Црква „Св. Пантелејмон“ - Велес
„Св. Пантелејмон“ се наоѓа во Велес. Црквата е изградена во 1840[1]. Воедно таа е и соборен храм на Повардарската епархија при МПЦ. Нејзината изградба била извршена од познатиот македонски неимар и градител на цркви во Македонија и низ Балканот, Андреја Дамјанов со своите браќа, од велешкото село Папрадиште[1]. Во близина на црквата се наоѓа гробот на славниот и опеан македонски револуционер Миле Поп Јорданов.
Свети Пантелејмон
| |
Црквата Свети Пантелејмон во Велес | |
македонска православна црква | |
Епархија | Повардарска |
Архијерејско намесништво | Велешко |
Местоположба | |
---|---|
Место | Велес |
Општина | Велес |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Изградба | 1840 година |
Градител | Андреја Дамјанов |
Архитектонски опис |
Местоположба и историја
уредиГрадската соборна црква Св.Пантелејмон се наоѓа југозападно од градот од десната страна на реката Вардар, на неколку стотини метри оддалечена од последните куќи во една длабнатина. Теренот, на кој е поставена, прилично е стрмен, особено од западната страна, каде што над црквата високо се издига ридот Вршник, а од источната стрмо се спушта во Велешката Клисура, дури до брегот на Вардар и главниот пат кон југ. Заради тоа соѕидана е подлога за црквата, а како бедем од источната страна изграден е потпорен ѕид од деклан камен, како кај одбранбените тврдини. Во дворот на црквата, при самиот влез, поставена е камбанаријата, а десно од неа во правец на црквата се изградени неколку зградички, кои служат за разни потреби. Камбанаријата е подигната во 1904-1905 година, за која цел дотогаш служеле црковните клепала. Црквата има два влеза: еден од север, а другиот од југ. Што се однесува до постанокот на црквата Св.Пантелејмон има повеќе верзии. Тие се засноваат, главно, на народното кажување и на извесни предметни сведоштва. На прво место, како непобитен факт, е тоа дека денешната црква е од поново време, а старата, која постоела како мала црквичка, можно е во старо време да служела како манастир на стариот средновековен Велес. Во секој случај, нејзиниот денешен изглед датира од 1837-1940 година. Идејата за обновување на црквата се родила од самата потреба. За време околу 4 години (1837-1840) црквата била оспособена за богослужба. Во таа година црквата била осветена од велешкиот владика Игнатиј. При осветувањето на црквата, извршено на 9 август 1840 година, на владиката му помагал месниот свештеник поп Грујо, кој во исто време заедно со Хаџи Ѓорѓи Дрндар бил најзаслужниот човек за изградбата на црквата. Дефинитивното довршување на црквата траело сè до 1847 година, а во 1849 година е поставено клепалото.
Веќе подолго време постои проблем со лизгањето на земјиштето на ридот над црквата. Тоа претставува голема опасност и закана црквата да биде затрупана од земјата која се лизга. За решавање на овој проблем предвидена е изградба на потпорен ѕид.
Архитектура
уредиПовршината од 810 метри квадратни е опфатена со базиликално решение на основата. Но, решението не претставува класична базилика. На трите брода од наосот приклучени им се уште два - еден на северната и еден на јужната страна со функција на перистили. Така во приземјето планот на објектот наликува на петкорабна градба во која функциите се јасно диференцирани: трите централни кораби за верски обреди односно наос, а страничните два (четвртиот и петтиот) за собири кои имаат општествено - социјален карактер и се еден вид фоајеа.
Бидејќи црквата се наоѓала во градското милје политичките рестрикции во однос на христијанството не дозволувале експонирање на купола. Затоа високо издигнатиот централен брод од наосот Дамјанов ќе го покрие со три големи куполи кои се скриени во покривната конструкција и во општиот покрив на црквата. Така тој за првпат ќе го создаде системот на слепи куполи кои ги заменуваат дотогашните полуцилиндрични сводови.
Целата сводно - куполна конструкција е дрвена. Над перистилите (северниот и јужниот трем) се изведени трибини кои се надвиснати над наосот, со што на катот црквата вистински функционира како петкорабна градба. Тука, на катот, трибините меѓусебно се поврзани со западна галерија - женска црква. Над неа, на нивото на куполите од централниот брод, е подигната уште една галерија, со што црквата се протега на три вертикални нивоа.
Токму во овој елемент лежи сфаќањето на Дамјанов за развивањето на внатрешниот волумен - по пат на суперпонирање на галериите да го искачува христијанинот се погоре и погоре, напојувајќи го притоа со чувство на возвишеност, но и доминација. Човекот тука, на втората галерија, е вознесен до “небото“ зошто сводовите се негови симболи. Тој сега од горе гледа во светињата над светињите - олтарот, а не од далечна хоризонтална и непрегледна перспектива како кај раните храмови. Од секоја точка на овие галерии визурите се беспрекорно јасни и секогаш различни по значењето - на исток се дефинирани со крстовите и иконите од горните партии на високиот иконостас, а на сите останати страни калеидоскопски се расчленуваат раскошните планови составени од серии столбови секогаш различни по форма, низови од големи и мали аркади, прозрачни дрвени огради и мушарабии (паравани) итн.[2]
Ентериер
уредиВо однос на ентериерната обработка, во оваа црква до максимум е изразен концептот на Дамјанов за сценографска обработка на два ѕида - источниот преку раскошен иконостас и западниот со сложен систем од просторни и ликовни елементи изразени преку два големи барокно извиени балкони, обесени аркадни низови со псевдоготски и псевдоисламски белези, големи и мали столбови со капители од дрворезба, чудесни огради, висулци итн. Сето ова, секундарно, е и сликарски третирано така што впечатокот на монументалност е беспрекорен и доминира над фрескообработката на ѕидовите.[2]
Фасадна обработка
уредиНадворешноста на црквата, наспроти раскошниот ентериер, е мошне едноставна. На северната и јужната страна објектот е дефиниран со аркадите од пристилот (тремовите). Но, источната страна е, како и секогаш кај Дамјанов, со посебно внимание обработена. Апсидите се изработени од крајно прецизно делкан варовник. Тој лесно се реже и делка, па оттука и можноста за расчленетост на овие ѕидови со мрежа од колонети со капители, слепи арки, ниши итн.
Степенувањето на цилиндричните маси од апсидите и ѕидната површина крунисана со каскадните покриви силно го раздвижува инаку мошне мирниот волумен на црквата.[2]
Влезните портали (северниот и јужниот) се обработени релјефно со необарокни и неовизантиски примеси - над колонетите кои ги врамуваат отворите се извиваат две волути со по еден гулаб, а над целата оваа композиција е извајана нишата за сместување на фреската на патронот на црквата.[1]
Црквата е позната по прекрасната акустика добиена како резултат на вградувањето на грнчарски производи во ѕидовите како и користење на лушпи од јајца во малтерот.[1]
На јужниот портал Андреја Дамјанов го врежал своето име со следниот текст: “Мајсторот Андреја ја направи црквата“.
Галерија
уреди-
Крштелната на црквата
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 „Црквата Свети Пантелејмон - Општина Велес“. Архивирано од изворникот на 2013-01-26. Посетено на 2013-02-06.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 Jasmina., Hadžieva-Aleksievska; Јасмина., Хаџиева-Алексиевска; 1813-1878., Дамјанов, Андреја; Елизабета., Касапова (2001). Arhitekt Andreja Damjanov, 1813-1878. Skopje: J. Hadžieva Aleksievska, E. Kasapova. ISBN 9989962413. OCLC 52760451.CS1-одржување: бројчени имиња: список на автори (link)