Вилазора
„Вилазора“
| |
Поглед на ископините | |
Местоположба | 41°50′49″N 21°54′44″E / 41.84694° СГШ; 21.91222° ИГД |
Основни податоци | |
---|---|
Место | Кнежје |
Општина | Свети Николе |
Тип |
|
Период | раноантичко време |
Портал „Археологија“ |
Вилазора (старогрчки: Βυλάζωρα) или Билазора[б 1] — пајонски град од периодот на раната антика. Се наоѓа во Овче Поле; денес наоѓалиштето се вика „Градиште“, во месноста Славков Дол кај селото Кнежје. Градот заедно со подградието зафаќал површина од 20 хектари.[1]
Според стручњаците, два значајни датума во историјата на Античка Македонија се поврзуваат со градот Вилазора: 217 година п.н.е. кога македонскиот крал Филип V ја обновил нејзината утврдувачка мрежа и 168 година п.н.е. кога македонскиот крал Персеј во фаза на подготовки за Третата македонско-римска војна успеал да договори воена помош од страна на Галите кои биле стационирани во близина на Вилазора.[2]
Историја
уредиПолибиј запишал:
„Кралот Филип V го зазел Вилазора, најголемиот град во Пајонија, и многу погодно расположен за владеење со преминот од Дарданија до Македонија, така што со ова достигнување бил речиси целосно ослободен од стравот од Дарданците бидејќи повеќе не им било лесно да надоаѓаат во Македонија сè додека градот на Филип му давал власт над преминот.
Во 219 година п.н.е., Дарданците ги собрале своите сили за напад на Македонија и во тоа време Вилазора морало да бил во нивни раце. Со својата местоположба во близина на Свети Николе, Вилазора го контролирал влезот до долгиот премин и, не помалку значаен, пат на југозапад кон Пелагонија преку долината на реката Бабуна или преку долината на реката Раец кон Стибера и внатрешноста на Кралството Македонија. Може да се претпостави дека Вилазора, како најголем пајонски град, морало да бил во дардански посед кога Филип V го зазел во 217 година п.н.е., со цел обезбедување и прекинување на дарданските напади.
Вилазора исто така се споменува од страна на Тит Ливиј во неговото дело „Историја на Рим“ кога кралот Персеј во 168 година п.н.е. обезбедил воена поддршка од Галите кои биле во поход на Десудаба, барајќи галската војска да го пресели својот камп во Вилазора, место во Пејонија, и нивните војсководци да појдат заедно со него до Алмана на реката Вардар. Поволната географска местоположба во однос на околното опкружување му наметнува улога на комуникациски репер и раскрсница на патните правци од север кон југ и од исток кон запад, помеѓу границите на тогашна Дарданија, Тракија и Македонија. Античка Вилазора како најголем и најзначаен град на Пајонија првпат ја споменуваат Полибиј и Тит Ливиј. Тие укажуваат на нејзината стратешка географска положба и улога на чувар на северната граница на Античка Македонија во одбраната од Дарданците.
Ареолошки истражувања
уредиРани истражувања
уредиВо 1976 година, Иван Микулчиќ има објавено предлог-теза за местоположбата на античка Вилазора на наоѓалиштето Градиште во околината на Свети Николе. Дотогаш, според некои истражувачи (Кацаров и Папазогулу) се сметало дека Вилазора се наоѓала во наоѓалиштето на Велешкото кале. Со сондажни истажувања на различни места низ целото наоѓалиште, Микулчиќ утврдил дека насекаде има населбински слоеви коишто главно потекнуваат од раната антика. Освен тоа, пронајдени биле и голем број разместени археолошки наоди, како на пример камена пластика и питоси, а исто така и антички градежен материјал којшто бил употребуван повеќе пати. Обработените камени блокови или необработениот камен бил земан од остатоците на античките градби во градиштето и бил користен за изградба на нови објекти во околното село Кнежје.[3]
Следните истажувања биле спроведени во 1990 година кога со сигурност биле утврдени границите на нааоѓалиштето и караткерот на неговите тераси. Притоа, пронајдени биле остатоци од куќи за живеење и населбински наоди, коишто потекнуваат од периодот од железното време до нешто пред римското освојување на Македонија и сведочат за околните тераси како станбен простор. Тоа укажуба дека се работело за голема и економски моќна населба за која сè уште не постоеле доволно докази за потврда на претпоставката дека се работи за пајонскиот град Вилазора.[3]
Во раните 1990-тите години, со интензивни копањња по песокливата во северното подножје на наоѓалиштето била откриена необична, монументална градба од големи и убаво обработени камени блокови. Сепак, како последица на овие активности трајно биле уништени повеќе од 20% од површината на древниот град. Градежните работи биле прекинати со можност градбата од делкани блокови да биде целосно откриена и истражена. Резултатите од овие истражувања биле објавени во 1994 година, а притоа градбата било утврдено дека претставувала цистерна од V и VI век п.н.е. со претпоставка дека била дел од разрушениот северен градски бедем.[3]
Во текот на 1990-тите, исто така биле извршени и неколку помали сондажни истражувања, главно предводени од археологот Стефан Донев од Музејот на Свети Николе. Овие истажувања ги потврдиле постоечките сознанија за наоѓалиштето, а на соседното возвишение јужно од наоѓалиштето била отркиена група гробни конструкции изградени од камени плочи. И покрај тоа што резултатите од тие ископувања никогаш не биле објавени, јасно било дека се рабопти за гробови од железното време или за некропола од најстариот период на населбата во текот на VII-VI век п.н.е.[3]
Обемни истражувања
уредиВо август 2008 година, од стручната екипа, Бобан Хусеновски како раководител на археолошките истражувања, Вилијам Хајдингер и Јула Метју од Тексашката фондација за археолошки и историски истражувања (ТФАИИ) од Хјустон, консултантите Ѕвонимир Николовски и археологот Стефан Данев, при ископувања на длабочина од околу два метра е откриен првиот камен блок од прагот на внатрешната порта на акрополата. Бил регистриран бедем од делкани масивни варовнички блокови, и дел од северната фортификациска линија на акрополата. Веднаш потоа бил откриен главниот влез поврзан со внатрешната порта преку конкавна камена рампа долга 14 метри. Во градежните остатоци, нивната масивност и во мајсторската обработка се препознава моќта и статусот на градот, односно богатството и авторитетот на нивните нарачатели. Пронајден е значаен фонд движни наоди, во најголем дел керамички садови, кои може прелиминарно да се датираат во распон од VI до III век п.н.е., додека градежните остатоци бедемот и градежните делови на портите кон крајот на V до IV век п.н.е. Откриениот дел од комуникациската мрежа на акрополата, која поврзувала значајни јавни објекти, ќе овозможи расветлување на историската улога и карактерот на Вилазора. Откриените археолошки наоди требало да се поврзат со плодниот период на пајонската историја, најверојатно во контекст на некој од најзначајните кралеви Ликеј, Патрај или Авдолеон.[4][5]
Во периодот од 2008 до 2012 година, со македонско-американска соработка под раководство на археолозите Стефан Данев и Вилијам Најдингер биле извршени ископувања на акрополот.[6] Истражувањата на акрополот продолжиле во 2013 година како проект на Народниот музеј во Свети Николе во соработка со Институтот за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Систематски била ископувана јужната половина на акрополот, каде што била откриена најзначајната градба во древниот град, т.н. Владетелска палата.[7]
Наоди и хронологија
уредиИстражувањата на акрополот откриле наоди погодни за разрешување на хронолошките прашања, како и документирање на основните развојни фази на истражуваниот простор. Во тој поглед, очигледно е дека во различни временски периоди имало различни организации на живот во Вилазора. Врз основа на вертикалната поделба и усогласување на културните слоеви на целиот простор на акрополот, може да се издвојат четири културно-историски фази во развојот на Вилазора:
- Фаза 1: VII-V век п.н.е.;
- Фаза 2: од втора половина на V до средината на IV век п.н.е.;
- Фаза 3: од втората половина на IV век до 279 г.п.н.е.; и
- Фаза 4: од 279 до 168 г.п.н.е.
Ваквата времеследна поделба мошне јасно е документирана низ сите делови на археолошките истражувања. Со истражувањата е откриен голем дел од акрополот, а се работи и на откривање на градби во западниот и јужниот дел на наоѓалиштето.[8]
Галерија
уреди-
Поглед на ископините
-
Остатоци од градби
-
Поглед на ископините
-
Заштитени ископини
-
Артефакт во Вилазора
-
Базен за вода во Вилазора (VII-V век п.н.е.)
-
Поглед на Вилазора
-
Артефакт од Вилазора
-
Дел од Вилазора
-
Дел од Вилазора
-
Дел од Вилазора
-
Дел од Вилазора
Белешки
уреди- ↑ Древниот град на многу места се среќава и како „Билазора“, но тоа е погрешно предавање на неговото име од старогрчки.
Наводи
уреди- ↑ Македонска енциклопедија. I (I. изд.). Скопје: МАНУ. стр. 150. ISBN 978-608-203-024-1.
- ↑ „Откриена Вилазора: најзначајниот пајонски град“. Дневен весник. 9 март 2008.
- ↑ Отиди кај: 3,0 3,1 3,2 3,3 „Првични истражувања“. Службено мрежно место.
- ↑ „Откриена Билазора - најзначајниот пајонски град“. Дневник 3 септември 2008. 3 септември 2008. Архивирано од изворникот на 2021-06-08.
- ↑ „TFAHR Archaeology Projects: Bylazora (Sveti Nikole), Republic of Macedonia“ (англиски). TFAHR. July 2008. Архивирано од изворникот на 2021-11-22. Посетено на 2008-09-04.
- ↑ „TFAHR и Народен Музеј“. Службено мрежно место.
- ↑ „Проект на Министерство за култура“. Службено мрежно место.
- ↑ „Резултати од истражувањата“. Службено мрежно место.
Надворешни врски
уреди- Извештај од ископувањата (анг.) Архивирано на 22 ноември 2021 г.
- Слики од ископувањата (анг.) Архивирано на 22 ноември 2021 г.