Охридска архиепископија
- Оваа статија е за историската претходничка на МПЦ, за останати значења видете Охридска архиепископија (појаснување).
|
Охридска архиепископија — првата словенска православна црква што дејствувала на голем дел од Балканскиот Полуостров, која се смета за историска составница на Македонската православна црква во Македонија.[1][2][3][4]
Историја
Теории за настанокот на Охридската архиепископија
Поновата теорија за постанокот на Охридската архиепископија тврди дека таа е идентична со поранешната Архиепископија Јустинијана Прима која била основана од Јустинијан I во 535 година, во неговото родно место. Оваа теорија се задржала доста долго време, поточно сè до укинувањето на Охридската архиепископија (1767).
Во XIII век се појавила една сосема нова теорија за името и за правната положба на Охридската архиепископија според која Архиепископијата е исто што и некогашната Архиепископија Јустинијана Прима, па затоа и привилегиите издадени од цар Јустинијан во 11 и 131 новела на Архиепископијата на Јустинијана Прима важат и за Охридската архиепископија. Оттогаш и меѓу византиските историчари од тоа време се формира мислењето дека потеклото на Охридската архиепископија се основа на 11 и 131 јустинијанова новела. Според Цахарие оваа теорија ја измислил некој клирик од Охридската архиепископија. Х. Гелцер изнел свое мислење, според него, таа се појавила некаде во средината на XII век, во времето на охридскиот архиепископ Јован Комнин. До таков заклучок дошол бидејќи Јован е прв од охридските архиепископи кој се потпишувал со титулата Архиепископ на Јустинијана Прима. Веќе 1157 година постои негов потпис.
Б. Проќиќ истакнува дека се наоѓа и еден податок во кој се зборува за новата теорија, во која се вели дека по освојувањето на Охридското Царство во 1018 година царот Василиј II Охридската архиепископија ја утврдил како автокефална, бидејќи од уредбите, т.е. од 11 и 131 новела на цар Јустинијан I, дознал дека Охридската архиепископија е исто што и Архиепископијата на Јустинијана Прима. Иако поновата теорија била измислена да се прикаже високото византиско потекло на Охридската архиепископија сепак нејзините архиепископи никако не сакале да се подложат под јурисдикција на вселенскиот патријарх во Цариград, туку жестоко ја бранеле автокефалноста на Архиепископијата. Покрај тоа, тие нагласувале дека Охридската архиепископија ја издигнал на степен самостојна и независна црква Јустинијан I и тоа од римскиот папа, под чија јурисдикција била сè до 535 година.
Црковни почетоци
За време на владеењето на царот Јустинијан I (527 — 565), кој потекнувал од местото Тауресиум (денешен Таор), близу до денешното Скопје, бил изграден нов град наречен Јустинијана Прима, во близината на родното место на царот. Скупскиот митрополит бил издигнат на ниво на автокефален архиепископ. Кателијан бил првиот архиепископ на архиепископијата Јустинијана Прима. Останати познати архиепископи се Бененат, Павле, Јован I, Леон и последниот Јован IX, кој во 680/681 година учествувал на Трулскиот собор во Цариград.
Црковна традиција наметната од Јустинијана Прима ја наследува Свети Климент, како прв словенски епископ воопшто во светот. Според пишаните документи од средновековна Македонија, т.е. житија, средновековните Македонци како духовни водачи ги спомнуваат деволските (охридските) епископи, а цариградскиот или преславскиот патријарх никогаш не се спомнати и целосно се игнорирани, што јасно укажува дека Македонија имала црковна автономија во тој временски период.
Потоа, таа црковна традиција ја наследуваат епископите на македонските склавинии односно кнежевства. Познато е дека секое средновековно македонско кнежевство, склавинија, имала свој епископ. Забележано е дека дури на Цариградскиот сецрковен собор 879, заедно со водачите на сите помесни цркви, рамноправно учествувале и епископите на македонските кнежевства, но во пишаните документи е задржано само името на Епископ Петар од Драговитија, кнежевството на Драговитите.[5]
Бугарска управа
Во IX век, делови на Македонија потпаѓаат под бугарска власт. Тогаш, за да ја признае бугарската црква, римскиот папа му наредил во 866 на бугарскиот цар Борис секој народ во неговата држава да избира свој епископ, а сите епископи да избираат архиепископ на Бугарија. Целото папско правило гласи: „Episcopos gentium singularum scire convenit, quis inter eos primus habeantur, quem velut caput existiment et nihil amplius praeter eius conscientiam gerant etc”.[6] Бидејќи Северна и Централна Македонија била под власта на Бугарија, само за тие области од македонската етничка територија, се избирал заеднички епископ од македонско потекло.[7] Но, тоа правило се почитувало дури од последната деценија на IX век. Инаку, македонските склавинии кои биле под Византија, како на пример Драговитија, си ги задржале своите епископи. Како последица на тоа, Бугарија ја спровела наредбата. Кон крајот на IX век, бугарскиот цар Борис I ја одвојува Македонија како посебна единица со свои епископи кои не биле бугарски ни цариградски[8] и за управник на македонската автономна област го назначува Св. Климент.
Рускиот славист Туницкиј според Краткото житие на Св. Климент и Џуканжовиот список тврди дека македонските автономни области тнр. Кутмичевица ја зафаќале територијата на Македонија до Солун на југ, на запад до јадранскиот брег, додека северната граница не може авторот да ја определи[9]. Св. Климент, македонскиот етнички простор го поделил на 12 околии [10], каде службен јазик и писмо бил словенскиот, а црковниот клир бил ослободен од плаќање даноци на Бугарија [11].
Наследниците на Св. Климент, духовни и граѓански управители на македонските автономни области ја носеле титулата „епископ на словенски јазик“ [5][мртва врска], каде што старословенскиот збор „јазик“ означува „народ“ т.е. етнос. По Св. Климент, имало уште 3 генерации словенски епископи, од кои зачувано е името на „епископ Марко на словенскиот народ“[6][мртва врска]. Сето ова доведува до заклучок дека македонското население било одделно од бугарското и останатото околно население.
Охридска патријаршија
Цар Самоил ја издигнува светиклиментовата црква на ниво на патријаршија, најверојатно во 996 година. За прв патријарх бил назначен Герман, чие патријаршко име е врежано во царската катедрала Свети Ахил на Голем Град.[12] За меѓународно признавање на новото царство и патријаршијата, потребен било благослов од центрите на христијанството, тогаш Цариград или Рим. Цариград не ја признал Самоиловата држава, па затоа тоа го направил папата Григориј V во година која не е точно утврдена (најверојатно 997 или 999 година). Според бугарската историографија, Самоил ја зграбил круната од Рим.[13] Но, бугарската историографија Рим го преведува со Византија, иако Рома значи Рим, а Византија се викала Ромeја.
Македонската држава добила македонска црква, што довело до создавање на две посебни патријаршии,[7] македонска и бугарска. Македонскиот патријарх во 998 е Герман[12], а на бугарскиот патријаршки преславски престол седи г.г. Глигориј[14]. Под јурисдикција на Охридската патријаршија се наоѓаат Тесалија, Епир, Албанија, Дукља, Травунија, Захумје, Рашка, Босна, Срем и подунавска Бугарија.[7] Во сѐ уште непознат временски период, Цар Самоил ја уништува бугарската патријаршија и ја сведува на ниво на митрополија Бугарија[15], па патријархот г.г. Глигориј се упокојува во 1016 година како „митрополит Бугарски“ Православен календар на БПЦ Архивирано на 3 февруари 2007 г. и како таков се слави од БПЦ. По укинувањето на Преславската патријаршија, Охридската патријаршија својата јурисдикција ја распостила врз сите освоени територии на средновековната македонска држава, меѓу кои Малта и Сицилија.
По пропаста на средновековната македонска држава, Василиј II ја инкорпорира Македонија во Византиското Царство, ги срушил световните и духовните обележја на средновековната македонска држава за народот да не се сеќава на славните времиња и затоа Македонија ја нарекува тема Бугарија, заедно со Србија, Албанија, Црна Гора, Панонија, па сè до Срем. Охридската патријаршија не ја уништува, туку и го намалува рангот на Автокефална Охридска aрхиепископија и дијацезата и ја намалува само на териториите од византиската тема Бугарија. Така, Охридската aрхиепископија станува главна црковна организација на „цела тема Бугарија“, односно на Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија. Од тогаш, охридскиот архиепископ се титулирал како архиепископ на цела византиска тема Бугарија, со епархии во Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
XII и XIII век
Охридската архиепископија, како рамноправен член на православната заедница на црквите, главно се раководела од два ерархиски принципи: свештенослужителскиот (ординис) и свештеноуправниот (јурисдикционос). Првиот принцип претставувал основна догма за нејзината структура и живот и бил носител на црковната власт. Извршните треби биле полноважни, без оглед дали се изрвешени од достојни или недостојни свештенослужители. Обратно, функциите и решенијата на свештеноуправата можеле да трпат измени, во зависност од условите во кои се донесени.
Врховно управно тело во Архиепископијата бил Светиот Архиерејски Синод, на чело со неговиот претседател. Во нормални услови Синодот обично заседавал еднаш годишно. Го свикувал и определувал местото на неговото одржување, претседателот, односно архиепископот. Теофилакт уште од болничка постела праќа писма и врши подготовки за одржување на синодски седници во Преспа. Не е точно познато колку архијереи го сочинувале Синодот, но по се изгледа дека нивниот број не бил постојан. И. Снегаров смета дека го сочинувале оние архијереи кои можеле да пристигнат кај архиепископот, бидејќи патувањето било тешко. Кога не постоела можност да се свика Светиот Архијереиски Собор, Синодот бирал и архијереи за испразнетите епархии. Не е сосема јасно дали членовите на Синодот ги потпишувале синодските акти. Од сочуваните синодски акти од времето на Хоматијан, ниту на еден не се наоѓаат потписи на членовите на Синодот. Само Синодот можел да лиши од свештенодејство, иако одлуката ја спроведувал архиепископот. Членовите на Синодот го сочинувале и црковниот суд при Архиепископијата. Синодот се титулирал со „Свети“. Светиот Архијереиски Собор го сочинувале сите архијереи во Архиепископијата. Всушност тој бил највисокиот управен форум, меѓутоа бидејќи пристигнувањето и присуството на сите архијереи било мошне тешко изводливо, прерогативите преминувале на Синодот. И во Синодот и во Соборот претседавал архиепископот. Тој ја претставувал Архиепископијата пред световните власти и пред останатите цркви во светот, со што бил чувар на нејзината автокефалност. Архиепископот поседувал оловен печат со кој ги потпечатувал сите соборни акти. Правата на епископ ги имал само во својата епархија и во стравопигијалните манастири. Се титулирал со "свјајтејши" или "блажењејши". Диецезата на Архиепископијата била разделена на епархии, со кои управувале епископи. Епископите во својата епархија ракополагале свештеници и монаси, односно тие и ги поставувале и ги разрешувале. Епископите не можеле да ракополагаат свештеници за туѓа епархија. Таква дејност, без дозвола на епархискиот епископ, немал право да врши дури ни архиепископот. Епископот управувал со сите цркви и манастири во својата епархија. Единствено харистикијата ги нарушувала правата на епископите и игумените во управувањето со манастирските имоти. Епископите морале да бидат безбрачни. За епископ можел да биде избран и свештеник, но само откако ќе добиел согласност од сопругата за разделба, или пак ако и таа стапела во манастир. Епископите се титулирале со "чесњејши" и "всесвјаштени". Епископот во својата епархија се поставувал за постојано, а секаквото преместување се сметало за незаконско. Меѓутоа, во праксата доаѓало до преместувања. Епархиите се делеле на протојерејствa. Нешто ново во овој период претставува воведувањето на протојереите во должност директно од архиепископот, и тоа со спрецијални грамоти. Протојерејствата се делеле на парохии, во кој работеле свештеници и ѓакони. Обично, епископот го придружувал протоѓакон, кој бил прв меѓу другите ѓакони. Во едно писмо од Хоматијан дознаваме дека како пречки за свештенички чин се сметале: незаконороденоста, душевната ненормалност и второбрачноста. Исто така, во свештенички чин немал право да стапи и кандидат кој по смртта на свршеницата ќе се оженел со друга. Но, ако умрената свршеница била малолетна, тогаш кандидатот можел да биде ракоположен. Посебно внимание привлекува црковното судство. Познати се аргиепископот и епархиските духовни судови. Најмногу се разгледувале црковни, бракоразводни и дисциплински дела, а потоа и спорови за наследство, сопственост и др. Во граѓанските дела пресудите имале арбитражен карактер. Од преписката на Теофилакт добиваме донекаде вистинска слика до кои граници феудалците се ползувале со судскиот имунитет. Се разбира дека апсолутен административен, финансиски и судски имунитет на феудалците, па и на Архиепископијата од централната власт, не може да се зборува.
Од изложеното произлегува дека Охридската архиепископија во својата управна структура, во соодветност со останатите православни цркви, ги поседувала сите управни тела и органи кои активно функционирале и ги обавувале своите должности, а тоа сведочи дека била самостојна автокефална црква, со достоен авторитет и постојана соработка со останатите автокефални цркви.
XIII — XVII век и укинување
По обновувањето на Бугарското Царство во 1185 година, од Охридската архиепископија се издвоиле епископиите од Бугарија, формирајќи ја Трновската патријаршија. За време на владеењето на Добромир Хрс и кнежевството на Стрез од 1185 па сè до 1214 година, тие имале потполна поддршка од Охридската архиепископија. Во 1218 година покрај Трновската патријаршија, се издвоила и Рашката епископија, така што се формирала Српската архиепископија. Од 1230 до 1280 година Охридската архиепископија изгубила голем дел од својата територија, која подоцна повторно ги повратила. За време на овој период Охридската архиепископија ја зачувала својата автокефалност и угледност. Архиепископот Никола, во 1346 година, учествувал на прогласувањето на српскиот архиепискот за патријарх и крунисување на Душан за цар.
Со паѓањето на Охрид и Македонија под Османлиска власт, Трновската и Пеќската патријаршија биле укинати, додека Охрдиската архиепископија продолжила да постои. Во тој период одиграла голема улога во зачувувањето на христијанството и била духовна поткрепа за македонскиот народ. Манастирите и црквите биле образовни центри, каде се негувала македонската писменост и култура, македонската варијанта на црковно словенскиот јазик од кој подоцна се развива македонскиот народен говор.
Охридската архиепископија истовремено од византискиот цар добивала дозвола за проширување на своите граници. Кон неа биле приклучени Софиската и Видинската епархија. До обновувањето на Пеќската патријаршија во 1557 година, во рамките на Охридската архиепископија влегувале делови од српската црква и делови од италијанските православни епархии.
Со освојувањата на Османлиите на балканот, автокефалноста на Охридската архиепископија била нарушена. Таа постојано била потиснувана од страна на Цариградската патријаршија. Во XV век црквата Св. Софија во Охрид (тогашното седиште на Охридската архиепископија), била претворена во џамија. Архиепископското седиште било префрлено во Климентовиот манастир Св. Пантелејмон, но по нејзиното претворање во џамија, седиштето на Охридската архиепископија било преместено во Св. Богородица Перивлепта. Многу други цркви во Македонија била претворени во џамии во тој период.
Во следниот период односите сè повеќе се заострувале. Цариградската патријаршија постојано вршела притисок врз Охридската архиепископија настојувајќи да ја има целосната контрола над неа. Со поставувањето на Цариградски патријарх во Костурската, Струмичката и други македонски епархии, односите уште повеќе се заостриле. На охридскиот престол бил поставен прогрчки архиепископ. По неговото протерување на престолот дошол митрополитот Арсениј. Со разни интриги, Цариградската патријаршија извршила голем притисок врз Охридската архиепископија, па таа во 1767 годинна на 16 Јануари, била укината. Митрополитот Арсениј бил принуден да потпише „доброволна“ оставка.
Охридската архиепископија и Македонците
Поданиците на Охридската архиепископија ја сметале и чувствувале истата како Македонска и таа всушност го ширела македонското име. Под јурисдикција на Охридската архиепископија била и Пеќската патријаршија, која за секоја своја одлука и решение требала да добие амин од Охридската архиепископија, како постара и подостојна црква. До XVII век, во сите територии кои биле под јурисдикција на Охридската архиепископија и подредената на неа Пеќска црква, е присутно македонското име, а тие територии биле нарекувани од нивните жители македонски предели.
Првиот српско-црногорски печатар од почетокот на XVI век, Божидар Вуковиќ во сите свои книги се титулира дека е од Подгорица, во пределите македонски [16]. Но, не само Божидар Вуковиќ, туку и многу писатели од Босна, Херцеговина, Србија, Далмација, во периодот по душановото царство, своите земји ги сметаат за делови на Македонија.
Во „Тримесникот“, печатан и напишан во Скадар, во XVI век од извесен г. Стефан, стои: „ја свршив оваа Божја книга во лето Христово 1563, месец декември, на К.Д., во пределите македонски, во родниот град Скадар...“ [17].
И учените од шопскиот крај на денешна Бугарија, со центар во Софија, ја сметале својата татковина како дел од Македонија. Во XVI век се познати двајца учени шопи Јаков Крајков „от пределех македонских“ и Јаков „от Македоние“.
Јаков од Софија на својот „Псалтир“ кој го испечатил во XVI век, напишал за себе: „Аз Јаков от пределех македонских, од места зовом Софија, Крајков син... И аште кому која потреба, в’схоштет от светих книг, то вса сија сут принесена в места Скопје, у Кара Трифуна.“
Јаков од Ќустендил (денешна Бугарија) во 1566 г. во поговорот на печатен псалтир запишал: „Изидох от Македоние, отч’ства моего и в’нидих в западних странах близ Рим, в град Венетиа, и тамо обретох стари калапи Божидара... И аз убо, Јаков родом и от’чством бех иже в подкрили великие гори Осоговцеј, близ Коласискаго [Коласија е старото име на Ќустендил. — Забелешка на Скаловска.], от места нарицаема Камена Река“.[18]
Бугарски ставови
Во Република Бугарија (и во некои небугарски извори) преовладува мислењето дека Охрдиската архиепископија е историска составница на Бугарската православна црква. Ваквите размислувања наоѓаат поткрепа во некои средновековни и денешни извори.[19][20][21][22]
Бугарските историчари тврдат дека Охридската архиепископија е бугарска црква поради тоа што нејзината надлежност била за „цела Бугарија“; но, под „цела Бугарија“ се подразбирало целата воедно-административна област на Византија однисно, темата Бугарија, која не ја опфаќала денешна Бугарија туку Македонија и Србија. Диецезата на Охридската архиепископија се простирала во Бугарија само на територијата која ја населуваа словенските племиња Торлаци и Шопи до градот Видин, што претставува десет отсто од територијата на цела Бугарија. Тоа го потврдуваат и Хрисивулите на Василиј II, каде зборува за „бугарскиот народ“ и епархиите на „цела Бугарија“ која се простира од Срем, цела Србија, делови од БиХ и Албанија, Црна Гора, чистословенските област на северозападна Бугарија до Видин и најголемиот дел од Македонија.[23] Оттаму многу јасно се гледа дека под цела Бугарија се подразбира само византиската тема Бугарија, а бугарскиот народ е наводно словенскиот народ од Србија, Македонија, Црна Гора и денешен Срем.
Наводи
- ↑ Бидејќи нам ни е потребно Вашето свето благоволение по однос на нашата словенска црква во Македонија, поради тоа Be молиме, макар и да сме измамени од страна на Бугарите, да ни простите, бидејќи сте благ Христов служител и да ни ја обновите нашата црква. Покрај тоа што Бугарите не измамија и излагаа, тие ни го отфрлаат и јазикот, ни ги менуваат и нашите свети обичаи и ја менуваат и сета наша лика и прилика. Ние тоа не може-ме повеќе да трпиме и не сакаме нашите деца да не колнат нас и гробовите на нашите предеди. Сега ние се одделивме од Бугарите и сами сочинуваме словенски општини во Македонија, и сочинуваме самостоен народ. Како такви, ние сакаме да имаме наша црква, наши училишта.- Писма од охридски граѓански здруженија, ДА ДСИП — Београд — ППО, Ф. 7, д. 6, п.бр. 962, 1890.
- ↑ До Неговата Светост Великиот Патријарх во Цариград, Ние верните поданици на Неговото Величество царот Султан Абдул Хамид I од долго време немаме црковна сло- бода, а од 1872 година станавме уште повеќе заблудено стадо, зашто дојдовме под Бугарска егзархија, заблудени од бугарската пропаганда. Така и ние станавме шизматици. Писма од охридски граѓански здруженија, ДА ДСИП - Београд - ППО, Ф. 7, д. 6, п.бр. 962, 1890.
- ↑ Вашиот весник со самото име го зачудува секого во Македонија до таа мера, што секој трча да види што весник е што го носи името на нашата земја... Весникот кај Грците и гркоманите е дочекан со тага и бес, зашто тие секојпат воделе борба за погрчувањето на Македонците, уништувајќи ја и Охридската архиепископија - „Искрата на нашата иднина". Но и колку да се мачеа да не сопрат да одиме напред, не можеа да го скоренат чувството сосема Македонците да не бидат Македонци. Писмо од Тодор Кусев до весникот Македонија, Т. Ив. Кусев „Македони-fc" (Цариград), бр. 1 (28 И 1867 година).
- ↑
- 3. Другите луѓе од високиот клер (епископите, свештеномонасите и мирските свештеници) да бидат родум МАКЕДОНЦИ и назначувани од архиепископот, а епископите можат само да бидат потврдувани од вашата светост.
- 4. Границите на Архиепископијата да се поклопуваат со границите на Македонија, а поделбата на епархиите да се задржи сегашната. Два става на скопскиот митрополит Теодосиј Гологанов за Охридската архиепископија и услови за нејзино возобновување од вкупношест. (Archivio della S. Congregazione de propaganda Fide – Roma: "Indice della Ponenza-март 1892-93", Somm. XV, f. 132-141).
- ↑ (Види кај Dvornik, Slaves, pp. 235 - 236; Niederle, II, 424.)
- ↑ (Правила на св. православна църква с тълкованията им, София, 1912, т. I, стр. 98 / Васил Н. Златарски: ”История на Първото българско Царство”. II. От славянизацията на държавата до падането на Първото царство (852—1018), стр.119-120)
- ↑ 7,0 7,1 7,2 „Црквата во Самоиловото царство“.
- ↑ Периодическо списание, 1898 г., кн. 55-56, стр. 85
- ↑ (Ср. Воронов, Главнейшие источники, стр. 200. / Н. Туницкий, Св. Климент, стр. 177—182)
- ↑ (Н. Туницкий, пак таму, стр. 189—190)
- ↑ (Пространното житие, издание Туницки, гл. XVIII, § 58—59, стр. 170—121)
- ↑ 12,0 12,1 (Standard News, Sofia, 03.09.2001, наслов: „В църквата има списък на епископствата“)
- ↑ (Извадок од книгата "Rulers of Bulgaria", од професор Милчо Лалков, Ph.D., Kibea Publishing Company, Sofia, Bulgaria)
- ↑ (Църковен Вестник, Издание на Българската Православна Църква, Година 103, брой 9 и 10, София, 1-30 май 2003, наслов: “Българските патриарси през Средновековието” Архивирано на 16 септември 2006 г. Александра Карамихалева)
- ↑ види титула на бугарскиот поглавар
- ↑ „грешни Божидар Вуковић, отачаством от Диоклитије јеже јест ва пределех мађедонских“ (Beograd, Arhiv Sanu, inv. br. 163, (Oktoih petoglasnik, Venecija, 1536, završeno 27. jula 1537. g. - Pogovor na l. 158`. ZIN I 486, Beograd. Narodna biblioteka Srbije, I 7, (Praznični minej, Venecija, 11. juna 1536 - 19. januara 1538. g.- Pogovor na l. 432 - 433`. ZIN I 494.)
- ↑ (ЦВА, ф. 40. оп. II, а.е. 935, л. 57-58)
- ↑ (Радмила Угриновска - Скаловска, Записи и летописи. Скопје 1975. 87-88)
- ↑ The Byzantine author Georghis Acropolita calls Demetrius Chomatianus the Archbishop of the Bulgarians. 13th c. Georgii Acropolitae Opera, rec. A. Heisenberg, I-II, Lipsiae 1903; ГИБИ, VIII, p. 158; the original is in Greek [1]
- ↑ The Byzantine writer Theodore Scutariot calls Ohrid the Archbishopric of Bulgaria. Bibliotheca Graeca medii aevi, ed. Constant. Sathas. vol. VII, Parisiis, 1894, pp. 5427-54610 - Cf. ГИБИ, VШ, pp. 299-300. 13th c.[2]
- ↑ The Byzantine Emperor, Andronicus II Paleologus, presented the Archbishop of Ohrid with a mantle with an inscription saying that the Archbishop was the spiritual head of the Bulgarian population. (Yordan Ivanov, The Bulgarians in Macedonia), pp. 149-150; the original is in Greek.[3]
- ↑ The Synodicon of Tsar Boril states that the Archbishops of Ohrid are subordinated to the Turnovo Patriarchate. 14th c. (М. G. Popruzhenko, Synodicon of Tsar Boril, Bulgarian Antiquity), vol. VIII, Sofia, p. 93; the original is in Old Bulgarian [4]
- ↑ (Иван Снeгаровъ. "История на Охридската Архиепископия" Том 1. От основаването до завладяването на Балканския полуостров от Турците, стр. 55-62)
Поврзано
Надворешни врски
„Охридска архиепископија“ на Ризницата ? |
- Историја на Охридската архиепископија и МПЦ — целосно опфатена историја на МПЦ и Охридска архиепископија.
- МПЦ е наследник на Охридската архиепископија Архивирано на 4 март 2016 г.
- 50 г. возобновување на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ и 40 г. автокефалност на МПЦ
- Охридската архиепископија — темел и континуитет на духовниот идентитет на македонскиот народ
- Светата столица одвојувала посебни стипендии за Македонци пред четири века! Архивирано на 29 март 2012 г.
- „Укинувањето на Охридската архиепископија“, Македонски документи
- Создавање на Охридската архиепископија
- "Историја на Охридската aрхиепископиja" (бугарски)