Протестантството во Македонија

Дел од темата
Христијанството
во Македонија

Христијански крст

Историја
Мисијата на Апостол Павле
Христијанизација
Свети Кирил · Свети Методиј
Свети Климент · Свети Наум
Самоилово царство
Отоманска империја
Странски пропаганди

Православие
Охридска архиепископија
МПЦ-ОА

Католицизам
Апостолски егзархат
Скопска бискупија
Римокатоличко влијание
Лазаристи

Протестантство
Протестантска пропаганда
Евангелско-методистичка црква
Баптистичка Црква

Протестантството во Македонијапротестантството во Македонија како регион и како република. Тоа почнало да продира во 19 век преку колпортерите на Британското и странско библиско здружение, и мисијата на Американскиот одбор на испратените во мисии во странство преку евангелската (конгрегациска) црква која има свои цркви и групи верници од Струмица до Охрид и до Скопје и Призрен. Најголемата концентрација на цркви до последната деценија од 20 век била во Струмичкиот крај.

Вториот бран на протестантство во Македонија започнал во 1987 година со започнувањето на мисијата на Христијанската пентекостна црква на Југославија во Скопје и Штип.

Појава уреди

Значење на поимот протестант уреди

Поимот „протестантизам“ не е еднозначен. Во најтесна смисла протестантизам означува религиозно движење, коешто започнало во рамките на римо­като­личката црква во Европа, во XVI век, во текот на реформацијата, како и црквите што произлегле директно од тоа движење. За почеток на протес­тантската реформација, традиционално се зема 31 октомври 1517 година, кога професорот по теологија Мартин Лутер од Виртенберг, денешна Германија, сакајќи да ги предизвика своите ученици на дебата околу индул­генциите (проштални писма), ги закачува своите 95 тези.

Тука спаѓаат лутеранската, реформираната или презвитери­јанска, и англиканската црква.

Со мало проширување на овој поим, тука би спаѓале и црквите од британското пуританско движење, како и црквите од радикалната фаза на реформацијата од XVI век, анабаптистите (зборот „анабаптист“ означува повторно крстен и менонитите (следбениците на Мено Симонс).

Пошироката смисла на поимот протестантизам вклучува многу групи, коишто иако немаат следбение со реформациските цркви од XVI век, сепак се согласуваат со основните доктрини од протестантското движење. Ваквата дефиниција вклучува и цркви коишто неколку векови ѝ претходат на реформа­ци­јата. Овие цркви даваат некои од основните идеи коишто подоцна ќе бидат прифатени од протестан­тите. Тука спаѓаат моравската црква на Јан Хус (1373–1415), валдежаните на Петар Валдо (1217 година), и лолардите на Џон Виклиф (1329–1384), кои се претходници на протестантстовото.

Најшироката дефиниција на протестантизмот вклучува различни групи, коишто во голема мера се согласуваат со протестантизмот, но кои себеси може и да не се дефинираат како протестанти. Така, некои баптисти не се сметаат себеси како протестанти кои потекнуваат од XVI век, туку дека се членови на вистинската црква, којашто преку авторитетот на Христос секогаш низ вековите имала верници кои не биле дел од корумпираната црква, поврзана со државата, и кои отсекогаш практикувале крштевање возрасни вер­ници.[1]

Во текот на XIX и XX век се намножуваат „слободни цркви“, неповрзани со некоја државна црква или деноминација, и коишто делуваат самостојно, што обично се резултат на протест на организацијата во рамките на матичното тело или повик за промени на доктрината. Тие често се насочени кон заживување на духовноста на веќе усталени протестантски цркви. Тука спаѓаат и Братството од Плимут, Црква на Светост и редица други, како и модерните пентекост­ални и каризматски цркви.

Евангелско-протес­тантски цркви, термин под којшто ќе се подразбираат црквите што настанале во рамките или паралелно со протестантските цркви, коишто делат слични идеи, но не се државни. Евангелско-протестантски цркви присутни на територијата на Македонија од првиот бран (1850-1987) се Евангелска(Конгрегациска, Методистичка црква, Баптистичка црква и Црква Божја.

Според построгите дефиниции на протестантизмот, во Македонија нема „чисти“ протестанти туку Евангелско-протестантски христијани.

Евангелскиот Протестантизам во Македонија уреди

 
Дрво на евангелско-протестантските цркви во Македонија.

Евангелскиот протестантизам станал присутен во Маке­донија, почнувајќи од првата половина на XIX век. Традиционалните евангелско-протес­тантски цркви во Македонија, Евангелска (Конгре­гациска), Мето­дис­тичка и Баптистичка, се јавуваат, во најголема мерка, како последица на големите будења ва Англија и пред сè во Соединетите Држави, во текот на XIX век.

Евангелскиот протестантизмот е дел од религиозното и култур­ното живеење во Македонија од самите почетоци на само­осознавањето на македонскиот национален идентитет, од почетокот на XIX век. Неговиот силно изразен образовен, културен и пред сè духовен карактер се појавил во период на голема економска и духовна криза на населението, којашто се јавила како последица на многувековното османлиско владеење.[1]

Денес евангелскиот протестантизам е претставен преку неколку деноминации претставени од Евангелско-протестантска иницијатива а верниците се идентификуваат како евангелско-протестантски христијани

Почетоци уреди

Протестантството зачекорува на балканските простори, најнапред преку колпортерите (продавачи на Библии на Британското и странско библиско здружение (БСБЗ), и преку Шкотската мисија за Евреите. Потоа преку мисионери од САД, од Американскиот одбор на испратените во мисии во странство (ABFCM), кои пристигнуваат после службеното воспоставување на дипломатските односи на САД со Отоманското Царство. Во Константинопол, во 1831 година, мисионерите од САД ја основаат првата мисионерска станица во тогашната Империја.

Со отворањето на првото мисионерско седиште, биле создавани изгледни можности за планско делување и ширење на протестантските идеи, првенствено меѓу евреите и христијанското население, бидејќи иако најнапред планирале да ги преобратат припадниците на исламот, сепак оние коишто се преобраќале, биле казнувани со смрт.

Константинополската мисионерска станица, од самото свое создавање развила низа активности, опфатени во три насоки: книжевна, образовна и евангелизаторска. Скромното образование, маргиналната општествена улога, која што ја имале христијаните во Отоманското Царство, биле појдовни позитивни моменти кои ветувале „остварливи можности“ за поширока и потемелна евангелизација, односно „реформирање“ на православните верници однатре.

Ова имало голем успех меѓу ерменците, но по промената на архиепископот протестантските влијанија биле сопрени што довело до оснивање на првата евангелско протестантска црква во Отоманската империја и со тоа Протестантски милет од 1846 година.

За теренска работа на мисионерите неопходен бил преводот на Библијата и обезбедувањето литература на матичниот јазик на населението. Поради тоа прво се отпочнувало со превод на Библијата, преку печатење на брошури кои ги појаснувале библиските содржини. Најнапред бил преведен Новиот завет од страна на монахот Неофит Рилски,родум од Банско и објавен од (БСБЗ) во 1841 година.

За да можат сите тие содржини да бидат разбирливи за корисникот, неопходно било негово културно издигнување и просветување. За таа цел, се отворале училишта, курсеви, семинари и се организирале најразлични видови на контакти со народот, кои имале образовни цели. Мисионерите се спуштиле меѓу обичниот свет, им понудиле утеха на многумина кои се наоѓале на самото дно на општественото скалило.

Мисионерите, на тој начин постепено почнале да учествуваат [2] во создавањето на нивниот поединечен и групен духовен живот.

Скромното образовното ниво на населението, надополнето со главните „особености“ на општественото опкружување, непосредно и светско, како и вклучувањето на антагонистички поставениот ислам, „создале реална можност“ за успешно воведување на протестантството на Балканот.

Првото евангелско училиште на Балканот уреди

За неполна деценија од основањето на првата мисионерска станица во Османлиската Империја, во Бебек, во 1840 година, се отвора првото евангелско училиште на Балканот.

Негов основач бил д-р Сајрус Хамлин. Училиштето се отвора под покровителство на њујоршкиот трговец Христофер Роберт. Ова училиште прераснува во импозантен, за тие времиња и простори, воспитно-образовен центар, кој е воедно центар на прогресот и културата на тој цел географски потег.

Робертовиот колеџ имал оддел за средно образование и универзитет, а со него раководело заедничко претседателство, турско и американско, поседувало библиотека и два музеја.[3]

Професорскиот колегиум го вовел мисионирањето како задолжителен практикум, поради кој учениците и студентите во текот на летниот распуст "како мисионери ја обиколувале Мала Азија, земјите на денешна Ерменија, Грција, Бугарија и Македонија, проповедајќи го Евангелието и во исто време ширејќи ја Библијата и брошурите со духовна содржина на народните јазици на тие народи.[4]"

За своето педесетгодишно постоење, колеџот дал значителна стапка на школуван кадар, кој подоцна се враќа и работи во местата од каде потекнува. Културната доминација на колеџот, особено непријатно ја почувствувал Грчкиот патријарх во Цариград, кој протестирал кај султанот, а тој, истиот го затвора, под образложение дека работи против интересите на турската држава. По смртта на Мухамед Втори, оваа одлука престанала да важи. Основањето на колеџот, бројните мисионерски станици и раздвижувања низ Балканот и посебно во Македонија, како и силното незадоволство меѓу народните маси од условите во кои тие живеат, претставувале солидна основа за успешна протестантска активност.

Протестантството, кој во центарот на своето внимание го поставува поединецот, го неутрализира и целосно го отапува дејството на гломазната и разгранета црковност. Заменувајќи го колективитетот со поединецот, а воедно не губејќи ги придобивките на колективното живеење, протестантскиот облик на религиозно организирање, станува доволно привлечен за населението на овие простори.

Ширење уреди

Протестантите формираат мали верски заедници, во кои воспоставуваат цврсти примарни контакти. Во овие заедници поединецот максимално ја развива својата поединечност, преточена низ поединечното пристапување, делување, убедување, а во исто време поединецот е постојано свесен и сигурен дека припађѓа на една цврста заедница во која има свое место и која што е постојано присутна во неговото социјално делување.

Таа е заедница во која постои цврста двонасочна комуникација, вметната во самата нејзина основа. Нејзината основа пак се темели на безграничната верба и благодарност кон личноста и делото на Исус Христос. Па според тоа, малите верски заедници се најавтентичните, а во исто време и најчистите облици на човековото религиозно живеење.

Првите христијански заедници биле моделот според кој се организирале протестанските заедници, додека пак изворното христијанство било модел на вистинското христијанство, а Библијата била најсветото нешто во рацете на протестантските верници.

Македонија во рамките на мисијата на Амери­канскиот одбор, најнапред, од 1820 год. е дел од мисијата за источен Медитеран, во којшто спаѓала Отоманската Империја. Од 1850 год., Македонија е дел од мисијата во европска Турција, која пак во 1912 год. е преименувана во Балканска мисија.

Мисијата во Смирна, каде што имало голема словеногласна колонија, се проширила во Константинопол, а потоа во Стара Загора, Пловдив и Самоков. Во Самоков било отворено училиште, во коешто учениците како дел од наставниот план, во текот на летото оделе на мисионерски патувања. Од центарот на протест­антизмот во Самоков, мисиската работа меѓу Слове­ните преоѓа во Македонија. Одреден број ученици, образувани во протестантското училиште во Самоков, подоцна пристапиле како мисиски работ­ници во Македонија. За конгрегациската мисија, стран­ски­те мисионери биле дел од едно мисиско тело, додека локалните проповедници и помошници, припаѓале на друго тело.

Кога мисионерите Ч. Морс и Х. Пејџ го посетиле Банско во 1867 год., наишле на група која се собирала за проучување на Библијата. Тоа било плод на некој повратник кој студирал во Лондон, и таму се преобратил во протестантизам. Црквата во овој град започнала во 1871 год., како прва евангелско-протестантска црква во Македонија. Богослужбите биле рано наутро и се состоеле од повикување на Бог, молитва, химна, читање текст од Библијата, којшто присутните го следеле секој во својата Библија, и проповед. По службата се одржувало неделното училиште, во кое главно учествувале возрасни. Жените, секоја седмица се собирале по куќите на молитвени собирања. Неделно училиште претставува верско образование, каде што се изучуваат начелата на верување, доктрините и сл. Неделните училишта често се поделени по возраст, така често овој термин се употребува и за активностите на децата, обично во друга просторија, за време на одржувањето на богослужбата.

Во Битола, која во тоа време бил важен адми­нистративен центар, има посведочено присуство на протестантска активност уште пред 1864, кога на 24 март, австрискиот вицеконзул П. Окули, заедно со англискиот конзул Чарлс Џон Калверт, издејствувале од губернаторот Хаџи Али, локација за протестантски и католички гробишта. Истата година на 17 декември бил погребан протестантскиот мисионер Кристоф Стобер. Извесен доктор Аристидис, по потекло Грк, одржувал евангелски средби во својот дом. Со тоа, го подготвил теренот за понатамошна евангелска работа за создавање организирана христијанска заедница, со доаѓањето на мисионерите Џон Вилијам Брајд и Едвард Џениј, со своите семејства во Битола, во 1873 год. Следната година дошле мисионерите Л. Бонд, И. Берд, Е. Лак, а подоцна и В. Кларк, со своите семејства, основајќи мисионерска станица, каде одржувале евангелско собирање на оние заинтересирани за вистината на Евангелието, заедничко читање на Библијата и молитвата. Првите преобра­теници биле Ефтим Љабков, Христо Зрнев, Спас и Тома Калпачиев, Никола Лица, Наум Стојков, Лука Мирчев, Герасим и Георги Киријас и Јани и Григор Цилка. Последните четворица завршиле на богослов­ското училиште во Самоков и активно се вклучиле во мисионерската работа меѓу Албанците и учествувале во развојот на школството на албански јазик и неговата кодификација. На почетокот, заедницата имала шеесетина посети­тели, од кои останале дваесетина вистински заинте­ресирани и преобратени членови. Црквата во Битола, сепак уште долго не била формирана, што го потврдува фактот дека мисијата искрено верувала во идејата за реформирање на постоечката православна црква, а не започнување нова протестантска црква. Мисионерите имале и локален помошник кој бил школован проповедник. Во 1875 год., на проповедникот му се придружил нов помошник кој започнал со неделно училиште. Службата се одвивала на македонски јазик, додека молитвите биле и на албански, грчки, влашки, ромски, англиски и германски јазик. Како што бележат извештаите, заедницата се состоела од членови и посетители од различни народи, што укажува на мултинационалниот карактер на конгрегациската црква. Во 1881 год. е купена зграда за училиште, којашто имала интернат за девојчиња, додека момчињата оделе само на настава. Таа била првото училиште за девојки во Македонија.

Во 1882 год. е отворена и мисионерска станица во Струмица. На постојниот интерес за Евангелието во овој град, придонеле и луѓе кои од политички причини биле осудени и затворени во турските затвори. Таму биле посетувани од мисионерите, кои користејќи го својот привилегиран статус при посетите во затворите им читале од Библијата и им подарувале Нов Завет или Библија. По ослободувањето од затво­рите, овие книги ги носеле дома, ширум Македонија. Така, врз основа на мисионерската работа по затворите, меѓу првите преобратеници во евангелска вера биле Божин Белев и некојси Ставре. Во 1878 год., во овој град доаѓа мисионерот И. Берд од Битола. Наскоро, во 1890 год. бил изграден црковен објект во којшто се собирале околу 15 членови. Прв проповедник бил некогашниот православен поп Захарија Даскалов, кого го наследиле Димитар Атанасов, Коце Кимов и Илија Ќутукчиев, Пане Темков, а подоцна на местото проповедник дошол синот на Захарија, Владимир Даскалов.

По Првата светска војна, во Струмица дошле бегалци од загрозените цркви од Солун, Дојран и Кукуш. Поради комплицираноста на животот во повоениот период и приемчивоста на струмичкиот крај, Струмица со својата околина станува најсилниот протестантски центар во Македонија. Мисионерите патувале во Скопје, Велес, Прилеп, Ресен, Охрид, Кавадарци и Радовиш со околните села, каде мисијата го имала својот најголем успех.

Во Скопје, мисионерска работа е присутна уште од почетокот на 1880-тите. Во извештајот за мисионерската работа од Битола, од 2.12.1882 год., пишува дека Скопје е многу поприемчиво за Божјата работа отколку Велес и Штип.89 Мисионерската станица е отворена во 1895 год. и е поврзана со Битола, но поради својата најоддалечена позиција и лошите сообраќајни врски, слабо е посетувана.90 Во 1901 год., во Скопје дошол Иван Попов и тогаш црквата доживува препород и се зголемил бројот на верниците. Иван проповедал сè до 1921 год., а потоа од 1929 год. проповеда Пане Темков.

Брајд од Битола, во јули 1882 год., пишува дека кога го посетил Радовиш, неколкумина млади барале да им проповеда, но барале и да се одрече од ставот да ги наговара да останат во склопот на својата стара православна црква и инсистирале да се прекине со поддршката што им ја пружале на православните попови и владики.91 Следната година, некој младич се вратил од Радовиш и информирал дека сите млади се нарекувале себеси протестанти. Многу од нив велеле дека се протестанти, а не христијани.92 Ова укажува дека поголемиот дел од нив не сфаќале дека она што мисионерите го проповедаат, всушност е изворното христијанство, и дека локалните жители сè уште немале основно разбирање на – идејата и концептот на христијанството. Првите евангелски средби во Радовиш започнале во крчмата на Коте Ќутукчиев. Неговиот син Илија, завршил во машкото училиште во Самоков и станал проповедник, кој освен во Радовиш, проповедал и во Струмица, Драма, Хасково и Панаѓуриште, во Бугарија. Набргу дошло до раздвојување на две групи и проповедникот Георги Седлов заминал, а на негово место дошол Захарија Даскалов, кој успеал да ги помири скараните групи и продолжил мирно да проповеда до крајот на својот живот, кога бил наследен од Иван Стефанов, а потоа и Владимир Даскалов, синот на Захарија.

Црквата во Радовиш добила објект во текот на 1889 год. и за следните девет месеци имала 20 новообратени верници. Таа година, во црквата учествувале 25 семејства, и во рамките на црквата било започнато училиште во коешто имало триесет ученика во 1892 год. Црквата продолжила бројчено да расте и покрај тоа што останатите мисионерски станици се смалувале. Во 1891 год., црквата имала 49 членови.97 Во 1904 год., заедницата во Радовиш имала 260 луѓе, а повремено, поради некој празник или свеченост, се собирале и до 450 луѓе. Со тоа, радовишката црква станала најго­лемата евангелско-протестантска црква на Балканот, а во рамките на Македонија и до денес останува ненадминат феномен.

Во 1885 год. била отворена мисионерска станица во Моноспитово, на којашто се приклучиле прео­бра­теници кои биле посетувани од страна на мисионерите во затворите во Солун и Истанбул. Очигледно работата меѓу затворениците била еден од приоритетите на мисионерската работа на конгре­гациската мисија. Во овој дел на македонската историја, мноштво проми­нентни луѓе завршувале во затвори како политички затвореници, обвинети дека имале врска со рево­луци­онерното движење, и од нивните редови произлегле многу симпатизери за евангелизмот. Враќајќи се во своите домови, доста од нив се преобратиле и ги пренеле своите духовни искуства и на други во своето непосредно окружување, но и со Евангелието досегнале и до роднините, соседите и пријателите. Стратегиски, оваа служба имала огромна важност бидејќи стигнала и ги вклучила највидните луѓе на тогашното македонско општество. Во Моно­спитово е одржана и првата Општа конференција на евангелско-протестантските цркви во Македонија, во 1895 год.

Во текот на својата работа, конгрегациската мисија отворила дваесет и две цркви, дванаесет во градовите (Битола, Кукуш, Струмица, Радовиш, Солун, Скопје, Драма, Кавадарци, Дојран, Благоевград, Прилеп и Петрич) и десет во селата (Добриниште, Бања, Елешница, Јакоруда, Моноспитово, Раклиш, Велјуса, Ениџе-Вардарско, Муртино, Горни и Долно Тодорак, Воденско, Колешино и Междурек).

Во 1894 год. се отворила станица во Солун, со што, мисијата во Битола почнала полека да опаѓа. Мисионерите кои служеле во Битола постојано барале повеќе работници и средства, бидејќи биле убедени дека така можат да постигнат и многу поголеми мисионерски резултати. На нивните барања не добивале позитивен одговор. Мисионерските станици во Струмица и Радовиш биле пренесени под јурисдикција на Солун, а постоечката врска со Битола слабеела. Битола била стратешки центар на овој дел од империјата каде се наоѓале и дипломатските мисии на големите сили, како и голем гарнизон на турската војска. Низ неа поминувале турските сили, во војните на северот на земјата. Ситуацијата во овој регион станувала сè полоша и полоша.

Првите училишта во Македонија уреди

 
Д-р Џон Хаус
 
Мис Стон
 
Катерина Цилка

Согледувајќи ја сложената и контрастна слика на македонското географско поднебје, како и пошироко, секако земајќи го предвид и богатото искуство, Американскиот одбор за мисионирање во странство[5], изразува спремност за мисионерска акција на Балканот. Својата мисија, ја започнува со отворање училишта (според западните модели и стандарди).

Па така во 1860 година во Пловдив се отвора првото машко евангелско училиште во Бугарија, а подоцна и првата женска гимназија. Од Бугарија мисионерите своето "тежиште" го префрлаат на македонското поднебје.

Откако неколку семејства од Банско, со православна вероисповед ги прифатиле протестантските идеи, на 6 август 1868 година таму се формира првата евангелска заедница. Од оваа точка протестантските идеи се шират во околината при што Разлошката котлина станува значајно мисионерско седиште. Во 1873-74 година, се отвора мисионерска станица во Битола.

Со отворањето на битолската мисионерска станица се поставува најсигурниот темел-потпорник на протестантството во Македонија. Од центарот во Битола, се раководи со протестантскиот кадар којшто мисионирал во Македонија, тука се решаваат и сите други проблеми коишто се пројавуваат во оваа сфера. Воспитно-образовниот систем и згрижувањето на сирачињата, биле прашања на коишто им се приоѓало со особен интерес.

Во Битола се отвора женска гимназија и дом за деца без родители. Во мисионерската станица во Битола се одржувааат редовни евангелски служби под водство на мисионерите, додека пак сопругите на мисионерите се грижеле за библиската и медицинската активност на станицата. Битолската мисионерска станица, следејѓи го духовниот живот во Радовиш (каде што проповедал Никола Бојаџиев), во 1886 година отвора евангелска заедница, а нешто подоцна отвора и во Раклиш. Во струмичкото село Моноспитово, Евангелска црква била отворена во 1884 година, а по неколку години во Муртино се формира евангелска заедница.

Во 1898 година, организираната црква броела 60 члена, а со својата самопрегорна работа многу се истакнал Костадин Грачанов. Во Колешино, првата Евангелска црква се организира во 1899 година, а првата проповед ја одржал пастирот Кимов, од струмичката црква, во домот на Мане Изев, на 19 мај 1890 година. Во 1906 година, на парцелата, која што ја подарил Димитруш Ицев, била изградена првата Евангелска црква. По нејзиното запалување на истото место била изградена нова црква. Мисионерската станица во Солун, е отворена во 1894 година. Со неа раководел д-р Џон Хаус. Во овој мисионерски центар, особен акцент бил ставен на работата со затворениците од Беас Куле. Отворањето на евангелската заедница во Кукуш (1885), е резултат на бројните посети на мисионерите од Солун, како и од активностите на книжарите Христо Зрнев, Димитар Кардалев и Никола Тренчев. Нешто подоцна, евангелски заедници се организираат на север од Кукуш, во Горни и Долно Тодорак.

Во 1896 година евангелска заедница се отвора во Воден, во 1897 во Драма, а во 1898 во Ениџе Вардарско. На 23 август 1899 година, во Солун се одржува единствената конференција на евангелските работници од Македонија, која што ја раководеле д-р Џон Хаус, д-р Едвард Хаскел и Мис Елен Стон.

Во околината на Солун, а во делокруг на активностите на Солунската мисионерска станица, во 1904 година, д-р Џон Хаус го формирал земјоделско-индустриското училиште. Во училиштето, покрај редовните евангелски богослужби, односно религиозното образование, се врши и континуирано земјоделско образование.

Ова образование треба да помогне за подобро и поуспешно извршување на земјоделските работи, секако користејќи ги придобивките на современата технологија. Не случајно и првиот трактор на Балканот бил донесен во земјоделско-индустриското училиште во Солун. Но, сепак, најголемо и најсензационално светското внимание било свртено со заробувањето на американската мисионерка Мис Елен Стоун.

Целата светска јавност со огромен интерес го следела текот на ослободувањето на славната мисионерка, која подоцна се докажала "како голема заштитничка на македонското дело и обвинителка на Турците [6].

Протестанизмот после поделбата на Македонија уреди

Бројните евангелски цркви и друштва, формирани низ Македонија, стануваат "бедем" за понатамошното продлабочување и ширење на протестантските идеи. Ползувајќи ги плодовите на делувањето на мисионерските центри, како и ревносната усна агитација, надополнета со слабостите на останатите конфесионални заедници, биле нужните предуслови, кои придонеле да се рашири протестантството во Македонија. Но, "најдлабоко" протестантството завлегол во струмичкиот реон. Тоа се должело пред сè на фактот што Струмица, се наоѓала скоро во центарот на мисионерскиот триаголник, Самоков, Битола и Солун (во непосредна близина било Банско) и ја имала таа привилегија преку нејзините патишта "да врват" сите важни комуникации. Без разлика дали станува збор за мисионерски "походи", за преписка меѓу станиците и мисионерите, за разнесување библиска литература, хуманитарна акција или слично, значело константна мобилизација на духот, кој надграден на религиозната конфликтна поставка, значително ја детерминира протестантската статика и динамика. Развојот на протестантството во македонските простори цврсто ја следат воените походи олицетворени во Балканските војни како и Првата и Втората светска војна. Накратко кажано, хаосот на војната го зафаќа и од основа го менува човековиот духовен свет. Завршетокот на Првата светска војна бил одбележан со поделбата на Македонија, што последователно дошло и до поделба на протестантското јадро во Македонија. Кон Евангелската црква во Бугарија се присоединиле протестантските верници од пиринскиот дел на Македонија. Евангелската црква, во Грција, била присоединета кон Грчката презбетеријанска црква и продолжила да работи како Грчка евангелска црква. Работата на мисионерската станица во Солун, почнува да замира. Покрај Солун, во грчките граници влегува и Корча.

Вардарскиот дел на Македонија, го зема под свое Кралска Југославија, која што го забранува работењето на Конгрешанската црква. Поради тоа Евангелската конгрешанска црква од Македонија "била присоединета кон Методистичката епископална црква, за вре- ме на Втората годишна конференција во Врбас, во мај 1922 година.[7]" Македонија припаѓа на јужниот дистрикт на Методистичката црква во Југославија. За надзорен свештеник се избира Пане Темков, од Скопје. Со тој чин, десет конгрешански цркви во Македонија со 220 верници и 4 проповедници преминуваат и работат под закрила на Методистичката црква на Југославија.

Методистичката црква во Кралството Југославија е забранета во 1925 година, по што следи и забрана на службите и во Македонија, и како резултат на големиот притисок на властите, црквата во Радовиш е запалена 1928 година.

За да ја надминат новонастанатата ситуација, група од седумдесетина верници испраќаат писмо до Првата конференција на Баптистичките цркви на Кралство Југославија, одржана во Нови Сад 1924 година и бараат помош. Конференцијата го назначува Винко Вацек да ги посети верните во Македонија и ја започнаува Баптистичка црква, во Скопје 1928 и во Радовиш 1930 година. Работата на Методистичката црква е повторно легализирана 1931 година.

Понатамошната еволуција на протестантството во Македонија се проследува со брзо опаѓање на протестантското членство, кое нужно доведува до затворање на некои цркви, а делувањето на мисионерските централи се маргинализира. Кон утврдувањето на причините на падот на протестантското членство, секако треба да се наведе влијанието на полибералните струи на протестантството, кој бил на спротивен колосек со тврдото конзервативно крило сместено на Балканот. Исто така не би требало да изгуби од вид и фактот што во 1934 година, од Бостонската централа се повлекла мисионерската гарнитура од балканските простори. Со тоа повлекување се отргнува најактивниот чинител на протестантското "живеење", што базично ја намалува моќта на протестантското "дејание". Развојот на процесот на секуларизација, што следи во повоениот период, религиозното чувство го сместува во строго приватната сфера на човековото живеење, што директно го условува опаѓањето на религиозниот дух. Започнатото опаѓање на бројот на протестантските верници во Македонија продолжува, со што протестантскиот процес го става во значително незавидна позиција. Но, остануваат индикативни многу прашања врзани за протестантството, кои социјалистичката платформа само ги тргна од жижата на интересирање.

Протестанизмот после Втората светска војна уреди

Вториот бран на протестанизмот уреди

Протестантството во денешна Македонија уреди

 
Борис Трајковски – починатиот македонски претседател бил методист.

Во Република Македонија денес постојат повеќе малцински христијански верски заедници[8] и вкупниот број напротестанти изнесува 61.358 или 3% од вкупното население[9]. Протестански цркви во Македонија се:

Список на македонски протестанти уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 Јоновски, Јован (2017). Историја на Евангелско-протестатнските цркви во Македонија. Скопје: Изгрев. ISBN 9786086604615.
  2. Учеството во духовнато создавање (се мисли на мисионерското учество) на поединецот го вклучува првенствено психолошкиот момент на сугестивност. Активниот едукатор се наоѓа во позиција да пласира информации (можеби и селективни), но истовремено тој е во позиција, токму поради непосредниот и примарен контакт, да добива „брза“ повратна информација. Од друга страна, ако се има предвид релативно малата општествена улога на христијаните во муслиманската држава, неможноста да дојдат до некоја повлијателна општествена функција, односно да се здобијат со повисоко образование, како поголема општествена групација, првенствено значи „овозможување“ на протестатските мисионери значително да го преобратат христијанското население. Но, делувањето на протестантските мисионери меѓу христијанското население можеби и може да се толкува и како тактички потег на Отоманското Царство, бидејќи така христијанското население може да се раздели, односно да се раздвои, на една страна би биле православните, додека пак од друга страна би се формирало значајно јадро на протестантите. Општо гледано христијанската поделеност можеби и не би била така изразена ако се има предвид цврсто устоличениот ислам, кој со својата позиција придонесува повеќе кон обединување отколку кон раздвојување на христијанскиот свет.
  3. POLYANSKI Andonov Hristo, 'THE ATTITUDE OF THE USA TOWARDS MACEDONIA', Macedonian Review Editions, Skopje, 1983, стр. 34.
  4. МОЈЗЕС Паула, 'МЕТОДИЗАМ, КРАТКА ИСТОРИЈА МЕТОДИСТИЧКЕ ЦРКВЕ", Издание на Секретаријатот на Методистичките цркви во ФНРЈ, Нови Сад, 1962, стр. 69.
  5. Основачи на протестантството во Македонија се американските мисионери коишто ги испратил Американскиот одбор на комисиите што вршат мисии во странство (American Board of Commisions for Foreign Missions). Американскиот одбор на комисиите што вршат мисии во странство е формиран во 1810-1811 година, со цел да ги постави темелите на мисионерската активност на просторите надвор од нејзините граници. Централното тело го сочинуваат членовите на Конгрегационалистичката, Презветеријанската и Реформираната црква на Америка. "Најактивна" на Балканот била Конгрегационалистичката црква, која што отвора голем број евангелски заедници и цркви. Конгрегационалистичката црква се сретнува под името Конгрешанска (заради транскрипција), Евангелска или пак Соборна.
  6. Вестители на истината, редактор Христо Христов Куличевã, Второ раширено издание, Издателство, "Бãлгарско библеиско дружество" ООД, 1994, стр. 89
  7. Цеков Глигор, 100 години од евангелското дело во с. Колешино, стр. 6
  8. Републичката Комисија за односи со верските заедници
  9. Official Macedonian Human Rights Website - Australia. Архивирано од изворникот на 2017-06-05. Посетено на 2009-01-04.

Книжевност и напрендо читање уреди

  • House, Henry, John, "A Life for the Balkans', New York, Fleming H. Revall Company, London and Edinburgh.
  • Mehl, Roger, "The Sociology of Protestantism", The Westminster Press, Philadelphia, 1970.
  • Mojzes, Benjamin, Paul, "A History of the Congregational And Methodist
  • Churches in Bulgaria and Yugoslavia", Boston University, Graduate School, Doctoral disertation, 1965.
  • Šušnjić, Đuro, "Verovati i znati", Kršćanska sadašnjost i Stvarnost, Zagreb, 1988.
  • Tsanoff, A. Vladimir, "Reports and Letters of American Missionaries", Sofia, 1919.
  • Webster, William, Hall, Jr., "Puritans in the Balcans", Cultura, Sofia, 1938.
  • World Methodist Council, Baltimore Press, USA, 1922.

Поврзано уреди