Жан Пол Сартр

фанцуски писател и мислител
(Пренасочено од Жан-Пол Сартр)

Жан Пол Сартр (англиски: Jean-Paul Charles Aymard Sartre; Париз, 21 јуни 1905 - Париз, 15 април 1980) — француски филозоф, писател (драматург и романописец) како и критичар од XX век. Неговото дело ја одбележа средината на векот, а неговиот интелектуален ангажиран живот поттикна разни полемики. Верен на себеси и на своите идеи, секогаш ги одбивал признанијата посебно Нобеловата награда за литература во 1964. Хиперактивна личност, тој е познат по своето дело, особено по неговите филозофски парадигми кои се групираат под името егзистенцијализам, како и по неговиот политички ангажман, радикална левица. Сартр е познат и по неговата долгогодишна врска со Симон де Бовоар.

Жан-Пол Сартр
Жан-Пол Сартр во 1950
Роден(а)21 јуни 1905
Париз, Франција
Починал(а)15 април 1980(1980-04-15) (возр. 74)
Париз, Франција
ПериодФилозофија на XX век
ПодрачјеЗападна филозофија
ШколаЕгзистенцијализам, Континентална филозофија, Марксизам
Претежна дејност
Метафизика, Епистемологија, Етика, Литература, Политика, Феноменологија, Онтологија
Значајни идеи
(Постоењето ѝ претходи на суштината - (француски: L'existence précède l'essence), Лоша среќа, Ништожност

Животопис

уреди

Жан Пол Сартр е роден на 21 јуни 1905 година во Париз. Откако завршил гимназија, се запишал на престижната Висока школа на норми (1924),[2][3] каде ја сретнал својата идна сопатничка Симон де Бовоар. По завршување на студиите, едно време работел во Авр како професор по филозофија, а потоа заминал за Берлин, каде ги проучувал Едмунд Хусерл и Мартин Хајдегер. Кога се вратил во Авр, во 1936 година ги објавил филозофските есеи Трансценденција на егото и Имагинација, а потоа во 1939 година и Скица на теоријата на емоциите, со кои во Франција ги внел германската феноменологија и егзистенцијализмот. По патувањата низ Италија во 1936 година, го понудил романот Меланхолија на издавачот „Галимар“, но бил одбиен. Ова дело во 1938 година ќе биде објавено под насловот Тегобност. Од тогаш, па сè до крајот на животот, Сартр настапувал на три фронта: филозофски, книжевен и политички.

Жан Пол Сартр е основоположник на француската егзистенцијалистичка школа и импресивна фигура во современата литература на својата земја. Најпознати негови дела се романите „Тегобност“, „Патишта на слободата“, драмите „Валкани раце“, „Зад затворени врати“, филозофските дела „Битие и ништожност“ и „Критика на дијалектичкиот ум“. Од прозните дела објавил збирка раскази „Ѕид“ во 1939 година, како и автобиографската проза „Зборови“ во 1964 година, последното дело на Сартр е монументалнат студија за Флобер, „Семеен идиот“, објавена во 1971 година.

Бил член на францускиот „Отпор“ и бил заробен за време на Втората светска војна. Во еден период бил близок со комунистите, но во текот на педесеттите години се разишле. Се спротивставувал на советската интервенција во Унгарија, на војните во Виетнам и Алжир, го поддржувал студентското движење во 1968 година, и бил еден од ретките интелектуалци од Западот кои пропатувале низ комунистичките земји: Сојуз на Советските Социјалистички Републики (1954), Народна Република Кина (1956), Југославија (1958) и Куба (1960). За својата работа во 1964 година ја добил Нобеловата награда за литература, но ја одбил велејќи: „писателот мора да одбие да си дозволи да биде преобразен во институција, дури и ако таа е во најчесна форма.“

На 25 јули 1956 година, на пропатувањето низ Југославија, заедно со Симон де Бовоар, Сартр го посетил Скопје.[4]

Метафизиката на Сартр

уреди

Основата за Сартровиот егзистенцијализам се родила во неговото дело Трансценденција на Егото. Секоја директна свест за нештата во себе Сартр ја нарекува „предрефлективна свест“. Секој обид да се опише или разбере нештото во себе, Сартр го нарекува „рефлективна свест“. Не постои начин рефлективната свест да ја вклучи предрефлективната, и поради тоа рефлексијата е осудена на тегобност, од што произлегува дека секој кој обид за самоспознавање (самосвест) секогаш ќе биде неуспешен.[5]

Според Сартр, на самосвеста ѝ се потребни „другите“ за да може да го покаже своето постоење. Свеста има „мазохистичка желба“ да биде ограничена т.е. ограничена од рефлективната свест на друг субјект. Ова размислување метафорички го изразил во познатата реченица од делото Без излез - Пеколот, тоа се другите луѓе.

Сартр и Втората светска војна

уреди
 
Француски новинари во посета на Џорџ Маршал, во 1945 година. Сартр стои трет од лево).

Во 1939 година, Сартр бил мобилизиран во француската војска во која служел како метеоролог. Бил заробен од германската војска во 1940 година во градот Паду и девет месеци поминал како воен заробеник, во Паду, Нанси, и на крајот во Трир, каде го напишал своето прво театарско дело Bariona ou le Fils du tonnerre, драма за Божик. Поради слабото здравје, Сартр бил пуштен во април 1941 година, а веќе во мај кога се вработил како учител блиску до Париз, на местото на еврејскиот учител на кого му било забрането да држи настава. Во Париз, Сартр учествувал во основањето на тајното друштво „Социјализам и слобода“ (Socialisme et Liberté) заедно се Симон де Бовоар, Морис Мерло-Понти, Доминик Десантје и други. Во август, Сартр и Бовоар заминале на француската ривиера да се сретнат со Андре Жид и Андре Малро, од кои барале поддршка. Но, Жид и Малро биле нерешителни, што довело до тоа Сартр да се разочара и да се обесхрабри.

Здружението потоа се распаднало, а Сартр решил да се посвети повеќе на книжевноста отколку на отпорот. Во тој период ги напишал книгите Битие и ништожност, Муви и Зад затворени врати. Ниедна од нив не била забранета од Германците. Во тој период, Сартр објавувал текстови во илегални и други книжевни списанија, а по ослободувањето на Париз, активно соработувал со списанието „Комбат“, кое тајно го основал Албер Ками, кој имал слични погледи како и Сартр. Сартр и Бовоар биле блиски пријатели со Ками, сè додека тој се оддалечил од комунизмот. Пријателството пукнало во 1951 година, кога Ками ги објавил есејот Бунтовникот.

По војната, Сартр започнал со издавање на месечното книжевно-политичко списание „Модерни времиња“.[6]

Сартр во политиката

уреди
 
Сартр (средина) со Симон де Бовоар и Че Гевара

По објавување на делото Битие и ништовност во 1943 година, Сартр станал политички активист. Во Валкани раце од 1948 година зборува за политички активен интелектуалец. Сартр го почитувал марксизмот, иако никогаш не станал член на Комунистичката партија на Франција. Тој се залагал за ослободување на Алжир од францускиот колонијализам, и станал еден од најгласните поборници за Алжирската војна за независност. Бил против Виетнамската војна, и во 1967 година заедно со Бертранд Расел и други организирал трибунал на кој требало да се обелоденат американските воени злосторства. Тој трибунал денес е познат како Раселов трибунал. Сепак, ефектите од трибуналот биле ограничени.

Сартр ги нагласувал хуманистичките вредности во првите дела на Карл Маркс, што довело до судир со водечкиот француски комунистички интелектуалец од 1960-те години, Луј Алтисер.

Во текот на 1960-те години, Сартр заминал на Куба во посета на Фидел Кастро и Че Гевара. По смртта на Че Гевара, Сартр изјавил дека тој бил најкомплетнен човек на неговото време.[7] Сепак, застанал против убиствата на хомосексуалците што ги вршел режимот на Кастро, кои ги споредил со погубувањето на Евреите од страна на нацистите.[8]

Во текот на 1974 година, Сартр го посетил во затворот водачот на Фракцијата на црвената армија, Андреас Бадер, а потоа ги критикувал лошите услови во затворот.[9] Кон крајот на својот живот, Сартр станал анархист.[10][11][12]

Крајот на животот и смртта

уреди
 
Жан-Пол Сартр во Венеција, 1967 година
 
Заедничката гробница на Сартр и Симон де Бовоар

Во 1964 година Сартр се повлекол од книжевноста, по објавувањето на автобиографијата Зборови. Книгата била ироничен противнапад на Марсел Пруст. Таа година му е доделена Нобеловата награда за литература која ја одбил, велејќи дека не сака да прима официјални одликувања и не сака да се придружи на институциите. Сартр бил првиот лауреат на Нобелова награда кој своеволно ја одбил наградата.[13]

За време на студентските револуционерни штрајкови во Париз, во 1968 година, Сартр бил уапсен поради граѓанска непослушност, но претседателот Шарл де Гол го помилувал, велејќи дека: не може да го апсите Волтер.[14]

Кага го прашале во 1975 година по што би сакал да биде запаметен, Сартр рекол:

„Би сакал луѓето да ме памтат по „Тегобност“, „Без излез“, „Ѓаволот и Господ Бог“, потоа по моите филозофски дела, посебно „Критика на дијалектичкиот ум“, како и по мојот есеј за Генет ... Ако бидат запаметени овие дела, тоа би било вистинско достигнување, и јас не би можел да побарам повеќе. Како човек, би сакал да ме запамтат по историската ситуација во која живеев, како живеев, во смисла на сите аспирации што се обидов да ги соберам во себе.“[15]

Физичката состојба на Сартр се влошувала, делумно поради бесмилосното темпо на работа, како и поради употребата на амфетамин.[16] Во последните години, Сартр ги пишувал Критика и Идиот, аналитичка биографија на Гистав Флобер, но и двете дела останале недовршени. Пател од хипертензија,[17] а во 1973 година бил речиси слеп. Сартр бил страсен пушач, што можеби било причина за влошувањето на неговото здравје.[18] Жан Пол Сартр починал во Париз, на 15 април 1980 година. На неговиот погреб дошле 50.000 парижани.[19][20]

Наводи

уреди
  1. „Sartre's Debt to Rousseau“ (PDF). Посетено на 2 March 2010.
  2. Brabazon, James (1975). Albert Schweitzer: A Biography. Putnam. стр. 28.
  3. „Quelques Anciens Celebres“. Hattemer. Архивирано од изворникот на 18 јуни 2015.
  4. „Сомнително лице во ресторанот "Македонија", „Вест“
  5. Sartre, 1936 Transcendence of the Ego", Williams and Kirkpatrick, 1957 pp. 98-106 prijevod "La transcendence de l'Ego...
  6. Ann Fulton, Apostles of Sartre: Existentialism in America, 1945–1963 (Evanston, IL: Northwestern University Press, 1999) 12.
  7. "Remembering Che Guevara", 9 October 2006, ''The International News'', by Prof Khwaja Masud“. The News International. 9 October 2006. Архивирано од изворникот на 12 January 2012. Посетено на 27 October 2011.
  8. Conducta Impropria by Nestor Almendros, 1983: https://www.youtube.com/watch?v=iIQB5cI9b4A&index=8&list=PLD12AFBD33DDE5D99.
  9. Jean-Paul Sartre (7 December 1974). „The Slow Death of Andreas Baader“. Marxists.org.
  10. „Sartre at Seventy: An Interview by Jean-Paul Sartre and Michel Contat“. The New York Review of Books. 7 August 1975.
  11. „R.A. Forum > Sartre par lui-même (Sartre by Himself)“. Raforum.info. 28 септември 1966. Архивирано од изворникот на 30 септември 2011. Посетено на 27 октомври 2011.
  12. "Interview with Jean-Paul Sartre" in The Philosophy of Jean-Paul Sartre, ed. P. A. Schilpp, p. 21.
  13. „Nobel Prize in Literature 1964 – Press Release“. nobelprize.org.
  14. Superstar of the Mind, Tom Bishop, New York Times, 7 јуни 1987.
  15. Charlesworth, Max (1976). The Existentialists and Jean-Paul Sartre. University of Queensland Press. стр. 154. ISBN 0-7022-1150-8.
  16. „New Criterion review of La Cérémonie des adieux by Simone de Beauvoir“.
  17. Ronald Hayman. Sartre: A Biography. Carroll & Graf, 1992, p. 464.
  18. Samuel, Henry (10 March 2005). „Hell is other people removing your cigarette“. The Telegraph.
  19. „Histoire Du Monde“.
  20. Singer, Daniel (5 June 2000). „Sartre's Roads to Freedom“. The Nation. Архивирано од изворникот на 2 June 2008. Посетено на 9 May 2009.

Надворешни врски

уреди