Пабло Неруда (шпански: Pablo Neruda; 12 јули 1904 - 23 септември 1973) — псевдоним, а подоцна и официјалното име на чилеанскиот писател и комунист Нефтали Рикардо Рејес Басоалто (Neftalí Ricardo Reyes Basoalto). Тој се смета за еден од најголемите и највлијателни поети на XX век, а неговите дела се преведени на многу јазици.[1] Својот псевдоним, што подоцна му станува негово легално и официјално име, го презел од името на чешкиот писател и поет Јан Неруда.

Пабло Неруда
Роден/ароден на 12 јули 1904
Чиле Парал, Чиле
Починат/апочинал на 23 септември 1973
Чиле Сантјаго, Чиле
Занимањепоет, дипломат, политичар
Потпис
Неруда со Салвадор Аљенде.

Поезијата на Неруда е разгранета во неколку различни стилови и мотиви, почнувајќи од еротските љубовни песни (како „Бели ридови"), надреалистичните поеми, историските епови, како и политичките манифести. Можеби најобожаваните песни на Неруда се „Оди за скршените нешта," собрани во неколку томови. Колумбискиот романописец Габриел Гарсија Маркез еднаш го нарекува Неруда „најголемиот поет на XX век на било кој јазик“. Во 1971 година, Неруда ја добива Нобеловата награда за литература, а следната година и Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Неруда е поетот кој ќе чита пред најмногубројна публика и тоа на двапати. На 15 јули 1945 година, на стадионот Пекамбу во Саун Пауло, Бразил, пред 100 000 луѓе читал песни во чест на комунистичкиот водач и револуционер Луис Карлос Престес.[2] Откако ја примил Нобеловата награда за литература, на покана од претседателот Салвадор Аљенде, Неруда рецитирал делови од својата поезија на Estadio Nacional пред повеќе од 70.000 луѓе.

Во текот на својот живот, Неруда бил неколкупати на видни дипломатски позиции, а кратко време бил и секретар на Чилеанската комунистичка партија. Кога конзервативниот чилеански претседател Габриел Гонсалес Видела спроведол терор врз комунистите во Чиле, издаден бил налог за апсење на Неруда. Неговите пријатели со месеци го криеле во подрумот на една куќа во пристанишниот град Валпараисо. Преку планината во близина на езерото Маихуе, Неруда успеал да избега во Аргентина. Подоцна, Неруда бил близок соработник на социјалистичкиот претседател Салвадор Аљенде.

Хоспитализиран бил поради рак во времето на државниот удар во Чиле на 11 септември 1973 година кој го предводел Августо Пиноче и во кој неговиот близок пријател Аљенде го изгубил животот. Неруда умрел од инфаркт дванаесет дена подоцна. Веќе легенда во текот на својот живот, по смртта, Неруда станал вистинска митска личност, а неговиот погреб прозвучил насекаде низ светот. Имено, по наредба на Пиноче погребот на Неруда не смеел да стане јавен настан, но илјадници Чилеанци, со солзи во очите, и покрај смртните закани, ги преплавиле улиците во чест на големиот поет. Со тоа, погребот на Неруда се претворил во прв голем јавен протест против новововедената диктатура.

Во 2016 година, режисерот Пабло Лараин (Pablo Larraín) го снимил биографскиот филм „Неруда“ во кој е прикажано неговото бегство преку Андите по прогонот на комунистите во Чиле во 1948 година.[3]

Наводи

уреди
  1. Раде Силјан, Странски авиори&дела, Матица Македоонска, Скопје, 2001, стр. 314.
  2. Неруда - животот на поетот - хронологија (1944–1953), Fundación Neruda, Чилеански Универзитет.
  3. Večer tisuću nagrada: Neruda, čileansko-argentinsko-francusko-španjolski film (пристапено на 3.1.2023)

Надворешни врски

уреди