Тополкарека во Македонија, десна притока на реката Вардар. Нејзината должина изнесува 45 километри, а сливното подрачје зафаќа површина од 313 км2[1]. Извира високо на планинскиот масив Мокра Планина во пределот под врвот Солунска Глава и протекува вдолж средишниот дел на Македонија во околината на градот Велес.

Тополка
Местоположба
Физички особености
УстиеВардар Македонија Македонија
 • надм. вис.
157 м
Должина45 км
Особености на сливот
ТечениеВардарЕгејско Море
Поглед на течението на реката Тополка низ клисурата пред нејзиниот влив во Вардар, од ридовите кај црквата „Св. Недела“ и Велешкото кале

Течение

уреди

Реката Тополка извира на падините на планината Јакупица во планинскиот масив Мокра Планина над селото Горно Јаболчиште. Поточно нејзините извори се наоѓаат на југоисточната страна на Мокра Планина под нејзиниот врв Десиловец (на Бегово или „Кадино“ Поле)[2]. Од изворите до селото Горно Јаболчиште тече во североисточен правец, од каде што продолжува да тече кон исток до селото Дреново[2]. Во изворишното подрачје и вдолж горното течение тече во правец запад - исток помеѓу планините Голешница која од север ја одделува од течението на Кадина Река и Јакупица која од југ ја оддделува од сливното подрачје на Бабуна, за потоа да сврти кон југ и југоисток вдолж средното течение кое се протега во котлинскиот дел на Велешко. Во пределот од селото Дреново до Голозинци, Тополка тече во правец кон југоисток[2]. Непосредно по одминувањето на населбата Чашка, каде се наоѓа најблиското растојание помеѓу тековите на Тополка и реката Бабуна, од само 850 метри, реката Тополка го напушта зарамнетиот котлински дел и навлегува во стрмна карпеста клисура низ која во правец кон североисток[1] тече во целото долно течение сè до нејзиниот влив во Вардар, непсоредно крај последните куќи на јужниот крај и излез на градот Велес. До вливот во реката Вардар, вкупната должина на реката Тополка изнесува 45 километри. Во своето течение долго 43,5 (односно 45) километри Тополка прима неколку притоки од кои најзначајни се Врановска и Мелничка Река од десната и Мала Река од левата страна[2].

Потекло на името

уреди

Името на реката Тополка води потекло од името на дрвото „топола“ (Populus), кое расте и во многу голема мера е застапено покрај бреговите и вдолж целото течение на реката. Потеклото на името (топонимот) тополка е од македонскиот јазик со значење од растителниот свет, флората, односно означува река крај која растат и има многу тополи, што соодветствува со течението на Тополка. Во одредени делови вдолж своето течение, особено во горниот тек, реката Тополка е позната и под други имиња. Од изворот до селото Горно Јаболчиште се вика Бегова Река, од Горно Јаболчиште е позната под името Голема Река, а дури со влегувањето во Бабунската Котлина се здобива со името Тополка[1].

 
Водите на реката Тополка

Хидро-географски одлики

уреди

Реката Тополка е долга 45 километри, зафаќа сливна површина од 313 км2 и има релативен пад од 41‰ односно вкупен пад од 1.853 метри[1]. Во горниот тек тече низ длабока кањонска долина изградена во микашисти и гранитоидни гнајсеви дисецирани со тековите на притоките[1]. Во Бабунската Котлина карактеристично е лактестото свртување во Раковечкото Поле од каде Тополка тече кон североисток сè до вливањето во Вардар. Во долниот тек падот е намален и тука Тополка, пред да влезе во малата клисура кај утоката, изградила од фин речен нанос пространа алувијална рамнина[1].

Водостопанско искористување на водите

уреди

Од изворите и водите на реката Тополка, долги години со вода за пиење се снабдува градот Велес. На оваа река е изградена браната и со Лисиче, висока 66 метри, широка околу 2.400 метри и долга 2.000 метри, преку чија акумулација со вода за пиење се снабдува градот Велес. Во селата вдолж средното течение на реката Тополка, како што се Лисиче, Голозинци, Раковец и други, поради поволните услови на теренот е развиено и застапено одгледувањето на ориз во бројни оризишта од двете страни на реката, со што овој дел на Велешко по течението на Тополка е втор по големина производствен регион на ориз во Македонија, после Кочанската Котлина. Во долното течение на реката Тополка во клисурестиот предел во непосредната близина на градот Велес, од населбата Превалец сè до вливот во Вардар, во минатото работеле поголем број на воденици во кои се мелело жито, од кои денес постојат и повремено работат само неколку.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 „РИБОЛОВНА ОСНОВА ЗА "СЛИВ НА ВАРДАР - СРЕДНО ТЕЧЕНИЕ" ЗА ПЕРИОД 2011 - 2016. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. стр. 4“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2013-02-17.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Трифуноски, Ф. Јован. „Област Бабуне и Тополке“. Скопје, 1968. стр. 138

Надворешни врски

уреди