Томас Ман
Паул Томас Ман (германски: Paul Thomas Mann; 6 јуни 1875 во Либек — 12 август 1955 во Цирих) — германски есеист, романописец и критичар. Негови најзначајни дела се: „Буденброкови“, „Доктор Фаустус“ и „Волшебниот рид“. Во 1929 година, Ман ја добил Нобеловата награда за литература, а во 1949 година, Гетеовата награда.
Томас Ман Paul Thomas Mann | |
---|---|
Ман во 1937 г. | |
Занимање | Романописец, раскажувач, есеист |
Период | 1896 — 1954 |
Жанр | Роман, новела, историски раскази, пикарски роман |
Значајни дела | Буденброкови, Волшебниот рид, Смрт во Венеција |
Значајни награди | Нобеловата награда за литература 1929 |
Потпис |
Животопис
уредиТомас Ман потекнувал од патрициско семејство на трговци од Либек, коешто во минатото било моќно. Татко му бил сопственик на голема фирма која се бавела со трговија со жито, а истовремено и сенатор на Либек. Омразен од своите учители кои му предвидувале сигурна пропаст, Томас Ман не успеал да ја положи матурата. По смртта на татко му и преселбата во Минхен, Ман станал службеник во едно друштво за осигурување, а потоа се вработил во редакцијата на сатиричното списание Simplicisimus.[1][2]
Откако на 10 февруари 1933 година, на Универзитетот во Минхен јавно читал делови од есејот „Страдањето и големината на Рихадр Вагнер“, Ман утредента отпатувал во Амстердам, а оттаму продолжил во Брисел и во Париз каде, исто така, го читал есејот. Поради неговото толкување на ликот на Вагнер, нацистичкиот режим му го забранил враќањето во Германија, a потоа му бил одземен и почесниот докторат на Универзитетот во Бон.[3]
Ман бил воздржан, дисциплиниран и педантен човек, а секој ден му бил уреден до најситините детали: наутро работел, а потоа имал одредени часови за посети и разговори и за дружење во кругот на семејството. Сопругата Катја постојано била насочена кон неговото творештво. Постариот брат Хајнрих Ман бил познат писател, а со книжевност се бавел и најстариот син Клаус (кој извршил самоубиство). Освен него, Ман имал уште две деца: синот Голо и ќерката Ерика.[4]
Творештво
уредиПред да се прослави со романот „Буденброкови“, Ман пишувал само кратки раскази во импресионистички стил. Според неговите зборови: „Сметав дека токму психолошкиот short story беше конечно мојот жанр и не верував дека кога и да било ќе можам и ќе смеам да се зафатам со некаква поголема композиција.“ По преселбата во Минхен, на возраст од 19 години, Ман го напишал својот прв расказ, напишан под големо влијание на Мопасан, а објавен во 1894 година во натуралистичкото списание Gesellschaft. По тој повод, Рихард Демел, еден од тогашните најппознати германски поети, му напишал на Ман писмо полно со воодушевување, повикувајќи го на соработка. Потоа, Ман продолжил да објавува во сатиричното списание Simplicisimus, како и во други списанија, а во 1898 година ја објавил првата збирка раскази, со наслов „Малиот господин Фридеман“, насловена по истоимениот расказ. Притоа, главните јунаци во неговите први новели обично се отуѓени, осамени луѓе, со искривена природа. Во нив јасно се гледа дарбата на Ман: прецизен стил, смисла за иронија и хумор и способност за впечатливо обликување и на споредните ликови. Во овој период, Ман ја продолжува традицијата на Шторм и Фонтане, но исто така се забележува и влијанието на Гете, како и на француските романописци и на скандинавските и руските раскажувачи. Најпосле, според сопственото признание на Ман, во неговите рани дела се забележува влијанието на стилот на Ниче во кого тој гледал не философ, туку уметник, велејќи дека „кој Ниче го сфаќа буквално, кој му верува, тој е изгубен“.[5]
Пресвртот во неговиот развој како писател настапил за време на патувањето во Рим, каде дошол во допир со романот „Рене Допрен“ на браќата Гонкур, кој го охрабрил да почне да пишува подолги прозни дела, исполнети со економско-историски и политички материјал. Така настанал романот „Буденброкови“ на кој работел три години со бројни прекини, а откако го завршил, му го испратил на издавачот С. Фишер. По долго чекање, најпосле пристигнал одговорот од издавачот, кој прифатил да го објави делото, но под услов да неговиот обем да се намали барем на половината од првобитниот текст. Ман го одбил предлогот и успеал да го убеди издавачот така што романот се појавил во 1901 година во два тома. Опишувајќи го пропаѓањето на граѓанското семејство, Ман употребил автентични податоци од животот во својот град, но и некои автобиографски моменти. Во тој поглед, Ман напишал: „Личните семејни искуства јас ги стилизирав во роман, додуша со чувството дека во тоа има нешто литерарно, т.е. духовно, оопштоважечко, но без вистинските вести за тоа дека раскажувајќи за гаснењето на една граѓанска куќа, раскажувава за гаснењето и крајот на еден далеку поголем културен и социјално-историски прелом.[6]
Набргу, романот станал светска сензација и го прославил младиот автор, а потоа Ман ја објавил втората збирка новели „Тристан“ (1903) во која се наоѓа и новелата „Тонио Крегер“ која, според неговите зборови, од сè што напишал, му била „најблиска до срцето“. Во тој период се појавило и единственото драмско дело на Ман, „Фиренца“, кое повеќе може да се опише како како новела во облик на дијалог отколку како драма.[7] Во 1905 година, по повод стогодишнината од смртта на Шилер, Ман ја напишал новелата „Тежок час“ - мало ремек-дело кое претставува многу субјективна студија за Шилер. Во 1909 година се појавил оптимистичко-шеговитиот роман „Кралско височество“ во кое на симболичен начин е прикажана кризата на индивидуализмот, а во 1912 година била објавена новелата „Смрт во Венеција“ која го означува крајот на првиот период од творештвото на Ман. Во меѓувреме, во 1911 година бил објавен фрагмент од „Исповедот на измамникот Феликс Крул“, т.е. почетокот на романот на којшто Ман се навратил половина век подоцна, иако и тогаш останал недовршен.[8]
Во 1924 година, Ман го објавил романот „Волшебниот рид“ со кој почнува втората фаза од неговото творештво. Всушност, Ман почнал да работи на овој роман уште во 1912 година, но прекинал кога избувнала Првата светска војна. Почетокот на втората етапа била одбележана и со една идила во стихови, како и со расказот „Господарот и кучето“ (1919). Во 1925 година, Ман ја објавил автобиографската новела „Неред и рана болка“, а потоа го заинтересирала старозаветната приказна за Јосиф за која уште Гете сметал дека може да се раскаже поопширно, а благодарение на „епската педантерија“ на Ман, од првобитно замислената новела се родил романот „Јосиф и неговите браќа“. Ман продолжил да го развива овој роман и во следните 16 години, така што тој прераснал во тетралогија чии делови се појавиле во периодот од 1933 до 1943 година. За време на еден прекин од работата на романот, Ман ја напишал новелата „Марио и магионичарот“ (1929), а во 1940 година, за време на неговата емиграција во Швајцарија, бил објавен романот за Гете, „Лота во Вајмар“. Следната година, додека предавал на Универзитетот Принстон, Ман ја напишал „индиската легенда“, новелата „Заменетите глави“ која авторот ја опишал како „метафизичка шега“. Исто така, во САД Ман ја објавил и следната новела, „Закон“ (1943), додека својата осуда на нацизмот најостро ја изразил во последниот завршен роман „Доктор Фаустус“ (1947) со кој сакал да даде „роман на својата епоха“, а слична тема обработува и краткиот роман „Избраниот“ (1949). Последната преокупација на Ман била навраќањето кон романот „Исповедот на измамникот Феликс Крул“ во кој „уметноста со помош на травестија се пренесува на граѓанско-криминалното“. Додека работел на овој роман, во една пауза, Ман ја објавил новелата „Измамена“ (1953), која од тематска гледна точка означува враќање назад во сферата на болеста, но од естетска гледна точка е тешко прифатлива. Самиот Ман признал дека ова дело е „проблематичен производ“, но во оваа скандалозна парабола е раскажана во стилот на класичната новела.[9]
Ман е автор и на бројни есеи, како што се: „За Германија и Германците“, „Страдањето и големината на Рихард Вагнер“, „Размислувањата на еден неполитичен“, „Германската Република“ итн.[10]
Осврт кон творештвото
уредиВо уметничкиот развоен пат на Ман не постојат постојат скокови и неочекувани пресврти. Сепак, во секое свое дело тој е поинаков, зашто не може да се повторува, иако неговата преобразба се случува тивко, непрекинато и се случуваат од внатрешната нужност. Врз неговото творештво е очигледно големото влијание на Гете. Според сведоштвото на самиот Ман, додека го пишувал делото „Смрт во Венеција“, секојдневно го читал Гете за да го потврди својот стил во развојната линија на германската епика, а јазикот и формата во „Волшебниот рид“ по својата класичнохармонична одмереност се сродни на Гете. Притоа, сродноста со Гете е намерна, грижливо негувана, како наследување на Гете, еден вид на повторување на внатрешниот душевен став. Ман го достигнал совршенството на Гетеовиот јазик кој е подвижен, сензуален, отсечен, полн со одговорност и крајно артифициран. Но, исто така, во согласност со модерната епоха, неговиот јазик е истовремено нервозен, префинет и ироничен. Неговиот јазик е верен на традицијата и истовремено творечки, јасен и парадостичен, врза и воедно слободен. Меѓутоа, тој никогаш не е премногу обилен и патетичен, туку е полн со мерка и потполно личен. Од Гете наваму, во германската книжевност немало толку нови зборови и кованици како што има во творештвото на Ман. И токму тие низи од зборови поврзани со цртички со својата прецизност даваат богатство од нијанси и ново одредувања на поимите кои дотогаш не било можно да се формулираат. Исто така, иронијата и персифлажата се карактеристични за неговиот стил. За него, иронијата е средство кое му овозможило да се воздигне од граѓанството и критички да се оддалечи од него. Неговите книжевни јунаци се надвор од пиететот, зашто се подложни на пороците, страстите и безбожните мисли. Понатаму, темел на Мановата епика е она што тој го нарекува кај Вагнер „тематско-мотивска техника на ткаење“. Сите важни мотиви кои еднаш се појавиле во некое од неговите дела, често само попатно и подземно, подоцна постојано се враќаат, видоизменети, во нови хармониски комбинации. Ритмичко-дисонантното и трагично-ироничното ковање на зборовите се непознати тонски односи на современата инструментација на епиката.[11]
Иако е најпознат по неговите романи, Ман почнал и завршил како романописец. Притоа, освен индиската легенда и библиската приказна, сите негови новели обработуваат современи теми кои се случуваат во рамките на граѓанското општество. Според неговите зборови, „јас сум дете на германското граѓанство и никогаш не ја одрекував традицијата поврзана со таквото потекло.“ Основната тема во неговите новели е односот на духот кон животот и проблемот на уметникот и, оттука, главните ликови во повеќето негови новели се уметници или писатели, наклонети кон анализа. Поради тоа, во новелите нема многу дејство, туку преовладуваат разговорот и медитацијата. Ман ги сака сложените психолошки проблеми во кои доаѓа до израз неговата вештина за длабока анализа, а во романите и новелите ги внел „етиката, музиката и хуморот“. Неговите дела секогаш имаат подлабоко значење, ликовите добиваат симболичка смисла, на етичко-социјалната позадина се истакнуваат хуманоста и љубовта кон човекот. Во уметничката постапка, Ман се држи до стварноста, т.е. аналитичкиот реализам во неговите дела е заснован врз стварните детаљи. Ман не сакал да измислува, сметајќи дека „човекот не е поет со тоа што ќе измисли нешто, туку со тоа што предметите ќе му значат нешто“. Најпосле, новелите на Ман се одликуваат со извонреден стил и со совршена форма, откривајќи ја вистинската уметност на јазикот.[12]
Ман е последниот писател од епохата која го означува залезот на една голема и болна култура. Во тој поглед, самиот тој напишал: „... малку имам против тоа д абидам доцен и последен, оној кој заклучува...“ Но, истовремено, тој ги отвора новите идни простори на уметноста. Целиот негов живот претставува чекорење од едно до друго дело, секогаш од копнежот кон исполнувањето. Оттука, неговото творештво е една од малубројните судбини на современата западна уметност која успеала да се доврши самата себе.[13]
Значење и влијание
уредиЕдна песна на полската поетеса Вислава Шимборска носи наслов „Томас Ман“.[14]
Наводи
уреди- ↑ Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 134.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. VIII.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXVI.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXI.
- ↑ Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 134-135.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. X-XI.
- ↑ Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 135.
- ↑ Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 136-138.
- ↑ Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 138-141.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XV-XVI.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во. Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXII-XXIV.
- ↑ Miloš Đorđević, „Novele Tomasa Mana“, во: Tomas Man, Tonio Kreger - Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 141-142.
- ↑ О. Бихаљи-Мерин, „Натурализам и грађански дух“, во: Томас Ман, Чаробни брег. Београд: Просвета, 1956, стр. XXXII.
- ↑ Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 119-120.
Надворешни врски
уреди„Томас Ман“ на Ризницата ? |
- Дела од Thomas Mann на проектот „Гутенберг“
- The Nobel Prize — autobiography
- FBI File on Thomas Mann (archived 2004)
- Thomas Mann 'Bookweb' on literary website The Ledge, with suggestions for further reading Архивирано на 13 март 2007 г.
- First prints of Thomas Mann. Collection Dr. Haack, Leipzig (Germany)
Оваа биографска статија е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |