Битка во Арачиново
Битката во Арачиново е оружено судирање и борба помеѓу македонските безбедносни сили составени од АРМ и МВР и албанските терористи на ОНА во селото Арачиново која се случила од 21 јуни 2001 до 25 јуни 2001 година[2]. Оваа битка помеѓу македонските безбедносни сили и албанските терористи се смета како најконтроверзна во целиот Воен конфликт во Македонија, 2001, бидејќи со вклучувањето на највисоките претставници на НАТО: Хавиер Солана, Џорџ Робертсон и Питер Фејт во запирањето на акцијата на македонските сили и извлекувањето на албанските терористи, се случил клучниот пресврт во воената криза кој значел дека таа понатаму ќе биде разрешена со политички средства и посредство на НАТО, наместо со воени средства.
Битка за Арачиново | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Воен конфликт во Македонија | |||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Македонија | Ослободителна Народна Армија | ||||||
Команданти и водачи | |||||||
Борис Трајковски Љубе Бошковски Панде Петровски | Џезаир Шаќири | ||||||
Сила | |||||||
18.468 војници 54 тенка 130 минофрлачи 40 хаубици 10 лесни ракетни лансери 135 оклопни траспортери хеликоптери„МИ-24“, „МИ-17“ и „МИ-8“ [1] | повеќе од 350 војници | ||||||
Жртви и загуби | |||||||
4 загинати | непознато | ||||||
непознато |
Претходни настани
уредиОд крајот на февруари 2001 година, во Македонија се случуваат сериозни вооружени судири и инциденти помеѓу македонските безбедносни сили составени од АРМ и МВР и вооружени албански терористички групи на т.н. ОНА. По успешните три поголеми воени операции МХ во Тетовско, МХ-1 на Скопска Црна Гора и МХ-2 во Кумановско, како и повеќе помали воени операции „Оган“ во Руѓинце, операцијата во Ваксинце за разбивање на терористичките единици, сè до почетокот на мај немало поголеми оружени инциденти. Сепак по распуштањето на ОВПМБ во Јужна Србија на 25 мај 2001, дел од истите се префрлиле во Македонија во Карадачкиот крај, поточно се префрлила 114 бригада со околу 175 борци, со минофрлачи 82 мм, 120 мм и систем стрела 2М (противавионски ракети)[2].
Избивање на кризата во Арачиново
уредиНа 9 јуни 2001 година, ОНА го зазела Арачиново, село кое географски се наоѓа на само неколку километри од Скопје[3]. Преку Арачиново, кое станало едно од главните седишта на ОНА, албанските бунтовници се заканувале дека ќе го нападнат и Скопје, пред сè парламентот и владата[4]. Главен командант на Арачиново бил командант Хоџа или Џезаир Шакири[5][6]. Според мислењето на началникот на ГШ на АРМ, генералот Панде Петровски, Арачиново од воен аспект не претставувало никаква закана бидејќи уште од месец мај селото било полуопкружено со единиците на АРМ и МВР, влезот и излезот од селото биле целосно блокирани, а патните правци кон Скопје и Куманово биле под целосна контрола[2]. Информациите изнесени во медиумите дека во Арачиново имало 4000 терористи, биле оценети како неточни и со пропагандна цел за заплашување, бидејќи тие цели 2 месеци биле провоцирани преку дистанциони дејства на АРМ да се појават, меѓутоа тие не извршиле никакви операции или офанзиви со кои би ја покажале својата борбена готовност[2]. Според проценкитен на ГШ на АРМ, бројноста на терористите во Арачиново била меѓу 1000-1500 припадници[2]. Олеснителна околоност за појавувањето на терористите во Арачиново било тоа што за разлика од другите села во кризните региони чие население ги напуштило селата, населението на Арачиново останало во своите домови[2], а дел од населението било ангажирано во помошни логистички работи за одбрана[2]. По повеќе состаноци на Координативното тело за справување со кризата, на 18 јуни е донесена одлука да се нападнат и разбијат терористите во Арачиново.
Почеток и тек на воените дејстивија
уредиНа 21 јуни во 4:30 часот, македонските безбедносни сили ја започнале решителната офанзива за чистење на теренот од албанските екстремисти во селото, најпрвин била употребена артилеријата и за неполн час единиците на македонските безбедносни сили избиле пред Арачиново[2]. Во текот на ноќта во селото биле уфрлени дел од Шестиот одред и специјалната единица на МВР и тоа вдолж каналот од правецот на Сингелиќ, а еден тенковски вод ТТ-370 навлегол од Брњарци при што Арачиново било надвишено од северната страна[2]. Не очекувајќи напад од Брњарци и Сингелиќ, терористите не дале голем отпор, при што македонските сили навлегле во Арачиново сè до гробиштата, а терористите се повлекле и отпочнале со засилување на одбраната кон новата џамија[2]. Нападот од источната страна (од правецот на Криви Дол) одел побавно, бидејќи месноста Бел Камен како добро организирана точка од терористите, на 1 км источно од првите куќи, упорно ја држеле. Меѓутоа со засилувањето на нападот од јужната страна отпорната точка била разбиена, вооружувањето заробено, а дел од терористите се извлекле кон Арачиново, оставајќи се од опремата[2]. Котата 354 била совладана во попладневните часови и за време на борбените дејствија во првиот ден, македонските безбедносни сили влегле во Арачиново од западната и северната страна, додека од јужната и источната страна се запрело пред селото бидејќи единиците имале таква задача, поради проценка дека е ризично со можност за сопствени загуби[2].
Следниот ден, двата борбени авиони "сухој" 25“ на македонската воена ескадрила, управувани од пилоти на АРМ, ги извршиле првите извидувачки дејства над селото. Вториот ден нападот на македонските сили бил многу посилен и пожесток, тенковите ја совладале ТТ 354 и од источната страна влегле во селото Арачиново[2]. Од западната страна единиците веќе избиле до новата џамија, обрачот полека сè повеќе се стеснувал, а терористите останале да го држат само централниот дел на селото[2]. Македонските сили брзо напредувале, нанесувајќи им големи штети на албанските бунтовници. Според генералот Панде Петровски, кој командувал со арачиновската операција, АРМ располагала со околу 18.468 војници со оклопни батаљони и професионални екипажи, 54 тенка, со 120-130 минофрлачи, 40 хаубици, 10 лесни ракетни лансери, 135 оклопни траспортери, хеликоптери „МИ-24“, „МИ-17“ и „МИ-8“ за воени дејства и доволно количество муниција за извршување на една завршна операција и целосно разбивање на ОНА[2]. Битката траела само три дена, откако албанските бунтовници, истакнувајќи бели знамиња, дале знак дека се предаваат[7]. Борбените дејствија траеле непрекинато сè до 25 јуни во 13 часот, кога по наредба на врховниот командант и претседател Борис Трајковски, воените активности биле прекинати поради состанокот со високи лица од НАТО и ОБСЕ, со претходен контакт и договор со генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон.
Извлекување на терористите од Арачиново под покровителство на НАТО
уредиВечерта на 21 јуни 2001, после првиот ден на битката, на состанокот на државниот врв била прифатена идејата да се вклучи НАТО како посредник за да ги извлече терористите, а истовремено уште пожестоко да се продолжи со нападот. Ваквата одлука била прифатена бидејќи разбивањето и уништувањето на терористите било многу извесно и навистина немало потреба од натамошни жртви[2]. На 25 јуни 2001 на состанокот меѓу НГШ на АРМ Панде Петровски и тогашниот претседател Борис Трајковски, претседателот Трајковски го известил генерал Петровски дека генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон ја прифатил идејата за извлекувањето на терористите од нивна страна, при што му пренел да се прекине со акцијата на македонските сили бидејќи во Арачиново имало 30 луѓе на НАТО, за што ветил дека ќе даде список со нивните имиња[2].
На 25 јуни 2001 година во хотелот „Белви“ во 14,30 часот бил одржан состанок на македонскиот државен и воен врв со највисоките претставници на НАТО и ОБСЕ, меѓу кои Хавиер Солана и Питер Фејт[2]. По мачна расправија Питер Фејт предложил да им се јави на терористите и да им предложи да бидат извлечени со помош на НАТО во Косово, на што Љубе Бошкоски жестоко се спротивставил[2]. Во суштина НАТО и ОБСЕ имале 3 варијанти за извлекување на терористите од Арачиново: А) со возила на цивилни фирми од Тетово, Б) со автобуси на НАТО/КФОР и В) со сопствени возила. На крајот било договорено терористите да бидат извлечени во селото Никуштак и тоа во организација на НАТО, а македонските сили да ги тргнат тенковите од Арачиново и патот Арачиново - Никуштак[2].
Под покровителство на НАТО, било договорено да се евакуираат припадниците на ОНА, и од Арачиново да се преместат во Никуштак и Липково[8][9]. Така, на околу 350 бунтовници им било дозволено да го напуштат селото со своето оружје, со помош на американските трупи кои служеле во КФОР и силите на НАТО во Косово, ОБСЕ и Мисијата на Европската Унија. На македонската страна и било наредено да се повлече.
Само 10-15 минути по завршувањето на состанокот веднаш пристигнале единиците и автобусите на НАТО пред хотелот „Белви“, што го навело генералот Панде Петровски на помислата дека ова акција била договорена многу порано, а состанокот бил всушност само формалност за нејзино потврдување[2]. Договорот бил терористите да се извлечат додека е дневно време, пред да падне ноќта, на што инсистирале македонските владини и воени претставници бидејќи целата акција уште од пред нејзинот почеток се набљудувала со видео техника и визуелно се снимала со камери и современа апаратура поставена од МВР на 4 кат од хотелот[2].
Иако силите на НАТО веднаш влегле во селото, сепак не го испочитувале договорот да отпочнат со извлекување во насока на Куманово во 16 часот[2]. Сепак дошло до извесни изменувања во договрениот план, па така во 17:30 часот 4 приватни автобуси од Тетово, 4 џипови и 1 камион тргнале од Арачиново и ја истовариле првата група на терористи во Никуштак[2]. Меѓутоа 7 автобуси на НАТО со борбено обезбедување на од 5 хамери, 5 болнички хамери и 2 камиона никако не тргнувале од Арачиново чекајќи да падне ноќта за да не се види кого ќе изнесат и каде ќе го однесат, знаејќи дека инсталираната техника во хотелот „Белви“ не може добро да снима ноќно време[2].
Поради ваквата постапка на силите на НАТО, македонските безбедносни сили ги блокирале сите приоди и излези од Арачиново кон Сингелиќ, Никуштак и хотелот „Белви“ при што НАТО со своето обезбедување и возила останале блокирани внатре во Арачиново, со цел да бидат пуштени да излезат утрото кога ќе се раздени[2]. Во меѓувреме состојбата во главниот град Скопје драстично се влошила со тоа што неколку илјади граѓани излегле пред Собранието и започнале со масовни протести и нереди, при што претседателот Борис Трајковски кој добил закани за убиство бил засолнет во касарната „Илинден“[2]. Во ваквата сложена ситуација, силите на НАТО со 7 автобуси, санитетски возила во кои имало тешко ранети терористи останале блокирани во Арачиново[2]. Бидејќи сите приоди биле блокирани излегувањето на НАТО силите било невозможно, а од друга страна НАТО силите не дозволувале нивните возила да бидат проверени од полицијата и по цена на отворање оган, што значело директен вооружен судир меѓу силите на НАТО и македонските безбедносни сили[2]. Поради ваквата тешка ситуација воениот аташе на САД во Македонија, полковникот Роберт Линч побарал контакт со македонскиот генерал и началник на ГШ Панде Петровски со цел да се извлечат силите на НАТО од Арачиново[2].
По давањето на одобрение од страна на генерал Панде Петровски на генералот Мирослав Стојановски за стапување во контакт со американскиот полковник Роберт Линч, во текот на ноќта 25 јуни/26 јуни 2001 со помош на 6. одред на специјалната единица „Волци“, од Арачиново кон хотелот „Белви“ по селски земјени патишта биле извлечени силите на НАТО од Арачиново[2]. Утрото на 26 јуни 2001 американскиот амбасадор и полковникот Р. Линч, воениот аташе, изразлие голема благодарност за помошта од страна на АРМ за извлекувањето од Арачиново[2].
На 27 јуни 2001, АРМ добила оперативен извештај од КФОР дека нивните сили за обезбедување на границата кон Македонија фатиле 27 лица од кои 4 со рани од борби, при што тие биле однесени во болницата на воената база Бонд Стил, додека останатите 23 биле однесени во затворскиот камп во „Бонд Стил“ при што немало известуваење за запленето оружје[2]. Според мислењето на генерал Панде Петровски овој документ најверојатно претставувал „списокот“ кој го ветил генералниот секретар на НАТО, Џорџ Робертсон на претседателот Борис Трајковски по извлекувањето од Арачиново[2].
Присуство на странски лица во редовите на терористите и помош од НАТО
уредиНајголема контраверзност на оваа битка, која несомнено е клучно важна за натамошниот тек и разврска на вооружениот конфликт и криза во Македонија е учеството на странски лица, пред сè Американци, како обучувачи или борци на страната на терористите на ОНА. Интересна е улогата и однесувањето на НАТО во однос на оваа битка, чие учество во разврската на кризата во Македонија по оваа битка станува се поотворено.
Покрај ангажирањето на НАТО во извлекуваењето на терористие од Арачиново, забележано е присуство на нивни припадници и за време на самите борбени дејствија. Во првиот ден од битката на 21 јуни биле ранети 2 странски државјани во непосредна близина на Арачиново, при што началникот на ГШ на АРМ Панде Петровски бил известен од страна на полковникот Милисав Таштановски дека тоа биле 2 Американци, по што полковникот Таштановски добил наредба да ги испита и да им ги земе документите, а потоа да ги предаде на воениот аташе на САД полковник Роберт Линч, бидејќи генерал Панде Петровски сметал дека тие сакале од непосредна близина да ја набљудуват акцијата како што било случај и со операциите во Куманово[2]. Потоа, на 24 јуни 2001 година, тогашниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон, прифаќајќи ја идејата за извлекување на терористите од Арачиново со посредство на НАТО, на претседателот Борис Трајковски му кажал дека во Арачиново се наоѓале 30 нивни луѓе за што ветил дека ќе даде и список по запирањето на акцијата и нивното извлекување[2]. Последен случај на вмешување на НАТО за време на овие настани, било фаќањето на радар на 6 авиони ловци-бомбардери кои имале курс од Италија преку Албанија кон Македонија за што бил известен началникот на ГШ на АРМ Панде Петровски од страна на бригадниот генерал и командант на военото воздухопловство и противвоздуѓната одбрана Ѕвонко Стојановски[2]. По ова генерал Панде Петровски издал наредба за следење на авионите и подготовка за пребазирање на хеликоптерите на резервен аеродром во с. Лозово[2]. Генерал Панде Петровски сметал дека ова било знак дека НАТО биле спремни да употребат сила врз Македонија доколку се продолжи со дејствата[2].
За помошта и обуката на ОНА од страна на британски и американски воени лица, пишувале и угледни светски списанија, како „Џејн Дифенс“ од САД и „Дифенс Воч“ од Велика Британија при што тие официјално не бил демантирани[10]. За соработката во создавањето на ОВК и улогата на САД во конфликтите на Балканот пишувале и проф. Мишел Чосудовски, аналитичарите Дејвид Галанд (заменик-главен уредник на „Дифенс Вач“) и Гари Вилсон, како и весниците „Катимерини“, „Тајмс“, „Сандеј Телеграф“, „Гардијан“ и други[10].
Граѓански собир и нереди пред Собранието
уредиКако знак протест по повод извелкувањето на терористите со поддршка на највисоките претставници на НАТО и ЕУ, истата вечер околу пет илјади Македонци, меѓу кои голем број на полициски резервисти, се собрале пред Собранието во Скопје на протести, барајќи да им се обрати државниот врв>. Граѓаните протестирале околу седум часа, од дваесет до два часот изутрина, заедно со резервниот состав и дел од "Тигрите", а присутните редовни полицајци кои го обезбедувале протестот изјавувале дека се на страната на нивните колеги и на насобраните граѓани и дека ќе одбијат секаква евентуална наредба да удрат по својот народ. Протестот во кој учествувале резервни и редовни војници на АРМ и спцеијалци на МВР се претворил во масовни немири, кога околу 21:45 група од 50-ина демонстранти влегла во Собраниската зграда, додека разгневените граѓани кршеле прозорци од зградата на Собранието. Во масовните нереди настрадале повеќе прозорци од зградата на Собранието, бил демолиран дел од внатрешноста на собраниските простории за состаноци, уништени биле 2 возила на МВР и едно на ОБСЕ, искршени и ограбени биле 2 дуќани во ГТЦ. Насобраните граѓани се разотишле по доаѓањето и обраќањето преку мегафон на полицискиот генерал Ристо Галевски[11].
Наводи
уреди- ↑ Според податоци од генералот Панде Петровски
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 2,17 2,18 2,19 2,20 2,21 2,22 2,23 2,24 2,25 2,26 2,27 2,28 2,29 2,30 2,31 2,32 2,33 2,34 2,35 2,36 2,37 2,38 Петровски, Панде (2006). Сведоштва „2001“. Битола: Киро Дандаро. стр. 235. ISBN 9789989785825.
- ↑ „Дневник: Терористите од Арачиново го држат Скопје на нишан!“. Архивирано од изворникот на 2011-10-03. Посетено на 2012-03-08.
- ↑ „Дневник: Топовите од Арачиново беа свртени кон Скопје“. Архивирано од изворникот на 2011-08-19. Посетено на 2012-03-08.
- ↑ „Извештај од Дневник“. Архивирано од изворникот на 2011-10-03. Посетено на 2012-03-08.
- ↑ „Интервју со Џезаир Шакири“. Архивирано од изворникот на 2012-06-28. Посетено на 2012-03-08.
- ↑ „Дневник: Терористите развеаја бели знамиња“. Архивирано од изворникот на 2011-10-03. Посетено на 2012-03-08.
- ↑ „Вест: Солана прогласи примирје по Битката за Арачиново“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2012-03-08.
- ↑ А1 Телевизија: Коридор за терористите во Арачиново
- ↑ 10,0 10,1 „Нова Македонија: И странци тврдеа дека ОНА е обучувана од Американци и од Британци“. Архивирано од изворникот на 2009-10-04. Посетено на 2012-03-11.
- ↑ „На граѓаните немаше кој да им се обрати“. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2012-03-24.