Надин Гордимер (англиски: Nadine Gordimer, 20 ноември 1923, Спрингс, Трансвал, денес ЈАР) - јужноафриканска писателка, добитничка на Нобеловата награда за литература во 1991 година, „за опусот што, преку убавиот епски стил, е подарок за човештвото“.[1]

Надин Гордимер

Животопис уреди

Гордимер е родена во малото рударско гратче Спрингс, близу до Јоханесбург, во семејство на Евреи-доселеници: нејзиниот таткото од Литванија,а мајката од Англија. Гордимер израснала во семејство на службеници од средниот сталеж. Многу читала, а почнала да пишува на деветгодишна возраст. Завршила средно образование и само една година студирала на Витватерсранд. Уште млада внимателно го следела општествениот живот во Јужна Африка.

Творештво уреди

Веќе на возраст од 13 години, Гордимер го објавила својот прв расказ во локалното списание, а нејзината прва книга се појавила кога имала неполни 20 години. Таа пишувала на англиски јазик и нејзините дела претежно биле објавени во Англија, а во ЈАР често биле забранети, поради тоа што во нив ги опишувала односите меѓу белците и Црнците.[2] Нејзините први книги (пишувани на англиски јазик), збирката раскази „Тихиот глас на земјата“ и романот „Лажливи дни“ (1953), се одликуваат со совладана техника и со задржан тон, карактеристични за нејзиното целокупно творештво. Подоцна, Гордимер ги објавила збирката раскази „Ќерката на Бургер“ (1979) и романите „Војничка прегратка“ (1980) и „Луѓето на Џулај“. Исто така, таа ги има објавено и збирките раскази: „Мекиот глас на змијата“, „Петочни траги“, „Ливингстоновите другари“, „Нема слично место“, „Нешто таму надвор“. Нејзини најзначајни дела се: „Луѓето на Џулај“, „Свет на странци“, „Почесен гостин“, „Конзервативец“, „Доцнобуржоаскиот свет“, „Бургеровата ќерка“ и „Спорт во природа“.

Осврт кон творештвото на Гордимер уреди

Во своите дела, Гордимер ги застапува идеите на класичниот англиски либерализам, а тоа се отсликува во темите што ги обработува. Така, во нејзините романи се зборува за пријателството меѓу Европјанин и Африканец; за самоубиството на еден белец кој застанал на страната на Црнците и се вклучил во терористичка акција против власта; за исцрпувачкото илегално скитање на Црнец и бела жена, итн. Во својот најмрачен роман, „Конзервативец“, таа раскажува за богат европски индустријалец кого го напуштаат љубовницата и синот, а тој се затвора на една јужноафриканска фарма, каде му се замрачува умот пред очите на рамнодушните црни слуги. Во „Бургеровата ќерка“, таткото (стар комунист) умира во затворот, а ќерката расте сама, бега и најпосле се враќа во Јужна Африка и ја продолжува борбата што ја воделе нејзините родители, поради што и таа завршува в затвор. Големо значење имаат и расказите на Гордимер, поради која често ја сметаат за најдобрата англиска раскажувачка, како од гледна точка на стилот, така и според моралниот набој. Нејзините раскази се одликуваа со чеховска сила и живописно ги прикажуваат трагичните настани во Африка, т.е. личните и политичките елементи на поделбата во општеството. И покрај тоа што тие имаат и политички конотации, во нив Гордимер се покажува како префинет уметник во описите на африканските пејзажи, во анализата на ликовите, во интензивната евокација на луѓето и во прикажувањето на љубовните сцени проткаени со нежен еротизам. Притоа, речиси секогаш нејзините јунаци се насликани како антијунаци, а во тој поглед особено се издвојуваат женските ликови.[3]

Награди уреди

Гордимер е добитничка на повеќе награди, меѓу кои и: италијанската награда „Малапарте“, германската награда „Нели Сакс“, наградата на Шкотскиот совет за уметност и француската меѓународна награда „Голем златен орел“. За романот „Конзервативец“, таа ја добила престижната Букерова награда.[4]

Наводи уреди

  1. Преводи на книжевни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2009.
  2. Jovica Aćin, „Afrički zavičaj“, во: Nadin Gordimer, Dva metra zemlje. Beograd: Rad, 1989, стр. 109.
  3. Jovica Aćin, „Afrički zavičaj“, во: Nadin Gordimer, Dva metra zemlje. Beograd: Rad, 1989, стр. 109-111.
  4. Jovica Aćin, „Afrički zavičaj“, во: Nadin Gordimer, Dva metra zemlje. Beograd: Rad, 1989, стр. 110.