Вознесение Христово

(Пренасочено од Спасовден)

Вознесение Христово, Ден на Спасителот или Спасовден — христијански подвижен празник кој се слави 40 дена по Велигден. Во Новиот завет од Светото писмо поточно во светото Евангелие според Марко опишано е и вознесението Христово: „А по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога. Тие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го окрепуваше словото нивно со чудеса, што се јавуваа. Амин!“ Така Исус се вознесол на небото, а неговите ученици се вратиле во Ерусалим каде што го прославувале и благословувале по храмовите.

Вознесение Христово
Спасовден
Ден на Спасителот
Вознесение Христово Спасовден Ден на Спасителот
Икона на Вознесението од 16 век
Го празнува(ат)Христијанските и нехристијански земји
Видхристијански
ЗначењеХристовото воскреснување
Датум40 дена по Велигден
Обичаиобредно пеење, ритуали

Празнувања и обичаи

уреди
Битуше

Празникот Спасовден секогаш се слави четириесет дена по Велигден. Датумот го менува, како и Велигден, но денот не. Секогаш се празнува во четврток. На Спасовден за последен пат во тековната година се вапцуваат црвени велигденски јајца, а бојата од котлињата или тенџерињата во кои изминатите 40 дена се вапцувале велигденските јајца се истура во чиста вода во селската река. Котлето или котлињата се измиваат и се оставаат на сигурно место, до идната година на величетврток. Во претпладневните часови на Спасовден се оди на празничен излет во месноста Покладишќа, каде што сега е изграден мошне убав црковен храм „Св. Спас“. Се носат црвени велигденски јајца нешто за пиење и јадење, се посетуваат лековитите изворчиња и чешмичиња, при што во водата за здравје се фрлаат метални парички. Овде се кршат и јадат последните црвени велигденски јајца. По убаво поминатиот претпладневен излет на враќање за дома се кинат билки и се кршат гранчиња со штотуку формирани оревчиња. Потоа се оди на пладневна литургија во селската црква, каде што пред иконостасот се остават ореовите гранчиња, симболично означувајќи го формирањето на плодовите на родните дрвја. Вечерта се оди на ракија во куќите во кои има крстено име Спасе.[1]

Вевчани
 
Вевчанци на Спасовден во црквата „Св. Спас Горни“ во 1927 година

Спасовден во Вевчани се слави трипати во годината и тоа како пролетен, есенски и зимен празник. Во сите тие денови обичај е да се оди во манастирот Св. Спас (Горни). Таму се ноќева, се принесуваат дарови кои потоа се лицитираат и продаваат како приход за манастирот. Свети Спас се смета како заштитник на селото можеби затоа луѓето вовеле уште два празнични денови за него. Зимскиот празник е воспоставен заради печалбарите, а есенскиот за здравје на добитокот. Тоа се случило многу одамна кога во селото настанал помор на добитокот. Заради неговата заштитничка моќ, култот кон овој светец се проширил и кај другите жители од околните населби, особено во селото Велешта кое е од исламска вероисповед. А еве како се случило тоа: Во селото Велешата пцовисувале кравите. Некој велештанец си работел на нивата ноќе. Одеднаш забележал како се дигнал син пламен од над Велешта и се упатил над полето вевчанско. Тогаш одозгора од кај планината над Вевчани му се пуштил црвен пламен. И тие двата се тепале, се тепале како петли кога се бијат. Тогаш синиот пламен паднал на земјата, а црвениот се вратил назад кон планината. Утредента уште рано во Вевчани дошол човекот кој го видел тоа и им го раскажал на Вевчанци. А тие го прашале: „Веруваш ли ти во тоа?“ „Зошто да не верувам, рекол тој, кога јас го гледав цело време“. „Е, ако уште не ти пцовисале кравите твои да ги донесеш во Вевчани“, му рекле луѓето. Човекот го сторил тоа и така си ги спасил кравите.[2]

Со празникот Спасовден се поврзани голем број обичаи и верувања од кои поголемиот број имаат претхристијанско потекло. Во таа смисла истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанскиот период се празнувал празникот на божеството Спас, кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите.

Во таа смисла е и песната „Свети Спас го обиколува полето" во која се опева токму ваквата улога на светецот што ја наследил од старото паганско божество.

Свети Спасе зелен класе! Свети Спасе коња кове, коња кове за полето, да си иде ју полето, да си види берикето, арен ли е, добар ли е, или си е како што е? Море мале, стара мале, есеното са класуе, пролетното са никнуе. Љутен ојде смешен дојде, свети Спасе зелен класе!

На овој ден луѓето ги посетуваат црквите што го носат името „Свети Спас" и носат разни подароци. Некои за здравје преспиваат под иконата, а други кога ќе се разболат се ветуваат (се таксуваат) дека еден период ќе служат во црквата. Во радовишкото село Ињево, како што е забележано во некои записи, на овој ден се правел голем собор. За курбан се колел бик кој се готвел на сретселото и се послужувале сите присутни. Во Гевгелиско пак, се верувало дека Свети Спас е тежок празник и аталија, дека тој може да спаси, но и да казни. Луѓето што одгледувале свилена буба на овој ден береле шума и кога ќе дојдело времето на свилената буба да и се дава шума најпрвин ја давале шумата набрана на овој ден.

Меѓу верувањата поврзани со овој ден се и оние запишани од М. Цепенков. Имено тој на едно место запишал дека „нефелало да се работи навечер од Велигден до Спасовден, за да биди добар бериќетот и да не биди скапија", а на друго место во врска со баењата запишал дека водата од Кривата Воденица што се наоѓала на патот кон Магарево, најлековита била од Величетврток до Спасовден. „Од ден Величетврток ќе заватат да одат кај Кривата Воденица битолчани и од селата да се мијат од водата и да се вртат на колцето, до ден Спасоен".

 
Вознесение Христово, фреска од XI век од црката „Св. Софија“ во Охрид

Во еден запис за црквата „Свети Спас" во Штип се вели дека е изградена „во времето на македонскиот цар Константин во втората половина на ЏИВ век, поточно во 1369 година", односно дека е изградена од Димитар, војвода на Константин, а Константин во 1388 година и подарил на црквата неколку села заедно со селаните. Во овој запис уште се истакнува дека на празникот Спасовден камењата на црквата однадвор ги завивале со волнени конци. Тоа го правеле жените без деца коишто верувале дека Господ ќе ги удостои со рожба ако на празникот црквата ја замотаат со волнени конци.

Во минатото интересни обичаи поврзани со овој празник се одржувале во Голо Брдо, област со македонско население што по поделбите на Македонија останала во Албанија. Во селото Дренок на Спасовден носеле крсти (литии). Секоја куќа крстите ги пречекувала со софра на гумното. На софрата задолжително имало леб, а врз лебот каленица со пржени јајца со сирење. Лушпите од јајцата ги ставале на гранки и ги фрлале во оган „за од очи", но и за црви да не го јадат пиперот. Поворката со крстите трипати обиколувала една смрека, каде што имало и капела, а учесниците во обредот земале од смреката по едно парче кое им служело за лек, кога некој ќе се разболел го каделе со тоа дрво. На Спасовден литии носеле и во селото Стеблево. На секоја нива крстите ги чекал домаќинот, а попот пеел молитви. Во секој дом пак, имало поставена трпеза. Тоа го правеле и христијаните и муслиманите. Кај местото Чукнитопан поворката одмарала, а тука се играло и оро. Местото така го викале бидејќи некогаш тука имало стража која со удирање во тапан давала знак дека патот низ Дервен (над Јабланица), што водел од Голо Брдо кон Струга е слободен.

Кога станува збор за празникот Спасовден и народните обичаи и верувања поврзани со него, интересно е празнувањето на четвртоците од Велигден до Спасовден што се викаат Велики четвртоци. Тогаш не се работи особено не се прега јарем, за да не го уништува град полето. Ова верување е остаток од претхристијанскиот период кога кај Словените четвртокот бил ден посветен на врховното божество громовникот Перун и бил нарекуван Перунов ден. Овие пагански верувања црквата настојувала да ги искорени и преку свештениците постојано му укажувала на народот.така на пр. Кирил Пејчиновиќ во своето дело „Огледало" на овој проблем му посветил поголемо внимание. „Во едно село видох поп ореше во четврток, а прости сиромаси христијани некнижни отидоа да му строшат ралото и го учат попотого, му велат: „Денеска ли најде да работиш, поп чоек и книга знаеш!" И попот им вели това: „Дека знам книга, знам зошто не се држит денес. Ем сом прашал духовници, сом прашал и владика, ми рекле: четвртоци не се држат, ни петоци, салт недели и други велики празници.„ Они му велат: „Кога така, от сега не слушамо никого, ни духовник, ни владици, салт што сме нашле ќе држимо. Кога ќе ни утепат град, попови што ќе ни поможат после и владици? И ти попе ако држиш ка што држимо мије, ако ли не, а ти стани од селово, мије таков поп неќемо." Пак попот виде не виде стори се каил да држит како ќе го учат мирјаните. Со све знаеќи, се стори ка да не знае, со све очи се стори како слеп, отиде не слеп по слепого, туку окат по слепого, помниште ради суетнаго века сего. Олеле безумие! Олеле безверие! Олеле безстрашие!"

И јеромонахот Јосиф од Кичевскиот манастир Пречиста во една беседа кажувана во цветоносната недела против некои суеверија што фатиле корен меѓу народот, ги споменува и величетвртоците чие држење како празник, исто така го нарекува суеверие. Во ова беседа објавена во цариградскиот весник „Новини" во 1893 година се вели: „А за празниците Господски од неделите башка сме разбрали оти појќето рисјани не прашуат попот, али некој книжоен црковник, да им кажет кои сет за држење кои не, туку сами по свое знаење си наредиле и свои празници: Летник (1-иј март), Чуруци (Св. м-ци Кирик и Јулита). Седум величетвртоци по Велигден за град да не биел по бериќетот, Прокопија, за да не се прокопат седбите..." Итн.

Очигледно е дека празникот Вознесение Христово - Спсовден е голем празник кој има значајно место во животот на нашите православни христијани. Но очигледно е дека во народните верувања поврзани со овој период од годината среќаваме остатоци од претхристијанско време, многу суеверие кое се одржало до денес и покрај настојувањето на црквата да го искорени. Сепак дури во најново време овие суеверија исчезнуват со забрзано темпо зашто „наглавата урбанизација ги корне древните обичаи посилно од секаква проповед."

Наводи

уреди
  1. „Битуше, празници, традиции, верувања“, 2006.
  2. „Светилиштата во Вевчани“ од Анастас Ќушкоски, Струга 2002.

Надворешни врски

уреди