Вилијам Батлер Јејтс

Вилијам Батлер (13 јуни 1865јануари 1939) — ирски поет.

Вилијам Батлер Јејтс
Јејтс, фотографиран во 1903 година од Алис Боугхтон

Животопис

уреди

Вилијам Батлер Јејтс се родил на 13 јуни 1865 година во даблинското предградие Сендимаунт. Набргу по неговото раѓање, семејството ја напуштило скромната, приземна семејна куќа на авенијата Сендимаунт, број 5. Всушност, семејството на Јејтс постојано се селело од место до место: кога тој имал две години, семејството се преселило во Лондон; на седумгодишна возраст се вратил во куќата на мајчините родители, имотни трговци од Слајго; во деветтата година повторно заминал во Лондон; а кога имал 15 години се вратил во Хаут крај Даблин. За време на неговото детство, пресудно влијание врз него имала грофовијата Слајго во западниот дел на Ирска, каде често ги минувал летните распусти. Таму ја засакал природата, а од мајка му и од соседите ги слушал древните келтски преданија. Неговата мајка, Сузан Полексфен, била тивка и чувствителна жена која често му раскажувала бајки. Јејтс се навраќал на Слајго во текот на целиот живот; во староста му ја посветил својата проштална песна во која ја изразил желбата да биде закопан таму. Неговите предци имале протестантско потекло, а во Ирска се доселиле во XVII век од Англија. Неговиот дедо и предедо биле англикански пастори во Слајго, а се школувале на познатиот Тринити колеџ. Таму, своето образование го стекнал и татко му, Џон Батлер Јејтс, кој во 1880-тите бил познат предрафаелитски сликар. Сè до смртта на татко му, Вилијам Батлер Јејтс се допишувал со него, разменувајќи ги искуствата и мислењата. И неговата мајка била од протестантско семејство, кое не било толку угледно како она на татко му. Во 1874 година, на деветгодишна возраст, семејството на Јејтс по вторпат се доселило во Лондон, каде најпрвин го учел татко му, а потоа се запишал во училиштето „Годол Фин“ во лондонскиот кварт Хамерсмит. Според неговиот биограф Донехју, тогаш Јејтс конечно сфатил дека, според мислата и срцето, е Ирец. Во Лондон се школувал до 1880 година, а меѓу петнаесеттата и дваесеттата година живеел во Хаут, приморско место до Даблин. Тогаш почнал да пишува драми и стихови, но без некој успех.[1][2]

Вилијам студирал во Уметничката школа во Даблин, каде што се запознал со Џорџ Расел со кого го споделил својот интерес за мистичното и натприродното.[2] Во јуни 1885 година, Јејтс бил иницијатор за основањето на Херметичкото друштво во Даблин, чија задача била проучувањето на источните чуда и философија. Во тој период го запознал Џон О'Лири, еден од водачите на ирското движење за независност. Во 1880-тите, семејството на Јејтс повторно се преселило во Лондон, каде тој станал член на Теозофското друштво. На 30 јануари 1889 година ја запознал даблинската убавица Мод Гон, ќерка на англиски полковник, која била учесник во ирското ослободително движење и дури била замешана во подготовките на неколку атентати во Лондон. Мод Гон била најголемата неоставрена љубов во животот на Јејтс која го опседнувала сè до 1889 година, кога тој се оженил со Џорџа Хајди-Лиз. Во Лондон, Јејтс станал член на спиритистичкото друштво „Златна зора“, а се дружел и со членовите на Rhymer's Club. Во периодот 1895-1905, Јејтс го проширил кругот на пријателите и се ангажирал во борбата за ирската независност. За време на летните распусти одел на имотот на Леди Огаста Грегори, жена со голем углед, писателка, мецена и собирачка на народни творби, која живеела во Кул Парк, во грофовијата Голуеј, а која станала негова заштитничка, соработничка и пријателка. И во овој период продолжил со проучувањето на магијата, посетувал сеанси на кои се повикуваат духови и станал претседател на лондонската секција на „Златна зора“. Истовремено, заедно со Леди Грегори и Џон Синг, Јејтс станал член на управата на новосонованиот Ирски национален театар (The Abbey Theatre). Во 1903 година патувал низ САД, каде одржал низа предавања. Во меѓувреме, Мод Гон се омажила за мајорот Мек-Брајд и тоа било тежок удар за Јејтс. Подоцна, заедно со Леги Грегори патувал низ Италија, каде го запознал Езра Паунд, кој му помогнал да го доврши книжевниот развој.[3] Во 1911 година започнал посериозно да се занимава со окултизмот. Во Лондон, тој ги посетувал спиритистичките сеанси во салонот на госпоѓата Блавацки. Притоа, спиритистичките вештини ги учел од книгата на Корнелиус Агрипа, „De occulta philosophia“, а духот со кој комуницирал се викал Leo Africanus. Своите искуства, доживувања и експерименти ги нарекувал „мојот систем“ кој го разработувал до крајот на животот.[4] Во 1917 година ја купил норманската кула Белили во областа Голуеј и се оженил. По ослободувањето на Ирска, Јејтс бил избран за сенатор, а во 1925 година го одржал познатиот говор во Сенатот, агитирајќи во прилог на разводот. Во текот на последните 15 години од животот често патувал надвор од Ирска, а една од последните негови должности било претседавањето со Комисијата за определување на изгледот на ирските пари.[5]

Јејтс умрел на 28 јануари 1939 година, во местото Рокбрин, на Азурниот Брег. Во 1948 година му била исполнета последната желба - да биде закопан во црковната порта во Драмклиф, каде во далечината се гледа ридот Бен Балбен. На неговиот гроб стои прост надгробен споменик, без украси и со следниов натпис:[6]

Фрли студен поглед
на животот, на смртта.
Коњанику, помини!

Cast a cold eye
On life, on death.
Horseman, pass by!

Tворештво

уреди

Јејтс е автор на богато поетско дело, создавано во текот на пет децении, од 1888 до 1939 година. Тој претставува пример за чист поет, кој целосно се изразува само низ песните, т.е. нема ниедна тема која не ја обработил поетски. Неговото творештво ги поседува сите својства на класичниот лирски пристап: тоа е исповедно, автобиографско и организирано околу неколку клучни точки на лирскиот израз. Сите негови дополнителни активности (есеистичката и автобиографската проза) служат само како дополнително објаснување на неговите поетски творби.[7]

Во 1885 година, Јејтс објавил две кратки лирски песни во Даблинското универзитетско списание и бил еден од основачите на Даблинското херметичко друштво. Исто така, тој се запознал со Џон О'Лири, еден од водачите на ирското движење за независност, кој го поддржувал во книжевниот развој и го организирал собирањето прилози за печатење на неговата прва поетска збирка. Поетската дарба на Јејтс за првпат сериозно дошла до израз кон крајот на 1880-тите. Во 1888 година ја објавил книгата „Бајки и народни приказни“, додека следната година се појавила неговата прва поетска книга, „Скитањата на Осијан и други песни“ (англискиот превод го направил Семјуел Фергусон). Истата година (1889), заедно со сликарот Едван Елис, Јејтс бил уредувач на критичкото издание на поезијата на Вилијам Блејк. Потоа станал член на спиритистичкото друштво „Златна зора“, се дружел со членовите на Rhymer's Club при што, како што самиот соопштува на почетокот од „Суровите карпи“, „го учел занаетот“. Во тој период ги објавил „Грофицата Кетлин и различни легенди и песни“ и збирката народни преданија, „Келтски самрак“. Јејтс се развил како писател во периодот 1895-1905, кога ги продлабочил спиритистичките, философските и книжевните истражувања. Тогаш соработувал во списанието што го уредувал неговиот пријател Артур Сајмонс, ги објавил „Тајната роза“ и „Ветар меѓу трските“, во 1902 почнал да го чита Ниче и бил член на управата на Ирскиот народен театар (The Abbey Theatre), заедно со Леди Грегори и Џон Синг. Во 1903 година објавил три книги и одржал низа предавања во САД. Подоцна, меѓу четвртата и петтата деценија од животот на Јејтс се случил пресвртот кој до ден-денес предизвикува неразбирање, чудење и восхит кај книжевните историчари. Во 1908 година го запознал Езра Паунд кој му помогнал да го дооформи поетскиот талент. Во текот на таа деценија, Јејтс ги објавил „Зелениот шлем и други песни“, „Песни напишани во малодушност“ и „Одговорности“. Во текот на и по Првата светска војна Јејтс веќе бил познат поет, го објавува делото „Дивите гулаби во Кул“, а во 1923 година ја добил Нобеловата награда за литература. Најпосле, во текот на последните 15 години од животот ги објавил „Кула“, „Вртени скали“, „Полна месечина во март“ и книгата „Визија“ во која ги изразил своите спиритистички искуства и сфаќања на историјата.[8]

Хронологија на творештвото на Јејтс

уреди
  • Во 1885 објавил две кратки лирски песни во „Даблинското универзитетско списание“.[9]
  • Во 1888 ги собрал и ги објавил „Бајки и народни приказни“.[10]
  • Во 1889 се појавила неговата прва поетска збирка, „Скитањата на Осијан и други песни[10]
  • Пиесата Грофицата Кетлин - првата драма што ги открила неговите цели да излезе од ирското наследство во винстинскиот национален живот.
  • Во 1893 се појавиле песните од збирката Роза, а истата година ги објавил, заедно со Едвин Елис, собраните дела на Вилијам Блејк.
  • 1899 - првата изведба на Грофицата Кетлин во Даблин под полициска заштита, зашто на публиката не ѝ се допаднала главната личност која си ја продава својата „ирска душа“ за да ги спаси своите поданици.
  • Ветерот меѓу трските од 1899 го означува врвот од раниот период на Келтскиот самрак, создаден под влијание од француските симболисти, кои ги запознал со помош на неговиот пријател, познатиот критичар Артур Сајмонс.
  • Во 1902 година ги напишал пиесите Кога нема ништо и Кетлин од Хулихан, во која насловна ролија ја играла Мод Гон.
  • Во 1903 година ги објавил нартивните поеми Старост на кралицата Маев и Бајл и Ајлин
  • Во 1904 ја објавил стихозбирката Во седумте шуми и го основал, заедно со Лени Грегори, театарот Аби во Даблин, а во 1910 станал негов извршен директор. Јејтс и Грегори несебично го промовирале драмското дело на Џон Синк, што кулминирало со изведбата на Веселникот од западниот свет во 1907.
  • 1906 - драмската поема Засечени води.
  • 1907 - пиесата Деирдре.
  • 1908 - пиесата Златниот шлем чии теми биле преточени во збирката Зелениот шлем и други песни од 1910.
  • 1914 - наративната поема Двајца кралеви, повторно со тема од митското минато на Ирска, и збирката песни Одговорности која означува драстичен раскин со митолошкото наследство и свртување кон суровата стварност на Ирска.
  • 1916 - пиесата „На јастребовиот кладенец“.
  • Во 1917 се венчал со Џорџија Хај-Лис, кај која открил дарба за „автоматско пишување“ чие секојдневно дешифрирање му овозможило да изгради цел систем на толкување врски со минатото и историјата од што произлегла книгата Визија.
  • 1919 -пиесата Едиствената љубомора на Емер и Дивите лебеди кај Кул.
  • Во 1921 била изведена пиесата Калварија со употреба на танец и маски во стилот на јапонските но-драми, а истата година се појавила и збирата песни Мајкл Робартс и танчерот.
  • 1923 - наративната поема Дарбата на Харун Ал-Рашид.
  • Во 1928 ја објавил збирката „Кула“ која ги содржи песните од неговиот најзрел творечки период, а истата година била изведена трагедијата Крал Едип на Софокле во негов превод.
  • 1929 - збирката Вртени скали.
  • Во 1931 година била изведена драмата Воскресение, преработка на Калвирајата, но со многу поживотна структура и ефикасен развој. Истата година се појавила и збирката лирски песни, Зборови за музика можеби.
  • 1933 - збирката Кружни скали и други песни.
  • Во 1934 биле изведени драмите Едип на Колон и Зборови на прозорскиот праг.
  • Во 1935 ги објавил книгите Песни и Полната месечина во поход, а под истиот наслов била изведена една пиеса, преработка на Саломе од Оскар Вајлд.
  • 1938 - пиесата Јајцето на Херне.
  • 1939 - пиесата Чистилиште, Последни песни (со песните од 1936-1939) и пиесата Смрта на Кухален.

Книжевниот развој на Јејтс

уреди

Книжевниот развој на Јејтс бил долг и сложен, а квалитативниот скок што настапил меѓу 1904 и 1914 година, кога Јејтс бил длабоко во петтата деценија од животот, е редок пример не само во англосаксонската, туку и во светската литература. Тогаш, тој ја стекнал способноста за потполно и сигурно изразување, неговиот поетски јазик започнал да се згуснува, а поетскиет слики добиле функционалност. Првите плодови на неговиот зрел поетски јазик се појавиле во збирката „Зелениот шлем и други песни“ од 1910 година. Оттогаш, преку збирките „Одговорности“ (1914), „Кула“ (1928), „Вртени скали“ (1929) до неговата последна збирка „Последни песни“ (1939), Јејтс израснал во голем поет од светски глас. Притоа, значаен дел од неговото творештво настанало откако тој ја добил Нобеловата награда, што зборува за неговиот постојан поетски развој. Разликата меѓу раната и доцната фаза од творештвото на Јејтс е очигледна и голема, но цело време се забележува единството на неговиот развоен пат во кој постојано се згуснувала лириката, а поетскиот израз станувал поцврст. Како што истакнува шведскиот професор Бригит Бјерсби, „неговите идеи и стилот покажуваат постепен растеж, па неговото дело мора да се набљудува како логично поврзана органска целина.“ И самиот Јејтс постојано правел поправки на своите песни, отстранувајќи цели строфи и песни. Во раната фаза, неговиот поетски јазик бил полн со предрафаелитска патетика и неопределеност; јазикот од подоцнежната фаза содржи некаква непријатна цврстина при што алитерацијата и асонансата сè почесто ја истиснуваат римата, иако таа се задржува во целото неговот творештво. Сепак, за втората фаза се карактеристични кусите, приближни и несовршени рими кои ретко се појавуваат во првата фаза. Јејтсовата борба за изградба на стилот може да се сведе на три барања. Во едно писмо од 1902 година, упатено до Леди Грегори, тој напишал дека пишувањето му станало „далеку помажествено“ и дека во него има „повеќе дух“. Иако немал смисла за музика, тој постојано ја негувал звучноста на стихот, ги менувал ритамот, организацијата на строфите, метриката и сликовните схеми, а често ги користел рефрените. „Последните песни“ претставуваат најцелосна потврда на неговиот голем стил и тие се круна на неговото творештво.[11]

Големо влијание во поетскиот развој на Јејтс извршил Езра Паунд, кој во текот на зимските месеци 1913-1914, 1914-1915 и 1915-1916 работел како еден вид секретар во куќата на Јејтс во Сасекс. Под неговото влијание, тогаш Јејтс целосно го прифатил инсистирањето за непосредно претставување и од Паунд барал во песните да го подвлече сето она што му изгледало матно, апстрактно или слатко. Во своите подоцнежни песни Јејтс особено ги слави борбата, одговорноста пред племето, љубовта и пријателството. Притоа, како ретко кој современ поет, тој грижливо го негувал култот кон пријателството при што неговите најдобри автобиографски песни им се посветени на пријателите („Велигден 1916“, „Повторната посета на Градската галерија“, „Кул парк и Белили“). Во неговите песни, жената секогаш е претставена како прекрасната дама од симболизмот. Притоа, во раните песни пеел за непознати убавици и самовили, потоа ја славел својата сакана Мод Гон, а во староста започнал да ја преиспитува љубовта. Во доцната фаза, Јејтс пеел за раѓањето и паѓањето на цивилизациите („Спирали“, „Меру“, „Бронзената глава“, „Под Бен Балбен“) и за мачниот процес на стареењето.[12]

Философските и уметничките погледи на Јејтс

уреди

Остварувањето на Јејтс како поет е резултат на неговото спротивставување на духот на модерната епоха. Иако скриено, тој постојано спорел со вредностите на индустриската цивилизација и токму во тоа се состои ирската црта во неговите ставови. Уште во своите први стихови, Јејтс го искажал младешкото чувство дека новото време донело смртна пресуда за поезијата и дека настапило владеењето на „Сивата вистина“ (‘’Grey Truth’’) со која тој никогаш не се помирил. И тоа е една од најважните одлики на неговата поезија, зашто Јејтс ги игнорирал сите поважни интелектуални и уметнички текови на неговото време – експресионизмот, надреализмот, футуризмот, марксизмот и социјалната книжевност. Сепак, Јејтс не може да се обвини за конзервативизам во вообичаената смисла на зборот. Навистина, на почетокот, неговиот поетски израз бил архаичен, но постепено ги примил сите вредности на модерната поезија: непосредност, економичност, отпор кон навиките и претераните украси, продорна оголеност, синтаксичка природност и избегнување на инверзиите. Притоа, отвореноста кон модерниот вкус и сензибилитет му овозможиле да се приспособи, но да не се откаже од почетните, несовремени погледи.[13] Во таа смисла, дури и зборот „модерно“ Јејтс го употребувал со презир, а истражувачите на неговото творештво успеале да пронајдат само еден случај (во песната „Меѓу учениците“) во кој зборот „модерен“ е употребен во позитивен контекст. Јејтс го славел простиот селски живот, копнеел за аристократските традиции, ја отфрлал демократијата, ги презирал ниските цели на средната класа и буржоазијата, а верувал во „избраните“ мудри и благородни луѓе.[14]

За Јејтс, современата епоха била симбол на неред, пропаѓање, хаос, безвластие, скрнавење на сето возвишено и убаво и издигнување на средните и безвредните. На тој хаос му ги спротивставил вечните вредности и критериуми и сметал дека човекот мора да го најде патот кон помирувањето со племето и со универзумот, со животот и со смртта. Во таа насока, своите сфаќања ги црпел од различни извори: келтската митологија, индиската религија, неоплатонизмот и ренесансата. Сепак, наспроти различните влијанија, Јејтс не западнал во стапицата на еклектизмот, а тврдењата во неговите песни се само условни, според критичарот Елман, тие се псевдотврдења чија улога се состои во тоа да ги поттикнат одговорите на читателите. Јејтсовите философски погледи не се организирани ни кохерентни, но сепак, во нив постои систем, заснован врз ирационалните претчувства, случајностите и облиците на ненаучното мислење. За него, мислењето е само една фаза во доживувањето на односите и појавите, а од философијата не очекувал големи и конечни одговори. Тој бил вреден читател на философските текстови од различни епохи и нив ги преведувал во поетски јазик, градејќи свој систем за кој многумина (на пример, Одн) зборувале без почит.[15] И покрај тоа Јејтсовите погледи не се кохерентни, сепак, тие се најблиски со учењето на Ниче со кое се запознал во 1902 година и кое му ги зацврстило ставовите кои веќе ги имал зацртано, пред сè во поглед на сфаќањето за цикличното движење на историјата. Ваквите погледи се застапени во повеќе Јејтсови песни, како: „Леда и лебедот“, „Второто пришествие“, „Две песни од театарска пиеса“ итн. Така, во „Парнеловиот погреб“ Јејтс вели: Епохата е враќање на епохата (An age is the reversal of an age).[16]

Важна одлика на неговиот мисловен систем е смислата за противтежните сили, т.е. за можностите кои им се спротивставени на првото, привидно единствено, мислење. Во многу негови песни може да се слушне „другиот глас“ кој го негира почетниот став, а тој постојано ги развива и ги брани противаргументите. Оваа негова одлика особено ја развил благодарение на бавењето со драмската книжевност. Според критичарот Донехју, токму оваа подготвеност да ги прифаќа противаргументите му помогнала цели 50 години да се менува и да се развива.[17]

При разгледувањето на Јејтсовите идеи мора да се биде внимателен, зашто нивното значење не се состои во нив, туку во моќта за создавање на поетските визии кои настанале или биле засилени од неговите идеи. На пример, Јејтс бил длабоко религиозен и верувал во натприродното, но истовремено, тој бил антиклерикалец, а неговите подоцнежни песни содржат и елементи на атеизам. За христијанството зборувал како за азиска матица која продрела во античкиот свет и ја разурнала неговата хармонија. Неговите песни содржат христијански норми и суеверие, монотеизам и пантеизам. Од сите негови идеи најдолго ја задржал идејата за бесмртноста на душата, а учењето за реинкарнацијата го привлекло уште во младоста, кога почнал да ја проучува индиската философија и религија.[18]

Според една компјутерска анализа, во целокупното поетско дело на Јејтс најчесто се појавуваат следниве зборови: сè, т.е. сите (all) – 1.019 пати, стар (old) - 575 пати, како (as) 556 пати, надвор (out) - 483 пати (заедно и со глаголите), човек (man) – 456 пати, љубов(love) – 353 пати, еден (one) – 336 пати, доаѓа (come) - 289 пати, како (like) - 281 пат, луѓе (men) – 263 пати, некои, т.е. нешто (some) - 260 пати, очи (eyes) – 244 пати, долг (long) - 242 пати, долу (down) – 240 пати, голем (great) – 221 пат, настрана (away) - 213 пати, направен (made) – 208 пати, горе, високо (up) – 204 пати, ноќ (night) - 197 пати, мисла, поим (thought) – 196 пати, ден (day) – 194 пати, Месечина (Moon) – 176 пати, свет (world) – 174 пати итн. Од именките, најчесто се употребени: човек, љубов, луѓе, срце, очи, ноќ, мисла, ден, свет, месечина итн., односно оние кои се карактеристични за вредносниот систем на Јејтсовата поезија, а воопшто не е случајно тоа што модерните именки од типот на „авион“ (aeroplane) се употребени само еднаш.[19]

Ирска како тема во творештвото на Јејтс

уреди

Ирските теми се присутни во творештвото на Јејтс уште во првите негови книжевни дела. За него, ирството претставува час надворешен украс, час посебна нијанса во претставувањето на општите прашања; тоа се одразува во гордоста и отменоста на дикцијата, во романтичарската ширина на погледот и во обилноста на поетските слики. Оттука, тој гордо изјавува:[20]

Јас сум од Ирска, а
Ирска е света земја.

И ден-денес, присуството на Јејтс се чувствува насекаде низ Ирска, исто како што таа е присутна во секој негов стих. Проучувајќи го ирското национално минато, Јејтс започнал игра на дешифрирање, толкување и парафразирање на дамнешните симболи. Притоа, тој им се вратил на келтските извори и го отфрлил посредството на црквата. Како учесник во келтската преродба, Јејтс црпел од најдалечните, митски извори и од златното време на ирската историја. Во неговото творештво, стремежот да се оживее древната Ирска одела паралелно со борбата да се изгради личниот поетски израз. Во 1885 година, по долгогодишното прогонство, во Ирска се вратил Џон О'Лири, кој околу себе собрал повеќе млади писатели меѓу кои бил и Јејтс. Во својата студија за Јејтс, професорот Донехју вели дека Јејтс измислил една земја и ја нарекол Ирска, која во неговото творештво е „чиста како свеќата што пред Светиот крст гори“. Во тој поглед, Јејтс тежнеел кон откривање на првобитната, рајска, поетска татковина на човекот во која земското и она другото се наоѓаат во единство и каде што смртта продолжува со животот, а животот со смртта. Потврдата за таа идеја ја наоѓал во древните верувања на келтските племиња:[21]

Повеќепати човекот се раѓа и умира
Помеѓу оние две вечности,
Вечноста на племето и душата. Сето тоа
Старата Ирска го знаеше.

Дури и во послабите негови песни Јејтс секогаш успевал да ја одржи рамнотежата меѓу длабокиот национален полет и достоинството и слободата на уметничото мислење. Оттука, тој никогаш не бил следбеник на тесноградиот и патетичен ирски, католички национализам. Тој поаѓал од претпоставката дека големата поезија мора да биде национално обоена, но не ги следел политичарите, а кон свештенството бил уште понедоверлив. негодувањето предизвикано од изведбата на некои негови пиеси уште повеќе го оддалечило од вкусот на широките народни маси, а неговата интелектуална толеранција не се вклопувала во општоприфатеното мислење дека борбата против англиската власт била поважбна од сè. За него, улогата на поезијата била поголема од политичката дејност, а во една прилика напишал: „Книжевноста е најсилниот глас на свеста и на совеста“. Во своите подоцнежни песни, Јејтс повторно ја истакнал вербата дека Ирците уште еднаш ќе се потврдат како градители на онаа цивилизација која е родена од пресметките на Питагора и од грчкиот идеал на убавината. Но, за лошата уметност никогаш немал оправдување и пишувал дека за неа не треба да се има милост ниту кога е национално исправна. Со еден збор, Јејтс бил националист, но истовремено ја зачувал способноста за критичко мислење и духовната ширина. Така, во песната посветана на Парнел, големиот ирски борец против англиската власт, Јејтс вели:[22]

Дојди по гледни ме прекорно: потребна ми е таа казна.
Сè што во Ирска поетот или гласникот
Го ипеаја и објавија - сето тоа е лага заразна
Која ја пренесува масата...

Според историчарите на книжевноста, Јејтс се вклучилво ирското ослободително движење само поради љубовта кон Мод Гон. И навистина, во староста, тој со ужас се сеќавал на нетолерантноста на неговата голема љубов, а во една песна тој вели:[23]

омразата на умот – полоша од секоја друга.
Од партиите бегај како од чума.

Исто така, во песната за политичката затвореничка Ива Маркевич, тој вели дека:[24]

овена, целата кожа и коска,
права слика на онаа политика

Својата политичка философија најконцизно ја изразил во едно писмо, напишано пред Втората светска војна, во кое го изразува познатиот став: „Сите идеологии се одговорни согласно бројот на своите жртви.“[24]

Симболизмот и романтизмот на Јејтс

уреди

Симболизмот на Јејтс претставува резултат на неговото верување во реинкарнацијата, а врз него имало големо влијание и творештвото на Пол Верлен, Артур Рембо и Стефан Маларме. Исто така, меѓу 1889 и 1893 година Јејтс се занимавал со проучување на симболизмот на Вилијам Блејк. Во неговите рани песни, симболите се наивни, а системот проѕирен. Подоцна, тој разликувал два вида симболи: едни за чувствата а други за идеите (сами или поврзани со чувствата). Најчесто користени симболи во неговото творештво се четирите елементи на Емпедокле, спротивните факти на постоењето (ден/ноќ, живот/смрт, сонце/месечина), како и симболите: кула, игра, вртени скали (симболот на спиралното течење на историјата), дрво, коска, маска, извор, роза, птица, змија, крст, злато, сребро, лилјан итн. Исто така, присутни се и бројни комбинации: на пример, полната месечина е симбол на самоостварувањето, а замрачувањето на месечината – симбол на повлекувањето во себе. Притоа, некои симболи се подвижни и се менуваат од песна до песна, но секогаш во рамките на утврдениот круг на значењето. Јејтс многу работел на симболите и нив ги испитувал, ги вкрстувал и го оценувал нивното простирање. Ниеден симбол не смеел да бида употребен случајно, но сите требало да бидат потврдени во слободната творечка игра, а тоа извонредно му успевало во неговите доцни песни. Според критичарот Елман, разјаснувањето на овие симболи повеќе ни помага да сфатиме како настанала песната отколку да ја доживееме. Имено, читателот може да ужива во поезијата на Јејтс без да им посветува внимание на симболите, зашто познавањето на нивната точна вредност малку придонесуваат за естетското доживување на неговите песни.[25]

Често, Јејтс се опишува како последниот романтичар. Но, кога се зборува за неговиот романтизам не се мисли на поетските обичаи и постапки карактеристични за романтизмот од почетокот на XIX век, туку на имагинацијата како врховен творечки пристап. Според критичарот Донехју, разработил романтичарската концепција за поезијата како повторување на првиот, највисокиот чин на создавање, Јејтс ја разработил така што Бог го претворил во „голем драматичар“, а поетот во глумец кој ги менува маските и често „игра улога која е спротивна на својата природа“. Како вистински романтичар по духот, по воспитувањето и по народната традиција, Јејтс пее за љубовта, минливоста, пријателството, тагата на стареењето итн. Навистина, тој морал привидно да ги прифати и модерните ограничувања на интензивните емоции, но со тоа неговите определби само се засилиле. Јејтс го постигнал најтешкото: ја зачувал романтичарската душа, а истовремено, во самиот поетски јазик и во начинот на употреба на личните и општите мотиви, ги задоволил барањата на модерната поезија.[26]

Значење и влијание

уреди

Денес, Јејтс не само што се смета за најголемиот ирски поет, туку зазема значајно место во светската поезија. Во една статија, Томас Стернс Елиот вели дека „Јејтс, откако најпрвин бил голем занаетчија... станал голем поет...“[27]

Дела за Јејтс

уреди
  • Richard Ellmann, Yeats, the Man and the Masks. New York: Macmillan Company, 1948.
  • Richard Ellmann, The Identity of Yeats. London: Faber and Faber, 1968.
  • A. N. Jeffares, „A Commentary of the Collected Poems of W. B. Yeats“. London: Macmillan, 1968.
  • Denis Donoghue and J. R. Mulryne (eds.), An Honoured Guest: New Essays on W. B. Yeats. London: Edward Arnold, 1968.
  • Denis Donoghue, Yeats. London: Fontana Collins, 1971.

Наводи

уреди
  1. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 10-12.
  2. 2,0 2,1 Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, Битола: НИД „Микена“, 2010.
  3. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 12-14.
  4. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 35-36.
  5. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 14-15.
  6. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 10-11.
  7. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 9-10.
  8. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 12-15.
  9. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 12.
  10. 10,0 10,1 Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 13.
  11. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 40-43.
  12. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 44-45.
  13. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 23-24.
  14. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 29.
  15. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 24-29.
  16. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 31-32.
  17. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 27.
  18. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 27-28.
  19. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 34.
  20. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 15.
  21. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 17-20.
  22. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 20-22.
  23. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 30.
  24. 24,0 24,1 Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 31.
  25. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 36-39.
  26. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 46-51.
  27. Milovan Danojlić, „Jejtsovi koreni“, во: Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 51.