Марсел Пруст (француски: Marcel Proust; 10 јули 1871, Отеј - 18 ноември 1922, Париз, Франција) — француски романописец, критичар и есеист, најпознат како автор на монументалното прозно дело Во потрага по изгубеното време. Тој се смета од страна на критичарите и писателите за еден од највлијателните писатели од 20 век.[1][2]

Марсел Пруст

Животопис

уреди
 
Куќата во Париз, во која живеел Пруст од 1907 до 1919 година.

Марсел Пруст е роден на 10 јули 1871 година, во Отеј, југозападно предградие на Париз во кое многу богати луѓе имале вили за одмор. Татко му, Адриен Пруст (роден во 1834 година), бил прочуен лекар, католик по вероисповед, а по потекло од Илиер, место во околината на Шартр. Мајка му, Жана Клеманс Веј, родена во Париз, била 15 години помлада од својот сопруг, а потекнувала од богато еврејско банкарско семејство. Брачниот пар Пруст живеел на булеварот Малзерб, во Париз, а Марсел имал и помлад брат, Робер кој, исто како татко му, бил лекар.[3][4]

На деветгодишна возраст, на враќање од една прошетка по Булоњската шума, малот Марсел го фатил астматичен грч, а тие ужасни напади траеле целиот живот и веројатно придонеле за неговата прерана смрт. Како последица на болеста, малиот Пруст бил страстен читател и за време на летните месеци, во куќата за одмор на својто дедо, во околината на Париз, тој имал обичај по ручекот да се повлече во библиотеката и со часови да чита. Неговите омилени книги од овој период биле делата на Жил Верн, „Авантурите на Артур Гордон Пим“ на Едгар Алан По, „Капетан Фракас“ на Теофил Готје и „Приказна за белиот кос“ на Алфред де Мисе. Подоцна, ова читателско искуство го опишал во познатиот есеј „За читањето“ (1905), но и во првиот дел на романот „Во Свановиот крај“ во кој се раскажува за детето Марсел кое сака да стане писател. Од 1882 до 1889 година, Марсел Пруст се школувал во лицејот Кондорсе, една од најдобрите париски гимназии, каде едвај се извлекол на испитот по математика, но се истакнал во областа на историјата и книжевноста. Така, на возраст од 13 години напишал есеј за разурнувањето на Картагина во кој го формулирал својот уметнички кредо - дека поезијата и животот се две различни стварности. Пролетта 1888 година, Марсел Пруст се вљубил во својот другар од гимназијата Жак Бизе, синот на композиторот Жорж Бизе, а својата љубов му ја изразил во три страсни писма. Исплашена од наклонетоста на синот, мајка му на Марсел му забранила на Жак Бизе да го посетува Марсел, а потоа почнала долга (неуспешна) борба да го промени својот син и да го натера да се дружи со девојки. Истовремено со љубовта кон Жак, Пруст почнал да ја обожува и неговата мајка, Женевјева Бизе, а оваа случка подоцна ја опишал во романот „Во сенката на девојките во цветот“ во која Марсел е вљубен во Жилберта Сван и во нејзината мајка Одета. Женевјева Бизе, пак, му послужила на Пруст како прототип за ликот на Оријана, војвотката од Германт која во „Една Сванова љубов“ се појавува како принцезата Де Лом. По смртта на Жорж Бизе, Женевјева се омажила за богатиот адвокат Емил Штраус и станала сопственичка на еден од најугледните париски уметнички салони, чиј чест посетител бил и младиот Пруст. Исто така, тој ги посетувал и салоните на принцезата Матилда, внука на Наполеон I, како и салонот на сопругата на Алфонс Доде во кој ги запознал Мопасан, Анатол Франс и Едмон де Гонкур. Во ова време, гимназијалецот Пруст интензивно ги следел уметничките настани - ги посетувал изложбите и театарските претстави, а многу ги читал Монтењ, Корнеј, Расин, Флобер, Бодлер, Балзак и Жерар де Нервал.[3][5]

По завршувањето на гимназијата, во 1889 година, Пруст доброволно се пријавил за отслужување на воениот рок во пешадискиот полк во Орлеан, но поради ноќните напади на астма и силната кашлица, добил дозвола да се пресели во приватен пансион. Таму, Пруст учел мечување, вежбал гимнастика и ги подучувал младите војници, а за време на викендите одел во Париз или бил гостин на вечерите што ги приредувале постарите офицери во Орлеан. Есента 1890, Пруст се запишал на студиите по дипломатија на Факултетот за политички науки, а следната година започнал да студира право на Сорбона, но набргу ги прекинал студиите и остатокот од животот го посветил на социјалниот живот и на пишувањето. Под влијание на идеите на британскиот философ Џон Раскин, од 1900 до 1902 година, Пруст презел и неколку „раскиновски аџилаци“, патувајќи во Венеција, Холандија и Франција. Во септември 1905 година, Пруст претрпел голем удар, зашто умрела неговата мајка, а во текот на следните две години, повремено пишувал за весникот „Фигаро“ и со автомобил патувал низ Нормандија, во друштво на Алфред Агостинли, неговиот шофер, секретар и љубовник, кој му послужил како модел за ликот на Албертина во романот „Во потрага по изгубеното време“. На почетокот од 1913 година, Агостинели го напуштил Пруст, а потоа погинал во авионска несреќа. Пруст умрел на 18 ноември 1922 година.[6][7][8]

Болеста и нејзините последици

уреди

Како последица на болеста, од неговата деветта година, на Пруст му биле забранети речиси сите активности: патувањата, веселите игри, живоста, лудувањето, сè што се нарекува детство. На тој начин, уште од раното детство, тој станал набљудувач со истанчени чувства, со нежни нерви, лесно ранлив, суштество со неверојатна раздразливост на нервите и сетилата. Страсно ја сакал природата, но само ретко смеел да ја гледа и тоа никогаш во пролет: тогаш поленовиот прав и цутењето на природата премногу болно му ги боделе воспалените органи. Многу ги сакал цвеќињата, но не смеел да им се приближи. Дури и кога некој пријател ќе влезел во собата со каранфил на реверот, Марсел морал да го замоли да го тргне цветот, а посетата на некој салон во кој врз масите стоеле букети, со денови го врзува за постела. Затоа, понекогаш излегувал во затворена кола во природа, за да ги гледа, зад застаклените прозорци, саканите бои и миризливите цветови. За да го надомести тој недостаток, Марсел Пруст се снабдувал со многу книги книги, за да чита за патувањата, за пределите до кои никогаш не стигнал. Еднаш ја посетил Венеција, а неколкупати отишол на море, но секое од тие патувања го исцрпувало. Затоа, речиси наполно се затворил во Париз. Дотолку поделикатно станало неговото забележување на сè што е човечко. Тонот на некаков разговор, шнолата во косата на некоја жена, начинот на кој некој седнува на масата или станува од неа, сите најфини украси на општествениот живот се задржувале со неспоредлива цврстина во неговото сеќавање. Неговото секогаш будно око помеѓу две трепкања ги фаќал и најситните подробности, сите врски, пресврти, серпентини и застои во некој разговор му се ѕунеле во ушите природно, со сите трепети. Затоа подоцна, во својот роман, разговорот со грофот Норпоа можел да го предаде на 150 страници, а во него да не пропушти ниту еден здив, ниту едно случајно движење, колебање и ниеден премин.[9]

Животот во „високото општество“

уреди

Откако, поради неговото слабо здравје, пропаднале сите планови на неговите родители да му обезбедат дипломатска кариера, Пруст го трошел времето посетувајќи ги париските салони; до својата 37. година го живеел, всушност, најсмешниот, најглупавиот, најбесмислениот, безделнички живот што кога и да е го живеел некој голем уметник; се влечкал како сноб по сите приредби на „високото општество“ при што насекаде бил присутен, насекаде го примале. Цели петнаесет години, ноќ низ ноќ, речиси во секој салон, па дури и во најнедостапните, можел да се сретне тој нежен млад човек, секогаш полн со стравопочит спрема сè што е монденско, везден расприкажан, придворен, забавувајќи се или досадувајќи се. Насекаде виси во некое ќоше, се приклучува во некаков разговор, а за чудо и високата аристократија од предградието Сен-Жермен го трпи непознатиот натрапник; всушност, тоа му било и најголемиот успех во животот. Зашто, надворешно, младиот Марсел Пруст немал никакви квалитети. Не бил особено убав, ниту особено елегантен и не бил од благородна лоза. Не го легитимирале ни неговите литерарни заслуги, зашто неговото дело „Les plaisirs et les jeux“, и покрај услужливиот предговор на Анатол Франс, немало ни тежина ниту пак успех. Она што го правело да биде омилен била само неговата дарежливост: ги опсипувал сите жени со скапоцени цвеќиња, а сите познати со неочекувани подароци, а во хотелотРиц“ бил прочуен со своите приеми и фантастичните бакшиши. Неговите приеми биле фантастично расипнички чуда: од најразлични градски дуќани му ги носеле сите моќни специјалитети - грозјето му го праќале од еден дуќан на Рив Гош, пилињата од Карлтон, раното овошје од Ница. На тој начин, со учтивост и услужливост, тој непрекинато го обврзувал и задолжувал „tout Paris“, без самиот да побара нешто за себе.[9]

Но, она што него во тоа општество го легитимирало повеќе одошто неговите пари, кои со задоволство, расипнички ги расфрлал, била неговата речиси болна стравопочит пред ритуалите на тој свет, неговото ропско обожување на етикетата, нечуеното значење што му го придавал на сето она монденско, на сите лудории на модата. Како свето писмо го почитувал непишаниот „Кортеџано“ на аристократските обичаи: со денови го мачел проблемот на распоредот на масата, зошто принцезата Џ. го ставила грофот Л. на долниот крај од масата, а баронот Р. на горниот. Секој и најмал трач, и најбезначаен скандал, го возбудувал како катастрофа што го потресува светот, и по петнаесетина луѓе распрашувал за да дознае што претставува тајниот поредок во редоследот на приемите кај кнегињата М., или зошто една друга аристократка го примила господин Ф. во својата ложа. А преку таа страст, преку тоа сериозно сфаќање на дребулии, што подоцна ќе завладее и со неговите книги, и самиот се здобил со ранг на церемониал-мајстор среде тој смешен, несериозен свет. Така, еден голем дух, една од најсилните фигури на нашата епоха, цели петнаесет години водел толку бесмислен живот среде безделничари, дење лежејќи в постела исцрпен и трескав, навечер итајќи во фрак од едно до друго друштво, безумно трошејќи си го времето на приеми, писма и забави, како најизлишен човек во тој дневен танц на суетата; насекаде радо виден, никаде вистински забележан, всушност, само еден фрак и една бела врска помеѓу другите фракови и белите врски.[9]

Само една единствена црта го разликувала од другите. Секоја вечер, кога си одел дома и си легнувал в постела, неспособен да спие, тој пишувал, лист по лист, полни со забелешки за она што го набљудувал, видел и чул. Тоа постепено се претворило во цели купишта записи, што тој ги чувал во големи папки. И како што Сен Симон, навидум површен дворјанин на кралскиот двор, кришум станал сликар и судија на цела една епоха, така и Марсел Пруст секоја вечер правел попис на сето она што било ништожно и површно во „tout Paris“, ставајќи ги своите мисли во записи, белешки и обмислени скици, за можеби еднаш ефемерното да го вообличи како трајно.[9]

Дали неспособниот за живот и болен Марсел Пруст петнаесет години го водел овој глупав, бесмислен снобовски живот од чисто внатрешно задоволство, и дали тие прибелешки биле само нешто споредно, нешто како дополнително задоволство од општествената игра што бргу ветрее? Или тој одел во салоните единствено како хемичар во лабораторијата, како ботаничар на ливадата, за незабележително да собира материјал за едно големо, единствено дело? Се преправал ли или не, дали бил соборец во армијата на безделничарите или просто шпион од другото, повисокото царство? Талкал ли од задоволството или од сметка, дали му била живот и потреба таа безмалку наумничава страст кон психологијата на етикецијата или само грандиозно преправање на пасиониран аналитичар? Веројатно обете биле во него толку генијално, толку волшебно измешани, што вистинската природа на уметникот во него никогаш немала да избие на површината, ако не го оттргнала судбината со својата груба рака од безначајното високо општество на разговори, за да го стави во затскриената, мрачна сфера на сопствениот свет, што само понекогаш ја осветлувал внатрешната светлина. Зашто, одненадеж, сцената се променила: најпривн умрела мајка му, а набргу потоа лекарите ја констатирале неизлечивоста на неговата болест, што сè повеќе и повеќе се влошувала. Тогаш, Марсел Пруст со еден замав си го преобразил животот. Херметички се затворил во својата ќелија на булеварот Осман, а безделничарскиот талкач и мрзливец преку ноќ се преобразил во еден од најогорчените, најнеуморните работници кому му се восхитува литературата на овој век; преку ноќ се префрлил од највесела друштвеност во најдлабока осаменост. Трагична слика на овој голем писател: везден по цел ден, в постела, постојано му се мрзнело слабото, истоштено тело што го треселе грчеви. В постела облекувал по три кошули една врз друга, ватирани пластрони врз градите, дебели ракавици на рацете, а сепак - мрзнел. Во каминот горел оган, прозорецот никогаш не се отворал, зашто веќе и од слабата миризба на неколку бедни костени среде асфалтот нему му се лошело. Згрчен како труп, тој везден лежел в постела, мачно дишејќи го тешкиот, презаситен воздух, отруен од лекови. Дури подоцна навечер со мака ќе соберел сили да види малку светлина, малку блесок, малку од својата сакана средина на отменоста, пар аристократски лица. Слугата со сила ќе му го навлечел фракот, ќе го завиткал со шалови, а неговото трикатно облечено тело згора ќе го завиткал со крзна. Така одел во „Риц“, за да разговара со неколкумина луѓе, за да си ја види обожуваната средина, раскошот. Пред вратата го чекал неговиот пајтон, го чекал по цела ноќ, за потем одново да го одвезе смртно уморниот човек в постела. Марсел Пруст веќе никогаш не излегувал во општеството, или сепак не, еден единствен пат: за својот роман му била потребна некаква подробност од држењето на некој отмен аристократ. И така, на општо чудење, еднаш одвај ќе се одвлечкал во некаков салон за да набљудува како војводата де Саган го носи моноклот; еднаш, ноќе, ќе посетел некаква прочуена кокота за да ја праша дали сè уште ја има шапката што ја носела пред дваесет години во Булоњската шума; му била потребна за да ја опише Одет. Потем бил длабоко разочаран кога слушал како таа го исмева, велејќи дека одамна ѝ ја подарила на својата слугинка.[9]

Од „Риц“, колата го носела смртно уморниот човек дома. Над постојано запалената печка виселе неговата вечерна облека и неговите пластрони: тој веќе одамна не можел да носи студена долна облека на телото. Слугата го прегрнувал, го водел кон постелата. А таму, држејќи ја рамно пред себе подлошката, Пруст го пишувал својот широко замислен роман „A la recherche du temps perdu“. Дваесет папки биле веќе целосно исполнети со нацрти, фотелјите и масите пред неговата постела, па и самата постела се белееле претрупани со пусулчиња и листови. И така пишувал, ден и ноќ, секој буден час, со треска во крвта, со рацете во ракавици тресејќи се од студ, сè натаму и натаму и натаму. Понекогаш ќе го посетел некој пријател, а тој љубопитно го распрашувал за сите подробности од „високото општество“; гаснејќи, сè уште ги протегал сите свои пипци на љубопитност кон загубениот, монденски свет. Како ловечки кучиња ги саскал наоколу пријателите да го известуваат за овој или оној скандал, за да биде информиран во најситни подробности за оваа или онаа личност, а сè што ќе му донеселе, го бележел со нервозна алчност. А треската сè посилно го разјадувала и сè повеќе пропаѓала и исчезнувала оваа кутро трескава урнатина од човек, Марсел Пруст, а сè повеќе се ширело и растело величествено замисленото дело, низата од романи, „Во потрага по изгубеното време“.[9]

Сексуалност

уреди

Пруст бил хомосексуалец, а неговата сексуалност и односите со мажи често се дискутирани од страна на неговите биографи.[10] Иако неговата домаќинка Селест Албарет го негира овој аспект од сексуалноста на Пруст во мемоарите, нејзиното негирање е спротивно на изјавите на голем број на пријатели и современици на Пруст, вклучувајќи го и неговиот колега Андре Жид,[11] како и неговиот негувател Ернест A. Форсгрен.[12]

Точното влијание на сексуалноста на Пруст врз неговото пишување е тема на дебата.[13] Сепак, Во потрага по загубеното време разговара за хомосексуалноста во должина и има неколку главни ликови, и мажи и жени, кои се или хомосексуалци или бисексуалци.[14] Хомосексуалноста се јавува како тема и во Les plaisirs et les jours и недовршениот роман Jean Santeuil.

Творештво

уреди
Податотека:A la recherche du temps perdu.jpg
Прустовите исправки и дополнувања врз напечатените табаци

Првите книжевни обиди на Марсел Пруст датираат од периодот 1890-1891, кога почнал да пишува есеи, раскази, критики и прикази, соработувајќи со списанијата Le Banquet и La Revue Blanche, а една година, заедно со своите пријатели, го уредувал списанието „Менсуел“. Во 1896 година ја објавил книгатаЗадоволства и денови“ со расказите и есеите што претходно ги објавил во списанијата и во дневните весници. Во март истата година почнал да го пишува својот прв роман „Жан Сантеј“ кој останал недовршен. Од овој период потекнува и неговиот интерес за британскиот философ Џон Раскин чија естетика му била многу блиска. Во 1904 и 1905 година ги објавил преводите на есеите на Раскин, „Библијата од Амјен“ и „Сезамот и лилјаните“, а во предговорите на овие дела ги изразил своите сфаќања за уметноста и за книжевноста. Исто така, во 1905 година го објавил познатиот есеј „За читањето“, а пролетта 1906 година, започнал да го пишува есејот за книжевно-критичкиот метод на Сент Бев, а во 1909 година, најверојатно ја започнал работата врз своето монументално дело, „Во потрага по изгубеното време“, кое најпрвин било составено од три тома при што првата книга, „Во Свановиот крај“, била објавена на 14 ноември 1913 година.[15]

Во овој период, за да се ослободи од влијанието на писателите на кои им се воодушевувал, Пруст почнал да пишува пастиши (pastiches) во кои го имитирал стилот на неговите омилени писатели: браќата Гонкур, Балзак, Флобер и Сент Бев. Своите пастиши, тој ги нарекувал „книжевна критика на дело“, а имал намера да ги објави заедно со критичките есеи за овие писатели. Сепак, иако почнал да ги пишува, тој никогаш не ги завршил овие есеи, зашто сфатл дека тоа ќе претставува пресметка со критичката методологија во тоа време која била во знак на Сент Бевовиот биографизам. Поради тоа, заедно со неколку есеи, Пруст ги објавил пастичите дури во 1919 година, со наслов „Пастиши и смеси“, а пастишот во кој го имитира стилот на браќата Гонкур го вметнал во романот „Повторно најдено време“.[16]

Подоцна, Пруст ги завршил и другите два тома, „Околу Германтови“ и „Повторно најденото време“, но сè уште не им ги понудил на издавачите. За време на Првата светска војна, кога париските издавачки куќи ја прекинале работата, Пруст напишал уште пет тома: меѓу „Во крајот на Сван“ и „Околу Германтови“ го вметнал романот „Во сенката на девојките во цветот“, а меѓу „Околу Германтови“ и „Повторно пронајденото време“ ги вметнал двата тома на „Содома и Гомора“, „Заробеничката“ и „Исчезнатата Албертина“. Во 1919 година го објавил делото „Пастиши и смеси“, а една година подоцна излегле од печат двете книги на „Околу Германтови“ и првата книга на „Содома и Гомора“, додека пролетта 1922 година бил објавен и вториот тома на „Содома и Гомора“. Најпосле, по неговата смрт се појавиле романите: „Заробеничка“ (1923), „Исчезнатата Албертина“ (1925) и „Пронајденото време“ (1927). Текстовите кои Пруст ги објавил во списанијата и весниците биле објавени во 1928 година со насловот „Хроники“. Во 1952 година, во еден сандак, пронајден во станот на братучетката на Пруст, бил пронајден ракописот на неговиот прв роман, објавен со насловот „Жан Сантеј“, а неговата збирка есеи, „Против Сент Бев“, била објавени во 1954 година.[6] По објавувањето на „Пронајденото време“ во 1927 година, Робер Пруст се зафатил со објавување на целокупната преписка на Марсел Пруст при што во периодот 1930-1935 биле објавени пет книги. Шестата книга од преписката била објавена во 1936, во редакција на Сизи Мант-Пруст (ќерка на Робер) и на Пол Брак. Целата преписка на Марсел Пруст била објавена во 1970 година од страна на Филип Колб (Phillip Kolb).[17]

На 10 декември 1919 година, на Пруст му била доделена наградата „Гонкур“ за романот „Во сенката на девојките во цветот“.[18][19]

Во потрага по изгубеното време

уреди
 
Гробот на Марсел Пруст во париските гробишта Пер Лашез

Делото е започнато 1905, тој 1912 го смета за довршено. Според обемот изгледа дека се состои од три дебели тома (за потем, благорарение на проширувањето за време на печатењето, да нарасне на не помалку од десет). Сега пак го мачи прашањето за објавување. Четириесетгодишниот Марсел Пруст е наполно непознат, не, уште полошо од непознат, то ест, во литерарна смисла го бие лош глас: Марсел Пруст, па тоа е оној салонски сноб, монденско писателче, што во „Фигаро“ понекојпат објавува салонски анегдоти (при што недоветната публика речиси постојано она Марсел Пруст го чита Марсел Прево). Од него не може да се очекува ништо добро. На правиот пат, значи, тој не може да очекува ништо. Затоа, неговите пријатели се обидуваат објавувањето да го овозможат преку општествени врски. Еден висок аристократ го кани кај себе Андре Жид, уредникот на „Nouvelle Revue Francaise“ и му го предава ракописот. Но, „Nouvelle Revue Francaise“, она исто списание, што подоцна ќе заработи стотици илјади франка на ова дело, без колебање го одбива, исто како и „Mercure de France“ и Олендорф. Конечно се наоѓа еден нов, храбар издавач, кој сака да се осмели, но и нему му се потребни уште две години, до 1913, пред да се појави првиот том од големото дело. И токму кога успехот се готви да се раскрили, доаѓа војната и му ги потсекува крилјата.

По војната, откако веќе се објавени пет тома, Франција, а потем и Европа, почнува да го забележува ова единствено епско дело на нашето време. Но она што славата тогаш го нарекува Марсел Пруст, тоа е веќе одамна само еден исушен, трескав, неспокоен остаток од човек, сенка што трепери, беден болен човек, кој ги напрега сите свои сили само за да ја доживее уште појавата на своето дело. Навечер сè уште се влечка до Риц. Таму, врз посланата маса, или во портирницата, ги исправа коректурите на последниот отпечатен табак, зашто дома, во собата, в постела, веќе го чувствува гробот. Само тука, каде што пред очите одново му блештука саканата монденска средина, чувствува уште малку од последните сили, додека дома паѓа како со скршени кријла, де истоштувајќи се со наркотици, де стимулирајќи се со кофеин за кус разговор со пријателите или за нова работа. Сè побргу и побргу му се влошува состојбата, а човекот што и премногу долго безделничеше сега работи сè потрескаво, сè поалчно, за да ја превтаса смртта. Доктори веќе не сака да види, тие и премногу долго го измачуваа, а никогаш не му помогнаа. Така се брани самиот себеси и конечно умира на 18 ноември 1922 година. И во последните денови, речиси целосно опфатен од уништувањето, тој се бори против неизбежното со единственото оружје на уметникот: со набљудувањето. Буден до последниот час, тој ја анализира сопствената состојба, а тие белешки треба да послужат за во коректурните табаци уште попластично, уште поверодостојно да ја прикаже смртта на својот јунак Бергот, треба да се обидат да разјаснат некои од најинтимните подробности, оние последните, што посателот не може да ги знае, а ги знае само човек на умирање. Последното движење му е набљудувањето. А врз ноќната масичка на умрениот, извалкани од разлеаните лекови, врз одвај читливото пусулче, се наоѓаат последните зборови, испишани со веќе наполу остинатата рака. Белешки за нов том, за кој би му биле потребни неколку години, додека тој има на располагање само уште неколку минути. Така тој и удира шлаканица на смртта: последен прекрасен гест на уметникот, кој го победува стравот од умирањето со тоа што го прислушкува.“

Значење и влијание

уреди

Пруст бил активен учесник во францускиот културен и уметнички живот: пишувал статии за угледните списанија и весници, ги посетувал книжевните салони, концерти, изложби и театри, се дружел со писателите, сликарите, музичарите и филозофите. Уште повеќе, неговиот придонес е немерлив во развојот на романот докажувајќи се како апсолутен иноватор, менувајќи ја природата на овој жанр и укажувајќи на неговите нови можности. На иновативноста, како најважна одлика на неговото творештво, укажале уште неговите први критичари, како: Мартин Тарнел, Ернст Роберт Курциус и Лео Шпицер. Така, во приказот, објавен во „Српскиот книжевен гласник“ во февруари 1922 година, Слободан Јовановиќ го нарекол Пруст „еден од првите раскажувачи на новото време“. Неговото творештво е трајна инспирација за бројни толкувања, а за него пишували како писателите (Андре Жид, Семјуел Бекет, Владимир Набоков) така и критичарите, историчарите на книжевноста и биографите. Во поново време, Пруст е предмет и на интердисциплинарни истражувања, како што се когнитивната психологија или културолошките проучувања на „queer Пруст“ [20] Според Адријана Марчетиќ, Прустовото творештво е пример за револуција во прозата, „геолошка катастрофа“, која ја променила претставата за можностите и границите на романескниот жанр и го отворила патот до новите димензии на човековиот сензибилитет, воопшто. Меѓутоа, било потребно одредено време додека критичарите не го препознале Пруст како голем и оригинален уметник.[21] Во романот „Блед оган“, Владимир Набоков го нарекува Пруст „драгиот Марсел“.[22]

Библиографија

уреди

Пруст е автор на монументалното дело „Во потрага по изгубеното време“ (À la recherche du temps perdu), составено од следниве романи:[23]

Наводи

уреди
  1. Harold Bloom, Genius, pp. 191–224.
  2. „Marcel Proust“. New York Times. Посетено на 13 October 2016.
  3. 3,0 3,1 „Marsel Prust - Hronologija života i dela“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 283.
  4. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 12.
  5. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 12-14.
  6. 6,0 6,1 „Marsel Prust - Hronologija života i dela“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 283-285.
  7. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 14-15.
  8. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 25.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 9,4 9,5 Потребен е извор.
  10. Painter (1959), White (1998), Tadié (2000), Carter (2002 and 2006)
  11. Harris (2002)
  12. Forssgren (2006)
  13. Sedgwick (1992); O'Brien (1949)
  14. Sedgwick (1992); Ladenson (1999); Bersani (2013)
  15. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 9-17.
  16. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 17-18.
  17. N.M. „Predgovor“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 8.
  18. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 119-126.
  19. „Marsel Prust - Hronologija života i dela“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Laguna, 2017, стр. 284.
  20. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Paidea, 2017, стр. 11.
  21. Adrijana Marčetić, „Zaljubljeni Prust“ во: Marsel Prust, Jedna Svanova ljubav. Beograd: Paidea, 2017, стр. 22.
  22. Vladimir Nabokov, Bleda vatra. Narodna knjiga i Alfa, Beograd, 2002, стр. 204.
  23. „Napomene“, во: Marsel Prust, Iščezla Albertina. Beograd: Paidea, 2004, стр. 103.