Панко Брашнаров

македонски револуционер
Ова е објавената верзија, проверена на 6 јануари 2024. Има 1 промена во исчекување на проверка.

Панко Брашнаров (познат и како Панко Брашнар; 9 август 1883 (нов стил)[1] - 13 јули 1951) — македонски комунист, член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета) и потпретседател на Президиумот на АСНОМ. Поради поддршка на Резолуцијата на Информбирото е уапсен и испратен на Голи Оток, каде набрзо умира како најстариот затвореник по основа на Информбирото кој починал во затвор.[2]

Панко Брашнаров
Роден 9 август 1883
Велес, Македонија
Починал 13 јули 1951(1951-07-13) (возр. 67)
Голи Оток, Хрватска, ФНРЈ

Рани години

уреди

Панко Брашнаров е роден во Велес. Образованието го започнува во родниот град во месната Егзархиска прогимназиja.[3] По завршувањето на прогимназијата, во 1900 година школувањето го продолжува во Машкото педагошко училиште во Скопје.[4] Учителствувањето го започнува во кумановските села каде почнува да ги шири првите револуционерни идеи. По Младотурската револуција зачленува во Народната федеративна партија. Учителствува до почетокот на Балканските војни како егзархиски учител. Уште пред Балканските војни учествува во работата на Социјалистичката организација во Велес која е дел од Македонско-одринската социјалдемократска група на членовите на Бугарската работничка социјалдемократска партија. Соработува во органот на Васил Главинов, „Класно сознание“. По војните во 1914 година пребегал во Бугарија. Завршил Виши педагошки курс на Егзархијата во Пловдив во 1915 година.[5] За време на Првата светска војна станал воjник во Единаесетта пешадиска македонска дивизија на бугарската војска и бил испратен на фронтот кај Дојран.[6]

Меѓу двете светски војни

уреди
 
Панко Брашнаров

По Првата светска војна, во 1919 година Брашнаров се враќа во Вардарска Македонија. Србите му нудат да работи како учител, но тој одбива. Работел како воденичар, градинар и крчмар. Станува член на Комунистичката партија на Југославија. Во текот на 1920-тите учествува на повеќе конференции и конгреси на КПЈ. Така, во 1920 г. е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 г. учествува на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 г. е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 г. учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена.

На основачкиот конгрес на ВМРО (Обединета) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв централен комитет. Во август 1926 година е уапсен и во април 1927 година е осуден на две-годишна робија. Од затвор излегува во февруари 1928 година. Кон крајот на мај 1929 година, на пат за конгресот на ВМРО (Обединета) во Берлин, е уапсен на југословенско-австриската граница. По настанатата голема провала на ВМРО (Обединета) во Вардарска Македонија на 5 јули 1929 година, Брашнаров е спроведен назад во Велес. На судењето во јуни 1930 година тој е осуден на пет години робија и доживотно губење на граѓанските права. Затворен е во затворот во Сремска Митровица. По излегувањето од робија, политички се повлекува.

Втора светска војна

уреди
 
Панко Брашнаров како македонски партизан

По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров бил член на Бугарскиот централен акционен комитет, а потоа повторно станува бугарски учител (бидејќи администрацијата била бугарска). Од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија и станува член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. На него е избран за потпретседател на Президиумот на АСНОМ. На 6 август е избран за повереник за информации во Президиумот на АСНОМ.

Другарки и другари народни претставители,

Во овој момент, во ова историско место „Св. Отец Прохор Пчињски“ и на овој историски ден - ИЛИНДЕН -, кога објавуваме да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци - на Гоце Делчев и денешните Илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи - слободна, обединета Македонија...

—Од говорот на Панко Брашнаров на отворањето на Првото заседание на АСНОМ[7]

По ослободувањето на Македонија, на 26 ноември, во ослободеното Скопје, на Првата конференција на Народноослободителниот фронт на Македонија е избран за негов потпретседател. Реизбран е во Президиумот на АСНОМ на Второто заседание на АСНОМ во декември 1944 и на Третото заседание во април 1945 година.

Информбирото и Голи Оток

уреди

По објавувањето на Резолуцијата на Информбирото против раководството на КПЈ во јуни 1948 година, Брашнаров недвосмислено застанува на страната на СССР и Сталин во спорот. На 1 октомври 1948 година, заедно со Павел Шатев, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека:

„Прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК на КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји... Таа парола, тоа становиште за обединување на македонскиот народ во рамките на ФНРЈ имаше смисла во 1943/44 година, кога македонскиот народ беше поставен пред алтернативата или да остане како јужно-србијанец, т.е. да биде оставен на српска асимилација, односно фактички да биде уништен од една страна. Од друга, постоечкиот чисто фашистички режим во Бугарија, фактички веќе окупирана од Германците, наспроти напорите, спротивставувањето и борбите на прогресивните елементи и сили во државата на чело со БРП(к), не дозволи тие да излезат на површината, да се пројават посилно и поотворено, за да можеше да се постави конкретно и поинаку целосното ослободување и обединување на македонскиот народ. Но, сега кога во Бугарија на чело стои БРП(к) која во ништо не заостанува зад КПЈ, нема смисла да се натпреваруваме за заземање или заграбување земји, што припаѓаат на самиот македонски народ, а не на ЦК на ЈКП.“[8]


Брашнаров е уапсен на 11 декември 1950 година и на 29 јуни 1951 е осуден на „општествено полезна работа во траење од 24 месеци.“ Во првите денови од јули е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира.

60 години не се знаеше каде се погребани неговите посмртни останки. Во септември 2011 година, новинарска екипа на емисијата КОД, составена од новинарите Владимир Тевчев и Александар Кукулев и снимателот Данчо Стефков успеа да го пронајде гробот на Панко Брашнаров. Закопан е на градските гробишта Мирогој во Загреб. Неговите посмртни остатоци доживеале две есхумации. Во 1953, две години по неговата смрт на Голи оток, тој е погребан на загребските гробишта. Во 1971 година е есхумиран во заедничка гробница, во близина на првото гробно место, а во почетокот на осумдесеттите, неговите коски, заедно со коските на уште неколкумина негови современици се преместени на необележана гробна парцела, на крајот на гробиштата.

По објавувањето на телевизиската сторија на Канал 5 Телевизија, државата најави враќање на посмртните остатоци на Панко Брашнаров во Македонија.

Литература за Брашнаров

уреди
  • „Панко Брашнаров - живот и дело“ (зборник на трудови), 1992.
  • Перо Коробар „Панко Брашнар“, 1992 и 2004.
  • Вера Весковиќ - Вангели „Досие Брашнаров“, 2003.

Наводи

уреди
  1. Перо Коробар „Панко Брашнар“, 1992, 10 стр.
  2. Pregled broja "informbirovaca" koji su u zatvorima izgubili život po godinama rođenja
  3. Во свидетелство за завршено трикласно бугарско училиште бр. 291 од 16 мај 1901 година стои: Панко Брашнаров, родом од гр. Велес, на возраст од 19 години.
  4. Во свидетелството на Панко Брашнаров за завршено трикласно педагошко училиште од 23 јуни 1902 година.
  5. Во свидетелство за завршен Виши педагошки курс во Пловдив издадено 24 јуни 1915 година стои: Панко Брашнаров роден 27 јули 1883 во Велес, околија Велешка (Македонија), а во свидетелство издадено од Светиот Синод на бугарската црква Nо. 5827 од 27 август 1915 година стои Панко Брашнаров од гр. Велес-Македонија.
  6. Виктор Цветаноски, „Во војните ВМРО целосно се стави во служба на Софија“, Утрински весник, 27.07.2007.[мртва врска]
  7. „Говорот на Панко Брашнаров на отворањето на Првото заседание на АСНОМ“. Дневник.[мртва врска]
  8. Предраг Димитриевски (30 септември 2011). „Ју-Комунистите сакаат да ја зграпчат Македонија“. Дневник. МПМ Македонија. Посетено на 15 јули 2014.[мртва врска]]

Надворешни врски

уреди