Јосиф Бродски
Јосиф Александрович Бродски (руски: Иосиф Александрович Бродский; 24 мај 1940 – 26 јануари 1996 ) беше руски поет и есеист, добитник на Нобеловата награда за литература во 1987 година, венцоносец на Струшките вечери на поезијата четири години подоцна и Поет лауреат на САД во 1991 и 1992 година. Се смета за еден од најголемите поети на дваесеттиот век [1].
Јосиф Бродски | |
---|---|
Роден/а | 24 мај 1940 Ленинград, СССР |
Починат/а | 26 јануари 1996 Њујорк Сити, САД |
Занимање | поет, есеист |
Националност | Русин |
Животопис
уредиВо Советскиот Сојуз
уредиБродски е роден во еврејско семејство во Ленинград, како син на професионален фотограф вработен во Советската морнарица. Уште додека е дете ја преживува Опсадата на неговиот роден град. Кога полни петнаесет години, Бродски го напишта училиштето и се обидува да влезе во Школата на нуркачите (Школа Подводников), но безуспешно. Потоа оди да работи како машински оператор на една воденица (фрезеровщик) во фабрика. Откако одлучува да стане доктор, се префрла во затворот Крести, каде работи како помошник во мртовечницата. Никогаш не задоволен од работата, неколкупати ќе го менува своето работно место; се вработува во болница, на брод, а дел е и од една геолошка експедиција.
Истовремено, Бродски се самообразова. Ги изучува англискиот и полскиот јазик (главно со цел да ги препее стиховите на Чеслав Милош, неговиот омилен поет и доживотен пријател), развива длабок интерес за класична филозофија, религија, митологија, како и англиска и американска поезија. Подоцна во текот на својот живот, Бродски ќе признае дека ја земал секоја книга на која ќе налетал, вклучувајќи ги и оние веќе фрлени во контејнер.
Во текот на 1957 година, Бродски почнува да пишува поезија и да препејува странски автори. Неговото творештво во овој период е аполитично. Младиот Јосиф бил под влијание и добивал постојана поддршка од Ана Ахматова за која дел од неговите стихови се "волшебни." Бродски никогаш нема да дипломира.
Во 1963 година тој е уапсен, а веќе следната обвинет за паразитизам ("тунеядство") од страна на советските власти. Еден многу познат извадок од судскиот манускрипт е прокриумчарен на запад од страна на новинарката Фрида Видгорова:
- Судијата: А која е всушност вашата професија?
- Бродски: Поет. Поет-преведувач.
- Судијата: Кој ве прогласил како поет? Кој ве признал како поет?
- Бродски: Никој. А кој ме признал за човек?
- Судијата: Сте учеле ли за тоа?
- Бродски: За што?
- Судијата: За тоа да бидете поет. Сте се обиделе ли да завршите соодветен факултет?
- Бродски: Не мислев дека поет се станува со школување.
- Судијата: Туку како?
- Бродски: Мислам дека тоа потекнува од... (беспомошно)... од Бога.[1][2]
Заради неговиот "паразитизам" Бродски е протеран и осуден на осумнаесет-месечна тешка физичка работа во областа на Архангелск. Казната е отповикана во 1965 година по гласниот протест на видни советски и светски литературни фигури, меѓу кои се и имињата на Јевгениј Јевтушенко и Жан Пол Сартр.
Во 1964 година Леонид Брежњев доаѓа на власт. Со тоа завршува периодот на Хрушчовата диктатура, но сепак, само четири песни од опусот на Бродски се објавени во Советскиот Сојуз. Имено, поетот одбива да ги издава своите песни цензурирани и најголем дел од неговата поезија прво се појавува на запад или во облик на самиздат.
Во САД
уредиНа 4 јуни 1972 година, Бродски е протеран од СССР. Станува американски државјанин во 1980 година. Неговата прва професорска работа во САД е на Универзитетот во Мичиген. Тој е Поет-со-Престојувалиште и професор-гостин на колеџите Квинс и Смит, како и на универзитетите Колумбија и Кембриџ во Англија.
Постигнува голем успех како поет и есеист на англиски јазик. Во 1978 година Бродски добива почесна диплома од Универзитетот Јејл, а на 23 мај 1979 година, примен е за член на Американска Академија и Институт за Уметности и Писма. Две години подоцна Бродски ја прима наградата гениј од Фондацијата Џон Д. и Катерина T. Мекартур.
Во 1986 збирката есеи на Бродски Помалку од еден ја добива Националната награда на критичарите за критика. Следната година, Бродски е награден со Нобеловата награда за литература и со тоа станува петтиот русин со ваква почест. Во текот на интервјуто одржано на аеродромот во Стокхолм на прашањето: "Вие сте американски граѓанин кој ја прима наградата за поезија напишана на руски јазик. Кој сте вие, Американец или Русин?", тој одговара: "Јас сум Евреин - руски поет и англиски есеист"[3].
Во 1991 година Бродски станува Поет лауреат на САД. Неговото инаугурациско обраќање е објавено во Поетски рецензии. Се венча со Марија Созани во 1990 година. Имаат една ќерка.
Бродски умира од срцев удар во неговиот стан во Њујорк Сити на 28 јануари 1996 и е закопан во гробницата Сан Микеле во Венеција, Италија. Венеција е местото каде се одвива дејството во неговата книга Воден жиг.
Меѓу поетите кои имаат поголемо влијание врз Бродски, би можеле да се издвојат Осип Мандељштам, В.Х. Одн и Роберт Фрост.
Идеи
уредиЕдна од повторливите теми во пишувањето на Бродски е односот меѓу поетот и општеството. Најчесто, Бродски го нагласува позитивното влијание на литературата врз луѓето и начинот на кој истата помага во градењето на нивната култура. Смета дека западната литературна традиција има овозможено надминување на модерните катастрофи од типот на нацизмот, комунизмот и светските војни. Во текот на неговото претседателствување како поетски лауреат, Бродски ја промовира идејата англо-американското културно наследство да се донесе во допир со пошироката американска јавност преку дистрибуирање на бесплатни поетски антологии на луѓето преку програма спонзорирана од владина страна. Предлгот, на разочарување на Бродски, е прифатен само со потиштен ентузијазам од Вашингтон.
Цитати
уреди- Ако ги избиравме нашите водачи по нивното читатчко искуство, а не по нивните политички програми, ќе имаше многу помалку болка на земјата. Верувам — иако, секако, не емпириски, туку само теоретски--дека некој што многу го има читано Дикенс многу потешко ќе ги изневери неговите ставови, отколку некој што воопшто го нема читано Дикенс.
- Секоја писателска кариера започнува како лична потрага по статус на светец, по само-подобрување. Порано или подоцна, а по правило навистина рано, човекот сфаќа дека неговото перо постигнува многу повеќе отколку неговата душа.
- Завршните стихови на подолгата поема Дел од Говорот, 1975-1976:
- „...Слобода
- е кога забораваш како се пишува името на тиранот,
- а плунката во устата ти е послатка од персиско вино;
- и иако умот ти е извиткан како рогот на овенот,
- ништо не капнува од твоето око светло-сино.“
- Постојат поголеми злосторства од палење книги. Една од нив е нивното нечитање.
- Армијата ќе успее да направи граѓанин од тебе; без неа, имаш шанса, колку и да е мала, да останеш човек.
Библиографија
уредиИнтересна одлика на Бродски е тоа што, и покрај големото познавање на англискиот јазик, поезијата ја пишува на руски. Сепак, последните години од неговиот живот, неговото прозно творештво се печати на англиски. Треба да се спомне и дека препевите направени од неговите пријатели, Бродски сам ги доработува и преработува [1].
Поезија
уреди- Стихотворения и поэмы („Песни и поеми“, 1965)
- Остановка в пустыне („Станица во пустината“, 1970)
- Конец прекрасной эпохи: Стихотворения („Крајот на прекрасната епоха“, 1977)
- Часть речи („Дел од Говорот“, 1977)
- В Англии („Во Англија“, 1977)
- Римские элегии („Римски елегии“, 1982)
- К Урании („На Уранија“, 1984)
- Collected Poems in English („Собрани песни на англиски“, 2000)
Есеи
уреди- Less Than One („Помалку од еден“, 1986)
- Watermark („Воден жиг“, 1992)
- On Grief and Reason („За Болката и Разумот“, 1996)
Драми
уредиБелешки
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Дел од Говорот за Јосиф Бродски, Иван Џепароски, Јосиф Бродски: Дел од Говорот, Македонска книга, Скопје, 1988.
- ↑ Оригиналниот запис изгледа вака:
Судья: А вообще какая ваша специальность?
Бродский: Поэт. Поэт-переводчик.
Судья: А кто это признал, что вы поэт? Кто причислил вас к поэтам?
Бродский: Никто. (Без вызова). А кто причислил меня к роду человеческому?
Судья: А вы учились этому?
Бродский: Чему?
Судья: Чтобы быть поэтом? Не пытались кончить Вуз, где готовят... где учат...
Бродский: Я не думал, что это дается образованием.
Судья: А чем же?
Бродский: Я думаю, это... (растерянно)... от Бога...
Преводот е на Иван Џепароски (види прва белешка). - ↑ Работи и денови. Евреин или Елин?, од Симон Маркиш.
Надворешни врски
уреди- Проза и есеи на Бродски на lib.ru. ru
- Многу разбирливо мрежно место за Бродски. ru
- Интервју со Евгениј Рејн во кое се опишува животот на Бродски. ru
- Поезија на Бродски. ru (англиски)
- Биографија и песни на Јосиф Бродски. (шпански)
- Бродски на Литературната Енциклопедија. (англиски)
- Биографски информации за Бродски. Архивирано на 2 април 2008 г. (англиски)
- Кратка биографија. (англиски)
- 21 песна на Бродски во pdf формат. (англиски)
- Рецензија на Бродскиевиот Törnfallet. (англиски)
- Последното издадено интервју со поетот. Архивирано на 27 септември 2007 г. (англиски)
- Јосиф Бродски – Биографија на Nobelprize.org. (англиски)
- Галерија на слики. (англиски)
- Напишано во каменот Архивирано на 14 август 2006 г. - локација на гробот на Бродски. (англиски)
- Големиот Бродски Архивирано на 5 март 2016 г. на Блесок Архивирано на 1 октомври 2007 г.. (македонски)