет на Комунистичката партија, во кој подоцна станува член и еден од најистакнатите кичевчани на сите времиња, д-р Владимир Полежина (Полежиноски). Во почетокот Кузман Јосифовски не се сложил Полежина да влезе како член на КПЈ, бидејќи сметал дека партијата е на работничката класа, а интелектуалците како него, доктор на правни науки, не може да бидат членови. Сите кичевски првоборци се залагале за Полежина да биде член. По заедничката средба, Кузман Јосифовски сфатил дека Полежина како убеден демократ и антифашист треба да биде член на КПЈ. На 15 декември 1941 година е формирана првата месна организација на СКЈ во село Карбуница.

11 септември – ден на ослободувањето на Кичево

уреди
 
Спомен-биста на Мирко Милески

На 11 септември 1943 година, непосредно по капитулацијата на Италија, партизанските единици по жестоки борби го ослободуваат градот Кичево.[2] Со тоа Кичево стана првиот слободен град и слободна територија заедно со Дебрца во Македонија. Ова е првото ослободување на Кичево кое во наредните месеци уште неколкупати ќе биде окупирано и ослободувано. Во градот била формирана народна власт во која учество зеле претставници од сите националности кои живееле во градот. За првпат на дело се почувствувала заедничката слобода. На 26 септември е одржан голем народен митинг. На балистичките водачи им била простена соработката со италијанските и германските фашисти и дури им било доверено чување на границата кон тогашна фашистичка Бугарија во околината на Бигор Доленци. Лојалноста на овие единици била многу кратка. За помалку од еден месец од правец на Гостивар започнува масовен германски напад кон слободната територија која е бранета на планината Буковиќ од малубројната, но силно мотивирана чета на чело со Мирко Милески која во таа прилика е збришана. Предадени и изневерени од балистите и со поддршка на бугарската авијација, партизаните биле принудени да се повлечат кон Копачка и на 2 октомври 1943 година Кичево е повторно окупирано. Накратко, од 1 до 6 ноември 1943 Кичево повторно било ослободено,[3] а конечно било ослободено на 15 ноември 1944 година.

Со историскиот референдум на 8 септември 1991 година, Македонија станува независна држава, со изградба на повеќепартиски систем и пазарно стопанство, а Кичево влегува во системот на транзиција.

Местоположба

уреди

Кичево се наоѓа во западниот дел на Република Македонија, сместен во Кичевската Котлина, која претставува јасно обликувана природна целина, опколена од сите

 
Плоштадот во Кичево

страни со високи планини. Припаѓа на горното сливно подрачје на реката Треска, на северната страна допира до превојот Стража, на западната страна се издига планината Бистра, на јужната страна по долината на реката Треска се протега до Илинска Планина, а на источната страна допира со јужниот дел на областа Порече. Градот Кичево, како урбан центар, се наоѓа на надморска височина од 625-650 метри. Останатите населени места се наоѓаат на надморска височина од 600 до над 1000 метри.

Што се однесува до површината, административно до 2013 година Општина Кичево покриваше најмал дел во споредба со другите општини, односно 49 км2, што претставува 5,9% од вкупната површина во Кичевската Котлина и другите области кои гравитираат околу Кичевско. Според бројот на жители, Кичево беше најголема општина, со 52,5% од вкупниот број на жители во регионот, сè до 2013 година кога општините Другово, Вранештица, Зајас и Осломеј се припоија кон Општина Кичево.

Клима

уреди
 
Кичево и Китино Кале

Кичевскиот регион се наоѓа под влијание на топло континенталната и планинската клима. Зоната на влијание на топло континенталната клима во Република Македонија е во висински појас од 600 до 900 м н.в. што значи во ова климатско подрачје во Кичевскиот регион се наоѓа градот Кичево и поголем дел од населените места, а планинските подрачја се под влијание на планинската клима. Годишната средна температура во потесното градско подрачје изнесува 10,7 °С при што апсолутниот месечен максимум на температурата изнесува 40,5 °С додека апсолутниот месечен минимум изнесува - 23 °С. Средната годишна максимална температура изнесува 17,1 °С, а средната годишна минимална температура изнесува 5 °С .

Наведените климатски и други природни услови во анализираниот регион влијаат ограничувачки на развојот на одредени овошни видови и овозможуваат одреден развој на други овошни видови. Релативно умерената и стабилна влажност на воздухот (74%) и топло континенталната клима овозможуваат одгледување на јаболчестите овошни видови (јаболка и круша), како и поволни услови за одгледување на некои од коскестите овошни видови (вишна, цреша, слива).Исто така постојат услови за одгледување и на оревот и костенот. Ограниченоста на површините кои се наводнуваат и слабата количина на врнежи во последните години делуваат негативно на развојот на јаболчестите видови на овошки. Јаболката, па и крушата бараат висока влажност на воздухот и многу вода па затоа условите за нивно одгледување се најповолни покрај реките, водотеците и на површини кои се под систем за наводнување. Црешата и вишната се овошни видови кои не се многу пребирливи во однос на климатските услови и успеваат и на поголеми надморски височини што е многу значајно за регионот со оглед на неговата надморска височина. И покрај релативно добрите услови за одгледување на повеќе овошни видови, овоштарството во регионот во овој момент не претставува позначајна земјоделска гранка. На тоа влијае пред сè слабата организираност на производството и пласманот, во однос на „специјализираните" региони за одредени овошни видови (а во кои постојат и релативно подобри услови за одгледување на тие овошни видови). Сегашната состојба со овоштарството во кичевскиот регион (во кој под овоштарство постојат само 75 ха) покажува за стагнацијата на оваа земјоделска гранка во регионот. Споредбата со состојбата од пред десетина години кога под јаболка имаше околу 400 ха и под вишна околу 200 ха ја покажува тенденцијата на намалување на значењето на овоштарството како гранка во анализираниот регион.

Население

уреди

Во турскиот пописен дефтер од 1467/68 година, Кичево било центар на Кичевската нахија (Nahiye-I Kirçova) и имало вкупно 217 семејства, од кои 145 христијански семејства, 13 неженети, 28 вдовици христијани, како и 30 муслимански семејства.[4]

Во 1530 година, Кичево имало 250 куќи и околу 1.250 жители. Градот од мала населба полека се развивал и прераснувал во урбан центар, така што низ годините интензивно бележи константен пораст на населението.

Население во минатото
ГодинаНас.±%
19487.280—    
19539.567+31.4%
196110.324+7.9%
197115.393+49.1%
198122.479+46.0%
ГодинаНас.±%
199121.364−5.0%
199425.129+17.6%
200227.067+7.7%
202123.428−13.4%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Кичево живееле 4.844 жители, од кои 1.200 Македонци христијани, 3.560 Македонци муслимани и 84 Роми.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Кичево имало 1.504 Македонци христијани, од кои 1.440 биле егзархисти и 64 патријаршисти.[6]

Според пописот од 1931 година, Кичево имало 6.328 жители, а Кичевскиот срез како дел од Кралството Југославија имал 32.101 жител, од кои 21.350 Македонци, 10.064 Албанци и 687 останати.[4]

Во првиот организиран попис на СФР Југославија од 1948 година, во Кичевскиот срез имало 37.497 жители, од кои 7.280 во градот Кичево, а 30.217 во селата (Кичевија, Копачка, Рабетин-кол). Од етнички аспект, населението го сочинувале 22.738 (60,6 %) Македонци, 12.402 (33 %) Албанци, 1.797 (4,79 %) Турци, 242 Срби, 74 Роми и 244 останати.[7]

Пописот од 1991 година не бил целосно одржан во градот Кичево, бидејќи дел од неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, во градот нема целосни податоци.[заб 1]

Етнички групи

Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 27.067 жители и спаѓал во групата на средни градови.[8] Етнички гледано, населението е составено од:[9]

Етнички групи[9]
Македонци
  
55,53 %
Албанци
  
28,23 %
Турци
  
8,89 %
Роми
  
4,91 %
други
  
1,83 %
Срби
  
0,30 %
Власи
  
0,28 %
Бошњаци
  
0,02 %
Народ Вкупно Удел (%)
Македонци 15.031 55,53
Албанци 7.641 28,23
Турци 2.406 8,89
Роми 1.329 4,91
Власи 75 0,28
Срби 82 0,30
Бошњаци 7 0,03
други 496 1,83
Јазик

Во градот се зборуваат следниве јазици[9]:

Јазици[9]
македонски
  
62,55 %
албански
  
28,21 %
турски
  
8,07 %
други
  
0,44 %
ромски
  
0,42 %
српски
  
0,23 %
влашки
  
0,06 %
бошњачки
  
0,03 %
Јазик Вкупно Удел (%)
македонски 16.931 62,55
албански 7.635 28,21
турски 2.183 8,07
ромски 114 0,42
влашки 16 0,06
српски 63 0,23
бошњачки 7 0,03
други 118 0,44
Вероисповед

Во Кичево се застапени следните религиски групи[9]:

Религија[9]
Православие
  
55,93 %
Ислам
  
43,44 %
други
  
0,50 %
Католицизам
  
0,13 %
Протестантство
  
0,004 %
Вероисповед Вкупно Удел (%)
Православни 15.139 55,93
Муслимани 11.759 43,44
Католици 34 0,13
Протестанти 1 0,004
други 134 0,50

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Кичево:

Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. б.п.[10] Вкупно
1948 7.280
1953 3.747 232 4.749 54 4 484 297 9.567
1961 6.809 681 2.079 394 361 10.324
1971 9.900 2.284 2.041 17 305 846 15.393
1981 13.236 4.516 2.175 304 5 203 2.040 22.479
1991 15.569 799 2.473 1.642 7 217 657 21.364
1994 15.255 5.902 2.175 1.235 15 96 451 25.129
2002 15.031 7.641 2.406 1.329 75 82 7 496 27.067
2021 12.687 5.110 2.069 1.775 67 49 8 164 1.499 23.428

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Стопанство

уреди

Главно обележје на стопанството во регионот му дава Рударско-енергетскиот комбинат „Осломеј" кој е со капацитет од 660.000 квч годишна продукција и е прв објект од ваков вид изграден во Република Македонија. Во Кичево е доста развиена трговијата, а најпознати стопанско-индустриски објекти се поранешниот рудник за железо Тајмиште (сега има производство на здрава храна), рудникот за јаглен и термоелектрана Осломеј, фабриката Тане Цалески. Градот Кичево и Кичевско се познати и по најдобриот и највкусниот бурек на Балканот, а кичевчани се и најпознатите пекарници и фурнаџии во Белград. Кичевчани својата долга историска пекарска традиција ја продолжуваат со изградбата на Жито Караорман АД Кичево во 1952 година. На почетокот се формирала мелница „Караорман " во кој имало 35 вработени и основна дејност била сместување на пченица и производство на брашно. Во 1962 година 8 маалски пекарници од градот заедно со „Крушино" и „Клас" го здружуваат капиталот и средствата и формираат филијала на претпријатието Жито Македонија во Кичево. После 17 години т.е. во 1979 година изградена е нова индустриска пекарница која ја опслужувале 210 вработени и која имала капацитет од 24.000 парчиња на леб.

 
Кнежинскиот манастир „Свети Ѓорѓи

Туризам

уреди

На само 3 километри од центарот на градот на падините на Бистра се наоѓа познатото излетничко место Крушино. Во центарот на градот се наоѓаат остатоците од средновековниот град Китино Кале. Исто така веднаш по Крушино на само 6 километри се наоѓа селото Кнежино и манастирот Св. Ѓорѓија.

Главна статија:Кичевски манастир“.

На околу 9 километри јужно од Кичево, на регионалниот пат кон Битола, се наоѓа манастирот „Св. Богородица Пречиста - Кичевска“, најголемиот духовен центар во Кичевско, како и еден од најпознатите христијански и воопшто верски храмови во Македонија. Сместен e планината Цоцан, на надморска височина од 920 метри. Според преданијата на местото на некогашниот древен храм, во близината на светата чешма, која и денес ја посетуваат оние кои веруваат во исцелителната моќ на нејзините води, во 1316 година е изграден манастир посветен на Пресвета Богородица.

Знаменитости на градот

уреди
 
Риза, елече и престилка од кичевскиот крај; Етнографскиот музеј во Бургас, Бугарија

Китино Кале

Главна статија:Китино Кале“.

 
Китино Кале

Кичевското кале, попознато како Китино Кале, е возвишение во Кичевската Котлина кое е видливо од поголемиот дел од котлината. Истовремено тоа е центар на градот Кичево. Моментално е парк (во прилично незавидна состојба), со спомен костурница. Но, од најстари времиња, па сè до средината на XIX век ова место било населено во континуитет, со помали прекини.

Китино Кале е причината поради која што постои и Кичево. Името „Китино“ го носи веројатно последниве 700 години, поточно од крајот на 14 век. Легендата говори за Кита, кнегиња и сестра на Крале Марко. Според неа, Кита тука имала свое кале, тврдина (дворец) од каде владеела во името на нејзиниот брат со овој регион. Иако Кита досега не е потврдена со пишан или материјален историски извор, сепак преданието за неа е толку силно кај самите кичевчани што скоро и да се чувствува нејзиниот дух во секоја улица и сокак на градот Кичево.

Китино Кале претставува питомо ритче со кружна основа зарамнето озгора, високо до 20 м над источното подножје и реката (633 м н.м.). На западниот крај се поврзува преку ниско и широко седло со рамницата, во која се соединуваат рекичките Осојска, Зајашка и Темница формирајќи ја Велика. Тука израснало јадрото на средновековниот и денешен град Кичево.

Најстари остатоци

уреди

Непосредно крај западното подножје на калето поминувал прастариот пат од Скопје и Полозите кон Охрид на југ и Прилеп на исток (античкиот пат СкупиЛихнид). Веројатно во римско време на калето бил изграден крајпатен кастел за контрола на патот. Оваа тврдина постоела на крајот од антиката; најдени се монети — една остава закопана по средината на 3 век, потоа единични парчиња од 4 и 6 век (во Археолошкиот музеј - Скопје).

Средновековни остатоци

уреди

Градот Кичава бил изграден врз постарите остатоци, на површината од околу 150 х 100 м. Во турско време покрај тврдината постоела и голема цивилна населба, која прераснала во денешниот град. На просторот на старата крепост денес е уреден градскиот парк. Археолошки ископувања тука не се вршени. Во 1929 г. најдени се 302 сребрени монети од 14 век (српски и венецијански; во Народниот музеј, Белград). Калето е видливо од цел град. Се наоѓа во источниот дел од котлината во подножјето на планината Илиница. Од неа го дели Зајашка Река. Издигнато е на дваесетина метри над останатиот град и со надморска висина од околу 650 метри. Тврдината која постоела во антиката веројатно ја задржала конфигурацијата и подоцна, со мали измени. На површина се распознаваат барем 5 или 6 кули (+2 на влезната порта). Должината на обѕидието е околу 440 метри, простор од околу 1,5 хектари. Веројатно низ времето била доградувана. Изградена е од кршен камен носен од подножјето на Илиница и малтер. Стариот каменолом се гледа и денес. Особено забележлива е западната кула која се одвојува, како по својата зачуваност, така и по својата масивност. Останатите, за жал, се во очајна состојба. На места се забележуваат делови од бедемите, особено од север. Тврдината постоела пред 150-170 години кога била изгорена и запустена по ликвидацијата на власта на озлогласениот Хамза-паша со османлиските власти. Во тоа време тој живеел тука, а се спомнува дека го служеле дури 400 луѓе. По разорувањето на тврдината луѓето почнале нејзиниот камен да го користат како градежен материјал. Така тврдината уште повеќе се уништила. Пред половина век, при уредувањето на просторот користена е механизација и еден дел од ова археолошко наоѓалиште неповратно е збришан и уништен. Денес таа одвај се гледа, па не е чудно што некои и не знаат дека постоела.

Тврдината било клучното место за контрола над Кичевската Котлина. Околу неа многупати се кршеле копја за нејзина контрола. Ја чувале неколку околни контролни тврдини кои навреме алармирале за напад. И оваа и тие тврдини биле дел од одбранбениот систем од над 500 тврдини кои во средновековието опстојувале на тлото на денешната територија на Македонија. За илустрација колку бил добар системот на одбрана, ако било нападнато Скопје, во Битола знаеле за помалку од еден час, што за денешни сфаќања за тогашната технологија е сензационално, но всушност многу ефикасно и едноставно функционирал овој систем.

Случајно на тлото на Китино Кале се пронајдени фино делкани мермерни столбови кои укажуваат на постоење на црква. На врвот на тврдината постоел дворец во кој живеел управникот на тврдината и областа. Можно е овој дел да бил преграден, со што самата тврдина се делела на два дела. Подолу, во делот на денешниот парк биле воени згради и збег за околното население во случај на опсада. Кај денешниот водовод постоела стара цистерна за вода, дождовница. Преданијата говорат и за подземен тунел кој бил користен за бегање во случај на пробивање на ѕидините. Тунелот излегувал кај месноста Чука. Неговото постоење е многу веројатно. Под калето има пештера која не е истражена.

Тврдината имала воена посада по доаѓањето на Османлиите на овие простори во 1385 година. Нејзината улога особено пораснала за време на востанието на Скендербег кога големи воени единици биле сместени на овој простор за дејствување против востаниците. По освојувањето на тврдината во Светиград (денешен Коџаџик), значењето на кичевската тврдина се намалило и станала помалку значајна.

 
Спомен-костурницата на паднатите борци во НОБ од Кичевско

Спомен-костурница

уреди

Во 1968 година на Китино Кале изградена е спомен-костурница за околу 500 паднати борци во НОБ (1941-1945) од Кичево и Кичевско. Костурницата и релјефот се изработени од македонскиот вајар Јордан Грабулоски, сопруг на Искра Грабулоска, кичевчанка и ќерка на Борис Спиров, лекар од Брждани и втор претседател на македонското Собрание. На местото каде што е изградена костурницата постоела убава цитадела која конечно е разрушена околу 1850 година во еден бунт на кичевскиот бег кој се одметнал од Османлиското Царство. Во таа цитадела во средновековието и антиката живееле управниците на градот заедно со војската која го контролирала патот и околината. Легендарната Кита, сестрата на Крал Марко живеела токму тука и веројатно била последната христијанска владетелка на кичевските простори. На местото на денешната спомен-костурница во минатото имало три споменици, изградени од срушени од различни власти. Во 1920-тите години на калето бил подигнат споменик на српскиот крал Петар I Караѓорѓевиќ. За време на Втората светска војна, тогашните привремени власти го отстраниле претходниот споменик и на негово место го поставиле споменикот на Скендербег. Не смениле ништо друго. Овој споменик останал кратко и по ослободувањето во 1945 година. Иако Скендербег има традиција на почитување кај сите луѓе на овие простори, тој подоцна сепак бил тргнат. Подоцна, на истото место е поставен грандиозен споменик на народниот херој - кичевчанката Олга Мицеска. Овој споменик во тоа време бил еден од најголемите во Македонија. Олга Мицеска на само 17 години загинала во четата заедно со Мирко Милески во одбрана на единствената слободна територија на Буковиќ во 1943 година. Споменот кај кичевчани за оваа девојка секогаш останал силен. Овој споменик бил во форма на хероина која ја најавува слободата. Но во 1960-тите години овој споменик срушен бидејќи тогашните градски власти оцениле дека е неморален поради разголеноста на девојката што било спротивно од комунистичкиот режим. Иако оваа постапка наишла на неодобрување кај населението, споменикот бил урнат и до ден денес негови остатоци можат да се најдат расфрлани низ калето.[11]

 
Музејот во Кичево

Музеј „Западна Македонија во НОБ“

  • Од посебно значење е што во текот на Втората светска војна во денешната зграда на музејот престојувал Главниот штаб на Народноослободителната војска на Македонија. Постојаната поставка во музејот ни ја прикажува борбата на македонскиот народ за слобода во XIX и XX век, низ документи составени од автентични материјали, предмети, фотографии, скици, карти, знамиња, макети, текстови. Поголем дел од музејот им е отстапен на фреските и мозаиците. Покрај историскиот дел, музејот е и во постојана потрага по археолошки предмети. Извршени се поголем број археолошки ископувања, особено на наоѓалиштата Кнежински манастир, Миокази и Карбуница. Музејот врши авторска и изложбена дејност и организира ликовни изложби. Формирана е и етнолошка збирка, која се состои од носии од Кичевијата од XIX век, предмети од покуќнина, народни ткаенини.
 
Малиот воз „Ќирчо“ поставен пред автобуската и железничката станица во Кичево

Возот Ќирчо

Првата железничка пруга која била изградена до Кичево е за време на Првата светска војна од страна на германските војски (Централните сили). Пругата била изградена од Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево па до Охрид. Нејзината примарна функција била достава на залихи за војските кои се бореле на Македонскиот фронт. Нејзината функција продолжила и после војната. Паметник за тоа време е вовчето „Ќирчо“ (познато и како Чајничето) кое денес стои кај железничката станица. Функцијата на пругата „теснолинејка“ продолжила и во наредните децении, а патувањето по неа било вистинска атракција за тогашното население иако траела долго за денешни услови. Подоцна еден дел од таа пруга е надградена за потребите на современите возови, еден дел (делот Кичево - Охрид) е исклучен од употреба и престанал да постои. Сè уште е нејасно по која логика било направено тоа. Кичево е еден од првите градови во Македонија (по линијата Скопје - Солун, 1878) кој добил железничко поврзување.

Образование

уреди
  1. ОУ „Кузман Јосифовски - Питу"
  2. ОУ „Санде Штерјоски"
  3. ОУ „Владимир Полежиноски - Бато"
  • Средно образование :
  1. ОСУ „Мирко Милески“
  2. ОСУ „Дрита"
  • Високо образование
  1. Правен факултет - Кичево (Универзитет „Свети Климент Охридски“ - Битола)
  2. Технолошко-технички факултет - Велес, дисперзирани студии - Кичево (Универзитет „Свети Климент Охридски“ - Битола)

Спорт

уреди

Во Кичево е актуелен фудбалскиот клуб ФК Влазрими кој се натпреварува во Втората македонска фудбалска лига.

Населби и маала

уреди
  1. 22 декември
  2. Бала Маало
  3. Бичинци
  4. Горица
  5. Горно Пашино
  6. Девеана
  7. Ивани Дол
  8. Календарица I
  9. Календарица II
  10. Коњски Ливади
  11. Карпош
  12. Ложионица
  13. Партизански одреди
  14. Пашино
  15. Подварош
  16. Под Крушино
  17. Чифлик


 
Панорама на Кичево


ЛичностиРодениЛичности

уреди

Личности

уреди

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Македонските градови во турско време, Зоран Сенев, Киро Герасимов, Кочани,2004,стр.34
  2. „11 септември – Ден на ослободувањето на Кичево“
  3. „Кичево и Кичевско во НОВ: документи“, Кичево, 1985, 193 стр.
  4. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.198
  5. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.255
  6. D.M.Brancoff. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, р.154-155.
  7. http://pop-stat.mashke.org/yugoslavia-ethnic1948.htm
  8. Стојмилов, Александар; Апостоловска - Тошевска, Билјана (2016). Социоекономска географија на Република Македонија (PDF) (II доп.. изд.). Скопје: Природно-математички факултет. стр. 91. ISBN 9989-668-50-7.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 9,5 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 април 2016.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. https://kicevo.mk/spomenicite-od-kitino-kale/
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во пописот.

Надворешни врски

уреди