Сен-Џон Перс или Сен-Леже Леже, псевдоними на Алекси Леже (Поент а Питр, 31 мај 1887 - Жјан (Прованса), 20 септември 1975) – француски поет и дипломат, добитник на Нобеловата награда за литература во 1960 година за „пламениот лет и евокативната сликовитост на неговата поезија.“ Бил француски дипломат на висока позиција од 1914 до 1940 година, откога главно живеел во САД сè до 1967 година.

Алекси Леже
Alexis Leger
Роден/аАлекси Леже
31 мај 1887(1887-05-31)
Поент а Питр, Гваделуп
Починат/а20 септември 1975(1975-09-20) (возр. 88)
Полуостров Жјен, Прованса, Франција
ПсевдонимСен-Џон Перс
Занимањепоет, дипломат
Апсолвент наУниверзитет Бордо
Значајни наградиНобелова награда за литература
1960

Животопис

уреди

Младост и образование

уреди

Алекси Леже е роден во Поент а Питр во Гваделупе. Неговиот прадедо, адвокат, се доселил во Гваделуп во 1815 година. Неговиот дедо и татко исто така биле адвокати, а неговиот татко бил и член на Градскиот совет. Семејството Леже имало две плантажи, една за кафе и друга за шеќер.

Во 1897 година, Ежесип Лежитимус, првиот избран претседател на Гваделупскиот генерален совет со домородно потекло, ја презел функцијата со одмаздољубива агенда кон колонистите. Семејството Леже се вратило во Франција во 1899 година и се сместило во По. Младиот Алекси не се чувствувал како дома и поминувал многу од своето време во прошетки, мечување, јавање и едрење на Атлантикот. Матурата ја положил со посебна награда и почнал да студира право на универзитетот во Бордо. Кога неговиот татко умрел во 1907 година, се намалиле финансиите на семејството што довело до времен прекин на неговите студии, кои ги завршил во 1910 година.

Во 1904 година, во Ортез го сретнал поетот Франсис Жам кој му станал драг пријател. Посетувал клубови на културата каде ги сретнал Пол Клодел, Одилон Редон, Валери Ларбо и Андре Жид. Напишал кратки поеми инспириран од романот Робинзон Крусо и почнал да го преведува Пиндар. Својата прва книга поезија, „Пофалби“, ја издал во 1911 година.

Дипломатска служба

уреди

Од 1914 година Леже е во служба на француската дипломатија и првите години ги поминува во Шпанија, Германија и Обединетото Кралство. По избивањето на Првата светска војна тој ја извршува должноста на аташе за печат на владата. Од 1916 год 1921 година, тој бил секретар на Француската амбасада во Пекинг. Во 1921 година во Вашингтон, при учеството на светска конференција за разоружување, го забележал Аристид Бријан, тогашен премиер на Франција и го зел за свој помошник. Во Париз, го запознал интелектуалниот поет Пол Валери кој влијаел за издавање на поемата „Анабаза“ која Леже ја напишал за време на својот престој во Кина. На Леже му лежела класичната музика, тој ги познавал Игор Стравински, Надја Буланже и Ле сис.

 
Сен-Џон Перс учествува на преговорите на Минхенската конференција на 29 септември 1938 година. Стои зад Мусолини, десно.

За време на престојот во Кина, Леже ја напишал својата прва поема „Анабаза“ која ја објавил во 1924 година под псевдонимот „Сен-Џон Перс“, псевдоним кој ќе го користи до крајот на својот живот. После тоа тој не издал ништо две децении, дури ни повторно издание на својата дебитантска книга, бидејќи верувал дека тоа не соодветствува за дипломат да публикува фикција. После смртта на Бријан во 1932 година, Леже ја извршувал функцијата на генерален секретар на Министерството за надворешни работи (Ке д’Орсе) до 1940 година. Во министерството тој ја водел оптимистичката фракција која верувала дека Германија била нестабилна и дека ако Британија и Франција му се спротивстават на Хитлер тој ќе отстапи. Леже го придружувал францускиот премиер Едуар Даладје на Минхенската конференција во 1938 година каде била договорена цесијата на Чехословачка на Германија. Бил отпуштен од функцијата веднаш по падот на Франција во мај 1940 година бидејќи бил познат како антинацист. Од средината на јули 1940 година, Леже е во долг егзил во Вашингтон.

1940-1975

уреди

Во 1940 година, владата од Виши го исфрлила од редот на Легијата на честа и му го одзела француското државјанство (истото му било вратено по војната). Во егзил се судрил со финансиски тешкотии. Истите биле надминати кога Арчибалд МекЛиш, директор на Конгресната библиотека, и самиот поет, собрал доволно приватни донации за да ѝ овозможи на библиотеката да го вработи Перс до неговото пензионирање во 1947 година. Перс ја одбил позицијата на предавач на Универзитетот Харвард.

За време на егзилот во Америка, Перс ги напишал поемите „Егзил“, „Ветрови“, „Дождови“, „Снегови“, „Чемери“ и „Хроники“. Во Соединетите Држави останал долго по крајот на Втората светска војна, патувајќи, набљудувајќи ја природата и уживајќи во бројни пријателства. Во 1957 година, американските пријатели му дале вила во Жјен во Прованса, и оттогаш Перс своето време го дели меѓу Франција и Соединетите Држави. Во 1958 година се жени со Американката Дороти Милбурн Расел.

Во 1960 година ја добива Нобеловата награда за литература. По добивањето на Нобеловата награда ги напишал поемите „Хроника“, „Птици“, „Песна за една рамноденица“ како и пократките поеми „Ноктурно“ и „Суша“. Во 1962 година Жорж Брак работел со гравер-мајсторот Алдо Кромелинк на серија цртежи и акватинти насловени „Редот на птиците“[1] која била публикувана со текстот на Персиевите „Птици“.[2]

Неколку месеци пред да почине, Леже ја донирал својата библиотека, ракописите и приватните списи на Фондацијата Сен-Џон Перс, истражувачки центар на неговиот живот и дело кој е активен до денешни дни. Починал во својата вила во Жјен и погребан во нејзината близина.

Творештво

уреди
  • Éloges (Пофалби) 1911
  • Anabase (Анабаза) 1924
  • Exil (Егзил) 1942
  • Pluies (Дождови) 1943
  • Poème à l'étrangère (Поема за туѓинката) 1943
  • Neiges (Снегови) 1944
  • Vents (Ветрови) 1946
  • Amers (Чемери) 1957
  • Chronique (Хроника) 1960
  • Poésie (Поезија) 1961
  • Oiseaux (Птици) 1963
  • Pour Dante (За Данте) 1965
  • Chanté par celle qui fut là (Испеана од онаа која беше таму) 1969
  • Chant pour un équinoxe (Песна за една рамноденица) 1971
  • Nocturne (Ноктурно) 1973
  • Sécheresse (Суша) 1974

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. GRIMES, WILLIAM (January 29, 2009). „Aldo Crommelynck, Master Printer for Prominent Artists, Is Dead at 77“. The New York Times.
  2. Mellby, Julie L. (November 30, 2011). „L'ordre des oiseaux“. Highlights from the Graphic Arts Collection, Princeton University Library. Посетено на 2012-05-27.