Сол Белоу
Сол Белоу (англиски: Saul Bellow; 10 јуни 1915 – 5 април 2005) — канадско-американски писател, добитник на Нобелова награда за литература и на Пулицеровата награда во 1976 година, за разбирањето на човекот и за детална анализа на современата литература. Тој пишувал есеи, раскази, новелата „Не пропуштај го денот“, но најмногу е познат по романите.[1]
Животопис
уредиБелоу потекнува од еврејско семејство. Роден е две години откако неговите родители Леша и Авраам Ви се иселиле од Санкт Петербург во Монтреал, Канада. Во детството на Белоу сè се променило кога за време на една инфекција на дишните патишта се посветил на читањето книги, а решил да биде писател кога ја прочитал „Колибата на чичко Том“. Од рана воздраст, Белоу покажувал големо интересирање за литературата и зборувал четири јазици. Студирал на Чикашкиот, на Северозападниот и на универзитетот на Винсконсин. Студиите ги завршил во 1937 година, по што работел како биограф, наставник и уредник во енциклопедијата „Британика“. За време на Втората светска војна служел во трговската флота на САД. Од 1946 година ја поврзал својата литературна дејност со предавачката работа на унерверзитетот во Минесота, во Бард колеџот и на унирверзитетите во Њујорк и Чикаго (каде што живеел од 1962 година).
Творештво
уредиПрвите Белоови романи „Заблудениот“ (1944) и „Жртва“ (1947) се одликуваат со грижливо организирана структура и со јазикот. Суштествено е различен романот „Авантурите на Оги Марч“ - питорескен роман, во кој Белоу го избегнува традиционалното хронолошко раскажување и применува слободен стил, умешно оперира со јазикот и користи разговорен јазик , а присутни се и долги филозофски монолози. Овие елементи се карактеристични и за неговите други позначајни романи - „Херцог“ (1964), „Планетата на господинот Семлер“ (1970), „Хумболтовиот дар“ (1975) и „Повеќето умираат од срцев удар“ (1987).
Белоу спаѓа во редот на водечките современи американски писатели, кој не само што убедливо покажал дека романот не е во криза по Фокнер и Хемингвеј, туку открил сосема нови простори на духот и на фантазијата. Успехот на Белоу претежно се должи на тоа што традицијата на натуралистичкиот роман и на романот заснован врз „текот на свеста“ да ја облагороди со богатото искуство на европскиот филозофски роман од 18. и 19. век.[2]
Библиографија
уреди- Заблудениот (роман, 1944)
- Жртва (роман, 1947)
- Авантурите на Оги Марч (роман, 1953)
- Зграпчи го денот (новела, 1956)
- Хендерсон, кралот на дождот (роман, 1959)
- Херцог (роман, 1964)
- Последната анализа (драма, 1965)
- Мемоарите на Мозби и други раскази (раскази, 1968)
- Планетата на господинот Семлер (роман, 1970)
- Хумболтовиот дар (роман, 1975)
- Повеќето умираат од срцев удар (роман, 1987)
- Кражба (роман, 1989)
- Врската Белароса (роман, 1989)
- Равелстајн (роман, 2000)
- Собрани раскази (раскази, 2001)